ЛЕКСИКОН НА ЈУ МИТОЛОГИЈАТА
Излезе долго најавуваниот Лексикон на ЈУ митологијата (претходно објавувавме делчиња во Маргина 65, 67 и 71). Книгата има 400 страници и преку 500 слики и делумно е превод на српското издание (на издавачката куќа Ренде), но содржи и голем број прилози од наши автори. Еве неколку од тие прилози, објавени во Маргина#71.

 

A...........................................................................................................................................................................

АВОНА
Пионерите на модерниот балет во Македонија како одговор на тогаш неприкосновените Локици. Група во чиј имиџ непогрешиво се чувствуваше духот на 80-тите. Ги паметиме као гламурозни девојки во светкави трикоа и со високи потпетици и еден атрактивен младич кој во стилот на Бони М беше најекспонираниот дел од групата. Беа заштитен знак на забавно-музичките емисии на некогашната РТС на чии подиуми продефилиираа најжешките поп ѕвезди од СФРЈ. Тројца членови од групата загинаа во зенитот на популарноста во тешка сообраќајна несреќа во која настрада и популарната Сашка Петковска. Единствената русокоса од Авона ја преживеа несреќата.
Мимоза Петреска - Геогриевска

АГРОКРЕМ
Агрокрем на Агроплод? Агрокрем во Агроплод? Агрокрем под Агроплод? Агрокрем од Агроплод? Агрокрем против Еуро – Крем? Агрокрем во превод (слободен се разбира) Сељачки крем – наспроти отмениот Еурокрем кој се подготвува да влезе во Европа? Европа, нашата единствена фабрика за чоколади која произведува производи со чуден вкус... Чоколади со чуден вкус, ама рум штангли кои се најдобри... Агрокрем кој е достапен во форма на крем и во форма на табла... Шеќерна табла. Шеќерна табла?!!! Што е тоа?! Е што е тоа де?! Време кога наместо чоколади се јадеа шеќерни табли и се водеа дебати дали шеќерната табла е чоколада и во што истата се разликува од чоколадата... (наводно немала доволно какао?)... Бизарна есен во Преспа и Ресен, на слободна настава во природа.. (каква ли ќе е заробената настава во град?!;0) и полни раце и џебови со Агрокрем, шеќерни табли и Стоби флипс... (Стоби флипс – каков бренд!!!) Антички!
Тамара Буштреска

АФЖ
Антифашистички фронт на жените; организација за женска еманципација. На домаќинките им беа одржувани предавања од типот: “Работата го создала човекот”, “Прва земја на социјализмот – СССР” и сл.
Епска сцена: предавачот зборува за режимот во Шпанија, а една од слушателките (ги помешала диктаторот Франко и кафето Франк) вели: “Ѓубре едно фашистичко, доста тој нас нe труеше!”
Драган Јовановиќ

Г...........................................................................................................................................................................

ГРУПА МАКЕДОНИЈА
Шаренолик состав, со полу-хипи провиниенција. Или така ни се чини зашто модата беше таква? Шарени фустани, цветови во косите, афро-угарски ;0)) фризури, широки панталони најпознати како ѕвонарки со нелогично тесен горен дел (кој понекогаш неверојатно силно ги затегнува и сече виталните-гениталните органи, што од своја страна влијае врз гласовните способности на одредени пејачи машкега рода... Имено, со овој модел на панталони се постигнува соодветна боја и распон на гласот слична на гласовните способности на некогашните кастрати. Овие панталони беа особено омилени на прочуените Бее Геес што од своја страна ги објаснува вртоглаво високите ноти кои ги достигнуваа овие намачени пејачи :0)... До кај бев? До панталоните, но нема да се вратам на нив... А башка машкиот дел на овој состав изгледа не страдаше од предмалку наведената бољка.
Сe на сe, беше това симпатичен состав, поприлично забавен и омилен... извонредне гласовне квалитете... А сепак, не знам зошто, некако од сите можни песни што тие ги пееја ми текнува единствено “родово” освестената песна со енигматичен наслов – Ѕма ѕма ѕм! Па цитат: Си зедов дама родена, уф што ми е погодена, тивка е ко воденица, тенка е ко лубеница... Ѕма, ѕма, ѕм, ѕма, ѕма, ѕм, ѕма, ѕма ѕм, ѕм, ѕм, Хеј!.... Какво величествено Семакедонско кредо...
Тамара Буштреска

