20vek.GIF (1128 bytes)


 
1 Џудит Херман
Траума и закрепнување
2 Џордан и Ведон
Културна политика
3 Ентони Гиденс
Модерноста и самоидентитетот
4 Жак Дерида
Другиот правец
5 Ричард Рорти
Контингентност, иронија и солидарност
6 Пол Фаербанд
Против методот
7 Имануел Волерстин Утопистика
8 Зборник текстови Културен идентитет - разлика во себе
9 Хана Арент
Ајхман во Ерусалим
10 Милена Драгичевиќ-Шешиќ, Бранимир Стојковиќ
Култура Анимација Менаџмент Маркетинг
11 Славој Жижек
Сè што отсекогаш сте сакале да знаете за Лакан…
12 Дејан Јовиќ
Причините за распаѓањето на СФРЈ
13 Гајатри Чакраворти Спивак Постколонијална критика
14 Коља Мраковски Светулки и мракови 1997-2001
15 Светлана Слапшак Женски икони на XX век
16 Никола Гелевски Контрапункт 2001-2004; Принципи за една поинаква политика
17 Ерик Хобсбаум
Доба на крајности (три тома)
18 Тери Иглтон Идеологија
19 Јулија Кристева
Токати и фуги за другоста 
20 Зигмунд Бауман
Постмодерна етика
21 Леонард Свидлер и Пол Мојзес
Изучувањето на религијата во ерата на глобалниот дијалог
22 Лоренс Kахун
Од модернизам до Постмодернизам
23 Итало Калвино Американски предавања
24 Јасна Котеска
Санитарна енигма
25 Сузан Сонтаг
За страдањето на другите
26 Пјер Бурдје
Противогнови / За телевизијата
27 Петер Слотердајк
Доаѓање на свет - доаѓање до збор
28 Роберт Алаѓозовски
Крупен кадар

 

 

Во 1994-та го направивме првиот обид да придвижиме една едиција за современа теорија, област посебно дефицитарна во ионака сиромашната македонска преводна продукција. Библиотеката ја нарековме "Постмодерна" (феномен што на Запад веќе завршуваше, а кој во Македонија допрва го откривавме); во рамките на таа едиција објавивме пет скромни книги: зборниците "Постмодернизам" и "Филозофија, Психологија, Психијатрија", "Америка" од Жан Бодријар, "Постмодерна за деца" од Франсоа Лиотар и "Пределите на хаосот" од Кетрин Хејлс. Иако во текот на две години продадовме околу 1000 примероци од петте книги (тиражите беа 250 примероци по наслов), библиотеката мораше да згасне. Поучени од грешките што ги направивме при покренувањето на таа едиција, во 1999-та решивме да придвижиме нова серија книги на современа преведена теорија, од разни области: културна политика, социологија, нови медиуми, културни студии, феминизам... Библиотеката намерно ја димензиониравме теориски што пошироко, затоа што на пазарот недостасуваат книги од разни области.

Првиот наслов во библиотеката е Културна политика од Џордан и Ведон, книга што на извонредно длабок и критичен начин ги пронаоѓа врските меѓу моќта и културата, пред сe во рамките на западната империјална матрица. Втората книга е Траума и закрепнување од Џудит Херман, култно дело на феминистичката и психолошката литература, ги истражува врските помеѓу сексуалното злоставување и политичката моќ.
 29 горе



нарачај

Сенка Анастасова
Наративни идентитети
Криста Волф и Дубравка Угрешиќ
 
Оваа студија отвора прашања кои се однесуваат на современиот идентитет на раскажувачкиот субјект во писмото на две најконтроверзни авторки на овој век, Криста Волф и Дубравка Угрешиќ. И двете пишуваат во комунинстички и пост-комунистички период, во однос на којшто заземаат творечки став.

Што се ,,губи“ при транзитот на субјектот на раскажување од текстот кон културниот контекст? Дали идентитетот на дискурсот значи премолчено равенство со идентитетот на оној кој раскажува? Во која мера идентитетот на раскажувачот во фикцијата се спојува со личниот идентитет во конкретна историја и стварност? Дали копнежот за фалсификат на минатото е дисциплина на сегашната желба и меморија? Како се калкулира со идентитетот преку политиката на знаење, моќта и идеологијата?

Се составуваат ли одново фрагментите на идентитетот во куфер, кујна, ѓезве за кафе? Како идентитетот на раскажувачкиот субјект, денес, плете мрежи од отпор пред тотален колапс?

Овие се дел од прашањата кои се поставуваат и се анализираат во оваа книга Наративни идентитети: Криста Волф и Дубравка Угрешиќ.
 
