НОВИТЕ:2007
конкурс
за најдобра дебитантска проза
: СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТА ПО ПОВОД ДОДЕЛУВАЊЕТО НА КНИЖЕВНАТА НАГРАДА
НОВИТЕ! :
На конкурсот за најдобар дебитантски ракопис на книго-издателството
Темплум годинава добивме 14 прозни дебитантски ракописи. Меѓу нив, во
вториот круг ги избравме петте најдобри: Душко Гошевски - Писателот Варски
и други раскази; Жанета Станоевска - Сладолед; Галијана Маркова - Полигони;
Фил Торта - Светлите души на мојот Истанбул; Дозгулпмус Доз - Раскази.
Од тие пет ракописи како најдобро дебитантско прозно остварување во
2007 го издвоивме ракописот Полигони на Галијана Маркова.
ИЗВАДОЦИ ОД ОБРАЗЛОЖЕНИЕТО ЗА НАГРАДАТА
Полигони (како некакви мали вежбалишта) е наслов на збирката прозни (плус
неколку поетски, а вкупно ги има 79 на број) записи на Галијана Маркова.
Станува збор за рефлексивна проза (не баш типична за македонската
книжевност), или за одреден тип на фрагментизирано раскажување, толку
карактеристично за постмодернистичките стратегии. Но, “рефлексивноста” на
Маркова не е некакво исклучиво филозофско, интелектуално, “суво”
промислување на (мета)физичката (не)стварност околу нас, туку таа
рефлексивност е длабоко проникната ем во поетското ем во драмското
чувствување на светот. На пример, некои записи се токму мали драмски игри,
некои се епистоларни обраќања, некои се куси песни... И притоа сите се
завршени, затворени во себе како школки, и оттаму е само привиден
впечатокот дека поетскиот свет на Маркова е разбиен во парампарче.
Напротив! Нејзиниот свет има свои цврсти сидришта (“ленгери”, како што
вели таа на едно место), но и тие релативно цврсти и затворени батискафи
кои шњураат по дното (по песокот на нашите полигони), имаат свои точки на
распрскување и свои граници до каде можат да одат во длабочината.
Испитувањето на отпорноста на тие батискафи е една од неколкуте книжевни
стратегии на Маркова.
Сево ова го велиме зошто е јасно дека, во случајот на Галијана Маркова,
станува збор за мошне артикулиран и комплексен автор кој владее со
различни книжевни регистри. Маркова не е случаен автор паднат во “поетска
екстаза” или “допрен од бога”. Таа повеќе наликува на нуркач по бисери (во
оние ситуации кога ги отфрла батискафите и скафандерите), на некој што
напорно работи за можеби да добие само шака кал... Со тоа Маркова можеби
ја потврдува насетената (но кај нас никогаш доволно прифатената!) вистина
дека само оној писател што е спремен на ризичното лишување од воздух -
може да замине подалеку и подлабоко.
Личноста која стои зад Галијана Маркова е монахиња. Чувствуваме потреба
тоа да го соопштиме зашто мислиме дека и литературата е своевидно монаштво
или барем обид за себезатворање, а со цел да се откријат некои сосема
други светови, во себе и отаде себе.
Затоа што можеби токму уметноста е оној “полигон” кој многу подлабоко ги
засечува границите меѓу “играта” и “стварноста”? Оти уметникот, можеби
уште посилно од монахот, чувствува дека човекот најпрвин треба да биде
попречен во своите можности, стремежи, желби, за дури тогаш да може да
добие поинаква вредност (зрелост и трајност) она што тој е кадарен да го
создаде.
Ги правиме неблагодарниве споредби зашто мислиме дека во измислената
Галијана на многу продуктивен начин се споени уметницата и монахињата,
оние кои се лишуваат од еден свет во обид да истражат некој друг, можеби
поинаков...
Да заклучиме, значи: и покрај тоа што Галијана Маркова е измислена личност,
нејзините записи (отпечатоци, /в/резови, цртки...) - не се измислени.
Всушност, толку прецизно се замислени и осмислени што, во целата нивна
божемска измисленост, како да добиваат свој посебен живот. Како што и
самата Галијана постои исклучиво низ сопствените записи.
Жири:
Никола Гелевски
Владимир Јанковски
Роберт Алаѓозовски
Искра Гешоска
Бранко Прља
Постојан поддржувач на наградата Новите! е
Комерцијална банка АД, Скопје
Рецензија на Полигони од Галијана Маркова
Рецензии на другите текстови
<<
назад