СТРИП МАГАЗИН

 

 

 

 

 

 


Џудит О’Саливен
Џорџ Хериман и неговата црна мачка

   Постои зачудувачка сличност меѓу, според многумина, двајцата најголеми мајстори на стрипот во дваесетиот век: Џорџ Хериман и Винзор Меккеј; обајцата имале скромна формална едукација, и на обајцата амфитеатар им била улицата; потоа, и двајцата имале слични кариери, од весниците преку театарот до филмот; и двајцата созреваат во големиот метеж на неверојатната експанзија на новинарството; и двајцата имаат афинитет кон посиромашните а главна мета на нивните напади се снобовите, малограѓанштината и лажниот морал; и Хериман и Меккеј обработувале слични специфични социјални проблеми - демократија, право на глас на жените итн.; на крајот, и двајцата, на некој начин, ги антиципираат главните уметнички текови на времето во кое живееле, дадаизмот и надреализмот.
   Хериман, на пример, многу порано од С. Дали, за свој мизансцен го користи празниот простор, постојано менливото небо и "камелеонскиот" однос меѓу фигурите и просторот. Исто така е интересна и Херимановата употреба на јазикот; таа чудна мешавина на црнечки англиски со примеси на шпански инспирираше неколку генерации поети.
   Хериман е роден во 1880-та во Њу Орлеанс. Во матичната книга на родените му пишува дека бил "обоен" а за неговите родители се вели дека биле "мулати". Таа двојност се преплетува во целото дело на Хериман, а пример е еден од неговите први стрипови Musical Mouse, кадешто се прикажани чудните обиди на еден афро-американец да "мине" како белец, но редовно останува "демаскиран".
   Сепак, далеку најважниот симбол на Херимановиот комплексен личен и културен идентитет е ликот на Krazy Kat - црната мачка со амбивалентен сексуален идентитет, лик создаден 1913-та година на страниците на New York Evening Journal, кој му припаѓал на новинарскиот магнат Вилијам Рандолф Хертс. Krazy Kat е ремек дело на Херимановата веќе артистичка зрелост; овој стрип излегуваше 21 година и негов обожавател, меѓу другите, беше и славниот Пикасо. Krazy Kat го претвораа во цртани филмови, во балети, дури излегуваа и романи за него!
    Централни теми во Krazy Kat се идентитетот, природата на личните односи и испитување на структурата на општеството. Сето тоа во форма на "басна" (животни како ликови) сместена среде пустински пејсаж и оживеано со Херимановиот цртачки и поетски гениј. Во самиот стрип се појавуваат многу ликови со многу необични имиња и форми; еве некои позначајни од раскошната галерија на Хериман: Gooseberry Sprig, Duck Duke; Joe Bark, Moon Hater и Bone Mangler, и B. Boswell Barque; Bum Bill Bee; Kolin Kelly, дилерот со цигли; Joe Stork, компликатор и компромисер, принц и пролетер; Walter Cephus Austridge, Kalaharan Dickey-Bird; Officer B. Pupp, симбол на Редот и Законот; Don Kiyoti, естетот, Castillian Nobleman sо мошне "сапунската" природа, и чудната потсвест; потоа Sancho Pansy; Mock Duck; потоа Sefiora Anita Gata Blanea, Сиротата Widda; Barney Borracho, заштитник на Paloma Blanca Pulqueria; J. Turtill и Terry Turtle, Diamond Broker; Kristopher Katapillar, Црвот; Judge Jacques Rabbit; Mr. Damon Duvv...
   Сите овие ликови се совршено укомпонирани во едновремено филигрантскиот и безграничен свет на Хериман, кадешто секое појавување го поседува оној фин спој меѓу "интерното" лично и "глобалното" драматуршко, спој така карактеристичен за нашиот секојдневен, "обичен" свет, лишен од некакви "подлабоки" нурнувања.
