Библиотека “Магма“


Арсениевиќ/Зограф
ИШМАИЛ



ИНИЦИЈАТИВАТА
НА МИЛА


Старата лудува по воланот. Никој ништо не ù може. Булеварот го минуваме во еден цуг. Старата не ги рецка ни два посто изрованите шини и трамваите. Се спуштаме удолу и брзо влегуваме во Рузвелтова. Зууум. Еве нè. Овде сè е само уште поголем крш. Што да зборам кога и самите знаете! Градов и крш над сите други кршови, по ѓаволите. Но ние не ебеме жива сила. Пичиме до Новите гробишта. Како што заакавме ќе бидеме таму за едно седум секунди а атмосферата во колата е ко да сме тргнале на пат околу светот и сме се испичкариле уште на првиот километар.
Веќе јасно го гледам шугавиот ѕид на гробиштата во далечината од нашата десна страна. Старата со поглед широко ја набљудува околината. Бара место за паркинг. Веќе заборавила на моето прашање. Што се однесува до мене: реков шо има да се рече. Веќе мислам дека нема шанси што било да се случи но тогаш Мила ненадејно ми се приближува. Ја става дланката врз мојата шака. “Не знам зашто ја предизвикуваш”, вели со рапав глас. Тивко. “Со тоа ништо не постигнуваш.”
(Нејзината дланка е сува.)
“Па само сакав да ја знам вистината”, одговарам. Веројатно се дерам ко магаре бидејќи Мила нагло ги забива ноктите во мојата надланица за да ме натера да замолчам.
Од некои причини Мила ужива да ми задава болка. Порано тоа толку не ми пречеше но сега веќе ми оди на нерви. Не сум јас клинец, ебате!
Ја тргам нејзината рака од својата.
Таа брзо го чекира ретровизорот.
“Шшшш”, вели.
“Ќе ја дознаеш вистината”, вели. “На време.”
Со едното око и понатаму демне на ретровизорот.
Мене сето тоа ми е смешно бидејќи Мила ме потсетува на некаков илегалец од серија.
“Кога?”, сакам да запрашам но не успевам.
“Знаеш, Мила”, вели одеднаш старата додека нагло врти на лево за да го заземе празното место. “Понекогаш стварно се прашувам што мислиш ти за мене. Дека сум глува? Или - глупа?” Но гласот ù е тивок и не звучи како да е лута.
“Аман заман, Љубице, што ти паѓа на ум!”, извикува Мила. Баеги е изненадена.
“Па воопшто ништо не му реков!”
“Боооууже”, ù терцира Драга.
Лудо.
(Нивната глума е без врска.)
Мила сепак не се откажува од намерата.
И таа го користи моментот.
Фаќа шанса.
Шансата која стига кога Драга, таа и јас ќе излеземе од кецот за старата полесно да го збрца во малиот простор помеѓу две коли.
Тогаш мила брзо ми приоѓа.
Мила е илегалец. За неа секој момент е битен.
Драга е нејзиниот другар и соборец. Со своето тело широко како шифоњер таа на старата ù го попречува погледот кон нас.
“Слушај ме внимателно”, ми вели Мила. Смуртена е и сериозна. Љубица не сака да верува во тоа и што се однесува до мене таа има право да мисли што сака но ти треба да знаеш дека твојотр вујко не беше луд!”
Кимам со главата. Ко да не знам.
Од возбуда Мила голта цели слогови додека зборува.
“Иван беше генијален ум. Беше - уметник.”
Знам - си мислам. Тоа го знам.
Кажи ми нешто ново - си мислам.
Но не велам ништо.
Тогаш Мила зашиштува бидејќи старата веќе излегува од колата за сите да нè поведе кон портата на гробиштата: “Запомни го тоа: уметник!”