Книги со извадоци:
 
33.   Нина Берберова
КЛВИРСКА ПРИДРУЖБА
   
32.   Нина Берберова
ТРСКА ШТО МИСЛИ
   
31.   Иштван Еркењ ЕДНОМИНУТНИ НОВЕЛИ
   
30.   Хулио Кортасар
ОСТРОВ НА ПЛАДНЕ
   
29.   Адам Хаслет
ТИ НЕ СИ СТРАНЕЦ ТУКА
   
28.   Итало Калвино
АКО ЕДНА ЗИМСКА НОЌ НЕКОЈ ПАТНИК
   
27.   Ден Роудс АНТРОПОЛОГИЈА
   
26.   Арсениевиќ/Зограф ИШМАИЛ
   
25.   Сатирични приказни
THE ONION
   
24.   Владимир Набоков
ЛОЛИТА
   
23.   Анри Мишо
ВО ЗЕМЈАТА НА МАГИЈАТА
   
22.   Бруно Шулц
ПРОДАВНИЦИ СО БОЈА НА ЦИМЕТ
   
21.   Томас Пинчон
ТАЈНАТА ИНТЕГРАЦИЈА
   
20.   Патрик Зискинд
ПАРФЕМ

Библиотека “Магма“


Нина Берберова
КЛАВИРСКА ПРИДРУЖБА

Овие белешки ми ги предаде г-дин П.Р. Тој ги имаше купено од некој старинар на улицата Рокет и се продаваа заедно со една гравура на која е прикажан градот Псков во 1775, како и со една бронзена, своевремено петролејска, ламба, сега солидно опремена со електричен кабел. Купувајќи ја гравурата, г-дин П.Р. го праша старинарот дали има уште нешто руско да се купи. „Имам”, му одговори продавачот вадејќи од под правливиот орман во аголот на стариот дуќан една тетратка со корици од мушама. Тоа беше една од оние тетратки кои од памтивек најмногу им служеле на младите за пишување на своите дневници.

Старинарот му објасни дека оваа тетратка, заедно со некои ноти и други руски книги (кои сега не може да ги најде), ги има купено во некој евтин хотел каде што живеела и умрела некоја бедна Русинка. По нејзината смрт, газдарицата ја распродала (на име на неплатениот долг за собата) сета нејзина облека, постелнината и некои други ситни предмети - сето она што останува по исчезнувањето на една жена.

П.Р. ја ислуша приказната, љубопитно ја отвори тетратката и ѕирна внатре. Многу го привлече она што таму го виде и бидејќи веќе беше платил, во едната рака ја зеде ламбата, во другата - гравурата, и тетратката ја стави под мишка. Дома ја прочита од почеток до крај и дозна која навистина била жената што ги испишала страниците на таа книшка.

Јас во белешкиве по нешто и изменив, зашто можеби нема сите да бидат така недосетливи и да не сфатат за кого станува збор. Жената која ја напишала и не ја запалила тетратката живееше помеѓу нас и многумина ја познаваа, ја имаа и видено и слушнато. Смртта, по сила на околностите, ја затекна неподготвена. Да беше болест во прашање, тогаш морало да биде тешка и кратка болест од чие боледување таа веќе не можела да ги среди своите лични работи; ако е, случајно, самоубиство - тоа дошло толку ненадејно што на покојната не ù оставило време ни да ги расчисти своите сметки.
Во секој случај, тетраткава ја има заборавено, и тоа онака како што патник, излегувајќи од возот, си ги заборава патните торби во купето.