ГУМА за КИРИЛИЦА и ЛАТИНИЦА
Измислен објект кој потекнува од еден скеч на Надреалистите. Босна беше веројатно единствена екс-Ју република каде што на училиште се пишуваше на двете писма. Една недела на латиница, една на кирилица. И тоа прилично успешно. Гумите, па и моливите за латиница и кирилица почнаа да се произведуваат подоцна, кога на децата им беше кажано (а не како што некои тврдат, дека самите почувствувале) дека “једним се боље пише, друго се лакше брише”. А ги знаете децата, тие веруваат во сe што ќе им се каже. Но, зарем и вие!?
Бранко Прља

З...........................................................................................................................................................................

ЗЛАТНО СЛАВЕЈЧЕ
Најпопуларен детски фестивал кој постои од далечната 1970 година и кој го преживеа транзицискиот пад на вкусот. Во врвулицата детски фестивали со крајно опскурни имиња: (пр. Распеано симитче), Златно славејче и понатаму е синоним за добро воспитани градски деца и пристојна детска песна. Како продукт на комунистичкиот конзервативизам тој до ден денес не дозволи да му се проврат нашминкани петгодишници маскирани во розови пердуви, кожа и штрас, но како таков остана арогантно дистанциран кон сеопштиот мизерен вкус што на своите потомци им го сервираат нивните новокомпонирани родители. Неговиот квазиелитизам се огледува во децата/внуците на некогашните и сегашни моќници (бизнисмени, политичари, тв и естрадни лица) во улога на главни ѕвезди или истопорени во првиот ред од хорчето.
Трииполдецениската традиција на Златно славејче, меѓу другото, е добра прилика да го видиме мрсулавото маалско издание на некои сегашни музички ѕвезди, но и да се потсетиме на откачената мода од нашето детство: смолкнати бели перлон хулахопки под трикотажните тиролчиња и задолжителните спок фризури.
Мимоза Петреска - Геогриевска

ЗОКИ ПОКИ
Еден од ретките македонски ликови од т.н. литература за деца, кој доби поширока популарност. Ако Англичаните го имаа Оливер Твист, Американците Том Соер ние си го имавме Зоки Поки, лик правен небаре по стандардите на современата културна индустрија. Од изборот на името, преку ситуациите, контра ликовите, антологиската палавост во Зоки Поки имаше мастраф барем за регионален бренд. По Зоки Поки можеа да се снимаат серии и филмови, да се пишуваат продолженија, да се цртаат стрип табли, да се продаваат маички, смоки, ранци, училишен прибор, видео игри. За жал, ни тогаш ни сега, македонската економија и култура нема моќ да се наметне како посериозен играч. Така што, денес, помалку заборавениот и анахрон Зоки Поки остана сеќавање на една генерација од наивната но забрзана модернизација на македонското повоено општество.
Јас со ликот и делото на Зоки Поки се запознав низ, мојата подоцнежна омилена постмодернистичка техника, мизанабим, т.е. со палавиот Зоки се запознав преку своја палавштина поврзана со него. Имено, моите родители и сестра ми отидоа на гости, а мене ми рекоа да седам дома и да ја читам лектирата Зоки Поки. Јас почнав да читам, ја поминав првата страница и се опседнав со идејата дека целото семејство другарува, а јас морам да читам книга. Почнав да читам со мојата, исто така подоцна омилена техника, дијагонално читање, и за петнаесеттина минути ја прочитав цела книга. Задоволен истрчав и јас кај роднините на гости. Моите почнаа да ме прашуваат како сум успеал да ја прочитам книгата за толку кратко време, а сестра ми дури се замисли дека е од НТШ па почна да ме испрашува и за конкретни ситуации, како Зоки Почи го правел ова, како го правел она. Од таа непријатна ситуација ми остана сознанието за братската делба на Зоки Поки. Една карамела тебе, две карамели мене. Излезе дека токму ситуацијата со братската делба длабоко се врежала во меморијата на генерации титови пионери. По принципот на братска делба по Зоки Поки тие почнаа да ги делат општите добра на социјализмот а подоцна и на транзицијата: една плата тебе, две мене, еден шлепер тебе, два мене, една фабрика тебе, две мене, една банка тебе две мене, една територија тебе две мене.
Роберт Алаѓозовски

М...........................................................................................................................................................................

