Библиотека “Магма“
 

THE ONION
 

Избор текстови од сатиричното списание
THE ONION

Советот на пријатели одлучува
Новата девојка е неповолно оценета на
состанокот на стручниот пријателски совет

  Рали, Северна Каролина – Прелиминарните податоци што ги собра советот на пријатели во понеделникот навечер, покажаа дека новата девојка Кристина Кар не му одговара на Иван Линдблад.

Едвам дочекав да им ја претставам Кристина на моите пријатели, рече Линдблад (25), апсолвент по клиничка психологија на универзитетот во Северна Каролина. Бев уверен дека ќе им се допадне. Но откако ги видов бројките, ми стана јасно дека навистина лошо сум одбрал.

По три недели врска Линблад организирал мала забава за да ја претстави Кристина на случајно избраните најблиски пријатели на возраст од 22 до 27 години. За време на вечерта Линдблад на стручниот совет му поставувал прашања поврзани со Кристина Кар, во радиус од Што мислите за Кристина? до Дали моите впечатоци за Кристина се исправни?

Линдблад исто така скришно ги набљудувал членовите на стручниот совет и внимателно ги бележел нивните спонтани реакции спрема Кристина.

На почетокот никој не сакаше отворено да го изнесе своето мислење, рече Линдблад. Сепак, некаде околу 22:45 – додека најголемиот дел од советот во кујната пиеше пиво, а Кристина остана во другата соба – мислењата почнаа да излегуваат на виделина. Треба ли воопшто да кажам дека уредно ги документирав.

Според зборовите на Линдблад, Кар најдобро поминала кај петте негови пријатели од колеџ. Од нив 60% се изјасниле дека во целост се согласуваат со тврдењето или делумно го прифаќаат тврдењето дека Кристина е многу симпатична. Кар исто така добро поминала и кај машките членови на стручниот совет, кои три пати помалку биле подготвени да одговорат позитивно на тврдењето Кар се облекува лошо.

Откако ги пребројал оценките што ги добила Кар за категориите привлечност, оригиналност и веродостојност, Линдблад утврдил дека неговата нова девојка добила само 25% поддршка од неговите пријатели.

Беше сосема јасно дека Кристина не ги одушевила, рече Линдблад. Во секој случај, се откажувам од планот да ја земам на божиќната забава кај Ерик Бароуман, зашто ми претстои макотрпно вреднување на резултатите од стручниот совет.

Со ниска поддршка, единаесет членови на советот изјавиле дека разговорот со неа е незанимлив и здодевен. Понатаму, во текот на собирот во кујната, членовите составиле попис на нејзините негативни особини кои секако би требало да се променат.

Нејзината насмевка едноставно не ми се допадна, рече Тони Еверс, пријателот и соработник на Линдблад. Тонот ù е превисок за мојот вкус. И не би имал ништо против ако покаже малку повеќе познавање за природата на работата со која се занимава Иван.
Кар минала лошо дури и на подрачјата за кои Иван бил сигурен дека се нејзината посилна страна.

Кристина е убава и тоа никој не може да го оспори. Но истражувањето покажа дека членовите на советот посакуваат личност со позрел изглед, рече Линдблад. Маичката на пруги со длабоко деколте за волја на вистината воопшто не ù одела во прилог. Тоа не го очекував, но затоа се измислени тестовите.

До крајот на вечерта 85% од Ивановите пријатели изјавиле дека се согласуваат со тврдењето дека Иван би можел да си најде многу подобра прилика.

Близок сум со Иван со години и го почитувам, рече Еверс. Но ако одлучи да ја продолжи таа врска, високиот процент на моето почитување кон него може значително да се намали.

Изненаден од лошите резултати на Кар, Линдблад побарал од најдобриот пријател Џејк Хадлер да му ја објасни причината за таквиот исход. Хадлер му рекол на Линдблад дека му се вратило тоа што пред забавата ја величал Кар како исклучително духовита и неверојатно паметна личност.

Иван милион пати ми повтори дека Кристина е исклучително духовита, рече Хадлер. Сè се сведуваше на: “Кристина го кажа ова” и Кристина го направи она”. Е па, за време на забавата учествував во шестминутен разговор со Кристина, обидувајќи се да утврдам за колкав коефициент на духовитост станува збор и морам да признаам дека за целото тоа време ниеднаш не се пошегува.

Да не беа толку големи очекувањата Кар веројатно ќе поминеше подобро, се согласија членовите на советот.

По величествените воспевања очекувавме некој што нема да ни биде симпатичен туку девојка што ќе ги плени нашите срца, рече Глен Делк, соработничка на Линдблад. Да ја претставеше Кристина како ‘забавна или кул девојка’, веројатно ќе ја гледавме поинаку. Но тој непрекинато велеше дека “таа би можела да биде вистинската” и нè натера да ја проценуваме како предмет на вистинска љубов, а не како обична љубовница.

И покрај негативните резултати од испитувањето, Линдблад сè уште не е подготвен да ја прекине врската.

Никако не би сакал да ја уништам целата работа по само едно стручно советување, рече Линдблад. Можеби во иднина таа ќе научи нешто повеќе за тематиката со која се занимавам. И ќе поработи на смеењето. Мислам дека тоа би можело да ù го подигне просекот.
 

дома - вест 02