Библиотека “Магма“


Анри Мишо
ВО ЗЕМЈАТА НА МАГИЈАТА

 

Скици од едно имагинарно патување

Уште од најдревните епски книжевни споменици (Епот за Гилгамеш, Епот за Етана, Одисеја, Рамајана, Махабхарата, Епот за Аргонаутите...) уметноста на зборот ги манифестира своите длабоки, речиси нераскинливи врски со патувањето: самиот чин на (пре)раскажување на едно патување постепено прераснува во големо иницијациско патешествие на духот, во чиишто непредвидлив итинерер е поканет да учествува секој потенцијален читател. Оттука, говорејќи за таа инхерентна врска со топосот на патувањето во античките облици на книжевноста, Хајне доаѓа до сознанието дека „патеписот е најизворен и најприроден облик на роман”.

И во следните столетија голем број писатели од сите меридијани оставија бројни сведоштва дека пишувањето - а и читањето - претставува еден вид патување низ времето и просторот. Како приврзаници на древната максима „оној што не патувал - како да не живеел”, некои од нив (од Волтер и Бајрон до Лондон и Јурсенар) сметаат дека патувањата им биле еден од основните предуслови за книжевната креација, а други пак (од Ванг Веј и Башо до Керуак и Вајт) токму на пат ги испишале своите најдобри редови. Возејќи се во париското метро, Перек пишувал песни и скицирал голем број од неговите прозни проекти, а Ешбери пишувал и подолги поеми, патувајќи со автобус. Некои писатели го опишувале тоа што претходно го доживеале во непознатите земји и пространства (од Херодот и Марко Поло до Ибн Батура и Флобер), а други пак (од Хелдерлин и Свифт до Верн и Уисманс) докажале дека писателот и не мора да ја напушти својата работна соба за да патува. Во која ли од овие (секако провизорни) групи да се смести името на големиот француски поет и сликар Анри Мишо? Веројатно, во повеќето. Ако не и во сите.   

* * *

Сплотувајќи ги во неразлачиво единство своите две најголеми животни пасии - патувањето и творештвото (поетско и ликовно) - „најголемиот фантаст на француската поезијата”, Анри Мишо (1899-1984), уште од своите први книжевни и уметнички објави покажува дека уметникот е патник не само кога плови со бродовите по морињата туку и (дури и повеќе) - кога се движи низ сферите на внатрешните пространства, на кои упатува и насловот на еден од неговите први избори од раното поетско творештво - Внатрешна далечина.

Патувајќи најпрвин по море, а потем крстосувајќи речиси цели континенти (во прв ред Азија и Јужна Америка), Мишо отпрвин создава неколку извонредни книги, кои се плод од емпириските патешествија ( во прв ред Еквадор и Варварин во Азија), но уште во овие дела тој покажува дека неговото неизгасливо љубопитство за запознавање и проникнување со други цивилизаци и култури не може така лесно да биде заситено. Мишо отворено признава дека неговите патувања најпрвин го имаат печатот на романтичарско бекство од Цивилизацијата: настојувајќи да се ослободи од стапиците на европското („грчко, римско, германско и белгиско”) културно наследство и трагајќи по Непознатото - „било Небо или Пекол” како што би рекол Бодлер - Мишо релативно рано имал чувство дека Земјината топка е претесен простор во потрагата по новото. Токму затоа, Мишо мошне бргу го избира и интровертното патешествие, нурнувајќи се во внатрешните непрегледни простор на фантазијата. Тие патувања се овоплотени во цела редица впечатливи книжевни текстови создадени кон крајот на дваесеттите и во текот на триесеттите години од ХХ век, објавени во книгите: Еквадор, Моите имоти, Ноќта се движи, Варварин во Азија, Внатрешна далечина и Патувањето во Голема Гарабања. Уште во овие дела недвосмислено се гледа дека она што има доволно капацитет постојано да го изненадува овој осаменик, тоа е лоцирано во бесконечните бездни на творечката имагинација.

