Библиотека “Цепки

Руб Голдберг - Изумите на професорот Луцифер Горгонзола Батс



Погледнете некои од лудите идеи на професорот Луцифер Горгонзола Батс!

(...) Иако потполно заокружени, неговите инвенции даваат впечаток на несомнена спонтаност. Нивното настанување било во совршена складност со Голдберговата мирна појава. Биле, имено, далеку од случајните вдахновенија, набрзина поврзани и ставени на хартија. Понекогаш, во текот на една седмица, му требале дури триесетина часови работа врз еден единствен цртеж...Голдберг поседувал вродена смисла за композиција и ритам; често со часови се задржувал на поединости какви што се изразите на лицата на кепеци и кучиња, настојувајќи секој детаљ да биде обработен во потполна складност со своите хумористички можности, необичноста на изгледот или секојдневните карактеристики. Немал никакви однапред дадени формули. Допуштал да го водат чувства, со ретка визуелна моќ одредувајќи кога некоја од инвенциите го добивала најсоодветниот облик. Често имал можност да се увери дека завршната поента најтешко се изразува: кој би требал да биде наводниот корисник на последната необична направа? Кој ќе биде заморче? Често своите безопасни жртви знаел да ги собере од улиците на Њујорк, и потоа, прекумерно истакнувајќи ги нивните ќелави глави, големите мевови, густите мустаќи, кривите нозе, да ги воведе на сцена. Голдберговата дружина ропаци, јунаци на автоматизираниот живот, е лесно препознатлива по празноглавоста, чукнатата сериозност и целосната безгрижност: тоа е галерија на портрети, непозната во историјата на уметноста.
Инвенциите името му го направија бесмртно. Во изданието на енциклопедијата Тхе Рандом Хоусе Дицтионарѕ оф тхе Енглисх Лангуаге од 1966. лексикографската единица со назнака Руб Голдберг се појавува првпат... како:
Нешто што има фантастично комплициран изглед: рубголдберговски спој на шишенца, цевчиња и разновидни помагала и бесмислен, комплициран и непрактичен: рубголдберговски модел за избегнување данок.
Меѓутоа, многу пред тоа енциклопедиите да го озваничат, изразот рубголдберговски станал составен дел на американскиот јазик. Во текот на четириесеттите години, на пример, редовно се појавувал во Конгресните записи (Цонгрессионал Рецорд) како нешто одвај помало од додатната придавка со која се опишуваат политичките програми и владините бесмислени предлози. Во септемврискиот (1946.) број на списанието Мецханиџ Иллустратед, Дон Ромеро напишал дека Руб Голдберг до таа мера цврсто се всади себеси во американскиот хумор како волшебник на бесмислени направи, што денес е просто невозможно некоја необична машина или изум да се појават пред очите на јавноста, а некој веднаш да не забележи: Види, ова баш ми личи на некоја од оние Голдбергови откачени инвенции. Таа постојана употреба на придавката рубголдберговско јасно покажува дека Руб Голдберг спонтано задоволил една потреба која почнала да се чувствува во дваесеттиот век и во мислењето и во јазикот. Така станал единствен Американец чие име уште за време на животот станало енциклопедиска одредница. Ниту едно од неговите други достигнувања не му донело поголемо задоволување.
Трајниот успех на неговите инвенции во најголема мера произлегува од неговите воопштени, апстрактни поенти. Затоа што избегнуваат врзување за одредени општествени ситуации или личности, денес се чинат дури и поделотворни отколку во времето кога Голдберг ги создавал. Во 1927., на пример, списанието Цоллиер’с објавило цела серија на неговите рани инвенции и подоцна, во текот на четириесетите години, многу весници објавувале барем по еден негов цртеж неделно. Најголем број од инвенциите настанал пред 1920., но новите генерации читатели ги голтале како штотуку да излегле од цртачкото студио.
(...) Бидејќи Голдберг не бил воодушевен застапник на никаква потрајна групна активност, за него било сосема природно да реагира со спуштање на рамениците на сите оние слики каде што во лабораториите се собира пронаоѓачката елита. Сепак, како што беше лесно да се предвиди, токму тие лаборатории го земаа за свој светец-заштитник! (...) Еден инжинер од Детроит објаснил:
Луѓето во истражувачкото одделение, соочувајќи се со тешкотии во дешифрирањето на некои поединости во шемите, бесни во себе ги повикуваа Господ-Бог, Ѓаволот и Руб Голдберг... при што, сепак, далеку повеќе почитување имаа за овој последниов отколку за првите двајца! Оваа ... шема изгледа како лично Руб Голдберг да ја направил! Или: Барем Руб Голдберг да ни е овде, тој би можел да ни каже како сето ова да го поврземе во функционална целина!