 28 горе



нарачај

Роберт Алаѓозовски
Крупен кадар
 
Да се истражува македонскиот филм, односно на-ционалната кинематографија која има мошне скром-на годишна филмска продукција, значи страшно да се ограничи корпусот дела врз кои ќе се истражуваат филмските специфики. Но, Алаѓозовски тоа одлично го прави воспоставувајќи рамнотежа меѓу теорискиот и аналитичкиот поттекст, од една страна, и анализира-ните дела, помеѓу македонската филмска продукција и странските автори; во книгата, така, станува збор и за Дејвид Линч, Ларс фон Триер, Спајк Ли, за роуд муви жанрот, за тематиката на серискиот убиец и сл. Зборувајќи за македонските филмови во деведесет-тите авторот најмногу ги анализира одликите на екс-плицитно постмодернистичките филмови: „Збогум на дваесеттиот век”, „Маклабас”, „Светло Сиво”, „Пра-шина” и „Пред дождот”, но ги разгледува и оние фил-мови кои не можат во целост да се одредат како пост-модернистички: „Среќна Нова 49”, „Тетовирање”, „Џипси Меџик” и „Ангели на отпад”.
 27 горе



нарачај

Петер Слотердајк
Доаѓање на свет - доаѓање до збор
 
Двајца современи мислители ја одредуваат философската диску-сија во Германија надвор од академската философија која кај ни-кого повеќе не буди интерес: Јирген Хабермас и Петер Слотердајк. И двајцата се потомци на Критичката теорија на таканаречената „Франкфуртска школа”. И додека Хабермас со многу труд и во духот на Кант ги измачува своите читатели со научнички стил, илустрирајќи дека разумот, како што сметаат Адорно и Хоркхајмер во Дијалектиката на просветителството има нешто терорис-тичко, најновите публикации на Слотердајк секогаш со нетрпение се очекуваат и можат да се читаат со задоволство кое е така измешано, како што може да биде само авантуристичкото мислење. Од Хорк-хајмер и Маркузе, Блок и Бенјамин, Хајдегер и Мерло-Понти, Леви Строс и Де Сосир, Дерида и Фуко, Рајнеш (Багван) и Лакан (и многу други и други егзотичари) тој ни меша коктели кои секогаш го осве-жуваат читателот и најчесто и најтврдото го прават течно, така што читателот добива желба за сопствено философирање. Секој знае дека жестоките коктели можат да бидат опасни, но тоа е мимеза на живото. Фала му на бога, ниту германска, ниту чисто европска, туку ед-на светската философија која преку рецепцијата и трансформацијата на француската рецепција и толкувањето на Ниче, одново ја стимулира современо-диијгностичката и општествено-аналитичката философија во Германија, во земјата во која стерилноста на службената философија на ординариусите води кон тоа, дека од неодамна сите ние, Германци-те, сме папа. проф.

 д-р Петер Рау

 26 горе



нарачај

Пјер Бурдје
Противогнови / За телевизијата
 
Дали воопшто постојат одговори и решенија за проблемите на современиот капитализам кој меле с$ пред себе, оставајќи зад себе стотици милиони сиромашни и резигнирани луѓе? Еден од највлијателните светски социолози, неодамна почи-натиот Пјер Бурдје смета дека постојат одговори за суровоста на неолиберализмот и дека поинаков свет сепак е можен. Речиси целиот свој живот Бурдје го посвети за да ги разобли-чи игрите на моќта и парите, сметајќи дека она што ни се слу-чува е голема и историска криза на политичкото кое создава чувство на безнадежност во поглед на државата која би тре-бала да го штити јавниот интерес, но веќе не го прави тоа. „Фактот што воопшто се решив да ги соберам за печатење овие, во најголем дел необјавени текстови, се должи на моето чувство дека опасностите против кои беа запалени моите про-тивогнови (чии ефекти текстовите сакаат да ги одржат) не се ниту ситни ниту случајни, и дека овие прилози, иако се повеќе предупредувачки противогнови произлезени од околностите и ургентните опасности отколку методички контолирани че-тива, сепак би можеле да им обезбедат полезни оружја на сите оние кои се обидуваат да & се противстават на неолибе-ралната наезда.”
 25 горе



нарачај

Сузан Сонтаг
За страдањето на другите
 
Напишана во времето кога фотографиите и видео снимките на крвавите последици од тероризмот и војната рутински ги исполнуваат медиумите, За страдањето на другите е вни-мателно и длабоко афективно проучување на улогата што фо-тографиите ја извршуваат во нашите животи. Книгата го мену-ва нашето размислување не само за употребата и значењето на фотографиите, туку и за природата на војната, границите на сочувството и обврските на совеста. Сонтаг го анализира степенот на „затапеноста” од ужасните слики, и го поставува прашањето дали нашата способност да одговориме на ваквите ужаси не е „засенета” од светот во кој речиси с$ е претворено во спектакл, па со тоа и ужасот и стра-дањето на другите. Разгледувавајќи ја нашата порнографска фасцинација од сликите на ранети и мртви луѓе, За страдањето на другите ја трасира еволуцијата на „иконографијата на болката”, почнувајќи од сликите на Гоја, фотографиите на концентрационите логори, првите фотографии во боја од војната во Виетнам, до фотогра-фиите на уништувањето на Светскиот трговски центар...
 24 горе



нарачај

Јасна Котеска
Санитарна енигма
 
Дали санитарноста е моќ; дали моќта има санитарен извор? Кој е економот што ја стопанисува територијата на чистото? Како се вика лекарот што ја лечи раната на нечистата совест во исто време додека ја загадува?

