1

Електролит:2006
годишна збирка
2 Алекс Букарски
Луѓе на кои не им се отвора падобранот

Библиотека “Катапулт“

на крај

 

05  горе


Темплум, 2008
210 ден.


 

Душко Гошевски
Писателот Варски и други раскази


Душко
Гошевски во почетокот на 2006 година ги објавува првите раскази на разните книжевни портали и блог страни на интернет а подоцна и во книжевни списанија.

,,Писателот Варски и други раскази,, е прво негово дело со кое конкурира на конкурсот за најдобра дебитантска проза НОВИТЕ 2007 во организација на издавачката куќа Темплум и влегува во најтесниот избор за наградата.

Подоцна под лиценцата на creative commons книгата бесплатно ја објавува на интернет, со што таа станува трета електронска книга во Македонија достапна на овој начин.

За една недела книгата е симната над 2 000 пати.

Најпосле ја објавува во печатена верзија.

04  горе


Темплум, 2007
210 ден.




































 

Галијана Маркова
Полигони


Полигони (како некакви мали вежбалишта) е наслов на збирката прозни (плус неколку поетски, а вкупно ги има 79 на број) записи на Галијана Маркова. Станува збор за рефлексивна проза (не баш типична за македонската книжевност), или за одреден тип на фрагментизирано раскажување, толку карактеристично за постмодернистичките стратегии. Но, “рефлексивноста” на Маркова не е некакво исклучиво филозофско, интелектуално, “суво” промислување на (мета)физичката (не)стварност околу нас, туку таа рефлексивност е длабоко проникната ем во поетското ем во драмското чувствување на светот. На пример, некои записи се токму мали драмски игри, некои се епистоларни обраќања, некои се куси песни... И притоа сите се завршени, затворени во себе како школки, и оттаму е само привиден впечатокот дека поетскиот свет на Маркова е разбиен во парампарче.

Напротив! Нејзиниот свет има свои цврсти сидришта (“ленгери”, како што вели таа на едно место), но и тие релативно цврсти и затворени батискафи кои шњураат по дното (по песокот на нашите полигони), имаат свои точки на распрскување и свои граници до каде можат да одат во длабочината. Испитувањето на отпорноста на тие батискафи е една од неколкуте книжевни стратегии на Маркова.

Сево ова го велиме зошто е јасно дека, во случајот на Галијана Маркова, станува збор за мошне артикулиран и комплексен автор кој владее со различни книжевни регистри. Маркова не е случаен автор паднат во “поетска екстаза” или “допрен од бога”. Таа повеќе наликува на нуркач по бисери (во оние ситуации кога ги отфрла батискафите и скафандерите), на некој што напорно работи за можеби да добие само шака кал... Со тоа Маркова можеби ја потврдува насетената (но кај нас никогаш доволно прифатената!) вистина дека само оној писател што е спремен на ризичното лишување од воздух - може да замине подалеку и подлабоко.

Личноста која стои зад Галијана Маркова е монахиња. Чувствуваме потреба тоа да го соопштиме зашто мислиме дека и литературата е своевидно монаштво или барем обид за себезатворање, а со цел да се откријат некои сосема други светови, во себе и отаде себе.

Затоа што можеби токму уметноста е оној “полигон” кој многу подлабоко ги засечува границите меѓу “играта” и “стварноста”? Оти уметникот, можеби уште посилно од монахот, чувствува дека човекот најпрвин треба да биде попречен во своите можности, стремежи, желби, за дури тогаш да може да добие поинаква вредност (зрелост и трајност) она што тој е кадарен да го создаде.

Ги правиме неблагодарниве споредби зашто мислиме дека во измислената Галијана на многу продуктивен начин се споени уметницата и монахињата, оние кои се лишуваат од еден свет во обид да истражат некој друг, можеби поинаков...

Да заклучиме, значи: и покрај тоа што Галијана Маркова е измислена личност, нејзините записи (отпечатоци, /в/резови, цртки...) - не се измислени. Всушност, толку прецизно се замислени и осмислени што, во целата нивна божемска измисленост, како да добиваат свој посебен живот. Како што и самата Галијана постои исклучиво низ сопствените записи.

03  горе


Темплум, 2007
210 ден.














 

Електролит:2007
годишна збирка


Годинава само го потврди добро замислениот концепт, но се случија и одредени измени. На пример, во репрезентативниот овогодишен избор се решивме за истиот број раскази како и минатата година (околу 50), но бројот на застапените автори во изборот го намаливме од 31 на 23 (или 24)?? Целта ни е (барем во испечатениов дестилат од сите годишни конкурси) с$ повеќе да се сосредоточуваме на квалитетот, наспроти квантитетот, иако бројот од 23 автори воопшто не е мал, со оглед на слабата книжевна продукција кај нас.

Од тие 23 автори (од вкупно околу 100 различни автори што ни испраќаа раскази во текот на 2007), само седум ги имаше и во минатогодишниот избор (тогаш од околу 160 автори во книгата влегоа 31): Ши, Милко Бојковски, Нада Бувљак, Ѓорѓи Крстевски, Милена Николовска, Слободанка Павлова и Буши Мит алиас Бромофон алиас Владо Јаневски (не пејачот:).

Освен тоа, за разлика од минатата година кога имавме осум конкурси (речиси секој месец), оваа година преминавме на двомесечен ритам, така што имавме само пет конкурси (вкупниот број пристигнати раскази минатата година изнесуваше 508, а оваа 368). Наградивме 16 раскази од 13 автори (минатата година беа наградени 31 расказ од 24 автори). Двомесечниот ритам на конкурсите, инаку, ќе го задржиме и во 2008 година.

