|
|
Остин, Тексас – Роберта
Ашер (47), долгогодишен борец за зачувување на природната
средина и за човековите права, во понеделникот уште еднаш го
посрамила својот шеснаесетгодишен син со тоа што на локалната
телевизија застанала на страната на наемните и сезонските
земјоделци.
Си седев во дневната со пријателот Џош (Марден), кога во
собата влезе мајка ми и пушти вести, рече
шеснаесетгодишниот Крег Ашер. Многу се зачудив кога ја
покажаа како – меѓу куп парталковци – пред зградата на
собранието држи говор со кој ја предупредува јавноста дека
Тексас не се придржува до Повелбата за заштита на наемните и
сезонските земјоделци. Ќе умрев од срам.
Од сите мајки на светот, баш јас морав да ја добијам онаа
што си го посветила животот на искоренувањето на економската и
социјалната неправда, додаде Крег.
Ашерова, која 1976 година година дипломирала на калифорнискиот
универзитет Беркли, поголемиот дел од својот живот го
посветила на борбата за обесправените. Низа години се борела
за правата на жените да одлучуваат за бременоста, за
уништување на нуклеарното оружје, а во 1992 година учествувала
во претседателската кампања на Џери Браун. Откако го положила
правосудниот испит во 1996 год. на универзитетот Тексас,
основала непрофитна организација во Остин која им нудела на
мексиканските наемни работнички бесплатна правна помош.
Мишел Ашер, дваесетгодишната сестра на Крег, рече дека
навикнала на активистичкото дејствување на својата мајка,
но додаде дека сочувствува со посрамениот помлад брат.
Мислам, во ред е тоа што сака да им помогне на сиромашните
и тие работи, но начинот на кој го прави тоа е навистина
понижувачки, рече Мишел. Зарем нејзините протести не можат да
бидам малку помалку јавни?
Последниве осумнаесет месеци Ашерова неуморно настојува да ја
принуди владата на Тексас построго да ги следи постапките на
работодавачите во сточарскиот и земјоделскиот сектор, и бара
донесување закон со кој ќе се присилат работодавачите да ги
обезбедат сите потребни информации околу третманот на
работниците.
Според постојните прописи, работодавачите во сточарскиот
сектор се должни да ги пријават сите работници во
американското министерство за труд, рече Ашер, додека
нејзиниот син немирно се врткаше по дома. Проблемот е во тоа
што не постои орган што би ги казнил работодавачите поради
кршењето на таа обврска. |
Со години Ашерова си ги срами
децата појавувајќи се на телевизиските вести, пишувајќи
правдољуви писма до уредникот на локалниот весник, држејќи
говори на состаноците на градското собрание, а неколку пати на
тревникот пред куќата поставувала и различни натписи со
протестна содржина.
Минатата недела мама во дворот стави голем натпис на кој
пишуваше “Поддржете ја декларацијата за човекови права бр.
343!, рече Крег. Среќа што никој од моите пријатели не знае
дека станува збор за некоја глупава декларација со која се
бара од работодавачите да им понудат на работниците договори
напишани на нивниот јазик или така нешто.
Самопрегорното настојување на Ашерова да ги подобри работните
и животните услови на наемните работници во Тексас ја носи не
само на телевизиските екрани туку и на чело на протестните
маршови.
Еднаш во весниците излезе слика од мама за време на еден од
протестите, а мојот професор по социологија, г-дин Гемберлинг,
ја покажа на целиот клас како пример за “обид нешто навистина
да се подобри на ниво на заедницата”, рече Крег. Веднаш потоа,
Даг Фриц од задната клупа викна “Батка, мајка ти е пушка”, а
цел клас се згази од смеење. Зарем ми е потребно тоа? Зарем
мама не може да почека да завршам средно школо, па тогаш да се
бафта со такви заебанции?
Мишел рече дека одамна престанала да им објаснува на своите
пријатели со што се занимава нејзината мајка.
Сите други со гордост истакнуваат дека родителите им се
банкари или лекари, рече Мишел. А ние што треба да кажеме?
Дека нашата мајка се бори за позитивни општествени промени по
пат на директна акција? Дека зборува во името на оние кои
немаат право на глас? Не оди тоа така. Полесно ми е да речам
дека е келнерка. |
|