
|
|
|
Името на оваа тријазична стихозбирка, "и",
е позајмено од истоимената статија на
славниот сликар и теоретичар Василиј
Кандински, напишана 1927 година. Во таа
статија Кандински се прашува за
зборовите што го одвојуваат 19-иот од 20-иот
век. Неговата теза е следна: додека 19-иот
век бил одреден со познатото или-или,
20-иот век треба да биде посветен на
работата врз и.
Таму: одвојување, специјализација,
настојување околу еднозначноста,
пресметливост на светот - овде:
споредливост, мноштвеност, неизвесност,
прашања за контекстот, поврзаност,
експерименти со заменување, исклучување
на третиот, синтеза, амбиваленција.
Во нашиот наслов постои, се разбира, мала
"транс-историска" иронија "за
задачите на вековите", мала игрива
кореспонденција со нашите
модернистички предци; но, од друга
страна, нашиот наслов сепак ја има и таа
програмска димензија, сосема слична на
намерите на Кандински.
Земјата во која живееме, Република
Македонија, на почетокот на 21-иот век,
токму се наоѓа пред својот
модернистички предизвик, сфатен на
начинот што го поставува Кандински: "и"
или "или-или".
Интегративност
или исклучивост.
Се разбира, и самава дилема во себе ја
носи опасноста да биде сведена на
концептот "или-или". Работите
главно се многу покомпликувани и
поиспреплетени. Па и вековите
проникнуваат меѓусебно. (Проникнување
долго беше работниот наслов на
стихозбиркава.) Би можело да се каже дека
во Македонија, на поетолошки или
културен план, но дури и на општествен
план, во моментов рамноправно
егзистираат и се преплетуваат барем три
цивилизациски парадигми:
традиционализмот, модернизмот и
мултикултурализмот. Мултикултурализмот,
на пример, според Андреа Семприни, токму
е силен индикатор за кризата на проектот
на модернитетот. "Поставувајќи го
пред модернитетот прашањето за правото
на различност, мултикултурализмот ги
надминува специфичностите на секој
поединечен национален контекст и на
сите современи општества им упатува
величествен цивилизациски предизвик."
Во секој случај, за разлика од Кандински,
во книгава го направивме и
експериментот на "вклучување на
третиот". Помеѓу двата јазика со
релативно мала распространетост,
македонскиот и албанскиот, го вметнавме
и англискиот, новата лингуа
франца. Всушност,
за среќа или несреќа (наша мислење е: за
голема среќа!), во земјава на некој начин
ни беше наметнат погледот на третиот,
пред сè на политички план. Се разбира
дека сето тоа има и свои културни
импликации. Можеби книгава е дел од тие
културни импликации, од нашата
менувачка стварност; би сакале тоа да
биде еден благороден дел, дело што ги
поврзува луѓето и ги проникнува нештата,
не само во јазичка смисла.
Најпосле, за најважните нешта,
застапените автори. Ги има деветмина:
Линдита Ахмети, Ивица Антески, Наташа
Бунтеска, Лидија Димковска, Иван
Додовски, Никола Маџиров, Салејдин
Салиху, Сузана В. Спасовска и Љујзим
Хазири. Станува збор за цела генерација
млади македонски поети; ниеден од нив
нема повеќе од 30 години.
Финансиските можности не ни овозможија
да направиме пообемен пресек на младата
македонска поезија. Се разбира дека
изборот е личен и секогаш пристрасен. Се
разбира дека во ваков тип избори редовно
и по правило се прават грешки, и по двете
основи: и на вклученост и на исклученост.
Ни останува само да се надеваме дека
нашите проценки сепак кореспондираат
малку пошироко и дека барем успеавме да
ги фатиме преовладувачките тенденции во
прилично хетерогеното современо
поетско творештво кај нас. На крајот на
краиштата, книгава може да биде
предизвик да се направи нова,
посеопфатна и уште повеќе проникнувачка!
Никола Гелевски
|
|
|
|
|
|
 |
|
|
|
|