Годинава расказите ги читаа и оценуваа уредниците на Темплум: Никола Гелевски (уредник и автор на критиките и освртите на Електролит), Бранко Прља (автор на конкурсот и уредник на сајтот на Електролит) и Владимир Јанковски (член на жирито на Електролит).

02  горе


Темплум, 2006
210 ден.




















 

Алекс Букарски
Луѓе на кои не им се отвора падобранот

Првата награда „Новите!”, годишниот конкурс за најдобар прозен дебитантски ракопис, оваа 2006 година ја заслужи ракописот „Луѓе на кои не им се отвора падобранот” од Алекс Букарски. Одлуката беше донесена едногласно, од страна на четиричленото жири кое го сочинуваа: Никола Гелевски, Владимир Јанковски, Роберт Алаѓозовски и Искра Гешоска.
Од 24-те пристигнати ракописи збирката раскази на Алекс Букарски навистина се издвои со своите литературни квалитети. Но, и повеќе од тоа! Не е претерано да се каже дека ваков нетипичен дебитант одамна не ù се случил на македонската литература! И драго ни е што неговата промоција се остварува токму низ нашиот конкурс, и тоа во неговата прва година...
Нетипични се книжевната сериозност и посветеност на Букарски(22), со оглед на младоста и со оглед на поширокиот контекст кој баш и не го охрабрува занимавањето со уметничка работа. Можеби причина за тоа е што Букарски веќе две и пол години е еден од најинтересните и најпровокативните македонски блогери...
Што се однесува до конкретниот ракопис, кому му ја доделивме наградата „Новите!”, тој се состои од седумнаесет раскази пишувани во текот на приближно пет години. 
Букарски всушност, од еден младешко-бунтовнички аспект, ни дава беспоштедна слика на нашата стварност, она што литературата и треба да го прави. Таа слика, се разбира, е мрачна, но истовремено е и духовита, колоритна и релативно слоевита. Станува збор за слика - на моменти хиперреалистична и брутална, на моменти проткаена и со лирски тонови - на едно време кое испаднало од зглобовите и кое е преполно со дезориентирани маргиналци коишто перото на Букарски се обидува да ги извади на дневната (книжевна) светлина директно од клоаката на долготрајната и сурова македонска транзиција.
Социјалната димензија, значи, и сликањето на ликовите од т.н. губитнички полусвет можеби е главната содржина во пишувањето на Алекс Букарски. Таа социјална поетичка димензија во неговава прва збирка раскази е предочена младешки бескомпромисно, но на еден релативно вешто изнијансиран уметнички начин, едноставен и духовит во својата основна раскажувачка поставеност. Лексиката на Букарски, на пример, иако на прв поглед невообичаена и прилично потпрена на битолскиот и скопскиот сленг, е некакво освежување во нашата литература, пред с$ оти е доволно богата и живописна за главно да ги избегне опасните замки на тривијалноста, во кои неретко упаѓаат особено помладите книжевни творци... Иако, за волја на вистината, и самиот Букарски, веројатно во прв ред заради неискуството, неретко упаѓа во баналности и тривијалности, а неговата реченица не секогаш е доволно прецизна и снажна...

01  горе


Темплум, 2006
210 ден.




























 

Електролит:2006
годишна збирка


Конкурсот Електролит е значаен не сако како единствен отворен конкурс за млади и неафирмирани писатели, туку и како (колку и да изгледа парадоксално!) единствен онлајн конкурс во нашава државичка. Годишната книга е резултат од едногодишна напорна (речиси волонтерска) работа на тимот на Темплум и поддршката и интересот на сите оние кои праќаа раскази на Електролит.

Изборот се состои од 51 расказ од 31 автор. Овој избор го сметаме за некаков дестилат од осумте конкурси распишани во текот на 2006 година. Од вкупно пристигнатите 508 раскази (од приближно 150 различни автори; тешко е да се одреди прецизниот број на авторите заради многубројните псевдоними:), во книгава се пренесени, значи, само околу десет проценти, но наше мислење е дека тоа се мошне репрезентативни десет проценти...
Првава година конкурсите беа замислени на месечно ниво, но имавме и два двомесечни конкурси. На осумте конкурси наградивме вкупно 31 расказ од 24 автори. Сите наградени раскази ги има и во книгава, плус дваесетина други. Во книгава се најзастапени расказите на Крстевски и Буши Мит, автори кои годинава се издвоија и според бројот на испратените раскази (особено Крстевски, кој ни испрати триесетина раскази!:), но пред сè тие двајца автори се издвоија со квалитетот на нивниот прозен ракопис. Веднаш зад двајцава има група од десетина автори кои често го достигаа нивото на Крстевски и Буши, но едноставно имаа испратено малку помалку раскази; станува збор за Дарин Ангеловски, Нада Бувљак, Кристина Гацова, Наташа Гелева, Зоран Груевски, Милена Николовска, Никола Пчински, Алекс Букарски, Ши... Се разбира, и другите дваесетина автори застапени во изборов најчесто ги достигнуваа релативно високите стандарди што ги поставуваа првонаградените (радува, на пример, бројот од дури 24 различни наградени автори во текот на годината! Тоа е сосема пристојна база за регрутирање нови актери на издишаната македонска книжевна сцена:).
Ете, со „реалнава” книга (надвор од виртуелниот простор:) ставаме точка на првата електролит-година. Еден ден, книгава ќе биде носталгичен документ на едно „долготрајно пријателство”, кое штотуку започнува!

***

Идејата и реализацијата на Електролит конкурсот се на Бранко Прља. Автор на месечните критики и осврти и главен уредник на Електролит е Никола Гелевски. Другите членови на жирито се Искра Гешоска, Роберт Алаѓозовски и Владимир Јанковски. Електролит е хостиран на сајтот на Темплум и е финансиран од истоимената издавачка куќа.

home