н:наградени раскази
јули/август:2007
Да потсетиме: се ближи и
конкурсот “Новите!” (на кој
минатата година победи еден од победниците на Електролит - Алекс
Букарски). Потсетуваме на ова - поттикнати од најновиве раскази - зашто
чувствуваме дека дел од Електролит-учесниците во своите раскази достигнале
сосема пристојно ниво на квалитет за да размислуваат за цела прозна книга
(може да биде и мала, стотина страници, да речеме; интересна форма се и
кратките романи, до 100-150 страници, кои наликуваат на новели).
Што се однесува до актуелниот конкурс, продолжува повеќемесечната
тенденција: средното ниво е релативно високо, нема толку дилетантски
раскази колку што имаше на почетоците на Електролит. Јазикот (за
љубење&глаголење:) исто така се подобрува кај повеќето елитраши, и драго
ни е што наоѓаат одглас нашите апели за подобар, попромислен (ем
поодговорен ем понеконвенционален) македонски.
Интересно е и стилското шаренило: има маниристи (оние што си играат со
јазикот), реалисти и “психолози”, надреалисти, лиричари, натрипани,
еуфорични, бавни, меланхолични, субверзивни, егзибиционисти,
провокативни... Многумина се сето тоа заедно:); некои поуспешно, некои
изгубени во јазичниот хаос...
Некои автори/авторки (на пример, Алена, Квин Адрина, Ши, Станоевска...)
веќе се “етаблираат” на конкурсов и од нив постојано очекуваме с$ подобри
раскази. Тие главно тоа и го прават, поставувајќи навистина високи
критериуми за сите други учесници на конкурсот. Некои од старите
“величини” (победниците од минатата година: Пчински, Букарски, Буши Мит,
Крстевски...) веќе не испраќаат нови раскази, оти можеби пронашле
поинтересни медиуми за сопствено искажување... Во секој случај, интересна
е таа динамика меѓу “старите” и “новите”, “етаблираните” (наградените, да
речеме) и оние што извисуваат или прв пат се појавуваат... Интересна, се
надеваме, не само за нас, кои ги оценуваме расказите, драги елитраши, туку
и за вас, кои едновремено сте и автори и читачи и просудувачи (ко
Касационен суд:) на нашите судови и проценки.
Од последниов конкурс, значи, издвоивме седум автори за во Маргина, и
уште неколку за пофалба.
...............................................................................................
Првото место овојпат & го доделуваме на
Жанета Станоевска,
која на последните два конкурси го освои второто место. Слушнете ја само
оваа трогателно поетична реченица од нејзиниот расказ, пример како со
релативно едноставни лирски средства се градат снажни психолошки врски
меѓу двата главни женски лика дадени во времето кога биле девојчиња: “Но,
ние најмногу време минувавме на тремот каде што ги дотерувавме куклите и
им подготвувавме јадења од цветни ливчиња кои ги сервиравме во празни
кутивчиња од боја за чевли.”
Расказот “Сладолед”
на Станоевска ги има истите доблести како и претходните нејзини раскази:
питкост, едноставност, прецизност, фино осенчани психолошки валери кои
ретко кога се самобендисани или арогантни (како кај многумина помлади
автори кај кои раскажувачкото прво лице често страда од тешко поднослива и
сосема некритичка нарцисоидност). Иако повремено благо морализаторска,
прозата на Станоевска има една силна особина: и покрај топлината и
емпатијата со која ги слика своите ликови, таа задржува и една важна
критичка линија спрема нив; зад наизглед мирните и носталгични тонови
често пробива тегобноста, па дури и растревоженоста, кои сепак се скротени
во тие фини мирни раскажувачки коритца во кои авторката ги смирува
потенцијално опасните води што се закануваат со прелевање.
(Воопштено зборувајќи, таа уметничка тактика не треба безрезервно да се
прифаќа: некогаш по нешто можеби и треба да се прелее, во име на
поавтентичните ликови и ситуации? Некогаш токму лудилото бара излез и
артикулација, зарем не? Но, сепак, повторуваме, во завршницата авторот
мора да има совршена контрола над целиот сопствен текстовен материјал!)
Второто место му го доделуваме на
Бромофон за двата мошне шармантни и
инвентивни “надреалистички” раскази: “Семе” и “Трка”. Двата се изразито
кратки, потсетуваат на извонредните минијатури на Мишо, Сандберг или Влада
Урошевиќ, и двата се ефектни и атрактивни, со добри поенти. Во првиот
луѓето сеат семе за да им пораснат автомобили, а во вториот се организира
“Куп на мртовците” во кој се натпреваруваат кочии со мртовечки ковчези. На
расказите може да се гледа и како на дискретна, едвај насетена општествена
критика (“Во мојот град...” - така почнуваат расказите на Бромофон), но и
не мора, се разбира! Расказите се доволно чисти и комплексни за да издржат
различни толкувања и читања.
