|
Адам Хаслет
Ти не си странец тука
Белешки до мојот биограф
Му велам дека можам да закачам
синџир на “саабот” на внука ми и да го влечам дедека трчам
маратон. Ова го збунува. Одиме заедно назад по градината до
кујната на бунгаловот. Му барам пенкало, хартија и дигитрон,
па ја скицирам идејата што ми падна на ум пред малку – веќе го
чувствувам присуството на Греам – идејата е за велосипед кој
ќе може во мала батерија да ја зачува енергијата кога оди
надолу, па со помош на рачна кочница да ја испушта кога оди
нагоре – ова е потенцијален златен рудник кога ќе се земе
предвид популацијата што старее и зголемувањето на слободното
време поради раното одење во пензија. Имам четири страници
спецификации и проценка на трошоците за прототип кога по два
часа стигнува Греам. Во кујната влегува облечен во син ленен
костум, на градите држи актовка и кога ме здогледува крај
масата, се здрвува како штица. Не сум го видел пет години и
прво што забележувам е дека има подочници. Кога ги раширувам
рацете да го прегрнам, тој отстапува еден чекор.
“Што ти е?” го прашувам. Еве ми го чедото претпазливо спрема
мене во чуднава кујна во Калифорнија, пепелот на мајка му
одамна е расфлрен по Потомак, предметите од нашиот заеднички
живот се собрани во кутии или продадени.
“Ти навистина дојде”, ми вели.
“Измислив нов велосипед”, му велам, но се чини дека тоа допира
до него како вест за свежа смрт. Ерик го прегрнува Греам пред
мене. Го гледам сина си како врз рамото на типов си ја спушта
главата, како уморен патник во воз. “Ќе има акумулатор со
самонапојување”, велам повторно седнувајќи крај масата за да
ги прегледам цртежите.
Близу до Греам, мојата идеја бргу напредува и додека тој се
тушира ги распакувам куферите, го разместувам мебелот во
колибата, а на ѕидот ги закачувам нацртите. Се враќам во
куќата, го прашувам Ерик дали можам да телефонирам, тој вели
дека тоа е во ред, па ми вели: “Греам не спие добро во
последно време, но знам дека навистина сака да ве види.”
“Секако, нема лутење, во ред.”
“Во последно време има многу товар врз плеќите. Можеби за
некои работи можете да разговарате со него... и мислам дека би
можеле...”
“Секако, секако, нема лутење”, па им се јавувам на својот
адвокат, на својот моделар, на три маркетинг агенции чии
броеви ги најдов во именикот, на Американското здружение на
пензионери – тој пазар ќе биде клучен – на еден пријател од
факултетот кој еднаш ми кажа дека се натпреварувал на Тур де
Франс, па претпоставив дека ја познава состојбата на
велосипедската индустрија, на својот банкар за да
поразговараме за финансирањето, на канцеларијата за патенти,
на лабораторијата за физика при калифорнискиот технолошки
институт, на жената што ја водев на вечера една недела пред да
го напуштам Балтимор и на три локални продавници за алкохол
пред да најдам една што ќе ми испорача “Дон Перињон”.
“Тоа е за мене!” му довикувам на Греам додека тој излегува од
спалната соба за да ја отвори вратата на која, ми се чини,
некој ѕвони само неколку минути по мојата нарачка. Се движи
бавно, како животниот сок да му е исцицан.
“Што е тоа?”
“Прославуваме! Нов проект се движи по цевките!”
Греам ѕури во сметката, како да не може да ја прочита. На
крајот, вели: “Ова е дваесет илјади долари. Не го купуваме.”
Му велам, Швин тоа ќе го префрли на крофните што ќе ги делиме
на презентацијата на новиот велосипед што ќе го направам, а
Опра Винфри ќе го вози на полувреме на “Супер Бол”.
“Ова е грешка”, му вели на оној што го донесе виното.
На крајот, морав да излезам надвор и да платам со кредитната
картичка што човеков наивно ја прими и сам ја внесов гајбата
во куќата.