   Двата главни лика во Krazy Kat se: Krazy Kat и неговата љубов Ignatz Mouse. Опсесијата на Krazy Kat со Ignatz Mouse е атавистичка и архетипска, преминувајќи ги бариерите на класа, пол и род. Во некои епизоди на Krazy Kat Хериман, во објаснувањето на длабокиот и противречен однос меѓу неговите два главни лика, користи дури и некои древни историски матрици (Египет и Клеопатра, на пример, во епизодата од 4 мај 1919-та). За комплексноста на односот меѓу двата главни лика допринесува и фактот што Ignatz Mouse е женет, а во борбата за привлекување на внимание голема улога игра и полицаецот Offissa Pupp. Ignatz Mouse и Offissa Pupp се тотални спротивности; Ignatz Mouse е енергичен, егоцентричен и циничен, а Offissa Pupp е непоколеблив бранител на затекнатата состојба и потполно без фантазија. Krazy Kat е опседнат со Ignatz Mouse, а неодреден кон Offissa Pupp. Игнац и Кет се исто така спротивни; Кет е оптимистичен а Игнац ироничен, Кет великодушен а Игнац експлоататор, Кет е црн а Игнац бел.
   За својот главен јунак, Krazy Kat, Хериман тврди дека е андрогин, и тоа е првиот стрип-јунак со такви својства. Втората трага која треба да се следи при откривањето на идентитетот на Krazy Kat е неговиот особен дијалект. Тој е единствениот што не зборува стандарден англиски, додека Ignatz Mouse и Offissa Pupp зборуваат на "елитен" англиски (велат дека во овој поглед Krazy Kat е слика и прилика на самиот Хериман кој користел сопствени зборови и необични скратувања во секојдневниот говор). Подоцна, по 1936-та, Хериман ќе го напушти тоа "јазично карактеризирање" на Krazy Kat, но неговиот врв сепак се лоцира меѓу 1913-та и 1925-та, кога владеат неговата јазична каприциозност, калиграфските потези со пенкало и ниските пустински хоризонти.
   Зборувајќи за уметничкиот, филозофски и поетски развој на Хериман пак мораме да се навратиме на околностите во кои тој бил роден; Њу Орлеанс од тоа време бил прилично непријатно место за индивидуалци со "мешано" потекло, иако тенденција на "мешаните" сепак била да се идентификуваат со доминантната култура. Сличен бил случајот и со родителите на Хериман, така што тоа е една од причините што Хериман многу доцна поексплицитно почнува да ги внесува афро-американските елементи во својата работа. Втората причина е неговата преселба, со семејството, во Лос Ангелес, кадешто тнр. "еднаква шанса" се добивала само доколку радикално решите: бел или "мешан". Освен тоа, црните цртачи сè до 1965-та немаа пристап во тнр. главни списанија, иако постоела одредена традиција во тнр. "црн" печат. И големо прашање е дали Хериман воопшто би објавувал во главните весници доколку знаеја за неговото "мешано" потекло (Хериман и самиот го криел тој факт, само на најблиските им признавал дека има "понешто креолска и малку црнечка крв"; тој одел дотаму што својата кадрава коса постојано ја криел во капа и дури и се сликал со капи на главата!). Сепак, во своите стрипови тој секогаш бескомпромисно бил на страната на угнетените, сиромашните и слабите.
   Како и многу други американски уметници, Хериман е "човек од народот". Неговото потекло и неговата уметност рефлектираат толку многу култури и содржини претопени во една. Krazy Kat, и покрај тоа што упорно и непрекинато, на крајот на секоја епизода добива цигла во глава од Ignatz Mouse, секогаш вели дека е среќен, и тоа е автентичен оптимизам на една млада нација за која сите порази се привремени и сите грешки поправливи. Krazy Kat е една алегорија за асимилација во смисла на потребата од прифаќање и љубов, и која оди дотаму што себичноста и бруталноста на Ignatz Mouse ги интерпретира како љубов. На тој начин Krazy Kat ги транцендира проблемите и, во крајна линија, триумфира.


превод и адаптација:
Анета Лешниковска и П. Вулкански