Во овој град на машините (Детроит) Руб Голдберг претставува вистинско боженство на сè што е комплицирано, и неговото има најчесто се спомнува кога се бара било каква техничка помош!
Голдберг, меѓутоа, не губел време во исмејување на индустриското пронаоѓаштво; едноставно, мошне доследно, го следел сопствениот пат. Одбивал да живее во свет во кој не биле потребни, или кој покажувал наклонетост кон минимизирање на индивидуалните постигнувања. Тимската работа, со својата постојана потреба за компромиси и со своите пароли еден за сите, по негово мислење ги запоставувала малите нешта, оние едвај воочливи, суптилни треперења кои и ни го прават индивидуалниот идентитет. Голдберговите инвенции претставуваат свесно спротивставување на корпоративната безличност; претставуваат и донекаде каприциозни решенија на еден слободен дух, проникнат со желбата да го докаже своето право на сопствени сништа.
Голдберг, кој умре во 1970., во осумдесет и седмата година од животот, и самиот беше некој вид на ѓаволски завиткан и непрактичен пронајдок, иако во тоа се состоеше неговата сила, не слабост.
Се родил во Сан Франциско, како син на еден пријатен градски политичар; некое време, како дете, земал часови по цртање (како цртач никогаш не се воздигнал над просекот); дипломира на Беркли и станува рударски инжинер. Потоа кусо време работел во својата струка со плата од 100 долари месечно (мошне добра плата, во тоа време, за еден почетник), на набрзо потполно го врти листот и се вработува, за плата од пет долари неделно, како спортски илустратор во весникот Тхе Сан Франциско Цхроницле. Речиси мразејќи го рударството, дотолку повеќе Голдберг бил привлечен од боксот, со скршените носови и расцветаните уши на боксерите, и секогаш поднапиените навивачи и груби менаџери. Иако токму неговите спортски илустрации му помогнале да се пробие, вистинскиот углед го стекнува со своето како нож остро чувство за воочување на комичното и откачено во секојдневното човечко однесување. Иако цртежот му бил просечен, никогаш не изгледал невнимателно, а смислата за воочување апсурдни детаљи била просто ненадмината.
Во дваесет и четвртата се сели во Њујорк, и девет години подоцна серијата карикатури под заеднички наслов Откачени прашања, Јас сум тој дечко и Стариот е секогаш во право веќе му донесуваат заработка од педесет илјади долари годишно и популарност ширум Америка. Заработката во 1928. му се качува на сто дваесет и пет илјади долари годишно, и речиси немало американско семејство во кое името на Голдберг не значело особен восхит. Пишувал, покрај тоа, и кратки приказни и разни текстови, патувал наоколу како комичарска ѕвезда во кабареата, покажувајќи прилично спретност во правење комични стихови.
Неговите прочуени инвенции, кои настанувале со помош на неверојатно сложена алогичка логика за да се дојде до апсурдни справи за чешање по убодот на комарец или автоматско затворање на вратата, објавувани се непрекинато полни педесет години, од 1914. до 1964. Нивното полно име е Тхе Инвентионс Профессор Луцифер Горгонзола Буттс; тоа беа дела чија природа би можела да ги поколеба и најсовесните историчари на уметност. Секое ѕверче, од глушец до крокодил, секој предмет, од вештачката вилица до минијатурниот топ, сè што лета, од Купидон до канаринците, беа само подвижни елементи на машинериите кои Марзио, малку поетски, ги нарекува Голдбергови графички сништа.



Привлечноста на неговата форма на добродушен апсурд и фантазија како да почна да бледее во текот на Депресијата, во почетокот на триесетите години, и Голдберг, грешејќи, се обидува да се пронајде себеси во мелодрамските стрипови и во некои други, нему недоволно блиски, форми на апсурд. По втората светска војна почнува да се занимава со политичка карикатура и иако 1948. ја добива Пулицеровата награда, се чини дека со неа никогаш не се чувствувал добро. При крајот на својот животен век почнал да се занимава и со скулптура, главно работејќи фигурички на животни во бронза. Конечно, во 81. година, почнува својата уметност да ја сфаќа пресериозно. За среќа, веќе беше доцна, што се однесува до тоа, би било предоцна во било кој момент на неговиот живот. Сериозноста, да не речеме високопарноста, како што и Питер Марзио напоменува, можеше да стане негова лоша судбина.

Расел Линс

home