Книги со извадоци:
 
33.   Нина Берберова
КЛВИРСКА ПРИДРУЖБА
   
32.   Нина Берберова
ТРСКА ШТО МИСЛИ
   
31.   Иштван Еркењ ЕДНОМИНУТНИ НОВЕЛИ
   
30.   Хулио Кортасар
ОСТРОВ НА ПЛАДНЕ
   
29.   Адам Хаслет
ТИ НЕ СИ СТРАНЕЦ ТУКА
   
28.   Итало Калвино
АКО ЕДНА ЗИМСКА НОЌ НЕКОЈ ПАТНИК
   
27.   Ден Роудс АНТРОПОЛОГИЈА
   
26.   Арсениевиќ/Зограф ИШМАИЛ
   
25.   Сатирични приказни
THE ONION
   
24.   Владимир Набоков
ЛОЛИТА
   
23.   Анри Мишо
ВО ЗЕМЈАТА НА МАГИЈАТА
   
22.   Бруно Шулц
ПРОДАВНИЦИ СО БОЈА НА ЦИМЕТ
   
21.   Томас Пинчон
ТАЈНАТА ИНТЕГРАЦИЈА
   
20.   Патрик Зискинд
ПАРФЕМ

Библиотека “Магма“


Адам Хаслет
Ти не си странец тука
 

Белешки до мојот биограф

Две нешта да бидат јасни уште од почеток: мразам доктори и никогаш во животот не сум учествувал во групна терапија. Сега имам седумдесет и три години и нема допрва да се менувам. Институциите за ментално здравје нека се ебат на врв на голо брдо, на дожд, ама јас не го пипам нивното змиско масло, ниту ќе ги слушам безидејните дрдорења на оние што се дупло помлади од мене. Сум убивал Германци на нормандските полиња, имам дваесет и шест изуми, три жени, сите ги надживеав, а во моментов сум под присмотра од Даночно, кое има шанси од мене да извади пари, колку што имаше шанси Шајлок да извади фунта месо. На бирократијата ù е тешко да мисли јасно. Јас, пак, сум совршено бистар.
Еве, на пример, како дојдов до “саабот” што си го возам во околината на Лос Анџелес: ми го позајми внуката од Скотсдејл. Што мислите, дали таа ќе го види пак? Не ми се верува. Се разбира, кога го позајмив од неа имав намера да ù го вратам и за неколку дена или недели можеби пак така ќе мислам, но засега, да ги заборавиме и неа и мажот ù и децата што ме гледаа преку кујнската маса како да сум музејски експонат донесен за да им биде здодевно. Можев со нив да дрдорам напразно. Растени се на стимуланси, одат во приватни училишта и со очите кажуваат: дај ми го она што го немам. Сакав да им читам книга за историјата на светот, за преселбите, чумите, војните, но полиците на нивниот преголем стан беа полни со керамика и биографии на ѕвездите. Сето тоа страшно ме депримираше и среќен сум што си отидов од таму.
Пред една недела го напуштив Балтимор со намера да го видам син ми Греам. Често мислев на него во последно време, мислев на деновите што ги минавме заедно во амбарот во старата куќа, на тоа дека кога ме слушаше, бргу ми текнуваа идеи. Не знам кога ќе го видам пак. Мислев да навратам патем и кај другите роднини, планирав да почнам од ќерка ми, Линда, во Атланта, но кога стигнав дознав дека се преселила. Му се јавив на Греам и кога му помина шокот од тоа што ми го слуша гласот, ми рече дека Линда не сака да ме види. Откако мојот помлад брат Ерни одби да прави што и да е друго со мене, освен да руча, а јас пред тоа со автобус патував дури до Хјустон, почнав да мислам дека поединечниве средби може да ми донесат повеќе мака отколку корист. Скотсдејл со ништо не ми го промени мислењето. Тие луѓе како да мислат дека ќе имаат втора шанса, дека пак ќе се појавам. Всушност, го напишав тестаментот, ги продадов правата на изумите и сега само пишувам белешки до мојот биограф кому, за неколку децении, кога ќе биде очигледно вистинското влијание на мојата дејност, ќе му требаат за да разјасни некои прашања.

- Френклин Колдвел Сингер, роден 1924, во Балтимор, Мериленд.

- Дете на германски механичар и на ќерка на банкар.