МАРКИ (на ОБЛЕКА и ОБУВКИ)
ЈАКНИ: СПИТФАЕР - јакна на навивачи, скинери, јаки момци, улични тепачи. Не можеше секој да ја носи. ТЕКСАС јакна - во комбинација со фармерки за шминкери и со пришивачи на омилените групи за металци. МОНТКА - Човекот што ја носи потсетува на логото на Мишлен (познато како Мишелин). Порано, кога беа популарни, не мислевме така.
ФАРМЕРКИ: ЛЕВИС 501 – неприкосновени, не горат под запалка; Понеквалитетни марки – обично се кинеа на колениците, а често и ние им помагавме во тоа. Користевме ножици, шмиргли, нокти и сл. Сe за подобар изглед.
ПАТИКИ: ПУМА - Педерско Удружење Младих Аматера, ги носиш некое време, а потоа никогаш повеќе во животот, поради несреќната кратенка која ја дознаваш дури откако ќе ги купиш. АДИДАС - фантастичниот знак со листот ги правеше атрактивни, а квалитетот уште повеќе. Еднаш купуваш, со години носиш. Кога го сменија знакчето, ги осакатија сеќавањата на една цела генерација. НАЈК (или НИКЕ) асоцираа на брзина и на спорт, но секогаш беа прескапи. Можеби затоа побогатите се секогаш пред другите во животот?! КОНВЕРС беа закон. Најфраерски патики, посебно високите. Не е битно дали си скејтер или шминкер, дали се од платно или кожа, црвени или зелени, секогаш се кул.
Бранко Прља

