НОВИТЕ:2007
конкурс
за најдобра дебитантска проза
Никола Гелевски
НЕ Е СЕЕДНО: СÈ ВО ЕДНО!
кон збирката прозни записи,
“Полигони”, од Галијана Маркова
Ангел. Чудак. Се движи низ светот и налетува на сцени обични, грди или
сурови. Секој пат тој со своето крилце допира некој од актерите и таа
сцена веднаш станува оригинална, убава и нежна.
Вака Мишел Турние ги почнува своите прекрасни “Мали прози”. “Полигоните”
на Галијана Маркова имаат слична поетичка стратегија: еднаш пуштена,
нестварната пеперуга (ангел-чудак:) ништо друго не прави туку го оживува
светот, повеќе со правот од своите волшебни крила отколку со допир.
Како клинци игравме слични игри: “замрзнување-одмрзнување” под допирот на
стапчето на кралицата... Детството е една од важните теми на Галијана, и
оттаму погоре посочената поетичка стратегија црпи дополнителна
аргументација. “Полигоните” (своевидно игралиште или вежбалиште) и
започнуваат со навраќања на детството, а таму и завршуваат; всушност,
“полигоните” не завршуваат зашто наликуваат на скапоцен камен, можеби на
бароко, на фигура сета составена од фасети, од мали лица, или од безброј
очи, така што приказните (записите, отпечатоците...) на Галијана постојат
некако истовремено и безвремено. Тие парченца текст на моменти можеби
наликуваат на холограми кои, секој поединечно, се обидуваат да бидат не
само мали затворени космоси за себе, туку во себе да ги проникнат и сите
други записи од кои е составена книгата. Едното се обидува да биде сè, што
во случајот на Галијана има интересни религиозни импликации, кои на еден
суптилен начин кореспондираат со естетско-научните.
(Можеби малку претерувам кога зборувам за прецизноста и “барокноста” на
изделканите парчиња текст, оти некои од нив, за волја на вистината, баш и
не се совршени. Книгата на Галијана - како, впрочем, и повеќето
дебитантски книги - има и свои поситни слабости, но ми се чини дека
авторката ги избегнала најголемите опасности: можните претерувања во “рефлексивното”,
во “метафизичкото” и “проповедничкото”. Тие аспекти на своите прози
Галијана фино ги балансира со игривост, хумор и автореференцијално
сомневање. Важно е да се истакне и отвореноста на авторката, нејзината
спремност да експериментира; интересно е како таа на моменти си дозволува
да биде одведена од своите асоцијации -можеби како Палешка, на некаков
лист на вода - во некои сосема нови и неочекувани предели...)
***
Ако го користиме поконвенционалниот јазик на книжевната критика, можеме да
речеме дека во случајот на посочената збирка прозни (плус неколку поетски,
а вкупно ги има 79 на број) записи на Галијана Маркова станува збор за
рефлексивна проза (не баш типична за македонската книжевност), или за
одреден тип на фрагментизирано раскажување, толку карактеристично за
постмодернистичките стратегии. Но, “рефлексивноста” на Маркова не е
некакво исклучиво филозофско, интелектуално, “суво” промислување на (мета)физичката
(не)стварност околу нас, туку таа рефлексивност е длабоко проникната ем во
поетското ем во драмското чувствување на светот. На пример, некои записи
се токму мали драмски игри, некои се епистоларни обраќања, некои се куси
песни... И притоа сите се завршени, затворени во себе како школки, и
оттаму е само привиден впечатокот дека поетскиот свет на Маркова е разбиен
во парампарче.
Напротив! Нејзиниот свет има свои цврсти сидришта (“ленгери”, како што
вели таа на едно место), но и тие релативно цврсти и затворени батискафи
кои шњураат по дното (по песокот на нашите полигони), имаат свои точки на
распрскување и свои граници до каде можат да одат во длабочината.
Испитувањето на отпорноста на тие батискафи е една од неколкуте книжевни
стратегии на Маркова.
Сево ова го велам зошто е јасно дека, во случајот на Галијана Маркова,
станува збор за мошне артикулиран и комплексен автор кој владее со
различни книжевни регистри. Маркова не е случаен автор паднат во “поетска
екстаза” или “допрен од бога”. Маркова повеќе наликува на нуркач по бисери
(во оние ситуации кога ги отфрла батискафите и скафандерите), на некој што
напорно работи за можеби да добие само шака кал... Со тоа Маркова можеби
ја потврдува насетената (но кај нас никогаш доволно прифатената!) вистина
дека само оној писател што е спремен на ризичното лишување од воздух -
може да замине подалеку и подлабоко.