- Отпуштањето од војска поради психички проблеми, откако “дезертирав” во Париз, ми го намести еден лекарски помошник кој не можеше да го поднесе моето супериорно познавање на прирачникот за дијагноза. Инцидентот кога танцував гол во Лувр, во соба полна со Рубенси, се случи неколку недели порано и беше во согласност со други прослави од тоа време.

- Дипломирав и докторирав како машински инженер на универзитетот “Џон Хопкинс”.

- 1952 г. Прво и последно лекување со електрошокови за кое никогаш, никогаш, никогаш нема да им простам на родителите.

- 1954-1965. Истражувач, лаборатории “Истмен Кодак”. Како и во многу институции во државава, од талентот се гнасат. Ме отпуштија штом почнав да ги посочувам грешките во раководната структура. По две години поднесов барање за патентирање на механизам за затворач, па од “Кодак” на крајот го пробија и го откупија. (А тогашниот потпретседател за унапредување на производите Арч Ванделини ИМАШЕ афера со најдобрата другарка на ќерка му, иако нема да ви признае. Обрнете внимание на тоа дека левото рамо му трепери кога лаже.)

- Сите следни дијагнози – а, да ви кажам, многу ги имаше – се резултат на две сили, обете на свој начин погубни: 1) на обидот на психијатриските кругови во последниов век да ја дефинираат ексцентричноста како болест и 2) на желбата на членовите на моето семејство да ме покорат и, ако е можно, да ме направат неподвижен.

- Нацртот за електричниот нож за сечење леб ми беше украден на вечера во Чеви Чејс, од еден маж облечен како ирвас, за кого не можев да знам дека е службеник на Вестингхаус.

- Тоа што не се сеќавам на ништо меѓу 1988 и 1990 година и што до скоро верував дека Ед Мис уште е државен тужител не се должи на мојата наводна параноидна “црна дупка” во сеќавањето, туку, напротив, на фактот дека мојата трета жена самоиницијативно ми ставаше седативи во кафето. Не верувајте ако слушнете дека сме се развеле пријателски.

Ѕвонам јас на вратата на куќата на Греам во Венис, а ми отвора Евреин, близу триесет години, со модерно развиени мускули. Изгледа нервозно и вели: “Ние ве очекувавме дури утре”, го прашувам кои “ние”, а тој вели “јас и Греам”, па бргу додава: “Ние сме пријатели, знаете, само пријатели. Не живеам овде, тука сум само поради тоа што ми треба компјутерот”.
Сè што мислам е дека се надевам оти ова момче не се обидува да најде работа ко глумец, затоа што веднаш ми е јасно дека син ми е педер и дека се ебат со овој фраер со скапи очила. Ги имаше многу во војска, па рано научив дека ги има во сите облици и величини, а не се само женскасти типови како што сите очекуваат. Сепак, малку ме шокира идејата дека моето дваесетиосумгодишно момче никогаш не сметало за потребно да ми го каже фактот дека е пешко – немам злобна намера – и веднаш решавам да поразговарам со него кога ќе го видам. Марлон Брандо ја совладува својата здрвеност и кревајќи ми го куферот од автомобилот ме води низ задната градина, покрај расцветаниот лимон, до еднособната колиба со мијалник и многу светлина, што од прво видување ми се допаѓа.
“Ова одговара”, му велам и го прашувам: “Од кога спиеш со син ми?” Очигледно мисли дека сум некој вид геријатриски хомофоб кој се подготвува да му попува, па гледајќи го неговиот поглед како на елен заслепен од фарови, се сожалив и го разуверив. Сум видел жени прегазени од тенкови. Нема да се загрижувам поради тоа што ќе имам помалку внуци. Кога почнувам да објаснувам дека општествените предрасуди од сите видови им се спротивни на моите просветителски идеали – идеалите извалкани бидејќи со векови делумно се остваруваат – ми станува јасно дека Греам му кажал за своето семејство. Лицето му станува трпеливо, а од насмевката му тече симпатија за неукиот: сиротиот старец страда од ментални нарушувања цел живот, еден месец е добро, следниот не е, му навираат грандиозни мисли и му се провираат како песок низ прстите, на што секогаш велам, побарај го Френк Сингер во Американскиот завод за патенти. Во секој случај, овој мисир веројатно мисли дека просветителството е маркетиншка порака од “Џенерал Електрик”, па го поштедувам од лекцијата што лесно можев да му ја одржам и велам: “Види, ако вие двајца делите ист кревет, не се бунам.”
“Возењето сигурно ве исцрпело”, вели со надеж. “Сакате да прилегнете?”