СТРИП МАГАЗИН

 

 

 

 

 

 


Michael Dooley
COOKING RAW
Погледнете некои автори што
објавуваат во RAW

RAW е толку славно списание што дури и во нашава Бестрагија има пар луѓе што слушнале за него. Овојпат, наместо некакво антологиско претставување на RAW (за што, искрено, не сме способни!) ви донесуваме една, така, не баш сјајна критика за еден од последните броеви на RAW што се појави пред неколку години. Целта на овој приказ е двојна: елементарен вовед (не апологетски туку критички!) во една фамозна стрип-публикација и, два, поучно е да се види еден ваков, без многу скрупули, рецензетски јазик (патем, ужасно тежок за прецедување!).
_______________________________
RAW (според речникот) значи: пресно, сирово, сирова граѓа, рани од триење, студен (и мокар), гол ...

Read Yourself - RAW

Poglednete nekoi avtori sto objavuvaat vo RAW

   Ајде да си играме касапски критичар на стрипови и да го искасапиме "новиот" RAW часопис. Иако добивал високи пофалби последниве десет години, сега тој почнува да добива пофалби и надвор од светот на стриповите.
   Прво да го обвиниме некогашниот самостоен RAW што станал институција, а и за тоа што веќе не е "спонтан". Наместо и понатаму да излегува според внатрешните импулси на Арти Спигелман и според обезбеденоста со вредни материјали, сега нов том на RAW ќе се подготвува за испорака секои 9 месеци; освен тоа, на последната страница сега претенциозно пишува "литература - цртан стрип".
   За жалење е и загубениот луксузен формат, модулиран според WET и некои други авангардни часописи од доцните седумдесетти години. RAW очигледно е смален во Маус големина, за да го собере на полиците во разни книжарници. Исто така ќе мора да тагуваме по гневните и абразивни насловни илустрации, какви што ги правеа Кац, Марк Бејер и Чарлс Брнс. Во последниов број, на насловната страница е вметната измислена карикатура од Гари Пантер, која претставува мешавина од пет познати стрип јунаци. Иако доста груб, Пантер станува "поетаблиран" откако ја доби Еми-наградата за дизајн на телевизиската серија Pee Wee's playhouse.