Каква е врската меѓу сапунот и фашизмот? Зошто секоја колонијална империја најнапред се воспоставува како хигиенска империја? Какво решение за третманот на „чистата” крв им понуди Дизни на современите телевизиски воени могули? Кога и зошто е криминализиран сметот? Зошто модерниот град е роден од спорот со анималните, животворни импулси? Зошто радоста подразбира блискост и валканост?

Како сексуалноста и санитарноста меѓусебно се поврзани? Зошто не постои желба што е по мерка на културата? Кој сон Фројд одби да го толкува и зошто? Дали постои празен субјект и што е содржината на неговата супстанца?

Ова се дел од прашањата што студијата “Санитарна енигма” ги отвора за промислување.
 23 горе



нарачај

Итало Калвино
Американски предавања
 
Книгата на Калвино прецизно опишува пет вредности кои според него треба да се спакуваат во куферот при влезот во третиот милениум: леснотија, брзина, точност, видливост и многустраност. Освен со исклучителната фантазија на образложувањето преку која тежината станува леснотија, или бавноста брзина, оваа книга ја моделира три милениуми старата културна традиција што авторот ја користи за да докаже дека токму тие вредности со леснотија ги преминуваат вековите... Американски предавања може да се чита како клуч за творештвото на Калвино, но истовремено и како коментар за некои од најдобрите дела на светската книжевност. Со алхемичарска луцидност и суверена ерудиција што потсетува на Хорхе Луис Борхес, Калвино во книгата го дава одговорот зошто литературата и понатаму треба да се чита и која е нејзината вредност во времето кога доминацијата на новите медумите ја загрозува нејзината улога. Книжевниот рационализам помешан со чувство за парадокс и метафора ги исполнува страниците на ова исклучително есеистичко дело.
 22 горе



нарачај

Лоренс Kахун
Од модернизам до Постмодернизам
 
Зборникот Од модернизам до Постмодернизам, приреден од Лоренс Кахун, е антологија која претставува нужен мултидисциплинарен ресурс од областа на филозофијата, книжевноста, културните студии и социјалната теорија. Станува збор за еден од трите најрепрезентативни зборници кои систематично прават пресек во изборот на круцијалните текстови кои ги одбележаа епохите на модернизмот и на постмодернизмот. Оценет е со највисоки оценки од страна на Академската асоцијација на европските културни студии. Овој сериозен и обемен потфат ги засега најскорешните развојни линии во она што се нарекува “Континентална филозофија”. Со сигурност може да се каже дека преку него се дава пејзажот на една од најзначајните дебати во изминатиот век, која на некој начин сé уште трае, а која е на релација на двете провокативни одредници во современата мисла: модернизам - постмодернизам. Нашето издание е подделно на две основни теми, Остварена Модерност и Постмодернизмот и превреднувањето на модерност, во чии рамки се застапени клучните автори на две филозофски епохи: Макс Вебер, Макс Хоркхајмер и Теодор Адорно, Жак Лакан, Жак Дерида, Мишел Фуко, Жил Делез и Феликс Гатари, Чарлс Џенкс, Дона Харавеј, Никлас Луман, Емануел Левинас, Фредерик Џејмсон.
 21 горе



нарачај

Леонард Свидлер и Пол Мојзес
Изучувањето на религијата во ерата на глобалниот дијалог
 
И за дијалогот и за глобалната етика се зборува насекаде, но во книгата на Леонард Свидлер и Пол Мојзес овие концепти се поврзани во студија за религијата, остварување вредно за почит. Изучувањето на религијата во ерата на глобалниот дијалог претставува исклучителен придонес во особено значајната дискусија за дијалогот меѓу религиите што се случува на почетокот од третиот милениум. Книгата на оригинален начин го анализира развојот на човекот и неговата способност да ја проучува религијата, да живее во согласност со своите религиозни принципи, но и отворено да ја прифати и разбере туѓата религија. Идејата на авторите е дека сега во светот се појавува ново време: времето на глобалниот дијалог кој треба да создаде ново созревање на свеста која делумно би ги променила начините на кои ја разбираме религијата, но притоа чувајќи го она суштинското од сите наши верувања, односот со трансцендентното. Според авторите, глобалниот дијалог нема да нè однесе кон создавање некоја глобална религија, туку кон тоа да го прифатиме заедничкиот збир од етички принципи кој ќе нè однесе кон една нова глобална етика.
 20 горе



