|
|
Ратланд, Вермонт
– На денот на традиционалниот годишен собир, членовите на
нескладното семејство Дејвс се собраа во недела заедно пред
телевизискиот екран за да гледаат трогателни, оптимистични
семејни драми во целосна тишина.
Толку ретко се
гледаме, зборува Никол Дејвс (44), чии три деца пристигнаа
од универзитетот. Среќна сум кога сите заедно седнуваме и
уживаме во миговите на мир. Кевин (синот) во текот на целиот
ден ниту еднаш ја нема спомнато неговата ужасна девојка.
По посебниот
празничен ручек – мисирче, артичоки и зачинет џем – Никол и
нејзината намќореста ќерка Габриел, осумнаесетгодишна бруцошка
на универзитетот Вермонт, добија задача да изберат филмови за
гледање. Мајката и ќерката седнаа во кола и по десетминутно
возење без да си разменат ниту еден збор стигнаа до локалната
видеотека, каде што Габриел го одби скоро сите предлози на
мајка ù сметајќи ги за “глупави” или “здодевни”. Уморна од
постојаното одбивање Габриел на крајот го прифати празничниот
класик Животот е убав, и преработката на Чудо во 34-тата улица
од 1994 година.
Не можам да
поверувам дека пак го земавме “Чудо во 34-тата улица”,
рече Габриел. Но подобро е тоа отколку некој од ужасите што
ги предложи мама. Ми се чини дека беше Дедо Мраз. Постои ли
нешто поодвратно? Го мразам Тим Ален.
Габриел продолжи:
Барем да не го земевме “Животот е убав”. Филмот е предолг.
Впрочем, зошто да плаќате за филм што секој декември се дава
на телевизија по милион пати.
Веднаш откако се
вратија дома, Животот е убав беше ставен во видео-рикордерот.
Запознаени со годишната рутина, членовите на семејството се
сместија пред телевизорот без ниеден изречен збор, на ист
начин како што тоа го прават уште од 1991 година, кога започна
семејната традиција.
Кевин,
дваесетдвегодишен матурант на колеџот Јужен Вермонт, отсутно
ѕвереше во телевизискиот екран, зафатен со мислите околу
дипломирањето. Кога повремено ќе се навратеше на филмот, тоа
го правеше за да го спореди, во негативна смисла, своето
семејство со Бејлиеви. |
Секој пат кога го гледам тој филм си помислувам што би се
случило ако продавницата на тато би изгубила 8000 долари како
што се случува со банката на Џорџ Бејли. Мислам дека тоа би нè
уништило, зборува Кевин. Веројатно би нè обвинил нас и би нè
повлекол со себе на дното. Среќа што на работа не му
дозволуваат да работи со толку пари.
По завршните сцени
на филмот Животот е убав следеше тишина што траеше 80 секунди,
додека се премотуваше касетата. Молчењето накусо го прекина
дваесетгодишната ќерка Џина, истакнувајќи дека вечерата
навистина била вкусна. Питер, нејзиниот татко, мрмошеше со
одобрување.
Откако почна
Чудо во 34-тата улица, Питер се внесе во филмот,
потиснувајќи ги грижите околу работата, стареењето и
заладувањето на односите со децата.
Изворната верзија ми е еден од најмилите филмови, рече Питер.
Се обидов да ги пронајдам разликите меѓу оваа верзија и првата.
Ми беше мило што конечно можам да го насочам своето внимание
кон нешто друго освен кон обидите за разговор со децата. Морам
да признаам дека немам поим што се случува сега во нивните
животи. Боже, па сите се веќе пораснати, имаат право на глас и
тоа. Понекогаш ми се чини дека ме мразат.
Четириесетина
минути по почетокот на филмот, Питер си испи три чашки бренди
и цврсто заспа.
По крајот на
вториот филм децата се пожалија на исцрпеност и си тргнаа
накај собите во кои го минале детсвото глумејќи возбуденост
заради утрешното купување божиќна елка.
Убаво е да се видат децата повторно на куп. Тоа ме потсетува
на деновите кога беа мали и сите заедно гледаа цртани, зборува
Никол бришејќи си ги солзите. Навистина ги сакам празниците. |
|