Библиотека “Магма“


 

Иштван Еркењ
Едноминутни новели
































 

 

 
Престиж
 
Цели две недели планиравме да го купиме. Секој ден застанувавме пред излозите и копнежливо го набљудувавме. И конечно, на денот на моето раѓање, 5 април на пладне, прашавме колку чини. - Двеста седумдесет и пет франци - кажа пиљарот. - Првокласен, сосема свеж, сочен ананас.
Жената мислеше дека е скап, јас не. Во однос на лубениците, цената секако е превисока, но ако се земе предвид дека станува збор за ананас, веројатно не е. Го купивме, го однесовме дома. Го поставивме во еден пепелник, го разгледавме од сите страни, се запознавме со него, ја фалевме неговата убавина, егзотичност. На врвот на плодот никнуваше посебно растение, еден вид палма; ако ја ставевме во вода и ја полевавме, можеби набрзо ќе израснеше и ќе процветаше.
Во хотелот веднаш се пренесе гласот дека во деветката купиле ананас. Влезе чистачката и се претстави - дотогаш, имено, ниеднаш ја немавме видено - и предложи да го излупиме, да го исечеме на тркалца и да го посипеме со шеќер, па така да го оставиме да отстои ден-два. “Глупости”, рече една студентка од Англија на скалите. “Натопете го во рум, така е највкусен.” Некој сонародник, кој дотогаш само учтиво ни се јавуваше, остави порака на едно ливче закачено во процепот меѓу вратата. “Немојте никого да слушате”, пишуваше. “Треба длабоко да се излупи затоа што кората не е за јадење, но самиот плод треба да се јаде онаков каков што е.”
Вечерта го излупивме и го изедовме. Немаше никаков вкус. Едвај беше полош од тиква. И природно, и со шеќер, и со рум. Со мака ги проголтавме последните залчиња, испивме по една чаша вода. Третиот ден во ходникот ја сретнавме Англичанката. “Ви се допадна?” - праша. “Многу”, кусо одговорив. Воздивна. “Попусто”, рече, “ананасот е ананас”. Оттогаш понекогаш кришум застанувам пред тезгата со егзотично овошје и копнежливо ги набљудувам ананасите.