    Содржината на овој број, насловена како "Отворени рани како последица на острината на стриповите" е колекција на вообичаените RAW-автори, но овојпат тие се малку уморни.
   Треба да се истакне и тоа дека во RAW, откако станал "литература", веќе не смееме да очекуваме вметнати изненадувања, какви што беа на пример дисковите и скршената мастика за џвакање, како порано. Тоа е како нашата омилена кафеана, по некоја случајност се "пробила" и влегла во некој кафеански водич, претрпувајќи измени за да задоволи повеќе муштерии. Во менито се вклучени стари јадења, но се пробуваат и нови рецепти, приготвени со љубов.
   Да бидеме сериозни, сепак; ако сакале да станат толку комерцијални не би вклучиле приказни за "целта на јазикот" и за "пореметеноста при исхраната во централна Франција". Всушност, повеќе од приказните ја вклучуваат пореметеноста во јадењето во разни облици, вклучувајќи ја и задната корица.Satin Grin
   Можеби RAW ризикува да стане омилен кај јапи генерацијата, но не од причина за да им го задоволи огромното ЕГО.
   На внатрешниот дел од корицата е вметната и сликата наречена "Своеглава потрага по повеќе" на Џорџина Дин, која се наоѓа спроти огласите на производи од RAW асортиманот. Сликата личи на омот од лонг-плеј плоча, на која е прикажана материјална девојка од пеколот, со својот "надуен" јагуар, тореадорските панталони од тигрова кожа, со "шпицести" гради, фризура а ла Петре Клукајдрвчето и незаситен поглед во очите, поради фактот што девојката сака да поседува сé. Овој цртеж навистина зрачи со дивјачки електрицитет.
   Како дополнителна потврда за ова е илустрацијата на Чарлс Брнс, на која е прикажан човек како сонува, а од дупката во неговата глава излегува шаренило од храна, животни, човечки органи и друго. Човекот што сонува веројатно е метафора за читателот.
Главнината на овој број е Спигелмановиот стрип во продолженија наречен "Времето лета". За разлика од неговата книга "Маус", овде нацртаните личности не се претставени како животни, туку како луѓе кои носат животински маски. Со 34 страници, "Времето лета" е најдолго дело во овој број. Неговата верзија за пореметеност во исхраната всушност е колаж од рециклирани кесички за чај и неадекватни сендвичи, меѓу кои се вметнати самиот Спигелман, неговата сопруга Франсоаз и неговиот татко Владек.
   Како "споредни" приказни, прво да ги споменеме приказните сместени во провинцијална Америка. Три од нив се сместени во пеесеттите години, во средната класа, каде што е присутен комунизмот.
   Единствената приказна со текст е "Со Маргарет Нили како Пег", напишана од Том Дихејвен. Нараторот Пег, домаќинка, се справува со домашните работи или со тоа дали соседите забележале дека нејзиниот сопруг одржува комунистички состаноци во гаражата. Исто така, Том Дихејвен прикажува како провинцијалната пореметеност во јадењето ја победува политичката идеологија. "Чистокрвните" Американци и "Црвените" заедно на забава уживаат јадејќи домашна мешавина од путер, сол, лешници, житарици и Ворчестер-шаерски сос. Прекрасната конструкција на почетната страница од овој текст е дело на Франсоаз Моули. Приказната е долга 10 страници, кои се обоени во розево; проткаени се ситни задоволства од пеесеттите години - филмски постери од хорор филмови, насловни страници од евтини часописи, сликички од мастики за џвакање и друго.
   Уште една приказна од тоа време е "Карла во Комиленд". Хероината на оваа приказна седи дома и гледа телевизија. Гледа цртани филмови измешани со крими приказни од дваесеттите и триесеттите години. Карла после ова доживува медиски ноќни мори.Charls Brns
   Во третата приказна лоцирана во овој период, ксенофобијата повторно се јавува меѓу луѓето. Авторот, Чарлс Брнс, со "Тинејџерска чума" ни прикажува младич кој е убеден дека чудни суштества, кои сакаат светска доминација, вбризгуваат чудни супстанции во луѓето, претворајќи ги во зомбии. Но, пубертетот, а не политиката е виновна за разнишаниот младич. Виновник за ваквите идеи кај младичот е списанието "Монструмски приказни", со сениште на насловната страница, чија пореметеност во исхраната се состои во тоа што тоа јаде човечки органи.
   Иако "Тинејџерска чума" првпат излегуваше во продолженија во некои неделни весници, оваа верзија нé пренесува преку 21 страница многу лесно, со интересниот заплет и одлично предадените изопачености од нашата ралност.