Третото место оди кај еден од помладите автори,
Мелани Димитровска. Сите
три нејзини минијатури се одлични и ќе бидат објавени во Маргина, но сепак
благо би го издвоиле “Краток расказ”. Димитровска е извонредно талентиран
минијатурист! Со само пар лесни потези, како со чад, таа остварува толку
привлечно лелеави бајковидни форми што читателот останува подзинат.:)
Нејзината проза е нежна, никако не патетична, како шарена пајажина што ти
протанцувала за миг пред очи, пред ветрот или фантазијата да ја однесат на
сосема друго место, заедно со малиот (кафкијански) Јуска.:) Интересно е и
нејзиното користење на извици или ономатопии (“еееее”, “ааааа”), на
наивизми и синтаксички поедноставувања (“знае си тој, добар он, како е
ветер партал да го носи”); можеби сите тие финтички се ненамерни, токму
како што некои врвни наивистички уметнички дела можеби се ненамерни - но
тоа не ја намалува нивната вредност, се разбира. Обрнуваме внимание на
ваквите поинакви литературни изразни средства (како што ликовниот уметник,
на пример, може да користи крпчиња или објекти дури и кај своите
дводимензионални дела), зашто литературата мора да истражува, да
експериментира, да ги поместува сопствените граници... Во таа смисла,
можеби со почетничко испитување на медиумот во кој се движи, Димитровска
навистина прави мошне суптилни исчекори...
...............................................................................................
За Маргина го издвојуваме трилингот одлични и потврдени авторки, Ши,
Алена и Квин Адрина, овојпат останува еден милиметар (едно лелеаво
пајажинесто конче:) зад наградените.
Алена одново има
одличен расказ, “Дупката”,
но за нијанса не толку убедлив како минатиот, победнички. Алена е вешта и
снажна раскажувачка, но на моменти кај неа може да се осети “шмирање”,
одредена натегнатост и префорсираност. Тоа уште повеќе важи за
Ши, која
малку лунѕа со последниве раскази, брка снажни ефекти (“Кројачот на
судбината” е преекспресивен и недоработен расказ), но таа сепак е доволно
талентирана да влезе во “горниот дом” на елитрашите. Прозата на
Квин
Адрина, пак, е малку поинаква, таа не брка ефекти со пиротехнички
средства, туку, понекогаш морничаво снажно и немилосрдно, мава со копачот
(како во “Јас”) директ во внатрешноста на својот главен лик. Квин Адрина
има постојано високо раскажувачко ниво, сосема издвоена и впечатлива
авторефлексивност, но можеби & треба малку повеќе работа на драматургијата
на своите раскази? (Можеби да го прави истото што и Ши, која
експериментира и го менува стилот, не секогаш успешно, но храбро:)
Кон трите раскази на дамите, за во Маргина го придруживме и расказот
“Кохиба цигара и Хенеси коњак” на
Стојан Николиќ. Иако нагласено
херметичен, мистичен, токму алхемичарски (каква што му е симболиката),
расказот (кој всушност е песна во проза) се издвојува со чистотата и
прецизноста на речениците кои се изглачани до светкавост.
Како што напомнавме погоре, уште два раскази на
Мелани Димитровска
ќе бидат објавени во оваа Маргина: „e,
па Јуска“ и „!?“.
...............................................................................................
Пофалуваме уште неколку автори: пред с$,
А. Нонимус за
фуриозниот “дрогашки” драјв во "Viva
la revolucion" каде што има феноменално духовити и креативни политички
и сатирички парчиња (тој забревтан прозен спид е веројатно дел од некаков
роман; расказ не е); Далибор Илиев, зашто на сличен имагинативен начин е
заигран во технаџиската “Детска бајка”;
Др. Макс за добрата идеја во
“Дневник” (календарски, како низ сон, ликот си го гледа сопствениот живот
нанапред); Дозгулпмус,
Константин и
Милена Николовска за надреалната
“магритовско-хичкоковска” атмосфера на потрага и осаменост во расказите
“Птици”, “Недела со З.” и “Раце на мојот прозорец”;
Оливер Серафимовски за
одличниот и на моменти потресен реализам во “Жештина” кој сепак нема
вистинска завршница; Милко Бојковски за упорното (и, за жал, најчесто
недоволно убедливо) користење на поп и жанровски матрици собрани од сите
страни...
Жанровскиот дел од конкурсот, наш е впечаток, овојпат потфрли, но
причината за тоа е можеби во нашиот избор на жанрот...
Драги и почитувани елитраши - памет не само у глава, туку и во перо!
:::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::
Наградите се:
1.
место: 8
изданија на Темплум
(5 книги од прозната едиција Магма и 3 Маргини)
2. место:
5 изданија на Темплум
(3 книги од прозната едиција Магма и 2 Маргини)
3. место:
3 изданија на Темплум
(2 книги од прозната едиција Магма и 1 Маргинa)
Расказите објавени во Маргина ги хонорираме исто како за
Електролит: со Темплум-книги! На авторот на
секој од објавените раскази му следуваат по седум наслови: две Маргини во
кои расказот е објавен, две други Маргини (по избор) и три Магма-книги.
Тоа важи за сите во Маргина застапени автори, комплет со веќе наградените
(кои ќе добијат плус книги заради наградите).
Наградите можете да ги
подигнете во новите простории на
Темплум, ул. Антонио Грубишиќ, бр.6 (во близина на кафèто Деус).
Погледнете ги досега објавените
Маргини и прозни книги од
едицијата Магма.