Книги со извадоци:
 
33.   Нина Берберова
КЛВИРСКА ПРИДРУЖБА
   
32.   Нина Берберова
ТРСКА ШТО МИСЛИ
   
31.   Иштван Еркењ ЕДНОМИНУТНИ НОВЕЛИ
   
30.   Хулио Кортасар
ОСТРОВ НА ПЛАДНЕ
   
29.   Адам Хаслет
ТИ НЕ СИ СТРАНЕЦ ТУКА
   
28.   Итало Калвино
АКО ЕДНА ЗИМСКА НОЌ НЕКОЈ ПАТНИК
   
27.   Ден Роудс АНТРОПОЛОГИЈА
   
26.   Арсениевиќ/Зограф ИШМАИЛ
   
25.   Сатирични приказни
THE ONION
   
24.   Владимир Набоков
ЛОЛИТА
   
23.   Анри Мишо
ВО ЗЕМЈАТА НА МАГИЈАТА
   
22.   Бруно Шулц
ПРОДАВНИЦИ СО БОЈА НА ЦИМЕТ
   
21.   Томас Пинчон
ТАЈНАТА ИНТЕГРАЦИЈА
   
20.   Патрик Зискинд
ПАРФЕМ

Библиотека “Магма“


ВЛАДИМИР НАБОКОВ
Лолита




 

ПРЕДГОВОР

 

Лолита, или Исповед на еден бел вдовец, така гласеа двата наслови под кои писателот на овие белешки ги прими чудните страници на кои ова им служи како вовед. “Хамберт Хамберт”, нивниот автор, умре од коронарна тромбоза во затвор, на 16 ноември 1952 година, неколку дена пред закажаниот почеток на судењето. Неговиот адвокат, мојот добар пријател и роднина, господин Клеренс Чоут Кларк, сега член на Адвокатската комора на округот Колумбија, побара од мене да го подготвам ракописов, врз основа на една клаузула од тестаментот на својот клиент, која го овластува мојот угледен роднина да ја користи сопствената слобода на одлучување во сите нешта кои се однесуваат на подготовката на Лолита за печат. Врз одлуката на господин Кларк можеби влијаеше фактот што приредувачот кој тој го избра тукушто ја доби Полинговата награда за едно скромно дело (Имаат ли сетилата смисла?) во кое се разработуваат некои патолошки состојби и изопачености кај човекот.

Мојата задача се покажа поедноставна отколку што кој било од нас претпоставуваше. Со исклучок на поправките на очигледните граматички грешки и внимателното изоставување на неколку упорни подробности кои, и покрај напорите на самиот ‘Х. Х.’, останаа во текстот како патокази и надгробни плочи (означувајќи ги местата или личностите кои добриот вкус би ги прикрил, а сочувството би ги поштедело), овие извонредни мемоари ви ги пренесуваме недопрени. Необичното презиме на авторот е негов сопствен изум; и, се разбира, таа маска - низ која како да светкаат две хипнотизирачки очи - мораше да не се разоткрива во согласност со желбата на нејзиниот носител. Додека презимето “Хејз” само се римува со вистинското презиме на хероината, нејзиното име е премногу тесно испреплетено со најдлабокото ткиво на книгата и не дозволува никакви промени, а (како што читателот и самиот ќе забележи) немаше никаква практична потреба за такво нешто. Љубопитните можат да ги побараат податоци за злосторството на “Х. Х.” во дневните весници од септември и октомври 1952 година; мотивот и причината и понатаму ќе останеа целосна мистерија доколку не беше дозволено овие мемоари да се најдат под мојата ламба за читање.

За старомодните читатели кои сакаат да ја следат судбата на “вистинските” луѓе зад “вистинската” приказна, овде можеме да дадеме неколку подробности онака како што ги примивме од господинот “Виндмулер” од “Ремсдејл”, кој сакаше неговиот идентитет да остане неоткриен со цел “долгата сенка на оваа жална и валкана приказна” да не допре до заедницата на која тој толку гордо ù припаѓа. Неговата ќерка, “Луиз”, сега е веќе студентка во втора година, “Мона Дал” студира во Париз, “Рита” неодамна се омажи за сопственик на хотел во Флорида. Сопругата на “Ричард Ф. Шилер” умре на породилна постела, донесувајќи на свет мртвородено девојченце, на Божиќ 1952 година во Сива ѕвезда, мало населено место во најоддалечената северозападна област. “Вивиен Даркблум” напиша биографија Мојот К. која наскоро ќе биде објавена, а критичарите што го прочитаа ракописот ја прогласуваат за нејзина најдобра книга. Чуварите на сите гробишта кои се засегнати со ова дело известуваат дека не шетаат никакви духови.

