Библиотека “Магма“


Арсениевиќ/Зограф
ИШМАИЛ



МИЛА И ДРАГА


Моите бабатетки се тотално опичени. Жестоко ги бендисувам а ги бендисуваше и мојот најдобар ортак Ушке. Тие двете ми доаѓаат ко некаква надокнада за баба бидејќи баба никогаш немав. Ни дедо. Ни татенце.
(Тоа е долга приказна па не сакам со тоа да ве главам.)
А битно е да знаете дека мојата баба Љуба (во моето семејство имињата се како од лош виц - затоа никогаш нема да ви го кажам своето) почина во дваесет и деветтата година од животот додека го пораѓала токму мојот вујко Иван. И морате да укапирате дека старата тогаш имала пет години. И дека сосем отшрафила. И дека никогаш не можела да му прости. На својот помлад и единствен брат.
Мила и Драга тотално им се посветиле на децата. На старата и вујкото, сакам да речам. Тие двете никогаш не се мажеле. Целиот живот го поминале заедно.
“Немале среќа”, вели старата. Само тоа воопшто не изгледа така.
Мислите дека личат јајце на јајце? Нема шанси.
Мила е вистинска нана. Барем јас тоа така го гледам. Има шеесет и седум години. Косата секогаш ù е свиткана во пунџа. Очите ù се воднести и сини. Скромно се облекува. Носи џемпери кои самите ги плете и штофени сукњи и патофни. Нозете ù отекуваат па ги носи и оние матни чорапи за вени. Мила секогаш ми одвојува по некоја банка да ми се најде за џепарлак. Барем по некој сом а често и цел коњ. За возврат очекува бакнеж. И јас секогаш ù го давам. Без проблем.
(Мила е супер.)
А Драга е лудило. Таа е мојот омилен лик.
Драга е четири години помлада сестра на Мила. И тоа некако сè уште се забележува.
(Иако обете се стари ко Библија.)
Драга носи купишта дрвени и пластични перли околу вратот и многу нараквици на дебелите раце од кои виси изборана кожа. Гласот на Драга е длабок и рапав од сите тие цигари. Нејзините нокти се налакирани и долги. Таа постојано носи перики. Од собајле до вечер. Ги има вкупно дванаесет. Драга се шминка претерано а карминот секогаш ù завршува на предните заби.
Или тоа е протеза?
(Сеедно.)
Драга денес е во црнина но најрадо се облекува во шарени туники.
Ко Демис Русос.
(Мислам, од вратот надоле.)
Стварно се супер Мила и Драга. Само не последниве четириесет дена. Последниве четириесет дена баеги се зафркнати. Штом ќе влезат во колата (Драга на седиштето на совозачот а Мила позади до мене) по нивните надуени очи јасно ми е дека целиот ден го минале цмиздрејќи. Нема шанси на едната да ù се плаче а на другата баш не.
(Тие двете се како оние споени садови на часот по хемија.)
Но стварно не им беше лесно. Не само што се заебани заради целово лудило со вујко ми туку и пожестоко ù се попиздени на старата затоа што не ја послуша последната желба на вујкото да биде покопан под името Ишмаил, т.е. онака како што бараше во кусата порака што ја остави зад себе.
А старата упорно се прави дека ништо од тоа не забележува. Ги симна цвикерите за сонце но погледот ù е студен а нејзината самоувереност делува нескршливо. Во ретровизорот гледам како мижурка додека додава или одзема гас. Кога во сообраќајот ќе се обиде да направи нешто без да успее тогаш нервозно мрмори и си ја гризе долната усна. Мислам дека не капира дека тоа го прави. Старата сака да се смета себеси за добар возач. Сака да се смета себеси за зрела личност. Старата никогаш не вели: “Јас сум способна самостојно да донесувам одлуки.” Таа смета дека тоа се подразбира. Таа самостојно одлучува. Нема причини кого било да праша за што било.
Мила и Драга пиздат веќе со години но мене кур ми чуе за тоа. Најискрено. Имам петнаесет години. Веќе не сум клинец. Затоа можам и да кажам и “старата” и “ебате” и “курац” и “парастос” и “самоубиство” и “Ишмаил”, ако ми дувне.
Бидејќи јас не го рецкам насилството на старата!
Бидејќи јас не сум мртов!
Не.
Јас сум антихрист!
Јас сум анархија!