   Психозата достигнува точка на кулминација со "Стаклениот крадец" на Марк Бејер, познатиот диригент на мрачни песни и погребални мелодии. Повторно главни личности се Ејми и Џордан, кои будејќи се едно сабајле ги наоѓаат своите куќни галеничиња мртви. Истите се убиени од зелен човек, облечен како кловн, кој вели: "Јас сум ништо!" Се заканува дека ќе ги убие за веднаш потоа и самиот да умре. Повторно ни се понудени истите песни за отуѓувањето, напуштеноста и очајот. Кристин Критре, со ист број страници ни дава уште една приказна, како светот губи контрола над себеси и тоа безглаво, насловена како "Општествена пеперутка".
  Паскал Дуровиот придонес за овој број е наречен "Пол", приказна која ги надминува мрачните егзистенцијални приказни на Бејер и Критре. Неговите личности се нацртани со студен металик сјај, но се најживи во целата книга. Младиот Пол е вчудоневиден од хаосот и масакрите што се одвиваат околу него. Неговата мајка му дава да јаде благи работи, а самата посакува Пол да јаде повеќе месо и вели: "Пол мора да јаде, инаку ќе биде изеден". Тоа е пореметеноста во јадењето на Пол, но тој има и друг проблем: не може да си го чува пенисот во гаќи. За разлика од поранешните броеви, каде што, за да ги довршиме "интимните" делови во стриповите моравме да испратиме писмо до редакцијата за тие да ни објаснат што се случило, овојпат на Дури му е дозволено целосно да ги прикаже гениталиите. "Парталеста приказна за мравки" е уште една досадна приказна за минијатурноста на животот. Провинцијален сликар, чија сопруга е лута поради неговата пореметеност во исхраната, премногу шеќер и житарици, а тој потполно се вовлекува во еден ентомолошки проект. И така, кога приказната не е досадна, станува неподнослива. После шест долги страници, приказната завршува со надуена алегорија. Таа е пример на одвратно самопопуштање.
   Уште една приказна за провинцијата претставува Бејзил Вулвертоновата "Уплав од ноќна мора". Тоа се шест страници на прекрасно бизарно, без пардон визуелно и вербално лудило. Кацовата "Кинотека на Мисто Пуп Дек" изгледа статична како слика. Треба да се споменат хаотичните слики на екранот, направени од публиката, која употребува прожектор, наместо да јаде пуканки. Фановите на поранешните дела на Кац, отпочеток можеби нема да го препознаат ова дело. Неговите рамни, детски, фигури и порозни бои се приближни на Бејеровиот стил. "Мртвиот детектив" ни дава уште една реконструкција на стрип. "Детективот" е композиција на зборови и ликови во расчленети фрагменти. Прекршената приказна започнува со пожар, запален можеби пред пола век, кој е надвор од контрола и предизвикува хаос во читањето. Уште една варијација на темата сексуална фрустрација е интимната приказна наречена "Диво срце" на илустраторот Дејвид Холцман.Sel/Kamagurka Една жена му нуди на својот љубовник јадење и пиење, а се нуди и себеси, но наидува на рамнодушност. Илустраторот Дејвид Холцман чувствително ја извлекува на виделина нејзината мизерија преку разни мистични случки.
   Осаменоста е исто застапена во овој број. Бару, навлегувајќи во еден живот на сексуално изгладнет адолесцент ни ја прикажува оваа проблематика. Визуелниот впечаток е задоволувачки и сето тоа е вешто направено, но премногу е обично за да се запамети.
   Вредни за спомнување се и "Бјулимик" и "Зефир".
"Бјулимик" е жена од централна Франција која страда од пореметеност во јадењето. Самоубиствено се полни со торти, откако нејзиниот сопруг го спасува пежото од пожар. Тој се чуди зошто неговата сопруга се "дуе" на таков начин, но не се чуди баш многу. Авторот е Жак Лустал, а текстот е на Вилард. "Зефир" е дело на
Крамски и Лоренцо Матоти, во кој е опишан еден ќелав човек, облечен во капут, црвен шал и ракавици. Живее во темна куќа со високи тавани, марионетки и друго. Зборува со себе во нецелосни секвенци. Птици натрапници го загрозуват неговиот мир. Излегува на воздух, но се` уште му досадуваат птиците. Некои од мештаните го сметаат за луд.
   Други приказни вредни за спомнување се:
"Парталеста приказна за мравки", "Уплав од ноќна мора", "Кинотеката на Мисто Пуп Дек" и "Детективот".
И, како што ни беше ветено, на последната страница среќаваме текст за "Целта на јазикот", кој всушност испадна некаква филозофија на марксистичкиот критичар Валтер Бенјамин, која делува како постмодерно клише.
  
   На крај, мора да се каже дека не ни е баш пријатно, нам, кои толку многу го сакавме храбриот и екстравагантен опус на Марискал, Кац, Марк Њугарден и други од RAW -те поранешни, поголеми и повеликодушни броеви. Дали RAW ќе продолжи да вади несолени и рамнодушни дела од Бејер, Фридман, Грин и Качор, или пак ќе нé послужуваат со вкусна храна, за да ни ги изненадат сетилата, како што веќе направија со "Зефер", "Пол" и други?
   Што и да ни подготви Спигелман во иднина, сега за сега RAW останува најдобро стрип-списание во градот.


Превод: Били
Извор: The Comics Journal