МАСТИКА
Најодвратниот алкохолен пијалак што мојот детски нос можеше да го помириса во ерата на социјализмот. Се разбира, како и за многу други работи, мојот вкус во наредните дваесетина години се промени за 180%. Како што ја делкам четвртата деценија од животот мастиката ми станува најомилениот пијалак, дури ја претпочитам пред ракијата. Но бидејќи добра ракија е полесно да се испече отколку добра мастика, ракијата, имајќи ја во изобилство си ја пијам по дома, а мастиката, која со акцизата стана ужасно скап пијалак, аристократски ја густирам само по кафеани. Всушност, и покрај тоа што може да се најде добра мастика и во приватни буриња, кога мислам мастика мислам на струмичката мастика во производство на фабриката Грозд. Не е препорачливо да се купува мастика од непроверени луѓе зашто по пазариштата се продава шпиритус со додадена мастика, а тоа е многу опасно по здравјето. Дури и евтините бугарски брендови кои ги преплавија пазарите на црно, се со сомнителен квалитет. Башка што не можат да се мерат со струмичката мастика. Така што смешен беше обидот на Бугарија, правејќи се европска држава, да ни ја наметне корпоративната логика заштитувајќи го како свој национален бренд генеричкото име мастика, којашто се изработува во целиот југоисток на Европа, особено во Македонија и Романија, бившите провинции на Отоманската империја. Смешно е да се заштитува брендот на оние шпиритуси што бугарските фирми ги пакуваат како мастика. Иако во Бугарија прават добар коктел со ментол што го викаат “облак”. Велат дека тајната на квалитетот на струмичката мастика, како и на другите пијалаци на Грозд лежи во квалитетот на водата од суфиларскиот извор на самиот раб на Струмица, која се употребува во производството на Грозд. Водата од овој извор е со посебен квалитет и состав, а фабриката ја користи долги години. Некои велат дека во поново време мастиката не е со оној квалитет како порано затоа што со приватизацијата и смртта на првиот мајстор оригиналната рецептура за мастиката не е испочитувана. Се разбира, моето искуство со мастиката е поново така што не можам да го посведочам ова. Во секој случај мене мастиката ми е најдобриот аперитив.
Првото искуство со мастиката ми датира далеку во седумдесеттите години на дваесеттиот век, во ерата на титовиот социјализам и братската СФРЈ. Порано социјалистичките продавници не беа како сегашните. Со поголема квадратура и со помалку артикли, наредени без некоја посебна естетика по евтините рафтови, во нив имаше доволно простор и за социјални активности. Обично во едното ќоше, најчесто кај фрижидерите за длабоко замрзнување, стоеја по неколкумина трудбеници и одмараа од напорната но благородна работа со мезе и пијалак. Во Струмица најчесто се пиеше мастика. Се јадеше исечкана салама, или месен нарезок, со вегета врз мрсна хартија. На малиот транзистор ечеше народна музика од локалното радио. Честопати баба ми ме праќаше да го викнам дедо ми од тие социо-културни катчиња. Влегував во продавницата и првиот допир со таа атмосфера беше мирисот на влага од дрвените полици или дрвениот таван, мирисот на салама и секако, продорниот мирис на мастика што доаѓаше од катчето каде што социјалистичкиот народ, на кој суи генерис му припаѓаше и дедо ми, пладнуваше. Еднаш отидов да го викнам дедо ми со едно другарче кое доаѓаше од блажеконеските говорни подрачја. Другарчето ја искористи шансата да си купи мастика. “И ти ли пиеш мастика, бе, мало”, меѓу две подждригнувања се зачуди еден од “декорците” на продавницата. За него поимот мастика означуваше само алкохолен пијалак. Не беше информиран дека во блажеконескиот јазичен конзорциум хомонимот мастика означува и жвака. “Ај, да беше од кочанско-штипско и да те разберев да побараше с’к’з”, призна локалецот.
Инаку токму гумата мастика (Пистациа лентисцус) која потекнува од островот Хиос е главната компонента во пијалакот. Мастиката се употребува за џвакање или како зачин на Блискиот исток и има анти-бактериски дејства поради што ја употребуваат за стомачни тегоби. Мастиката не се раствора во вода, но делумно се раствора во алкохол. Се топи на 105 до 120 степени целзиусови, а есенцијално масло се добива со дестилација со помош на пара. На алкохолот добиен со дестилација на грозјето му се додава мастика, анасон и мед, и така се добива вкусното питие.
Роберт Алаѓозовски

МИЈАЛКОВСКИ, ДРАГАН
Океј, признајте! Колкумина од вас свртеле на 223-305? И колкумина на другиот крај од жицата нашле еден свенат цвет, да се изразам вака појетски и језотерично? Добро де, предвидлив ми е почетокот, но не бегајте од темата и признајте! Припаѓате ли во групата безобразни малолетници кои ги принудија мирните граѓани кои го поседуваа гореспоменатиот број да го проколнат денот кога ѓаолската направија наречена телефон му паднала на ум на чесниот Бел? И не мора да ми одговарате и да правите наивни фаци, знам дека припаѓате. И ќе ви признаам уште нешто... Баш ми е криво што чесните граѓани го променија инкримираниот број... Баш ќе беше добро да им свртиме уште еднаш...
И можеби е греота една вистински голема ѕвезда на бившојугословенските естрадни простори и бај д веј – извонреден пејач – да го спомнувам само по една песна... Кажи нешто драга, па макар и лага.... Оди си, оди си ти – друг да те сакааа... и понатака така... Џабе е да набројувам... Тој достоинствено и ненаметливо го живее својот живот додека некои неуспешни клончиња скакат и апат по непредвидливото и смртоносно еџ ѕу естрадно поле (шо за натпревар шо за братско-убиствена војна). И иако оваа песна не спаѓа во неговиот репертоар, дозволете да изјавиме: - Тој е песна што ќе трае...
Тамара Буштреска