нарачај

Зигмунд Бауман
Постмодерна етика
 
Зигмунд Бауман (1925 г.) веројатно е најугледниот жив светски социолог во моментов. Неговиот иинтерес допира области како културата, политиката, слободата, етиката... Влијанието на Бауман е значајно, меѓу другото, и затоа што тој долги години се занимава со контроверзите на постмодернизмот и со неговите импликации за животите на поединците и општествата. Залагајќи се за концептот на т.н. постмодерна етика, тој ја преиспитува универзалистичката етика. Според него, во времето во кое живееме постојат мноштва организациски системи и култури и затоа не може да постои консензус за универзалноста на етичките кодови. Затоа тој смета дека барањето универзална рационалност во етиката е или илузија или маскиран обид да се употреби сила која ќе ги принуди луѓето да дејствуваат небаре такво нешто постои. Бауман не нуди лесни дефиниции туку нуди нов морален концепт кој во прв ред подразбира себепреиспитување и саможртва, оставајќи простор дејствата што се преземаат да бидат исправни во еден контекст а погрешни во друг.
 19 горе



нарачај

Јулија Кристева
Токати и фуги за другоста
зборник текстови
 
Лингвистка, психоаналитичарка, теоретичарка на културата, семиотичарка, феминистка, Јулија Кристева (1941) е една од најинтересните и највлијателните мислителки на нашето време. Овој избор текстови е првото нејзино претставување кај нас, во олкав обем. Застапени се нејзините најрепрезентативни текстови во последните две децении: за депресијата и меланхолијата од книгата Црно Сонце, есејот за нацијата и територијата од Странци на себеси, текстот од Новите болки на душата кој ја разгледува психоанализата соочена со семејните и сексуалните навики на преодот од милениумот итн.

Делото на Кристева е сосема ново, актуелно, не заради научниот пуританизам туку затоа што го опфаќа целиот простор што прецизно го истражува, станувајќи неизбежно за секој што сака да се стави себеси во позиција на цензор или противник.
Ролан Барт

Кристева е критичар со големо познавање на психоанализата.
Питер Брук

Кристева е чудо на далекусежната елоквенција.
Денис Донахју

Повеќе од очигледно е дека Јулија Кристева го наследи интелектуалниот трон испразнет со смртта на Симон де Бовоар.
Илејн Шоуволтер
 18 горе



нарачај

Тери Иглтон
Идеологија

За политичката левица, идеологијата често е ексклузивно својство на владејачките класи, додека за десницата таа е тоталитарна спротивност на нејзиниот здрав разум. За некои, овој концепт денес е толку широк што нема никакво значење; за други, тој е премногу кохезивен и не одговара на светот во кој владее бескрајна различност.
Времето во кое живееме често се нарекува постидеолошко, но секаде околу нас сме сведоци на нагласени идеолошки конфликти. Истражувајќи го овој парадокс, прочуениот теоретичар на книжевноста и на културата Тери Иглтон во книгата Идеологија ги анализира многубројните (честопати противречни) дефиниции на идеологијата.
Со карактеристична луцидност и духовитост, Иглтон ја проследува интелектуалната историја на поимот идеологија, од Дестит де Траси, преку Маркс и Лукач, Ниче и Фројд, па сè до Алтисер и постструктуралистите.
Импресивна по својот опфат, како и морално и политички ангажирана, Идеологија на Тери Иглтон е извонреден вовед во оваа тема, но и политичка интервенција во тековните теориски дебати.
Тери Иглтон е професор по културна теорија на универзитетот Манчестер. Автор е на низа книги од областа на теоријата на литературата и културата (меѓу кои и прочуената Теорија на литературата), трилогија за ирската култура, неколку драми, како и на сценариото за филмот Витгенштајн на Дерек Џарман.
 17 горе


три тома
нарачај

Ерик Хобсбаум
Доба на крајности (три тома)

Целта на книгава не е да ја раскаже приказната за скратениот дваесетти век, од 1914 до 1991. Мојата цел е да разбереме и да објасниме зошто настаните се одвивале токму така како што се одвивале и каква била нивната взаемна врска. За секој кој е на моја возраст, односно кој живеел низ целиот скратен дваесетти век или низ поголем дел од него, ваквиот потфат мора нужно да има автобиографски елементи. Ние зборуваме за нашите спомени, ги оживуваме (и ги исправаме). И зборуваме како мажи и жени од конкретно време и конкретен простор кои, на разни начини, биле вклучени во историјата како актери во нејзините драми - без оглед на тоа колку нивните улоги биле безначајни - како набљудувачи или како луѓе чиишто ставови за овој век биле формирани од неговите клучни настани. Ние сме дел од овој век. Тој е дел од нас.
 
