|
 |
|
Скопје со широко отворени очи текст: Владимир Јанковски / фотографии: Иван Блажев
Секако дека градот е едно од највидливите и најдоминантните опредметувања на човековата желба сопствената фантазија да ја конкретизира во цврст материјален облик. Градот е имагинација компримирана во геометриска форма. Екстаза на нашата моќ да замислуваме. Тој почнува на работ меѓу постоечкото и замисленото. Тој е фикцијата што ја конструираме во мигот кога конкретноста на архитектонските линии и форми ја претвораме во идеја чии граници постојано се поместуваат. Додека тоа се случува, мешавината од бетон, асфалт, железо, стакло, метал, пластика, дрвја... станува отворена приказна. Постои едно релативно познато Скопје. Скопје од разгледниците, монографиите, туристичките водичи. Широки планови, препознатливи објекти, типични знаменитости. Панорамски глетки од Кале или Водно, кејот 13 Ноември или улицата Македонија, Старата чаршија, Железничката станица... Но, наспроти познатиот град секогаш постои и оној другиот, невидлив за површниот посетител или жител. Тоа е Скопје што се појавува како еден вид двојник на првото Скопје. Скопје што треба да се открива, да се бара. Задоволството од постоењето на ова Скопје е задоволството од пронаоѓањето на некоја не толку позната уличка, случајна куќа дискретно поставена меѓу многу други, која во однос на својата околина се доживува како разлика. Другото Скопје се открива кога почнува да сервира нетипични глетки. Внимателниот и мудар шетач кој ја познава уметноста на талкањето низ градот секогаш се обидува да го открие она што е малку скриено, делумно недофатливо, она што бега од површноста. А можеби градот и најживо себеси се прикажува токму во нештата што сака да ги сокрие од незаинтересираните жители и посетители... Како во тие места да се впишани некои значајни пораки за неговото аморфно тело, пораки преку чие дешифрирање се поместуваат границите на нашата претстава за градот. Да кажеме дека Скопје почнува да личи на себеси кога ги избегнува очигледните одговори, кога се измолкнува, кога создава паралелни светови, тоа би значело да прифатиме едно имагинарно Скопје што настанало во мигот кога се напуштиле неговите предвидливи форми. Неповторливоста на градот настанува кога навиката е изневерена, кога погледот малку се изместува за она што се гледа да се создаде како изненадување. Онаму каде што малку се подотвора вратата на нетипичната перцепција, настануваат џебовите на градот. Мали апартни простори, вовлечени и скриени, кои & пркосат на урбанистичката околина. Куќата во улицата Кукушка, со необични форми и облици, во кои доминираат круговите и елипсите, неколку чудни склопови на запчаници кои како да излегле од дадаистички колаж, машинерија-антени, преку кои сопственикот верува дека комуницира со космосот. Или Железничарскиот блок згради со театралниот влез на улицата Борка Талески кој е најдобро да се посети додека денот невидливо се претвора во ноќ. Во овие простори, градот истовремено успева да биде и свој и туѓ, истовремено и да не личи на себеси и да станува она што е токму преку она што можеби никој не знае дека е. Од предговорот на Владимир Јанковски |
|
|
 |
|
Македонија сонувајќи Иван Блажев
Нели ти се чини дека се наоѓаме во универзум во кој има сé повеќе информации, а сé помалку смисла. Информацијата не успева да го компензира наглото губење на значењата. Нам не ни е потребна таква историја. Нам ни е потребно живото време, побуната, актуелниот процес. Сега и тука. Нам ни се потребни поинакви артефакти. Ролан Барт кога говори за фотографијата не говори само за оној исечок од реалноста кој е аплициран врз специјалната хартија, туку за фотографската меморија со која се обидуваме да го зграпчиме животот, покажувајќи дека знаеме да се соочиме со смртта. “Животот е составен од ситни осамености”, вели Барт, а токму нив ги бележиме со најсофистицираната камера - очите. Драг И., не знам дали знаеш дека оваа книга може да се присвои, да се почувствува како сопствен ракопис. Во ониричниот танц со неа учиме да читаме, да гледаме, да љубиме. “Текст” кој ни кажува дека сé е прифатливо, и радоста и тагата и помиреноста. Дека сé е едновремено минливо но и трајно. Постоиме во синхроницитет во кој сонот ги поврзува посакуваното и она што е. Сонот што ни го нудиш како можност за соочување со реалноста е постварен од самата реалност. И, се разбира, допрва треба да се отсонува.
од предговорот на Искра Гешоска |
|