МИСТЕРИИТЕ НА ОРГА(НИ)ЗМОТ
Сите филмови на Душан Макавеев – Случајот на службеничката од ПТТ, Човекот не е птица, Невиност без заштита, Мистер Монтенегро... – заслужуваат место на листата на најдобри филмови, но ВР сигурно е најголем култ на ју-филмот – во светот затоа што го гледаа, во Југославија затоа што со години беше во бункер. Документарните снимки за животот на Вилхем Рајх и американската андерграунд сцена се преплетуваат со социјалистичката сексуална политика. Во играниот дел глумат Милена Дравиќ, Ивица Видовиќ, Зоран Радмиловиќ, Јагода Калопер...
Нејасно е дали Тито ја напуштил проекцијата по сцената во која со песната Компартијо злото моје, Милена вика: “Ебете се другари!”, или по онаа кога “Друг Љуба, воено лице, не ебел шест месеци...” полово општи со цимерката Јагода, со коментарот: “Каде народната војска ќе помине...!”
Покрај Емир Кустурица, Макавеев е нашиот најважен и интернационално најуспешен режисер.
ур.

С...........................................................................................................................................................................

САНИТЕКС
Се наоѓав некаде на “наше море” во некое одморалиште, ми се чини хотел. Имаше некаков телевизор и неколку луѓе околу него. Почнува реклама: Жена на фабричка лента, лепи некои кутии и пее: “Кукавица кука, мени је од тог мука. Ла-ла-ла...”. Човекот до неа цело време се нервира заради грозното пеење, но не знае што да прави. И тогаш добива идеја. Ја гледаме жената како си пее и наеднаш, оп! Селотејп преку уста. “САНИТЕКС лепи и немогуќе ствари.” Ова ме потсети на уште една комична сцена на еден понов телевизиски херој Саша Барон Коен, попознат како Да Али Г, во улога на репортер од Казахстан, Борат, кој оди во Америка да интервјуира учител по карате и го прашува дали постои некое специјално (карате) движење за да се замолчи жена. И додека ние со остатокот на светот му се смееме на смотаниот незнајко од Казахстан (каде ли е тоа?), повторно се навраќам на сцената со нашата (бивша) реклама и луѓето околу телевизорот во хотелот на “наше море”, кои се смеат и еден Германец меѓу нас, кој се смее со малку поинаква смеа. Кога сега ќе подразмислам, таа смеа ме потсетува на мојата во сцената со Борат од заебаниот “богу иза леѓа” Казахстан или како што би кажале “Америте” Казах-ебан-стан!
Бранко Прља

САРАЕВСКИ ѕид
Во една епизода од култните сараевски Надреалисти, две групи ѓубретари од Источно и Западно Сараево се тепаат и се обидуваат да си префрлат што е можно повеќе ѓубре едни на други. Епизодата е снимана пред почетокот на војната во Босна и не успеав да ја гледам во Сараево, каде што тогаш живеев, туку подоцна во Скопје. Но, се сеќавам дека неколку дена пред да заминам од таму засекогаш еден другар ми раскажуваше како ги видел надреалисти кај ѕидот од нашето школо (некогашно Силвије Страхимир Крањчевиќ, за тие што сакаат детали) како снимаат нешто. И замисли, го сопреле и му правеле муабет! А, тој се враќал од видеотека со некои мрсни филмови и го зафркавале за тоа. Но, тој не се срамеше, раскажувајќи го тоа, туку се фалеше, и не толку заради фактот што ги сретнал Надреалисти, туку затоа што го зафркавале! Но, јас не му поверував во приказната, зашто тој често знаеше да лаже. После тоа веќе не се видовме. Нема да се прашувам каде е тој сега, зашто ми е страв и да помислам на тоа. Да знаев тогаш што ќе се случи, никогаш не би го нарекол лажго, туку безусловно би верувал. Верувајте ми!
Бранко Прља