 

* * *

Несомнено е дека и книшката Во земјата на магијата (Ау паѕс де ла магие, 1941) би можела да се разгледува како интегрален елемент од проектот на „фантастичната етнологија” на визионерот Мишо. Не е случајно што во 1948 година Мишо ја објавува Во земјата на магијата заедно со Патувењето во Голема Гарабања (Воѕаге ен Гранде Гарбагне) и Тука е Подема (Ици Поддема) меѓу кориците на изданието под наслов Другаде (Аиллеурс), затоа што со тоа и самиот ја потврдува не само сродноста на овие три поетски авантури - да се патува и да се престојува другаде - туку и експлицитно ги третира како еден вид патеписно-дневнички скици од неговите „патувања, на кои единствено им недостигаат точни датирањаш”. Притоа, во предговорот на Другаде, Мишо потенцира дека во сите три „земји престојувал” по речиси две години и се чувствувал „многу поопуштено отколку во Европа”. Впрочем, колку и да изгледа парадоксално, едно од доминантните расположенија на нараторот во Земјата на магијата е антиномичниот спој на страв, вџашеност, вчудовиденост, вознемиреност, беспомошност и фрустрираност од една страна, но и силна носталгија, од друга страна, по она што го доживеал во таа чудесна земја, во која најпластично е доловена „необичноста на природните нешта и природноста на необичните нешта” за која говори Андре Жид во својата позната книга Да го откриеме Анри Мишо (1941). Преку прошетката низ земјата на магијата, нараторот ни опишува цел еден имагинарен, дотогаш сосема непознат универзум во кој владејат други физички и морални закони, други навики и обичаи, друг начин на размислување и чувствување, други правила на игрите и други вредносни системи, со што Мишо имплицитно и (авто)иронично го артикулира и неговиот длабок скептицизам кон нашата цивилизација.     

 

* * *

Како повеќето книги на Мишо, така и текстовите од Во земјата на магијата се противат на сите обиди за строго жанровско дефинирање. Со прецизноста на изразот некои пасажи напати потсетуваат на антрополошки, етнографски или природнонаучни записи, со свежината и животноста на импресиите и чувствата - на патеписни скици или на дневнички белешки, со илузионистичката сугестибилност - на она што денес се нарекува трип-литература, со загадочната, бизарна и црнохуморна атмосфера - на визуелните ефекти на надреалистичкото сликарство, со елиптичните дескрипции и неочекувани пресврти - на куси прозни фрагменти, а со шокантноста и непредвидливоста на асоцијативните нишки на поетските слики - на чиста поезија. Во овој контекст, во врска со трите книги што ја сочинуваат Другаде, најголемиот афирматор и приопштувач на делото на Мишо во македонската книжевна средина, Влада Урошевиќ, со право потенцира дека тие „се секако најфантастичните книги во современата светска поезија, ненадминати во слободата на фантазијата со блесок на изненадата на секоја страница (...) Мишо во овие книги - но и во деловите од другите - измислува цели земји, нивни истории, раси, обичаи, династии, флори, фауни - сé до најситните инсекти”.

Оттука, како поетско сведоштво за патувањето и средбата на Мишо со една од неговите „имагинарни цивилизации”, Во земјата на магијата би можела да биде извонредно податливо четиво од имаголошки ракурс. Слично како и во Варварин во Азија, средбата со другите (во овој случај со жителите од имагинарната земја на магијата) во овој текст за нароторот постојано е можност да ја согледа својата (духовна) инфериорност, неретко чувствувајќи се како еден вид варварин: светот што го опишува го изненадува и го застрашува на секој чекор, а магиските способности на Волшебниците уште повеќе ја зголемуваат неговата љубопитност и порив да продре во нивните езотерични тајни, кои сепак до крајот му остануваат недостапни, така што авторот дури е и прогонет од земјата на магијата. Сепак, моќта на Мишо, на тој волшебник на зборот, се манифестира во способноста да (ре)конструира цел еден автономен свет само со помош на јазичниот медиум. Оттука, како што по секое патување патникот не е оној истиот од пред тоа, така и по патувањето низ фантазмогоричните пространства на земјата на магијата - по затворањето на кориците - ни читателот не е истиот од пред тоа.

Владимир Мартиновски

 

12 дома