|
I
Почнуваш да го читаш новиот роман на Итало Калвино Ако една зимска ноќ некој патник. Опушти се. Соземи се. Отфрли ја секоја друга помисла. Пушти светот што те опкружува да исчезне во неопределеноста. Подобро да ја затвориш вратата; од другата страна секогаш има вклучен телевизор. Веднаш кажи им на другите: “Не, не сакам да гледам телевизија!” Доволно гласно, инаку нема да те слушнат: “Читам! Не сакам никој да ми пречи!” Можеби не те слушнале, со сета онаа бучава; кажи го тоа погласно, викни: “Почнувам да го читам новиот роман на Итало Калвино!” Или ако не сакаш, немој да го кажуваш ова; да се надеваме дека ќе те остават раат.
Намести се како што ти е најзгодно: седнат, испружен, стуткан, легнат. Легнат на грб, на страна, на стомак. Во фотелја, на тросед, на столче за лулање, на лежалка, на табуретка. На мрежа за спиење, ако имаш мрежа за спиење. На кревет, сигурно, или во кревет. Можеш и да се наместиш со главата надолу, во јога положба. Со превртена книга, се разбира.
Јасно, не е лесно да се најде идеална положба за читање. Некогаш се читало стоејќи, пред сталакот за читање. Луѓето биле навикнати да стојат неподвижно. Така се одморале кога биле уморни од јавање коњи. Никој никогаш не помислил да чита на коњ; па сепак, сега ти се чини привлечна идејата да читаш во седло, со книгата поставена врз гривата на коњот, можеби закачена за неговите уши со специјални амови. Положбата за читање со стапалата во стремените би требало да е многу згодна; поткренати нозе се прв услов да се ужива во читањето.
Добро, што чекаш? Испружи ги нозете, потпри ги слободно стапалата на некое перниче, на две перничиња, на потпирките за раце на троседот, на рачките на фотелјата, на масичето за чај, на работната маса, на пијаното, на глобусот. Прво собуј ги чевлите. Ако сакаш стапалата да ти бидат поткренати; ако не, обуј ги. Сега, не стој така со чевлите во едната и книгата во другата рака.
Намести го светлото за да не ти ги заморува очите. Сега стори го тоа, зашто штом ќе се задлабочиш во читањето ќе нема шанса да се помрднеш. Потруди се страницата да не остане во сенка, да не биде трупање на црни букви врз сива заднина, сите еднакви како глутница глувци; но внимавај врз неа да не паѓа премногу силна светлина и да не фрла отсјај врз страшната белина на хартијата, нагризувајќи ги сенките на буквите, како на пладне, на југот. Сега обиди се да го предвидиш сето она што би можело да те присили да го прекинуваш читањето. Цигарите на дофат, ако пушиш, пепелник. Што има уште? Треба да мочкаш? Добро, ти си знаеш.
Не дека очекуваш нешто особено токму од книгава. Ти си некој кој во принцип не очекува ништо од било што. Има многу луѓе, помлади или постари од тебе, што живеат во исчекување на извонредни доживувања; од книги, од луѓе, од патувања, од случки, од она што ни го носи утрешнината. Ти не. Ти знаеш дека најмногу што може да се очекува е да се одбегне најлошото. Тоа е заклучокот до кој си дошол како за сопствениот живот, така и за општите, дури и за светските прашања. А за книгите? Ете, токму затоа што си го отпишал на секое друго поле, веруваш дека е праведно тоа младешко задоволство на очекување сè уште да си го дозволиш во една многу ограничена област, како што е онаа на книгите, каде што може да поминеш добро или лошо, но ризикот од разочарување не е сериозен.
Значи, си видел во некој весник дека излегла Ако една зимска ноќ некој патник, новата книга на Итало Калвино, кој многу години нема објавувано. Си поминал во книжарница и си ја купил книгата. Добро си сторил.
Веќе во излогот на книжарницата си ја препознал корицата со насловот што го бараш. Следејќи ја таа визуелна трага си се пробил во книжарницата меѓу густата брана од Книги Што Не Си Ги Прочитал, што те гледаат намуртени од тезгите и од полиците обидувајќи се да те исплашат. Но ти знаеш дека не смееш да дозволиш да те обземе страв, зашто меѓу нив се протегаат цели хектари од Книги Што Можеш Да Не Ги Прочиташ, Книги Создадени За Други Намени Освен За Читање, Веќе Прочитани Книги Без Потреба И Да Се Отворат Бидејќи Припаѓаат На Категорија На Веќе Прочитаното Уште Пред Да Биде Напишано. И така го поминуваш првиот појас од бедеми и ти се нафрлува пешадијата од Книги Што Кога Би Имал Повеќе Животи За Живеење Сигурно И Тие Со Задоволство Би Ги Прочитал Но Деновите Што Ги Имаш За Живеење Се Тие. Брзо ги прескокнуваш и се наоѓаш сред фалангите на Книгите Што Имаш Намера Да Ги Прочиташ Но Прво Мораш Да Прочиташ Некои Други, Премногу Скапи Книги Што Би Можел Да Почекаш Да Ги Купиш На Распродажба, Книги Исти Како Претходните Кога Ќе Бидат Препечатени Во Џебни Изданија, Книги Што Би Можел Да Бараш Од Некого Да Ти Ги Позајми, Книги Што Сите Ги Прочитале Па Речиси Како И Ти Да Си Ги Прочитал. Избегнувајќи ги нападите, одиш под кулите на тврдината каде уште даваат отпор
Книгите Што Одамна Планираш Да Ги Прочиташ,
Книгите Што Со Години Ги Бараш И Не Ги Наоѓаш,
Книгите Што Се Однесуваат На Нешто Со Што Во Моментот Се Занимаваш,
Книгите Што Сакаш Да Ги Имаш За Да Ти Бидат На Дофат За Секој Случај,
Книги Што Би Можел Да Ги Ставиш На Страна За Да Ги Прочиташ Можеби Летово,
Книгите Што Ти Требаат За Да Ги Наредиш До Другите Во Твојата Полица,
Книгите Што Побудуваат Во Тебе Ненадејна Бурна И Не Сосема Оправдана Љубопитност.
Ете, успеа да го намалиш неограничениот број на силите на бојното поле до една сигурно многубројна целина, но која сепак може да се опфати со конечен број, иако оваа релативна починка ќе биде загрозена од замките на Одамна Прочитаните Книги Што Треба Да Ги Препрочиташ и од Книгите Што Секогаш Си Се Преправал Дека Си Ги Прочитал Па Затоа Е Време Да Се Решиш Навистина Да Ги Прочиташ.
Со брз цик-цак маневар се ослободуваш и со скок влегуваш во цитаделата на Новитетите Чијшто Автор Или Тема Те Привлекуваат. |