СЈАЈ
Легендарната бела кутија со жолт капак, препознатлив и од 100 метри (не фаќајте ме за збор, но тука е некаде). Одличен за миење садови, мијалници и сe друго поврзано со тие работи во кои како машко не се разбирам многу, но како полу-професионален мијач на садови секако се разбирам. Еднаш во странство работејќи ја таа престижна професија толку многу ми испопукаа рацете што навистина жалев по нашиот “сјај”. Потоа кај нас ми се укажа “шанса”, работејќи во џубокс (наградно прашање: вртиш, но не плочи?), да перам поголемо количество садови секојдневно со “сјај” и верувајте ми имаше разлика. Вие само повлечете линија меѓу двата настани и ќе добиете реклама во која “сјај” победува над странскиот детергент. Сјајно!
Бранко Прља

СК-ХЦ (SKOPJE-HARD CORE)
Кратенка позната на сите од Скопје што слушаа (или сe уште слушаат) панк или хард кор. Се состои од две вкрстени линии (како икс) и букви меѓу нив. Можеш да ја нацрташ за време колку што трае една ха-це песна. Брзо и моќно!
Бранко Прља

СТОЈАНОВСКИ, НЕНАД
Денес сум веќе сосема сигурен дека Ненад Стојановски својата прва театарска престава ја играше само за светците. Зашто, напросто знаеше оти во тој миг, пред безмалку триесет години, тие се единствените што можат да го разберат и да поверува во неговата искреност. А, пред таа благородана публика во црквата Света Софија во Охрид го читаше Ненад Евангелието по Итер Пејо - плачеше тажно и гневно, молеше, преколнуваше, врескаше, ја удираше главата од камениот под, ја проколнуваше Каинавелија, рикаше и ја кинеше облеката. Кога остана целосно гол легна врз земјата за да ја оплоди Македонија.
Простосмртниците останаа во шок, занемени, згрозени, навредени и револтирани поради, како што потоа со месеци се толкуваше, скрнавењето на најзначајното македонско културно и духовно светилиште. “Голтарите”, пак, вонинституционалниот театар во којашто членуваше Ненад, беа прогласени за примитивци, лудаци, наркомани, анархисти, провокатори, непријатели на системот, алтернативци (?!)... Но, независно од сe, во “скандалот” во Света Софија таа ноќ секој од присутните препозна еден од највозбудливите, најенергичните и најсуптилните актери што македонското глумиште ќе ги има следните дваесетина година.
Ненад Стојановски беше актер на Драмскиот театар во Скоје, чест гостин на МНТ, но и на Дубровничките и Сплитските летни игри; добитник на две Стериини награди, на наградата “11 Октомври” , на Театарскиот фестивал Војдан Чернодрински, толкувач на многу бележити филмски улоги и учесник во повеќе тв-драми и серии. Беше актер со став изграден врз театарските принципи на Брехт, Арто, Станиславски, Гротовски, бунтовник, интелектуалец, боем, пријател, козер и сосема едноставен другар од наше маало. Својот креативен потенцијал во театарското создавање на повеќе од триесетина ролји го преточи во ликовите на Виктор од Виктор или деца на власта, Михајлов во Лет во место, Матеј во Хај фај, Јаков во Дупло дно, Пиги во Среќна нова ‘49, Војдан во Тетовирани души, Дамјан во Кула Вавилонска, Сигизмундо во Животот е сон...
Да, животот е сон, миг, ни порача Калдерон де ла Барка, но дали е смртта навистина будење, почеток на изоден пат, како што нe уверуваше нашиот заеднички другар Мирче Доневски? Не знам! Но знам дека оној најврел јули ‘98 смртта на Ненад во миг го издигна Диво месо во болен, можеби и митски крик и на оваа генерација што сака, но не може да го исплука чемерот и бигорот што претходните генерации го голтале, молчејќи-толчејќи - ги своите.
“Имам проголтано влакно. Морам да го исплукам... Морам!” одѕвонува сe уште оваа негова реплика во драмата Диво месо од Горан Стефановски и боде во уморното срце на неговата замолчана генерација, која штотуку касна од социјалистичкиот колач и тамам го проголта неговото идеолошко влакно, веднаш мораше да се приспособи и да почне да живее за капиталистички идеали. И, нормално, да продолжи да голта нови горчливи искушенија... стари влакна... диви меса...
Горан го покажа Влакното, Ненад се обиде да го исплука. И не само со актерската магија. Со сета своја природа - еруптивна, дури и дива - напросто ги наведуваше сите околу себе да го исплукаат влакното на невеселото секојдневие што задушува, притиска... МОРАМЕ... за да не ни биде Летот во место, за да не ни биде напразно потрошен животот, сеедно колку проклето кусо трае. Затоа рикаше на сцената “Да му ебам мајката на турскиот цар...!”
Летот на Ненад Стојановски веќе не е во место: се одлепи од замолчаната земја на која некоја зла коб нe држи заковани, приземјени, потковани, притворни...
Летај и рикај, Архангеле Михаил, ја однесе сопствената душа кај ослободените, мој пријателе!
Милан Банов