Посматрана само како роман, Лолита се занимава со ситуации и чувства кои ќе беа крајно нејасни за читателот доколку нивниот израз беше разводенет со блуткави одбегнувања. Навистина, во целото дело не може да се најде ниту еден непристоен израз; всушност, енергичниот филистинец, кого модерните конвенции го навикнаа без проблеми да ги прифаќа натрупаните редови со зборови од четири букви во баналниот роман, навистина ќе биде запрепастен поради нивното отсуство во романов. Меѓутоа, доколку, за да му угоди на овој парадоксален “светец”, приредувачот се обиде да ги ублажи или изостави сцените кои одреден тип свест би можела да ги нарече “афродизијачки” (види ја во тој контекст монументалната одлука која на 6 декември 1933 година ја донесе судијата Џон М. Вулзи* по повод една друга книга со значително помалку влакна на јазикот), ќе мора целосно да се откаже од објавувањето на Лолита, затоа што токму тие сцени што некој неуко би можел да ги обвини за сладострастност се во строга смисла најфункционалните сцени во развојот на оваа трагична приказна која без колебање се стреми кон морална апотеоза и не прифаќа ништо помалку од тоа. Циникот би можел да каже дека комерцијалната порнографија го тврди истото; научникот би можел да се спротивстави на ова тврдење докажувајќи дека страстната исповед на “Х. Х.” е само бура во епрувета; дека барем 12 проценти од возрасните Американци - според “умерената” проценка на д-р Бланш Шварцмен (усно соопштение) - секоја година, на овој или на оној начин, уживаат во она посебно искуство што “Х. Х.” го опишува со толку очајување; дека, доколку нашиот споулавен пишувач на дневникот во кобното лето 1947 година отидеше кај некој способен психопатолог, катастрофата ќе беше спречена; но, од друга страна, тогаш ни книгава немаше да постои.

Ве молам да му простите на коментаторов што ќе го повтори она што го истакнува во сопствените книги и предавања, имено, дека зборот “неприфатливо” е често само синоним за зборот “невообичаено”; и дека големото уметничко дело е, се разбира, секогаш оригинално и затоа се подразбира дека тоа само по себе треба повеќе или помалку да шокира. Мојата намера не е да го величам “Х. Х.”. Без сомнение, тој е ужасен, тој е подмолен, тој претставува блескав пример за морална лепрозност, спој од свирепост и духовитост која можеби го оддава неговото врвно страдање, но не успева да го направи попривлечен. Тој е несмасно каприциозен. Многу од неговите случајни мислења за луѓето и за пејзажот на оваа земја се смешни. Очајната искреност што одекнува низ неговата исповед не го ослободува од гревовите на дијаболичкото лукавство. Тој не е нормален. Тој не е господин. Но колку магично неговата виолина може да предизвика нежност, сожалување кон Лолита, што нè прави маѓепсано да се воодушевуваме од книгата во исто време додека се згрозуваме од авторот!

Како историја на една болест, Лолита без сомнение ќе стане класика во психијатриските кругови. Како уметничко дело, таа ги надминува своите покајнички аспекти; а она што за нас е уште поважно од научното значење и книжевната вредност, е етичкото влијание што таа треба да го има врз сериозниот читател; затоа што во оваа потресна интимна студија демне една општа поука: распуштеното дете, егоистичната мајка, забревтаниот манијак - ова не се само живи ликови во една уникатна приказна; тие нè предупредуваат за опасните актуелни тенденции; тие ги посочуваат потенцијалните зла. Лолита треба сите нас - родители, социјални работници, воспитувачи - да нè натера со уште поголема будност и внимание да се посветиме на задачата да израснеме подобри поколенија во еден побезбеден свет.

 

Видворт, Масачусетс
д-р Џон Реј, Помладиот
5 Август, 1955 год.

прв дел 1