Библиотека “Магма“


ВЛАДИМИР НАБОКОВ
Лолита




 

прв дел
1

 
Лолита, светлината на мојот живот, огнот во моите препони. Мојот грев, мојата душа. Ло-ли-та: врвот на јазикот тргнува на пат од три чекори надолу по непцето за, на третиот, да ги допре забите. Ло. Ли. Та.
Наутро таа беше Ло, едноставно Ло, додека стоеше со своите сто и четириесет сантиметри во еден чорап. Во панталони беше Лола. На училиште беше Доли. На испрекинатата линија беше Долорес. Но, во моите прегратки таа секогаш беше Лолита.
Дали имаше претходничка? Имаше, се разбира дека имаше. Всушност, можеби Лолита воопшто немаше да постои доколку едно лето не сакав одредено почетно девојче. В кралство кај морски крај в молк се свил. Ех, кога? Речиси онолку години пред да се роди Лолита колку што имав тоа лето. Од еден убиец секогаш можете да очекувате раскошен прозен стил.
Дами и господа поротници, доказот број еден е онаа на којашто серафимите, лошо информираните, едноставни, благородно-крилести серафими, ù завидуваа. Погледнете го ова клопче од трње.
 
 

1 Стих од Анабел Ли на Едгар Алан По (препев Гане Тодоровски), и подолу серафимите се од истата песна.

дома прв дел 2