СТРУМКА
Дел од големото семејство на безалкохолни пијалаци, засладени, полнети со јаглен двооксид. Овие пијалаци имаат најразлични имиња: сода вода, сода поп, тоник, газоза. Иако од милост ја викавме “мочка” овој сок во производство на Грозд Струмица одигра решавачка улога во освежувањето на нашето детство. Овој жолт, газиран пијалак, со вкус на крушка, поради евтината цена од пет динари за шише од 0,2 литри масовно го консумиравме ние, титовите пионери од југот на татковината. Се разбира дека “кока колата” беше повкусна, но беше и дупло до тродупло поскапа од “струмката”, така што единствено тетка ми ми го причинуваше ексклузивното задоволство шише “кока кола”. Башка, често се случуваше да се најде некоја железна петодинарка на улица, а тоа веќе значеше цело шише “струмка”.
Дека “струмката” беше посебен пијалак потврдува и неуспехот на истата фабрика да го лансира другиот газиран производ, “липо”, мешавина од лимон и портокал. Се разбира, кога баба ми ќе ми дадеше пензијарина (задолжителни сто динари од месечната пензија) се честев и “струмка” и “липо” и “кока кола”, со наполитанки “европа”, чоколадо “дадо” и пандишпан со желе “јафа”. Но “струмката” остануваше омилен пијалак. Со завист гледав една подалечна тетка која работеше во фабриката Грозд. Колку ли “струмки” таа пие, си мислев.а
Подоцна на пазарот се проби и прилепска газоза, пијалак кој можеше малку да u парира на “струмката”, иако традиционално “струмката” беше незаменлива. Но подоцна пред приватизацијата, струмичката фабрика за алкохолни и безалкохолни пијалоци падна во агонија, замре производството и дистрибуцијата, и тоа го искористи прилепската газоза да се наметне на пазарот. Во последните години “струмката” е повторно актуелна. Но во новите пластични шишиња од литар и половина “струмката” го нема истиот вкус. Посебно кога пијалакот ќе биде подолго изложен на сонце. “Струмката” добива посебна пластична арома.
Поради одличното планско стопанство на социјалистичкиот систем, локалниот терен монополски го држеа локалните фирми со своите брендови. До доцна во транзицијата не знаев дека она што на југоистокот значеше “струмка” тоа во Тиквешијата беше “тика”, газозата од крушка на Тиквеш Кавадарци. Се обидов отпосле да го утврдам вкусот на “тиката”, но моето срце беше непоколебливо, “струмката” е единствена.
Илјадниците “вилјамовки”, газози со вкус на крушка, што во транзицијата го преплавија пазарот не можеа ни оддалеку да ги задоволат високите стандарди на “струмката”. Сите тие маалски сокари го произведуваа познатиот асортиман, со вкус на лимон, портокал, грејфрут, крушка, карамела, но не создадоа нешто повеќе од јаглен диоксид и евтина арома. Но поради ниските цени осиромашеното население купуваше сe и сешто, по принципот што повеќе за помалку.
Диверсификацијата на асортиманот ја натера и приватизираната Грозд да понуди разни верзии на “струмка”, со шумско овошје, со јагода, но не беа ни далеку толку добри како “струмката”, која го имаше најдоброто - вкусот на детството.
Роберт Алаѓозовски

home