Библиотека “Магма“
 

THE ONION
 

Избор текстови од сатиричното списание
THE ONION

Нова победа за Ирак
УШТЕ 137 НАФТЕНИ ИЗВОРИ
ОСЛОБОДЕНИ ЗА ДЕМОКРАТИЈАТА

 

Румаиланските нафтени полиња, Ирак - САД продолжија да напредуваат во својата борба против тоталитаризмот овој вторник, кога уште 137 нафтени извори беа ослободени за демократијата.

Со децении, овие нафтени извори страдале во невидена мизерија под тиранското владеење на Садам Хусеин, изјави американскиот командант генерал Томи Френкс, зборувајќи од јужните ирачки нафтени полиња. Со оваа победа, овие долго угнетувани извори наскоро ќе ги испумпаат своите први буриња сурова нафта како слободни и еднакви извори на светскиот петролејски пазар. Тие ќе се придружат во редовите ослободени нафтени извори, уживајќи ги истите права како и нивните демократски браќа ширум светот.

Румаиланските извори се најновите од речиси 900 извори што ќе се ослободат од јаремот на ропството. Како што американските трупи продолжуваат да напредуваат подлабоко во Ирак - наоружани со постојано важечките наредби Обезбедете ги нафтените извори; повторувам, обезбедете ги нафтените извори- се проценува дека уште 1500 извори ќе бидат ослободени до следната недела.

Американските власти со месеци се мачат да ја уверат јавноста, и во Америка и во странство, дека инвазијата на Ирак не е мотивирана од нафтени ин-тереси - став што го повтори и секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд за време на конференцијата за печатот, овој понеделник.

Оваа војна не е за нафта, изјави Рамсфелд. Нашата одлука да интервенираме против еден диктатор, а не против десетиците други безмилосни диктатори на светот не е поради нафта. Франција и Русија не се противат на војната заради чисто коинцидентниот факт дека и двете земји имаат исплатливи, веќе потпишани договори за нафта со Ирак. Понатаму, интересот на многу корпорации од САД исто нема никаква врска со нафтата. Оваа војна е заради слобода. И нафтените извори заслужуваат слобода.

Рамсфелд продолжи: Овие угнетувани Ирачки нафтени извори заслужуваат да испумпуваат нафта исто толку слободно како и секој нафтен извор на Божјата земја - без разлика дали е тоа Саудиска Арабија, Нигерија или во некој природен резерват на Алјаска. Глупаво и цинично е да се гледа на оваа операција како да е мотивирана од алчност, профит или од вторите по големина резерви на нафта на Блискиот исток. Оваа војна е мотивирана од една работа: демократија. Нашата воена акција е со намера да им се обезбеди на сите нафтени извори во Ирак - од Бога даденото право да пумпаат нафта под демократски систем на самоуправување.

Неколку недели пред војната, САД се погрижија да ги разјаснат своите намери со пуштање стотици илјади летоци над Ирак уверувајќи ги луѓето дека САД нема да води војна против нив, туку против Садам Хусеин. Памфлетите содржеа и инструкции до Ирачките војници за тоа на кој начин треба да се предадат, како и ветување дека ќе се однесуваат со нив добро, под услов доследно да ги следат прописите за предавање. Најважно од сè, тие во памфлетите вклучија и строго предупредување да не ги палат изворите со остра закана дека секој што ќе запали или ќе се обиде да запали нафтен извор ќ биде гонет и суден како воен злосторник.

Американските власти се надеваат дека пораката на памфлетите, особено делот за нафтените извори, ќе биде сфатена.

Овие вредни природни ресурси му припаѓаат на народот на Ирак, кој зависи од производството на нафта и има очајничка потреба од храна и лекови што ги добива повремено бла-годарение на програмата Нафта за храна скроена од Обединетите нации, изјави Френкс. Но во крајна линија, треба да се сетиме на фактот дека нафтените извори не се ничија сопственост. Тие, како и секој слободен нафтен извор на светот, имаат неотуѓиво право на претставничка власт и самоопределба под сопствено управување. Секој нафтен извор заслужува да одбира како и кога сака да произведува нафта и за чиј економски интерес ќе го прави тоа.

На изворите при транзицијата кон демократија ќе им помагаат Тексако, Мобил и други американски бизниси, од кои секој ќе го вложи своето долгогодишно искуство и екпертиза за да се соочуат со проблемите и предизвиците својствени за нафтените извори во едно слободно општество. Овие приватни компании ќе бидат добро опремени да помогнат при управувањето на нафтените извори за време на тешките приспособувања на произведувањето нафта во слобода.

И покрај очигледната победа во Ирак, од Белата куќа јавуваат дека борбата за слобода на нафтените извори е далеку од завршена.

Мораме да запаметиме дека има многу нафтени извори што секојдневно се  угнетуваат секаде низ светот, а не само во Ирак, изјави портпаролот на Белата куќа Ари Флечер. Додека секој нафтен извор не ужива во плодовите на демократијата, ниеден нафтен извор не е вистински слободен.

 

вест 09 - дома