Идејата за Бог можеби е главниот ленгер на Галијана. Но, за среќа, тој Бог
не е оној на догмата и на неподвижниот свет, туку можеби е некаков
холистички господ кој опстојува во различните димензии и кој низ јазикот
може да се изразува и преку конјуктиви: можеби нашиот свет е најдобриот од
сите можни светови, но зарем некој друг не би можел да биде исто толку
убав? Или сосема поинаков од нашиот? Како што велат современите физичари:
можеби нашиот свет е само едно дупче меѓу безбројните дупчиња на
космосот-портокал?! Тоа чувство за релативноста дури и на најдлабоко
вкопаните “сидра” ја обојува целокупната проза на Галијана, но воедно и &
ја дава посакуваната длабочина, & ја дава можноста да сврдла по дното како
сонда! Што добрата литература, се разбира, и треба да го прави, бегајќи
што подалеку од фразите, клишеата, општите места, празниот говор, од сето
она што секојдневно нè задушува и умртвува.
***
Лошиот вкус во литературата е како леб врз кој е истурен парфем, има
речено Роберт Музил. Неговиот славен Улрих, “човекот без особини”, на
трагата на Ниче на едно место вели дека не ги сака луѓето коишто не можат
“заради вистината да гладуваат во душата”, оние што се вртат назад,
обесхрабрените, слабите, мекотелите, “оние кои душата ја тешат со дрдорења
за душата, оние кои веруваат дека разумот нуди камења наместо леб и
својата душа ја хранат со филозофски, религиозни и поетски чувства, кои се
како земички натопени во млеко”.
Таа најголема опасност за сопствениот поетички концепт (во кој се
преплетуваат, повторувам, поетското, рефлексивното, религиозното и
метафизичкото), “да се теши душата со дрдорења за душата”, ми се чини дека
Галијана Маркова успева да ја избегне, пред сè со помош на играта, на
хуморот, на навраќањата кон детството, на сомнежот, на обидите на
беспоштедно себеразголување...
Низ своите многубројни сомнежи расфрлани меѓу “полигоните” како зајчешки
дупки, Галијана всушност како да ги потврдува другите мошне далекусежни
согледби на Улрих, особено оние кои имаат врска со љубовта: “големиот
живот во љубовта всушност нема ништо заедничко со поседувањето и со
желбата 'биди мој, биди моја', што потекнува од сферата на штедењето,
присвојувањето и прождрливоста”... На едно друго место Музиловиот Улрих
вели дека “суровоста и љубовта не се пооддалечени една од друга повеќе од
што едното крило на некоја голема шарена птица е оддалечено од другото”.
***
Личноста која стои зад Галијана Маркова е монахиња. Чувствувам потреба тоа
да го соопштам зашто мислам дека и литературата е своевидно монаштво или
барем обид за себезатворање, а со цел да се откријат некои сосема други
светови, во себе и отаде себе.
Знам неколку мошне слоевити и талентирани луѓе (Галијана е еден од тие
луѓе) чијашто чудна и снажна дарба просто како да нема свој фокус, свое
исполнување... Од друга страна, можеби токму уметноста е оној “полигон”
кој многу подлабоко ги засечува границите меѓу “играта” и “стварноста”?
Оти уметникот, можеби уште посилно од монахот, чувствува дека човекот
најпрвин треба да биде попречен во своите можности, стремежи, желби, за
дури тогаш да може да добие поинаква вредност (зрелост и трајност) она што
тој е кадарен да го создаде. Зборувам, се разбира, само за посебно
надарените уметници, подготвени на големи ризици и големи откажувања...
А ги правам неблагодарниве споредби зашто мислам дека во измислената
Галијана на многу продуктивен начин се споени уметницата и монахињата,
оние кои се лишуваат од еден свет во обид да истражат некој друг, можеби
поинаков...
Да заклучиме, значи: и покрај тоа што Галијана Маркова е измислена личност,
нејзините записи (отпечатоци, /в/резови, цртки...) - не се измислени.
Всушност, толку прецизно се замислени и осмислени што, во целата нивна
божемска измисленост, како да добиваат свој посебен живот. Како што и
самата Галијана постои исклучиво низ сопствените записи. Та така нејзината
тетовирана кожа ја изнесуваме на пазар со намера да се вмрежат врежувањата...
Рецензии на другите текстови
<<
назад