“Што ќе правам?” слушам дека Греам шепоти.
Свртувам зад аголот, влегувам во куќата, а тие замолкнуваат.
Двајцата се убава двојка, додека стојат на маглестата светлина
што се губи во предвечерието. Кога се родив, можевте да ги
уапсите поради бакнување. Почнува кавга во која само делумно
учествувам, во врска со шампањот и мојот ентузијазам, таа
плоча од мајка му ја има научено, притиснува “плеј” и
неколкуте негови предци што патеа од конвенционализам
зборуваат низ неговата уста, како да е од оние што зборуваат
од стомакот:
твојата-идеја-е-фантазија-смири-се-тоа-ќе-те-уништи-лекарства-лекарства-лекарства.
Паметен е, син ми, а понекогаш има и дрскост да го употреби
својот ум, за да го забоде копјето во медиокритетите, но во
светот кој не го поттикнува тоа, чудното момче станува
анксиозен човек. Мора да страда поради тоа што неговите луѓе
обрнуваат внимание на појавноста. Тажно. Ова го објаснувам со
прецизност на брусач на дијаманти, но се чини дека само ја
отежнувам ситуацијата.
“А да го пробаме шампањот?” се вмешува Ерик. “Можете да го
продолжите разговорот додека вечераме.”
Предлог за почит. Земам три чаши од креденецот, го вадам
шишето од кутијата, му ја вадам тапата, ги полнам чашите и се
чукаме во нивно здравје.
На пат до ресторанот “саабот” на внука ми вози со сто и
четириесет километри на час, а не се ни затресува. Со спуштен
покрив, додека смогот ми ја дува косата, речиси не го слушам
Греам кој вика нешто од седиштето до мене. Веројатно е
загрижен поради казната, која, за возбудата од возењево, јас
би ја платил двојно и плус би го честел полицаецот. Додека
пловевме по автопатот, замислував патека со велосипеди што со
просто педалирање тивко ја пренасочуваат загубената енергија.
Ќе треба да ги вклучиме екологистите, што значи од владата да
добиеме пари за истражување и лобистичка поддршка за да се
справиме со евентуалните законски проблеми. Пробното
рекламирање во Лос Анџелес ќе ја зголеми шансата да добиеме
препораки од славните, а веројатно ќе треба да напишам книга
за зачетокот на идејата и да ја објавам заедно со првиот бран
производи. Мислам дека ова ќе се случи во почетокот на
следната година. Рекламното мото ми дојде додека едревме под
надвозникот: Секое вртење нека биде важно.
Пред ресторанот има редица и кога сакав да му дадам дваесет
долари на главниот, Греам ме запре.
“Тато”, ми вели, “не смееш така.”
“Се сеќаваш кога те носев во ‘Риц’ и кога ми кажа дека
пилешкото во твојот сендвич е жилаво и кога зборев со
менаџерот и добивме јадење за џабе? Ти нацрта шема на
куќичката на дрво што ја сакаше и ми даде идеја за кутии за
складирање.”
Тој кимнува.
“Ајде, каде ти е насмевката?”
Доаѓам до главниот, но кога му ја давам дваесетката, тој ме
гледа чудно и му велам дека е глупо гомно што се прави дека е
над ваквите нешта. “Сакаш стотка?” го прашувам и тамам да му
пукнам уште поголема увреда, Греам ме свртува и ми вели: “Те
молам, немој”.
“Со што се занимаваш?” го прашувам.
“Тато”, ми вели, “само смири се”. Гласот му е толку тивок,
толку мек.
“Те прашав со што се занимаваш”.
“Работам во брокерска агенција.”
Брокерска агенција. Што не го научив ова дете? “Што правиш за
нив?”
“Акции. Слушај, тато, треба...”
“Акции!” велам. “Исусе Христе! Мајка ти би се превртела во
гробот, кога би го имала.”
“Фала”, вели под мустак.
“Што рече?”
“Заборави.”
|