|
Нина Берберова
КЛАВИРСКА ПРИДРУЖБА
I
Денес е прва годишнина од смртта на мама. Неколку пати го
изговорив зборов: усните ми се одвикнале од него. Ми беше и
чудно и пријатно едновремено. После ми помина. Некои луѓе „мама”
ја нарекуваат својата маќеа, други така ја нарекуваат мајката
на сопругот; еднаш слушнав како еден господин својата жена (која
од него беше помлада бездруго десетина години) ја нарекува „мамичке”.
Јас имав само една мајка и никогаш нема да имам друга. Таа се
викаше Екатерина Василевна Антоновска. Имала 37 години кога ме
родила и јас сум ù останала првото и единствено дете.
Таа беше учителка по музика, и никој од нејзините ученици во
тоа време не знаеше дека јас се имав родено - знаеле само дека
таа цела година била сериозно болна и дека поради боледување
некаде отпатувала. Учениците и ученичките стрпливо ја чекале
да се врати. Некои пред пораѓањето ù доаѓале дома, но после
пораѓањето таа престанала да ги прима во својот стан. По цели
денови не била дома.
Грижата за мене беше оставена на старата готвачка. Станот беше
мал, двособен. Готвачката спиеше во кујната, мама и јас во
спалната соба, а во дневната стоеше клавирот, и таа соба ја
нарекувавме „клавирска”. Во неа јадевме. За Нова година
учениците на мама ù праќаа цвеќе а ученичките ù подаруваа
портрети од Бетовен и Лист и маски од Шопен. Еднаш во недела,
одејќи по улицата - помнам, имав девет години - ги сретнавме
двете ќерки на свештеникот кои во тоа време завршуваа
гимназија. Тие почнаа толку силно да ја стискаат и да ја
бакнуваат мама што јас многу се уплашив и почнав да плачам.
- Кој е тоа, драга Катиш Василевна? - прашаа госпоѓиците.
- Тоа е мојата ќерка - им одговори мама.
После тоа за мама се слушнаа разни муабети и за една недела
изгуби три часа, а еден месец подоцна ù остана само уште еден
ученик, по име Митењка.
На неговите родители им беше сосема сеедно дали мама е омажена
или не, колку деца има таа и чии се тие. Митењка беше умешно
момче, неговите добро плаќаа, но не можеше да се живее само од
тоа. Ја отпуштивме готвачката, клавирот го продадовме и без
никакво двоумење се преселивме во Петербург. Таму мама
пронајде некои врски кои ги имала уште кога студирала во
конзерваториумот. И таму ја сакаа многу. Полека, грижливо, таа
го освојуваше животот за себе и за мене. И веќе со првата зима,
повторно почна да излегува од дома, да трча по цел ден - по
дожд и снег. Тогаш и мене ме запиша на конзерваториумот,
подготвителен курс. Во тоа време веќе свирев доста пристојно.
Не ми ни паѓаше на ум да помислам што сè мама мораше да
преживее кога го напуштивме родниот град, град во кој таа
имаше пораснато - сама, со својата мајка која била учителка по
музика, исто како нас. Нејзиниот татко, дедо ми, умрел многу
рано, така што двете жени останале да живеат сами, како што и
ние двете сега живееме сами, и сè беше сосема слично, само што
тогаш од сета приказна отсуствувал срамот. Кога мама наполнила
шеснаесет години баба ми ја пратила во Петербург да се школува.
Го завршила конзерваториумот, се вратила во Н., одржала еден
концерт, почнала да свири на добротворни приредби и полека се
нафатила да подучува мали деца.
Никогаш не сум размислувала за тоа како живеела сама по смртта
на мајка ù, како стигнала до триесеттата година, што се
случило после и кој ми е мене татко. Фиоките на нејзината
работна маса не се заклучуваа, но никогаш немав видено никаква
фотографија или некое писмо. Се сеќавам како еднаш, уште
сосема мала, ја прашав дали јас имам татко? Таа ми одговори:
- Не, Соњечка, ние немаме тато. Нашиот тато умре.
Токму така кажа; „нашиот”, и после тоа малку поплакавме заедно.
Сé дознав многу едноставно: имав петнаесет години кога од Н.
во Петербург допатува една другарка на мама, учителка по
француски јазик во Н-ската гимназија. Беше ноќ, некаде околу
шест часот. Мама сè уште се немаше вратено дома. Јас лежев на
собраниот мал кревет и го читав Толстој. Ѕвонче. Бакнежи.
Извикувања. „Колку само си пораснала! Колку си ми ти голема!...”
Мошне долго седевме сами, беше ноќ, ламбата запалена; некој си
потпевнуваше од другата страна на ѕидот. Ние разговаравме, се
сеќававме на далечните Н-ски години, на моето детство. Не знам
како дојде до тоа да ми каже дека мојот татко бил бивш ученик
на мама, и дека тогаш имал само деветнаесет години. А пред
него таа во никој друг не била вљубена. Тој сега е оженет и
има деца. Не прашав ниту како се вика, ниту кое е неговото
презиме.
|