(Коз ај донт кееееааар!)

Мила седи до мене со рацете прекрстени на скутот и тапо гледа во тилот на старата. Очите ù се надуени и црвени од солзи. Драга час час па се врти на совозачкото седиште и ми се насмевнува. Црнината ù е лесна, нема проблем, но периката ù е накривена, а предните заби, гледам, се црвени од размачканиот кармин.
Драга нешто кења за жештината и притисокот.
Мила воздивнува и шмрка во марамчето.
Старата главно е концентрирана на возењето.
А јас?
Јас го користам моментот. Ја фаќам шансата.
“Туку Мила”, велам, “коа бе еднаш ќе ми раскажеш ко што било? Мислам, она, баш сè”, велам.
“Знаеш на што мислам”, велам.
“За Ишмаил”, велам.
“Впрочем ми вети”, велам.
И баш фино тоа го велам.
Пристојно.
Без грди зборови.
Онака како што сака старата.
Ама џабе.
Сивата боја веднаш избликнува од нејзиниот поглед. Стварно е супер што нејзините моќи работат и вака. Преку ретровизорот.
“Ти многу добро знаеш дека... тоа... не е неговото име”, вели старата бавно. Не го трга погледот од мене.
Мила и Драга се укочени. Тие отсекогаш се плашат од старата.
Голтам кнедла и буткам понатаму. “Е баш е!” велам. “Впрочем, што па ти се мешаш! Тебе не те ни прашав! Имам право да ја знам вистината!”
И тогаш потскокнувам од болка.
“Еј!” извикувам.
А Мила која скришно ме штипна за да ме натера да замолчам упорно гледа настрана и се прави луда.
Старата кратко воздивнува.
“Мислам дека не сакам за тоа уште еднаш да разговараме, душо”, вели.
(Сите знаат дека старата така ме вика само кога е бесна како рис.)
“Посебно не овде и сега.”
“Не знам кога пред тоа сме разговарале за тоа”, велам. Гласот ми потреперува. “А тебе не те ни прашав!” додавам. Мислам дека веќе урлам.
“Душо”, старата шепоти како да ‘рже.
(Сè е сиво.)
“Љубице дете мое што ти стана? Та нема причини “ Драга се крсти и дтка од совозачкото седиште, но кај старата тоа не поминува. Доволно е да го префрли сивиот зрак од мене кон неа и Драга пак е укочена. Не е во состојба ни да бекне. А старата не зборува ништо. Го дрка менувачот. Со прстите тапка по воланот. Погледот ù е доволно речит. Усните затегнати и бели. Ко да ќе пукне. Сега веќе стварно е забегана. Можеби и ќе заплаче.
Сепак - не.
Старата умее да се воздржува подобро од сите луѓе што ги знам. Старата е кралица на воздржувањето.
Дури и кога Мила одзади повторува по Драга како задоцнето ехо: “боже-поштеди-ме-и-сочувај”, старата само ја фиксира со поглед во ретровизорот. И Мила тоа тотално ја хипнотизира па сега само ококорено гледа пред себе и не мрда.
“Значи?” вели тогаш старата и повторно гледа право.
“Ма ме боли уво, знаеш”, мрморам и воедно превртувам со очите.
“Мислиш: се извинувам?”
Старата брзо го заобиколува камионот.
“Пуши кур”, велам, но тоа никој не го слуша.
Старата ја менува брзината. Додава гас и пали цигара. Сè во истиот момент.
(Филмска ѕвезда.)
“Што рече?” вели.
“Се извинувам”, мрморам. Па се искашлувам.
“Се извинувам! велам!” Го изговарам тоа приближно како неа.
(Белки капира дека ја зафркавам.)
“Навистина? Тогаш покажи малку почит кон својот кутар вујко”, одговара старата прилично ладно. “А можеше и да се облечеш малку попристојно кога веќе сме кај тоа.”
(Изгледа дека не капира.)
Би одговорил јас на тоа но можеби е подобро сепак да не продолжувам.
Затоа молчам.
“Ајде пази на тоа цвеќе сега”, ме опоменува Мила. Дури тогаш сфаќам дека големиот букет кој таа ми го набута влегувајќи во колата опасно се искривил врз моите колена.