Библиотека “Магма“


Арсениевиќ/Зограф
ИШМАИЛ



ЗАБРАНЕТИТЕ ЗБОРОВИ

Очите на старата се сини. Се чини. Мислам дека се. Добро, понекогаш се и зелени. “Тоа зависи од светлото”, вели таа скромно.
(Јас сеедно знам дека старата се прави важна.)
Но кога стварно попиздува и кога бесно ме погледнува очите ù стануваат сиви.
Отсекогаш било така.
(И не само тоа.)
Старата секогаш ми забранува да фурам одредени зборови.
Не ми дава да ја викам “стара”. Никогаш. Тоа ù оди на нерви.
Не ми дава ни да речам “ебате”.
Ни “срање”.
За пушењето кур и за другите пиздарии подобро да не зборувам.
Старата сака да бидам пристоен и фин. Засекогаш.
(Ни тоа не е сè.)
Постојат зборови кои ми ги забранува повремено и привремено. Како ќе ù дувне. Во последно време еден од тие зборови е “самоубиство”.
Вториот е “парастос”.
Старата смета дека во нашата социјалистичко-самоуправна татковина со Претседателот Тито и Сојузот на комунисти на Југославија на чело, нешто толку застарено како што е “парастосот” не треба ни да постои. Штом ќе речам “парастос” нејзините очи посивуваат.
(Мене ме боли уво за тоа.)
Уште полошо е кога својот починат вујко Иван - оттаму “самоубиството”, оттаму и “парастосот” - ќе го наречам “Ишмаил”. Старата тоа ја доведува до лудило. А што можам јас кога тој си го избра името? Што можам кога тој бараше да го памтат по тоа име?
Но старата тоа не ја интересира.
Таа светка со очите бидејќи мисли дека токму тоа име (Ишмаил) претставува дефинитивен доказ за “лудилото” на вујко ми.

Лето е. Ебаната 1979 година.
(Во случај кого било тоа да го интересира.)
Се возиме со распаднатиот кец на старата. Таа вози. Јас седам позади. Кога ја гледам во баеги валканиот ретровизор тотално ми личи на филмска ѕвезда.
(И тоа американска.)
Црниот фустан што го облече за пригодава е баеги елегантен!
Жестоко е краток и нозете во него само одблеснуваат.
Старата има триесет и седум години но држи до себе.
Старата капира дека има многу добри колена и секогаш се труди да ги истакне.
Старата носи модерни минѓуши.
Старата носи тесни црни лакирани бали сандали.
Нејзината коса е натапирана и светка од премногу Го-Гаѕ лак.
За полесно да ме игнорира старата закачи големи наочари за сонце.
Иста Џеки Оназис.
(Барем таа така мисли.)

Јас не личам на неа. Мислам дека сум клемпав. Мислам дека сум преслаб. Имам веќе петнаесет години а никогаш не сум имал женска.
Ако не ја сметаме онаа една единствена.
(Која впрочем ја измислив.)
Косата ми е кратка и офарбана во црвено. Фармерките ми се скинати и валкани. На левата рака носам црвен стегач (од слетот) кој го исшкртав со црн маркер: АНАРХИЈА! Во средината на “Панкрти” маицата која ја направив некаде пред крајот на школската година се наоѓа голема крвава дамка.
На сите им раскажав дека таа е тука откако среде проба ми пукна жицата на басот што го свирам со панк бендот “Глисти”; а всушност го исеков прстот отворајќи конзерва сардини.

(Инаку “Глистите” постојат отприлика колку и мојата женска.)
Вистина е дека сакам да свирам бас во панк бенд.
Но немам бас.
А немам ни муда.
Впрочем, околу мене нема ниеден панк бенд.
Сите панк бендови во земјата се во Љубљана или Ријека. Дури и во Загреб. Само во мочаниот Белград нема ниеден!
(Овде бре нема дури ни панкери!)
Ама ме боли курот. Можам и самиот.
Сабајлево, на пример, по појадокот пуштав плочи на својот Травиата грамофон. И три посто не ебев што старата се дереше од дневната соба. Ја заклучав вратата. Застанав пред огледалото и си се намуртив на себе. Бев гол до појас. Ставив ланец околу вратот. Си го покажав себеси курот. Се исплазив. Бев во фазон да плукнам, но не го направив тоа. Потоа скокав шутка и врескав: “Вајтрајот! Ајвонарајот! Вајтрајот! Драјотовмајоун!...”
(Анархија, ви велам. Анархија тотална.)

А сега тоа помина. Сега сме во колата. И жешко ни е. Се вариме и молчиме.
Молчиме на целиот пат од Земун, каде што живееме, па сè до Чубура каде што одиме да ги собереме Мила и Драга.
Мила и Драга - тоа се моите бабатетки. Заедно со нив одиме на гробишта.
Четириесет дена е (парастос) од загинувањето (самоубиство) на нашиот Иван (Ишмаил), внукот на Мила и Драга, мојот вујко и единствениот помлад пет години брат на старата.
Што воопшто тука може да се рече?
(Крај сите тие забранети зборови.)
Ништо. Се чини.
Ништо.
Се возиме и молчиме.