 16 горе



нарачај

Никола Гелевски
Контрапункт 2001-2004; Принципи за една поинаква политика

Во новата книга на Никола Гелевски, Контрапункт 2001-2004; Принципи за една поинаква политика, се собрани колумните што авторот ги објавува во дневниот весник Утрински весник.
Во предговорот на својата книга Никола Гелевски ќе напише: "Среде инфлацијата од колумнисти кои мошне лесно ја сфатија улогата на „јавен интелектуалец” (која неколкумина од нив ја сведоа на најниски можни гранки, деградирајќи го не само жанрот колумна туку и целиот македонски јавен простор), решив да изберам еден посериозен и, според мене, поодговорен пристап кон јавната работа, пристап во кој ќе има дури и нота на едукативност, но едукативност наменета токму за кобајаги „едуцираните”, луѓето од македонскиот естаблишмент сфатен во најширока смисла.
Славниот Лихтенберг еднаш има речено: “Не е важно што некој мисли, туку што мислењето прави од него”. И Бенјамин се придружува кон тоа, велејќи дека сепак е важно што некој мисли, но дека и најдоброто мислење не служи за ништо ако од оние што го имаат не создава нешто полезно. Со еден збор: “Писателот кој не ги поучува писателите не поучува никого."
Книгата има 305 страници, нејзината цена е 200 денари, а во просториите на издавачката куќа Темплум може да се купи за 150 денари.
 15 горе



нарачај


Женски икони на XX век


Светлана Слапшак (1948, Белград), антрополог, класичен филолог и проследувач на културните феномени, е една од клучните личности кои низ регионов ги трасираат речиси непроодните патеки на феминистичката теорија.
Книгава пред вас е своевиден поп-лексикон кој опфаќа 60 одредници, од Агата Кристи, Брижит Бардо, Ана Мањани, преку Фрида Кало, Гертруда Штајн, Марлена Дитрих, Марија Кири, сè до Валентина Терјешкова и Вилма Рудолф. Но, внатре има приказни и за цвеќето, чоколадата, воланот, цигарите, лудоста, машината за шиење, љубовните романи...
Слапшак обработува забележителни и помалку забележителни женски ликови кои се важни за женската историја; но, таа обработува и предмети кои за жените имаат клучни значења, како и појави кои делумно и` припаѓаат на културата на жените, глобални и локални слики, делови на женското тело или облека која добила "иконично" значење. Таа ги преиспитува нивоата на значења што со себе ги носат популарните икони, воедно отворајќи патишта за востановување нови. Зборот икона Слапшак го употребува издвојувајќи го од вообичаената употреба - "света слика". Тоа издвојување зад себе остава нишка на иронија, но воедно и ги зацртува контурите на едно ново, поослободено читање на историјата.
 14 горе



нарачај

Коља Мраковски
Светулки и мракови

1997-2001

Текстовиве во книгава беа објавувани во двонеделникот Форум од крајот на крајот 1997 година до средината на 2001-та. Станува збор за 86 текстови што беа поместени во рубриката на Светулки и Мракови.
Овие текстови настануваат во еден сè уште недоволно дефиниран простор (што може да се нарече медиологија),  простор меѓу журналистичкото и теориското, меѓу разумот и емоциите, меѓу политиката и техниката, меѓу медиумите и идеологијата сфатена како преовладувачка културна практика. Тие главно кружат околу "медиолошките прашања": дали се намалуваат или зголемуваат нашите заблуди? Дали воопшто постојат критериуми за веродостојно просудување на телевизијата? До каде оди степенот со кој (се) манипулираат и инструментализираат медиумите? На што воопшто можеме да се потпреме? Итн.

