|
Хулио Кортасар
Остров на пладне
Аксолотл
Имаше еден период во кој многу
мислев на аксолотлите. Одев да ги видам во аквариумот на
Ботаничката градина и останував да ги гледам со часови, ја
набљудував нивната неподвижност, нивните незабележителни
движења. Сега сум аксолотл.
Случајот ме одведе до нив едно пролетно утро во кое Париз го
отвораше својот паунски опаш по бавното презимување. Се
спуштив по булеварот Пор-Ројал, тргнав по Сен Марсел и
Лопитал, ги видов нијансите на зелено сред толку сивило и се
сетив на лавовите. Им бев пријател на лавовите и пантерите, но
никогаш не бев влегол во влажната и темна зграда со аквариуми.
Го потпрев велосипедот на оградата и појдов да ги видам
лалињата. Лавовите беа грди и тажни, а мојот пантер спиеше. Се
решив за аквариумите, ги избегнував безвезните риби сè додека
неочекувано не се најдов пред аксолотлите. Ги набљудував цел
еден час и излегов, неспособен за што и да е друго.
Во библиотеката Сент Женевјев се послужив со речник и дознав
дека аксолотлите се ларви, обезбедени со шкрги, еден вид
амфибии од родот амблистома. Од самите нив веќе бев заклучил
дека се од Мексико, од нивните розикави ацтечки лиценца и од
натписот во горниот дел на аквариумот. Прочитав дека во Африка
биле пронајдени примероци што за време на сушните периоди
можат да живеат на земја, а кога ќе настапи дождовната сезона
го продолжуваат својот живот во вода. Го најдов нивното име на
шпански, ајолоте, забелешката дека можат да се јадат и дека
нивното масло се користело (изгледа веќе не се користи) како
она од црн џигер од бакалар.
Не сакав да консултирам специјализирани дела, но следниот ден
повторно отидов во Ботаничката градина. Почнав да одам секое
утро, понекогаш и наутро и попладне. Чуварот на аквариумите
збунето се насмевнуваше кога ми го земаше билетот. Се потпирав
на железната ограда што ги опкружува аквариумите и се
загледував во нив. Нема ништо чудно во тоа зашто од самиот
почеток сфатив дека сме поврзани, дека нешто засекогаш
изгубено и далечно, сепак и понатаму нè соединува. Доволно
беше тоа што она прво утро бев застанал пред стаклото зад
коешто неколку меурчиња се бркаа низ водата. Аксолотлите се
трупаа во малиот и тесен (само јас можам да кажам колку мал и
тесен) аквариумски стан од камења и мов. Имаше девет примероци
и повеќето од нив ја потпираа главата на стаклото, и со своите
прекрасни очи гледаа во оние што им се приближуваа.
Вознемирен, речиси засрамен, почувствував дека е недолично да
се наведнувам над тие тивки и неподвижни фигури натрупани на
дното од аквариумот. Во мислите издвоив една од нив, сместена
на десната страна и малку издвоена од другите, за подобро да
ја проучам. Видов розикаво, речиси проѕирно телце (помислив на
кинеските статуетки од млечно стакло), слично на гуштерче од
петнаесеттина сантиметри, кое завршуваше со неверојатно фин
опаш како на риба, најчувствителниот дел од нашето тело. На
грбот му леткаше проѕирна перка која се спојуваше со опашот,
но она што ме обзеде беа филигрански префинетите шепички кои
завршуваа со мали прстиња, со минуциозно човечки нокти. И
тогаш ги открив нивните очи, нивното лице. Безизразно лице,
без друго обележје освен очите, два отвора како главици од
шпенадла, целите од проѕирно злато, сосема лишени од живот, но
гледаа, дозволуваа во нив да навлезе мојот поглед кој како да
минуваше низ златната точка и како да се губеше во проѕирната
внатрешна мистерија. Мошне тенок црн ореол го опкружуваше
окото и го вцртуваше во розовото месо, во розовиот камен на
речиси триаголната глава, но со криви и неправилни рабови што
ù даваа изглед на статуетка нагризана од времето. Устата беше
скриена во триаголноста на лицето, само од профил се
насетуваше нејзината забележителна големина; однапред тенка
реска одвај го отвораше безживотниот камен. Од двете страни на
главата, онаму каде што би требало да му бидат ушите, му
растеа три корално црвени гранчиња, растителни израстоци,
шкрги, претпоставувам. И тие беа единственото живо нешто на
него, на секои десет или петнаесет минути гранчињата сосема се
исправаа и повторно се спуштаа. Понекогаш една шепа малку ќе
се придвижеше, гледав како прстињата меко се спуштаат врз
мовта. Зашто не сакаме да се движиме многу и аквариумот е
толку мал; само ако мрднеме ќе се плеснеме во опашот или
главата на некој друг од нас; следат тешкотии, тепачки, замор.
Помалку се чувствува времето кога сме си мирни.
|

|
|