|
|
Не
сум осаменик, човек кој ја сака самотијата и целото време го
користи за себе. Од друга страна, не се чувствувам добро како
дел од некоја помала група, а интеракцијата со другите во мене
поттикнува самадопадливост и неудобност. Сè на сè, мислам дека
сум како скроен за член на толпата.
Јас всушност не сум за некакви блиски односи. Попрво би можело
да се каже дека сум човек од народот. Човештвото го сметам за
аморфна, недиференцирана маса кој нема јасни цели или причини
за постоење. Токму меѓу безличната маса, вклопен и лишен од
потребата за искажување на сопствената волја, се чувствувам
како дома. Никогаш не тежнеев кон самоодредување, па мислам
дека добро би можел да ја следам толпата.
Искрено кажано, не ми е битно колку е голема таа толпа. Тајмс
сквер во времето на најголемата турканица ми е сосема доволен.
Ми одговара и преполн фудбалски стадион. Или натискан автобус.
Мислам дека добро би се снашол во трговскиот центар на некое
предградие за време на претпразничната бркотница, носен од
напливот избезумени купувачи кои бараат подароци во последен
миг. Во основа, сè дури можам да се вклопам и да се одржувам
на површината носен од силата на матицата, се чувствувам
одлично.
Немојте погрешно да ме сфатите: постојат големи групи во кои
не би сакал да се најдам. На пример, некоја врвулица.
Врвулиците имаат програма. Без разлика дали станува збор за
протест поради некој противречен закон или за убиство на некој
нечовечки ѕвер скриен во некој дворец, врвулицата има
заедничка, јасно одредена цел. Тое не е нешто што би ме
заинтересирало. Само сакам да бидам личност која случајно се
наоѓа на исто место со поголем број други луѓе. Сакам да бидам
опкружен со голем број луѓе со кои немам ништо заедничко,
освен фактот дека привремено се наоѓаме на исто место. Во тоа
со задоволство би учествувал. |
Случајно да ми се укаже можност да се приклучам кон масата,
својата задача би ја сфатил сериозно. Како член на масата не
би се впуштал во никаков облик на меѓусебна комуникација. Со
сите сили би настојувал да избегнам каков и да е контакт со
другите членови. А ако понекогаш случајно се бувнам во некој,
не би ја отежнувал работата со зборови како што се Простете
или Се извинувам. Наместо тоа, би ја свртел главата во друга
насока и со тоа не би ја задржал само дистанцата туку и
привидот дека никогаш не ни дошло до контакт.
Како и многу луѓе, јас сум најсреќен кога сум небитен дел од
поголема бесцелна целина. Уживам кога ќе ми се понуди можност
да ме проголта дива орда. Само кога не можам да се изгубам во
масата се чувствувам изгубено. Затоа ве молам да ми дадете
можност да ù се придружам на вашата толпа, а јас ви ветувам
дека ќе бидам најпасивниот неентитет кој сте го сретнале кога
и да е и дека ќе ме превидувате без проблем. |
|