Библиотека “Цепки

Гери Ларсон - Галерија на откачената страна 2



 

... Според Зоран Ѓукановиќ, “специфичноста на стилот на Ларсон е тоа што тој е поблизок до стрипот отколку што карикатурата обично е. Многу глетки кај Ларсон се навистина типични според кадрирањето, кое не ја опфаќа целината на она што се прикажува, според динамиката (кога ја има) и користењето на оддалечените планови, за разлика од вообичаената плошност на карикатурата”. Делото на Ларсон е тешко жанровски со сигурност да се класифицира. Можеби е најблиску да се рече дека станува збор за комедија во која најчесто се користи црниот хумор. Или иронична сатира, од која никој не е поштеден, затоа што Ларсон си игра со сите форми на појавноста; со сите сфери на општеството. Само можеби има малку повеќе гегови со животни и научници. Но, не затоа што Ларсон има нешто лично против нив, туку затоа што отсекогаш ја сакал биологијата!

Гери Ларсон е роден на 14. 08. 1950 година во Такома, Вашингтон. Од мали нозе покажувал склоност кон цртање. Иако никогаш не посетувал некое уметничко училиште, туку самостојно го развивал својот талент, со годините стекна завидна цртачка техника. Техника што би можела да се спореди со умешноста на Чарлс Шулц или Дик Браун, а тоа подразбира со минималистичка експресија да ги долови различните емоции со “едвај забележливи варијации на линиите на лицето”.

 Ларсон отсекогаш особено се интересирал за цртање животни. Додека останатите деца цртале автомобили, тенкови и авиони, Гери бил наклонет кон кравите, делфините и диносаурите. Меѓутоа, во средното училиште, сосема го запоставува цртањето и се посветува на музиката, која до денес е неговата втора љубов која често го одделува од цртањето. По студиите на државниот универзитет на Вашингтон, каде во 1978 година дипломира комуникации, Ларсон со еден пријател основа џез дуо и следните три години живее од занимавање со музика. Гари свири гитара и банџо, а неговиот компањон клавијатури и тромбон. Потоа Ларсон се вработува во една музичка продавница и поминува една година работејќи работа што ја мрази.

 Спасот од оваа работа го пронаоѓа преку враќањето кон цртањето. На почетокот во 1976 година прави шест цртежи за локалното списание Pacific Search. За оваа работа е солидно платен, а тоа му помага да сфати дека е едноставно да се заработува ако се работи она што се сака. По овој пресврт одлучува да се посвети на цртањето. Почнува да црта за неделникот Summer News Review и тоа е почетокот на неговиот успех. По две години, сакајќи да ги дуплира свои приходи, за Seatle Times почна да  црта неделни панели под наслов Natures Ways. “Исчашениот” хумор на сé уште неафирмираниот автор набрзо стекна широк аудиториум поклоници, а тоа му ја отвори и последната врата кон успехот. Тој успех почна да го доживува во 1979 година, кога своите дела им ги понуди на уредниците на магазинот San Francisco Cronicles. Тие во Ларсон препознаа автор со комерцијален потенцијал и му ја дадоа работата. Единствено инсистираа да го промени насловот под кој ги објавува своите панели. Така од 01. 01. 1980 година е зачнат серијалот што ќе го прослави Ларсон – The Far Side.

Четири години подоцна, кога договорот му заврши, сега веќе како признат автор, потпишува за Universal Press Syndicate, кои ги дистрибуираат неговите дела низ цел  речиси две илјади магазини, на дваесеттина светски јазици, со вкупен тираж од преку сто милиони примероци! Вкупно се објавени петнаесет колекции на The Far Side панелите, пет антологии и една ретроспектива. Сите овие изданија стигнаа до бестселер листата на The New York Times. Низ целиот свет се продадени триесет и еден милион примероци од оваа книга. Плус тоа маички, честитки, календари и којзнае што сé уште не со мотивите на The Far Side. Импресивни се и наградите што Ларсон ги добиваше за време на кариерата. Националното здружение на цртачи во 1990 години и 1994 година му ја додели Реубен наградата за најдобар цртач на годината.

Својот серијал во 1994 и 1997 година го пренесе и во анимирани филмови со наслов Приказни на Гери Ларсон од далечната страна 1 и 2. Овие филмови исто така се наградувани. Големото количество слава, пари и признанија во еден миг му здосадија на Ларсон и тој во 1988 година побара четиринаесемесечен одмор. Патуваше низ Амазон и Африка и свиреше гитара. Се врати на 01. 01. 1990 година. Работеше уште пет години, а потоа на 31. 12. 1994 дефинитивно ја напушти работата како цртач и се посвети на свирење џез и пишување приказни за деца.

Изгледа дека и во животот, како и во цртањето има истенчено чувство кога е доста и кога само уште еден потег со моливот е излишен. Денес Гери Ларсон живее во Сиетел и не размислува за враќање кон цртањето и покрај бројните петиции што ги потпишуваат фановите на интернет.

home