 13 горе



нарачај

Гајатри Чакраворти Спивак
Постколонијална критика

Гајатри Чакраворти Спивак е една од највлијателните културни и книжевни теоретичарки којашто пишува во Соединетите Американски Држави, а предава на различни академски институции низ светот. Нејзините интервенции во марксистичката, феминистичката, деконструктивистичката, психоаналитичката и историографската проблематика се добро познати и коментирани.
Уште од 1976 година, со англискиот превод на За граматологијата на Дерида, таа се претстави себеси како радикална постколонијална критичарка чиишто деконструктивистички интерпретации на империјализмот и битката за деколонизација бараа преиспитување на самите премиси на марксизмот, феминизмот и деконструкцијата, кои се испреплетуваат во нејзината мисла. Нејзината книжевна критика, поткрепена со продлабочена примена на европската просветителска философија, како и со амбициозни увиди во економските проблеми на трудот и капиталот, прави нејзиниот еклектичен и често контрадикторен критички поглед да наликува на нејзината променлива позиција како академски "субјект". Истовремено привилегирана како елита, дури и како езотеричен интелектуалец што предава на Универзитетот "Колумбија", маргинализирана како "жена од третиот свет", "американка-со-цртичка" и бенгалски егзилант, Спивак ја користи деконструкцијата за да ги покаже начините, во кои и самата таа е, всушност, соучесник, на создавањето на општествените формации што така остро ги осудува.
Во САД, каде што Спивак ја направи својата академска кариера, постои силен популистички импулс меѓу различните женски движења што ги поттикна феминистичките критичарки и интелектуалци да го прифатат и да ја направат својата мисла подостапна за широката публика. Наспроти овој притисок, и општата анти-интелектуална тенденција на културата на САД, Спивак ја задржа својата намера со висок стил да ги преиспита безмилосно премисите на востановениот филозофски дискурс. За таа цел таа користи тежок теориски јазик, што се потпира врз основите што им се познати само на оние интелектуалци што ги познаваат традициите на континенталната философија. И покрај тоа што нејзината првична наобразба е книжевната критика, Спивак има увид и во филозофијата, етиката, политичката економија и општествената терија. Со ова, таа успеа да ги предизвика академските историчари и филозофи од САД, Британија, Индија, покажувајќи ги моментите кога дисциплинарниот дискурс се прекршува и влегува во светот на политичката дејствителност. Ова придонесе нејзиното дело да наиде на различен прием, особено негативен кај оние што чувствуват отпор кон деконструкцијата, постструктурализмот, субалтерните студии и француската мисла по 1968 година, правци што таа често ги користи во своето дело. Но и покрај тоа што нејзиниот дискурс е тежок, Спивак има одглас и кај јавноста надвор од академската средина. Во нејзината речиси тридецениска работа, предавањата на Спивак надвор од универзитетите по разни поводи, наидуваа на срдечен, на моменти и ентузијастичен, прием кај разните културни и цивилни активисти, особено оние што се активирани во сферата на феминизмот и маргиналните и гранични културни продукции.

 12 горе



нарачај

Дејан Јовиќ
Причините за распаѓањето на СФРЈ

Со научнопопуларен стил, со употреба на архивски извори и историска граѓа, со користење на цитати од главните актери на "југословенската драма" (1974-1990), Дејан Јовиќ на читателите им ги образложува идеолошките, економските, етничките, културните и правните причини поради кои Југославија како идеократска творба - изумре.

 11 горе



нарачај

Сè што отсекогаш сте сакале да знаете за Лакан…
… а сте се плашеле да го прашате

приредил:
Славој Жижек


Делата на модернизомот по правило се "неразбирливи"; функционираат како шок, како наезда на трауматско доживување кое го подрива задоволството на секојдневието, и се опира на интегрирањето. Она што постмодернизмот го прави е нешто сосема спротивно: во постмодернистичката перспектива предметите par excellence се производ кој масовно се обраќа; целта на постмодернистичкиот приод е да се отуѓи нивната првична грдост. Доколку постои автор кој успева да го сублимира ова интерпретативно задоволство од "дистанцирањето" на баналната содржина, тогаш тоасекако е Алфред Хичкок (и - тешко дека може да се порекне - оваа книга енергично се втурнува во таквото лудило).
Хичкок е сместен на психоаналитичарско канабе во овој чудесен збир на психијатриски случаи. Авторите успеваат со неверојатен ентузијазам и вешт теориски домет да го опфатат целиот негов опус, од Соба со поглед до Психо,  обидувајќи се да го следат ритамот на постмодерната дефамилиаризатион. Поагајќи од премисата дека "сè има значење", есеите поместени во оваа книга успеваат зад завесата на филмскиот медиум да откријат длабок печат на префинет идеолошки и психички механизам при создавањето на делото. Но Хичкок е тука како мамка со која читателот ќе биде вовлечен во "сериозно" марксистичко и лакановско проникнување при конструирањето на значењето. Провокативен и оригинален, овој зборник сигурно треба да се определи како маркер за секој обид да се анализира делото на Хичкок.

