Библиотека “Магма“


 

Иштван Еркењ
Едноминутни новели
































 

 

 
Смислата на животот
Ако поголемо количество црвени, лути пиперчиња нанижеме на конец, ќе направиме венец.
Ако, меѓутоа, не ги нанижеме, нема да има ни венец.
Иако останува истото количество пиперчиња, исто толку се и црвени и лути. Но тоа сепак не е венец.
Дали тогаш работата е во конецот? Работата никако не е во конецот. Бидејќи тој конец е, како што знаеме, спореден, нешто третокласно.
Е па, во што е тогаш работата?
Оној што ќе размисли за тоа, водејќи сметка мислите да не му се раштркаат на сите страни, туку да му се нижат во правилна насока, може да осознае крупни вистини.