|
Хулио Кортасар
Остров на пладне
Аксолотл
Нивната смиреност беше тоа што ме
натера, целосно обземен, да се наведнам над нив првиот пат
кога ги видов аксолотлите. Ми се причини дека ја разбирам
нивната тајна желба со индиферентна неподвижност да ги укинат
просторот и времето. Подоцна дознав повеќе, контракцијата на
шкргите, допирот на фините шепички врз камењата, наглото
запливување (некои од нив пливаат со едноставно бранување на
телото), ми потврдија дека се способни да избегаат од
минералната летаргија во која минуваа цели часови. Нивните очи
ме опседнуваа повеќе од сè. Покрај нив, во другите аквариуми,
различни риби ми ја покажуваа едноставната тапост на своите
убави очи слични на нашите. Очите на аксолотлите ми зборуваа
за присуството на некој поинаков живот, на друг начин на
гледање. Залепувајќи го лицето за стаклото (понекогаш чуварот
поткашлуваше, загрижен) настојував подобро да ги видам малите
златни точки, влезот во бескрајно бавниот и далечен свет на
розовите суштества. Залудно удирав со прстот по стаклото, пред
нивните лица; никогаш не се забележуваше ни најмала реакција.
Прекрасните очи и понатаму гореа со нивната слатка, ужасна
светлина; и понатаму ме гледаа од некоја немерлива длабочина
од која ми се вртеше во главата.
А сепак беа близу. Го сфатив тоа пред ова, пред да станам
аксолотл. Го сфатив тоа денот кога за прв пат им се приближив.
Човеколиките црти кај мајмуните ја откриваат, спротивно од она
што го мисли мноштвото, разликата што постои меѓу нив и нас.
Непостоењето на каква и да е сличност меѓу аксолотлите и
човечкото суштество ми потврди дека моето препознавање е
валидно, дека не се потпирам на површни аналогии. Само
дланчињата… Но и гуштерите имаат такви дланки, а воопшто не
личат на нас. Мислам дека беше главата на аксолотлите,
триаголната розикава форма со прекрасните очиња. Гледав во тоа
и знаев. Тоа беше потврда. Не беа животни.
Се чинеше лесно, речиси неизбежно, да се западне во
митологија. Во аксолотлите почнав да гледам метаморфоза што не
успева да поништи одредена таинствена човечност. Ги замислував
свесни, робови на сопствените тела, занавек осудени на пеколна
тишина, на безнадежно размислување. Нивниот слеп поглед,
крукчето безизразно, а сепак ужасно луцидно злато,
проникнуваше во мене како порака: “Спаси нè, спаси нè. “Се
фаќав како шепотам утешни зборови, пренесувам детинести
надежи. Тие и понатаму ме гледаа, неподвижни; розикавите
гранчиња на шкргите нагло ќе се исправеа. Во тој момент ќе
почувствував тапа болка; можеби ме гледаа, го чувствуваа мојот
напор да проникам во непроникливоста на нивните животи. Не беа
човечки суштества, но во ниту едно животно не бев наишол на
толку длабока поврзаност со мене. Аксолотлите беа како сведоци
на нешто, и понекогаш како ужасни судии. Се чувствував
ништожен во споредба со нив; имаше толку застрашувачка
чистотија во тие проѕирни очи. Беа ларви, но ларва значи и
маска и призрак. Зад тие ацтечки лица, безизразни, а сепак
неумоливо сурови: Која ли слика го чекаше својот час?
Ме плашеа. Мислам дека доколку не го чувствував присуството на
другите посетители и на чуварот, немаше да се осмелувам да
останувам насамо со нив. “Вие како да ги голтате со очите”,
смеејќи се ми велеше чуварот, кој сигурно сметаше дека сум
малку одлепен. Не сфаќаше дека тие мене лакомо и бавно ме
голтаа со очите, во златниот канибализам. Далеку од аквариумот
мислев само на нив, како од далечина да влијаеа врз мене.
Почнав да одам секој ден, а навечер си ги замислував
неподвижни во темнината, како пополека ја придвижуваат
нанапред едната рака која веднаш удира во раката на другиот.
Можеби нивните очи гледаат сред ноќ, и за нив денот продолжува
без крај. Очите на аксолотлите немаат клепки.
|