 10 горе



нарачај

Милена Драгичевиќ-Шешиќ
Бранимир Стојковиќ

Култура
Анимација Менаџмент Маркетинг

 9 горе



нарачај

Хана Арент
Ајхман во Ерусалим
Извештај за баналноста на злото

Не е спорно: Хана Арент (Hannah Arendt, 1906-1975) е меѓу највлијателните мислители на минатиот век, но се чини дека нејзиното време допрва доаѓа, како голем познавач на врската меѓу политиката и насилството и како некој што длабоко и лично го истражувал феноменот на политичката природа на злото. Самата Арент инсистирала дека таа во прв ред е политички теоретичар, иако филозофите ја присвојуваат во подеднаква мера. Нејзини позначајни книги се: Изворите на тоталитаризмот, За револуцијата, Луѓето во мрачни времиња, Human Cndition, Life of Mind...
Нашето осврнување кон делото на Хана Арент има неколку цели; една од поважните е што низ текстовите на Арент и за Арент се обидуваме дасоздаваме јавна теориско-политичка свест за тоа дека изградбата на демократска култура мора да стои во врска со јавната рефлексија за граѓанската одговорност. Затоа решивме да ја преведеме најзината најконтроверзна и можеби највлијателна книга, Ајхман во Ерусалим, За Баналноста на злото. “Во 1961 година го следев Ајхмановото судење во Ерусалим за
The New Yorker, каде што овој извештај, малку скратен, беше првобитно издаден во февруари и март 1963 година. Книгата беше напишана летото и есента 1962, а ја завршив во ноември истата година за време на мојот престој како соработник во Центарот за Виши Студии во Универзитетот Весли”.

 8 горе



нарачај

Зборник текстови
Културен идентитет - разлика во себе

- Бранимир Стојковиќ
- Игор Штикс
- Маја Бојаџиевска
- Мируше Хоџа
- Пандалф Вулкански
- Борис Буден4  
- Красимир К'нев
- Љупчо Печијарески
- Сањин Драгојевиќ
Во каков однос стојат културниот и националниот идентитет? Дали културниот идентитет му претходи на националниот? Дали е дел од него? Или можеби културниот идентитет е повисока категорија од етничкиот или верскиот идентитет? Која е врската помеѓу идентитетот и самопретставувањето? Дали културниот идентитет со себе повлекува и културни права? Дали насилството создава и уништува идентитети? Дали идентитетот е фиксирана или менлива категорија? Дали прашањето на културниот идентитет е социолошко, психолошко, филозофско, национално или лично прашање? Дали на сите нам, особено во регионов, ни претстои радикално редефинирање на културните идентитети, во светлина на процесите на глобализација и мултикултурализам?

На дел од овие прашања се обидува да одговориовој зборник во кој се застапени текстовите на деветмина автори од регионот на Балканот.

 7 горе



нарачај

Имануел Волерстин
УТОПИСТИКА
или
Историските избори на 21-иот век

Со извонредно знаење на историјата (тој впрочем е еден од најпровокативните историчари на капитализмот), големиот американски социолог, основачот на светско-системската анализа, Имануел Волерстин
(1930-), во оваа книга ни дава предвидувања за она што допрва ќе се случува со планетарниот политички и економски поредок. Неговите длабоко втемелени согледби велат дека во следните педесетина години светот го очекуваат тектонски придвижувања и менувања на политичко-општествените принципи што преовладуваа последниве 500 години.
Во време кога со светската политичка сцена се побескрупулозно владее една единствена идеолошка опција и после еуфориите на "крајот на "историјата" на Френсис Фукујама и "судирот меѓу цивилизациите" на Семјуел Хантингтон, книгава на Волерстин доаѓа во вистински момент, како една од најзначајните критички и алтернативни интерпретации на нашето време.

 6 горе



нарачај

Против методот од Пол Фаербанд

Овој есеј е пишуван со убедување дека анархизмот, иако можеби не е најпривлечна политичка филозофија, без сомнение е одличен лек за епистемологијата и за филозофијата на науката.
Не е тешко да се најде причината.
"Историјата општо, а посебно историјата на револуциите, секогаш е побогата во содржината, поразновидна, помногустрана, пожива и посуптилна отколку што" дури и најдобриот историчар и најдобриот методолог може да си замисли.  Историјата е полна со "случајности, споеви и надоврзувања на настани"  и ни ја покажува "сложеноста на човековата промена и непредвидливиот карактер на крајните следствија од кој било конкретен чин или решение на луѓето".  Треба ли навистина да веруваме дека наивните и простодушни правила што методолозите си ги земаат како водач се способни да излезат на крај со еден таков " лавиринт од заемодејства"?
 5 горе



нарачај

Контингентност, иронија и солидарност од Ричард Рорти

Како лакмус за статусот на филозофијата, но и како извор на една нова филозофска рефлексија, Рорти го користи либерализмот, сфатен како најважна насока на социјалната филозофија. Рортиевиот мошне решително искажан став за политиката а против Филозофијата треба да се разбере во контекст на разликата помеѓу класичната и новата филозофија. Тој ја избира иронијата како можеби последно интелектуално средство коешто ќе може да ги поврзе филозофијата и литературата. Симбиозата, пак, помеѓу иронијата и редескрипцијата (сфатена како основна работа врз себе, едно ново самоопишување и самопретставување) станува најадекватниот начин на самопреобразба и едновремено единствена можна задача на филозофијата. А бидејќи општеството, токму според либералните согледби, не е ништо друго туку збир од поединци, работата врз себе нужно се подразбира и како работа врз општеството: не е можно да се менувам себеси без притоа да го менувам и општеството.
Контингентноста, иронијата, редескрипцијата, клучните рортиевски поими, ги оцртуваат контурите на една нова и можеби се` уште недоволно истражена филозофска метода.
Со оваа книга, токму длабејќи ги врските меѓу филозофијата, политиката и личната одговорност, Ричард Рорти придвижи цела голема спирала дебати и полемики (кои, на разни начини, траат до денес и во кои неговата позиција на либерален ироничар сериозно беше начната); но, и најострите критичари признаваат дека ставовите изнесени во "Контингентност, иронија и солидарност" допираат важни прашања за статусот на филозофијата и мислечкиот поединец во радикално променетите политички околности.
 4 горе



