Библиотека “Магма“


Арсениевиќ/Зограф
ИШМАИЛ



СЕ ШТО МИСЛАМ
ДЕКА ЗНАМ ЗА ВУЈКО ИВАН


Мислам дека покрај Џони Ротен и Мила и Драга и мојот најдобар ортак Ушке кој се удави во Дунав пред речиси една година (што е тотална штета бидејќи Ушке се палеше на панк како и јас и штедеше од џепарлакот за да купи тапани, што значи дека “Глисти” досега можеби сепак ќе постоеја), најмногу на светот го сакав мојот вујко-Иван.
Иако не го познавав баш добро.
Или можеби токму заради тоа?
(Што јас навистина знам за него?)
Вујко-Иван изврши самоубиство така што легна со вратот на пругата некаде кај Самобор и сочека да наиде првиот воз.
Потоа тој воз стварно наминал.
(И му ја отсекол главата.)
Истиот ден старата замина за Самобор на увид.
Ил да го идентификува лешот.
Или како тоа веќе се вика.
Беше морничаво заебана кога се врати дома. Мислам и дека беше пијана, иако старата ретко пие.
Мила и Драга беа кај нас таа вечер. Мила подготви кафе. Драга изнесе колачи.
Додека нервозно пушеше на масата во кујна старата ни раскажа дека машиновозачот го видел вујко ми на пругата но дека не бил во состојба на време да закочи.
Долго зјапаше во кафето без да го сркне.
(Ние си молчевме и си молчевме.)
“Да не си можеби гладна, Љубице?” прашуваше Драга загрижено дури по некое време.
Старата уморно ја подигна главата. Нè погледна внимателно. Секого посебно. Не ни беше сеедно под тој нејзин намуртен поглед. Тогаш пред нас изнесе една метална кутија.
(На Драга ништо не ù одговори.)
Во кутијата пронајдовме лист хартија со основните податоци за вујко-Иван и со адресата и телефонот на старите моми Мила и Драга од нивниот стан на Чубура. На другата страна на ливчето искинато од најобичен нотес имаше кратка молба да биде покопан без никаков ритуал и само под името “Ишмаил”. Во кутијата пронајдовме и една негова фотографија. Како и количество долари кое беше сосема доволно за пристоен погреб.
“Па и да остане”, процени Мила стручно.
(Таа знае сè за погребите.)
Драга прва започна да плаче. Сите оние пари ги стегаше во рацете.
Потоа заплака и Мила. Го стегаше парчето хартија.
Јас брзо ја грабнав фотографијата. И за секој случај заплакав над неа.
(Да не се издвојувам.)
Подоцна и ја присвоив.
Без да прашам.
Старата логично се покаја затоа што во моментите на нервно растројство ни ја откри последната желба на вујкото. Затоа веќе утредента тајно издаде налог вујкото да се покопа под своето полно име и презиме.
Како Иван Јевремовиќ.
Ние тоа го дознавме дури на погребот. И тотално одлепивме. Сите до еден. Мила и Драга се навредија до смрт.
Иако тивко.
Во свој стил.
Не смееја да кажат ни збор но затоа ја гледаа старата мрачњикаво и обвинувачки и цело време нешто ко се муртеа.
Но затоа мене на ум не ми паѓаше да молчам. Ме болеше уво. Гласно се побунив. И тоа истиот ден. На церемонијата по погребот.
Í реков дека ја мразам затоа што го згазна последниот збор на вујкото.
Í реков дека е силеџија.
Мила и Драга молчеа. Старата нешто ко фаќаше кривина. Плачеше, ама тоа кај мене не можеше да помине. Го мразев тоа нејзино постојано насилство спрема вујкото. Не сакав да имам разбирање за неа.
Тотално бев на страната на Ишмаил.

Сè што знам за него:
Беше у-м-е-т-н-и-к. Толку капирам.
Но не прашувајте ме ни збор повеќе, за тоа.
Секогаш кога ќе се обидев вака или онака да исчепкам малку повеќе Мила и Драга ќе почнеа да пелтечат или ги вртеа погледите. Ил црвенееја.
Ко да е некаков блам да бидеш “уметник”!
Што се однесува до старата, таа и самиот збор “уметност” секогаш го изговараше со таков презир што и јас самиот се чувствувам како кретен секогаш кога ќе го изговорам.
Ми се вовлекло под кожа, се чини.
А уметноста на вујко ми мора да била заебана. Не знам како и не знам зошто - не сакаат да ми кажат - но тој во својата дваесет и трета година поради таа своја уметност најпрвин завршил во лудница па оттаму го истерале право во аскер и на крајот уште и во апс на една година.
(Знаеш, да попиздиш!)
Јас тогаш бев, знаеш, баш клинец, но јасно се сеќавам на него онаков каков што беше кога се врати после целата таа разновидна робија.
Живееше кај Мила и Драга.
Ретко излегуваше.
Ништо не работеше.
Само се шњураше по гајбата.
Беше тивок и замислен.
Малку зборуваше.
Често ме галеше по глава.
Еднаш со мене одигра партија фудбалче со вртење и ме победи 10:0. Брзо после тоа збриша отаде границата. На заеб - бидејќи му го земаа паспортот. Но немаше никаква фрка. Во тоа време вујко ми Иван бил толку незабележителен и отсутен што капирам дека само поминал покрај сите тие цариници и пандури на границата без тие воопшто да го провалат.
Прво некое време живеел во Франција. Таму имал некои пријатели.
“Уметници”, се кезеше старата.
“Некакви Ишмаиловци”, зборуваше.
Од Париз сè уште и ни пишуваше а и телефонски се јави пар пати.
Потоа живееше во Берлин. Оттаму веќе многу поретко се јавуваше.
Кога се јави последен пат нè информира дека се сели за Америка.
Оттогаш му се губи секоја трага.
Во текот на последните три години од неговиот живот никој од нас немаше никаков контакт со него.
И потоа одеднаш - тој повторно се појавува.
И тоа без глава.
На пруга. Некаде во Хрватска. Во околината на Самобор.
Стварно да попиздиш!

(...)

Затоа - кога малку подобро ќе размислам - некаде сепак ја капирам старава.
Капирам дека немала избор.
Својот помлад брат го сметала како доживотно одговорен за смртта на нејзината мајка и го мразела од првиот ден на неговиот живот. Што и да правел вујко-Иван таа му давала двојка. Секогаш. Не верувала во него. Не можела. Го капирам тоа. Затоа и капирам дека мене ми е полесно да го прифатам Ишмаил отколку на старата. На Мила и Драга исто. Ние веруваме во неговата уметност. Веруваме во Ишмаил. Иако секој со своја причина. Тие двете заради сè што знаат за неговата уметност - јас баш затоа што не знам ништо.
Не сакаат да кажат.
Ама ме боли уво.
Што се однесува до мене, вујко-Иван беше жестока фаца.
Беше радикален! Панкер без тоа да го искапира.
Искрено малку ми оди на кур неговото “Ишмаил”.
Некако ми изгледа хипи.
Ама океј, знаеш. Го капирам јас и тоа.
Такво било времето, знаеш... крај на шеесеттите почеток на седумдесеттите... и тие срања...
Ебате.
Сеедно. Опасен беше мојот вујко-Иван.
Што и да прави.
Горд сум на него. И баеги го сакам, знаеш.
Скоро ко Џони Ротен, ебате!