|
|
| Едно
од ретките излегувања надвор на
македонскиот стрип, не само во
последниве години туку воопшто, е
овогодишното учество на десетмината
македонски стрип автори на
најголемиот и најпрочуениот светски
стрип фестивал во Ангулем, Франција.
На изложбата "1,59" (времетраење на
летот Париз-Скопје, според
организаторите), меѓу делата на уште
четириесетина автори од ex-yu, се појавија
делата на: Александар Станковски,
Синиша
Цветковски, Игор Тошевски,
Кирчо
Арсовски, Иванка Апостолова,
Ристе
Секулоски, Горан(д) Дачев,
Љубо Стефанов
и Љупчо Јованов. За жал, во Ангулем во
целиот свој физички обем не отпатува
никој од авторите, ниту селекторот (Никола
Гелевски).
Од тие причини (немање физички сведок на
изложбата) во продолжение ви
пренесуваме фрагменти од текстот на
Хрватот Cecile Quintal, кој баш и не го штеди
организаторот на изложбата, Енки Билал,
и заклучува дека изложбата била
неуспешна, не поради (не)квалитетот на
изложените табли туку поради
катастрофалниот однос на организаторот. |
Источното прашање на Ангулемскиот
фестивал
Доколку, како
што правев и јас, сте ги читале
извештаите на нашите патници на
стрипот, коишто објавуваа во оние со
стрип богати времиња кога Стрипотека
излегуваше неделно, сте пораснале со
сликата на Ангулем како земски рај,
среќна земја каде што стрипот владее
и сите танцуваат во ритмот на
детските соништа. Сега, кој ќе стигне
во Ангулем со намера да го види тоа,
нема да биде премногу разочаран. За
нашите сиромашки услови веќе да се
чекори низ градот звучи како бајка,
каде што секој излог е накитен со
стрип ликови, каде што учителките на
изложба водат цели одделенија и каде
што од зградата на општината висат
огромни знамиња со ликовите од
стриповите на претходниот добитник
на фестивалското Гран При. Да се
влезе во големите шатори каде што
илјадници посетители се буткаат меѓу
со стрипови претрупаните маси, каде
што во ред се чека за исцртана
посвета во албумот, да се оди од
изложба на изложба (овогодишната на
Мебиус, факт, е совршена), во живо да
се видат оригиналите, можеби да се
сретне омилениот автор... сето тоа од
година на година привлекува стотици
илјади фанови на покус или подолг пат
до фестивалот.
Зад кулисите, Ангулем, како и секој
фестивал, е чист бизнис. На
издавачите тоа им е реклама, на
градот приход, на авторите можност да
се мрднат од проклетата маса за
цртање, да трачаат и можеби да се
изгребат за некаков вносен дил. Зад
кулисите, се пие и се јаде што ќе се
стигне (дотолку повеќе доколку плаќа
некој друг) и се настојува што
поголемо парче од колачот да се
префрли во својата чинија. Зад
кулисите...
Но, да се обидеме вака:
Овогодишниот Ангулем нам посебно ни
беше интересен затоа што педесетина
автори од сите делови на бившата Југа
беа собрани на колективната изложба
под покровителство на Енки Билал, во
за мене прекрасниот простор на
Музејот за хартија.
(...) Енки е дете од мешан
босанско-чешки брак, пораснато во
Белград, а во Париз населено одамна,
од својата девета година. Најнапред
работел научнофантастични дела,
коишто беа популарни во
седумдесеттите, а потоа, малку сам
малку со помош на сценаристот Пјер
Кристин, Билал откри дека му лежат
источноевропските теми, егзотиката
на комунизмот, сликите на распукнат
малтер и петна од влага, тешките
зимски капути и збрчканите, во камен
издлабени лица. А тие работи им
легнаа и на Французите коишто сакаат
актуелност. На Енки цифрите на
продадените албуми одамна му
објаснија дека на луѓето баш и не им е
важно неговото мислење, освен кога
зборува за Источна Европа. Од една
страна затоа малку го сожалувам - ете
го, јадникот, во фиоката на своето
потекло - но воопшто не можам да го
жалам кога ќе се сетам дека својот
последен албум го продаде во над 900.000
примероци. Во согласност со својот
имиџ на просветен источноевропеец и,
да го цитираме Александар Николиќ,
"голем помирител", Билал
набрзинка (можно е тоа кога си
медиумска ѕвезда) организира
гостувачки нации на Ангулем 2000 да
бидат раздружените и повторно
насобрани Балканци.
Подобро ќе беше изложбата да
ја немаше отколку што беше таква
каква што беше: купишта едвај
обележани табли закачени по ѕидовите
без ред и систем и без ветениот
каталог којшто работите можеше -
барем со текстови - да ги стави во
некаква перспектива. Некој неупатен
тешко можеше да заклучи било што за
трендовите, националните школи или
дури и за моментот (српската секција,
да речеме, повеќе беше свртена кон
минатото отколку кон ситуацијата), а
и оној кој ќе се потрудеше меѓу купот
измешани табли да пронајде смисла, и
понатаму не можеше да стекне
вистински впечаток за автохтониот
стрип од овие краишта.
(...) Тезата што требаше да се потврди,
овојпат за тоа дека мирот завладеал
со Дивиот исток и дека веќе нема да се
тепаме, доминираше со тажната
тркалезна маса на којашто некои од
авторите-учесници беа изведени како
лоши ученици пред табла, за класот да
ги гледа и да им се смее. Прашањата од
публиката беа, верувам, добронамерни,
но толку полни со неразбирање на што
било вон сопствената рутина што на
човек му доаѓа, во еден многу мрачен
момент, ним да им посака една нивна
малецка војна, за да сфатат и да не
тропаат глупости.
(...) -Не можеш толку поедноставено да
гледаш. Ништо не се случува само од
себе. Не сме деца! - Ми објасни
подселекторот на ангулемската
изложба кога одбив да се смешкам и
кога му реков за слабостите на
изложбата.
Веројатно и не сме деца, веројатно
светот функционира онака како што
подселекторот го гледа, но јас во
животот прочитав малку одвеќе
стрипови за да не се обидам да се
однесувам онака како што тие ме
научија, за да не се побунам,
тврдоглаво и како дете, за да не
истрајам на црно-белата и јасна
слика, онаква каква што ми личи кога
ќе се затворам во своето среќно
меурче. |

|