нарачај

Другиот правец од Жак Дерида

Според многумина, Жак Дерида е најконтроверзниот писател на нашето време. Едни сметаат дека е "пророк" на нихилизмот и рушител на сите канони на рационалноста, други го гледаат како најзначајниот филозоф што се појавил по Втората светска војна. Со остроумни, прецизни и отсечни движења, тој е убиецот на традицијата на западната метафизика и на логоцентризмот. Во некои кругови, пред се` во Америка, Дерида стана интелектуален гуру чиишто текстови се сметаат за "свети" и бараат понатамошни бескрајни коментари и интерпретации. Во најмала рака, текстот на Дерида провоцира, зафркава и досаѓа.
"Нешто единствено се одигрува во Европа: во она што се` уште се нарекува Европа, дури и ако повеќе не се знае што се нарекува така. Имено, на кој концепт, на која реална индивидуа, на кој засебен ентитет денес треба да му се припише ова име? Кој ќе ги зацрта неговите граници?
(...) Надежта, стравот и трепетот се по мерка на знаците кои ни пристигаат отсекаде во Европа, каде што во име на идентитетот (...) се мешаат најстрашните, добро познати, злосторства - ксенофобијата, расизмот, антисемитизмот, религиозниот или националистичкиот фанатизам - се мешаат, и тоа воопшто не случајно, со здивот, дишењето, со самиот 'дух' на ветеното."
 3 горе



нарачај

Модерноста и самоидентитетот - Сопството и општеството во доцната модерна ера од Ентони Гиденс

Веќе со години Ентони Гиденс е еден од најважните и најпродуктивните социолози, за што сведочат 30 книги преведени на 22 јазици. Последните години тој е посебно влијателен, бидејќи програмски ги осмисли Тони Блер и неговите Нови Лабуристи. Неговата најпопуларна социолошка книга, Третиот пат, тргнува од тезата дека социјализмот станува конзервативен а конзервативизмот радикален и дека тие два политички концепти треба да се напуштат.
Во книгата од 1991-та година, Модерноста и самоидентитетот, Гиденс се занимава со некои од клучните прашања во 20-иот век: на кој начин се менува чувствувањето на простор-времето; што носи модернизмот како еден посттрадиционален поредок; кои се политичките, но и идентитетските импликации на модернизмот; што значи концептот животна политика итн.
"Живееме во време кога самото лично искуство да се има сопствен идентитет што треба да се открие, лична судбина што треба да се исполни, стана субверзивна политичка сила од повисок ранг."
2 горе



нарачај

Културна политика од Џордан и Ведон
 

Оваа книга се занимава со културната политика на класата, полот и расата. (Би можеле да се вклучат и некои други теми, како, на пример, културната политика на религијата, национализмот или етницитетот.) Класата, полот и расата сè уште длабоко го одредуваат пристапот до богатството и до општествената моќ во западниот свет. Постојаното преовладување на овие структури на нееднаквост поставува многу прашања за оние кои се интересираат за културната политика. Меѓу нив посебно внимание заслужуваат:

· Каква е врската на културата со политиката, односно со борбата за стекнување, одржување или спротивставување на моќта?

· Каква е улогата на културата во репродуцирање и оспорување на општествените поделби на класата, полот и расата?

· Што се случило со традиционалната културна политика којашто се темелела врз класата?

· Какви се феминистичките, црнечките и анти-расистичките културни политики?

Тоа се некои од прашањата на кои оваа книга ќе се обиде да одговори.

 1 горе



нарачај

Траума и закрепнување од Џудит Херман
 

Ова е книга за обновувањето на врските: помеѓу јавниот и приватниот свет, помеѓу индивидуата и заедницата, помеѓу мажите и жените. Ова е книга за сличностите: помеѓу жртвите на силување и воените ветерани, помеѓу малтретираните жени и политичките затвореници, помеѓу оние што ги преживеале големите концентрациони логори создадени од тираните што владеат со нациите и оние што ги преживеале малите, скриени концентрациони логори, создадени од тираните што владеат со своите домови.

Книгата говори за ужасни нешта пред коишто сите сакаме да бидеме слепи и глуви.

 

 
home