Библиотека “Магма“


 

Нина Берберова

ТРСКА ШТО МИСЛИ и други
приказни
што не се
за љубовта

Приказна која не е за љубовта...........................................стр1

Таа зима, таа немирна година, во јужниот руски град пристигнаа жители од престолнината, напуштајќи ги своите удобни живеалишта, и веднаш ги исполнија становите, продавниците, театрите и универзитетот со своите жени, деца и со солидното, иако наполу изарчено, богатство. И сега не само во слушалните седеа петербуршките и московските студенти, туку и гостувачките професори се појавија зад катедрите; не само што во градскиот театар сите билети за Сонот на љубовта и во оперетното за Силва однапред беа распродадени на порано невидените отмени господа и дами, туку и самата Силва започна да ја пее - наместо на целиот град познатата по својот отворен карактер дива - па, млада и богата персона, која во Петербург поседуваше сопствена коњушница. И на концертите, во малата избледена конзерваториумска сала, каде што уште пред само една година го одржуваше својот концерт госпоѓицата пијанистка, ќерка на локалниот банкар, сега, ширејќи ги наборите на својот фрак, седеше разбушавениот, со лице на добар булдог, лично Лимански, и публиката го слушаше, гледајќи во партитурата, и стана модерно да се аплаудира дури на самиот крај.

Се појави нов клуб, каде што на балските вечери беше повикувано само најотменото друштво, па и тоа под маски, се појави списание за монденски живот, се појави некакво “студио” - а што значи тој збор никој со сигурност не знаеше - и мајките отпрвин не ги пуштаа ќерките да одат таму. Најпосле, беше најавена поетската вечер на “иднинарите”. Не чувари, туку “иднинари”.1 Публиката побрза да ја погледне бесмислицата, и имаше многу смеење. А во коцкарницата на Николаевскиот проспект некој си ги губеше керенките донесени со себе.
Марија Петровна одеше и на Сонот на љубовта и на Лимански. Имаше само осумнаесет години, но еве веќе две години сите ја нарекуваа Марија Петровна, бидејќи покрај нејзината голема височина, дебелината, големата фризура и крупниот чекор некако не беше згодно да ја нарекуваат Мурочка или Мањусја. Таа никогаш не била по престолнините, само што ја беше завршила гимназијата и сега свиреше виолончело, по осум часови дневно, планирајќи да се посвети на тоа. Впрочем, свиреше доста добра, читаше добри книги, мошне се досадуваше на Силва, и си беше, што се вели, одлична девојка.

Замина на Лимански, и од возбуда во паузата не можеше да изговори ни збор. Секогаш одеше сама, бидејќи сакаше да се задлабочи. По концертот истрча на улица, како пијана, и додека Лимански од влезот го изнесуваа на раце и го сместуваа во санките, таа успеа да го погали неговиот ракав. Потоа долго гледаше по него, а понекој и потрчнуваше по снегот. Но помина трамвај. Таа се врати дома, и за прв пат во животот почна да си фантазира, како би било прекрасно таа, да речеме, да му е готвачка на Лимански и да може да го слуша секој ден.

Една недела подоцна Лимански замина на југ, а во градот се појави Босман, дирегент, со двајца омилени ученици. Со едниот од нив, се чини, го поврзуваа не само музиката и пријателството (и за тоа почнаа да зборуваат гласно, дури и оние кои мислеа дека тоа се случувало само во стара Грција), другиот беше Тимофеев. Марија Петровна трчаше и на Босман, и два пати во студиото, и на вечерта на иднинарите. Дома, како и досега, си го свиреше виолончелото и читаше добри книги.

Со Тимофеев ја запознаа на вечерта на иднинарите. “Слушајте”, ù рече некој од познаниците, “можеби имате слободна соба? Сега сите издаваат, наскоро ќе почнат принудно да вселуваат, дојденците немаат каде да живеат. Сместете го Тимофеев, дотолку зашто имате клавир. И погледнете го, како е уреден. Вашата мама ќе биде задоволна.”
 

0стр2