Библиотека “Магма“
 

THE ONION
 

Избор текстови од сатиричното списание
THE ONION

Ве молам бидете шокирани
Мерилин Менсон оди од врата на врата обидувајќи се да ги шокира луѓето

 

Оверленд Парк, Канзас – Длабоко погоден од сè послабата продажба на албумот и од тоа што Еминем наместо него станал најлошиот американски кошмар, шокантниот рокер Мерилин Менсон тргна на турнеја од врата до врата, по подобрите квартови, во својот последен очајнички обид да ги шокира и навредува просечните Американци.

Менсон на 24 јануари, придружуван од членовите на групата, Твиги Рамирез, Мадона Вејн Гејси и Зим Зум, ја започна својата турнеја во конзервативниот кварт од Канзас Сити по име Оверленд Парк чии жители се од средната класа. Турнејата треба да мине низ уште педесет градови и е наречена Бууу!

Првиот пат кога го забележавме Оверленд Парк, со неговите уредни мали дрвени куќи, беспрекорно одржуваните тревници и автомобилите во дворовите, едвај чекавме да се истуриме врз квартот како Црна смрт, кажува Менсон, чие вистинско име е Брајан Ворнер. Нешто како “Добродојдовте во кошмарот, вие надуени, набабрени свињи!”

Минатиот петок во четири попладне, Марк Весли, четириесетгодишен жител на ексклузивниот дел од Овереленд Парк, Мејпл Блаф, слушнал звуци налик на крик од некое животно во близината на тревникот пред својата куќа. Кога ја отворил вратата на прагот го пречекал изразито бледиот и гол Менсон кој клечел до кучето и си врежувал со жилет петокрака на вратот.

Гледај ме, ѓубре од финиот кварт, му рекол Менсон на Весли. Те шокирав ли?

Кога Весли му одговорил не, Менсон станал раздразлив. Почна, кажува Весли, да удира со нозете по подот и да мафта со рацете зборувајќи: “Што ти значи тоа не? Зарем твојот формален пуритански сензибилитет не е навреден? Не би сакал да ме цензурираш за да не бидеш принуден да се соочиш со грдата вистина која ја претставувам?” “Не баш” – му одговорив. По долга пауза ми рече : “Еби се, будало!” И си замина намуртен.

Линда Шмит една вечер се подготвувала да ја однесе својата ќерка Алиса на извиднички состанок кога го видела на верандата Менсон, цел прекриен со овчји внатрешни органи.

Знаев кој е, но ми се брзаше и немав баш време за разговор, кажува Линда. А тој само си стоеше така, ѕвереше во мене и очекуваше некако да реагирам. Се обидов да бидам фина и малку да се пошегувам со него, па му реков: “Да господине, тоа е сигурно дел од некоја сатанска фантазија. А ова едново око со проѕирна зеница делува баш некако вознемирувачки. Секако дека би сакала да спречам такво нешто.” Мислам, што друго можеш да му кажеш на Менсон?

Скиснатиот Менсон останал да стои на верандата и по нејзиното заминување.

И следните обиди за предизвикување бес биле пречекани со еднаква рамнодушност.

Менсон стоеше на мојата влезна врата со лажните дојки што ги носеше на насловната од албумот ‘Механички животинки’, вели пензионерката Џудит Хан. Ми рече: “Се викам Мерилин Менсон и тука сум да ти го растргнам твојот малечок свет”. Мислев дека собира прилози во храна за добротворната акција на Киванис па му дадов неколку конзерви со крем за пита од тикви.

Не предавајќи се, Менсон и неговите другари го продолжија својот напад на американскиот мејнстрим сензибилитет. Во вторникот стигнаа во малото предградие на Детроит – Грос Поинт Фармс, каде што вратата ја отворил берзанскиот брокер Глен Бинфорд. И го видел Менсон како наопаку виси на дрвен крст, додека еден од членовите на неговата група му изведувал фелацио.

Баш си помислив, види го момчево, малку прегрубо го прави тоа, вели Бинфорд. Ма ајде ве молам, па хомоеротската бласфемија престана да биде популарна во доцните деведесетти.

Ни останатите провокативни потфати на Менсон – меѓу кои и парчосување на живо пиле, бањање во свинска крв и носење костум од човечки носови – не успеаја да предизвикаат гнев кај никого, туку само коментари како детинесто, банално и како Алис Купер.

Единствениот допир со „контроверзното” се случи во Един, предградие на Минеаполис. Анонимен доброволец од Соседската стража повикал полиција кога го видел Менсона гол, облепен со измет и врзан на јаже како ползи покрај својата садомазохистичка “господарка” со џуџест раст. Полицајците пристигнале, но одлучиле да го пуштат рокерот предупредувајќи го дека друг пат не смее да парадира без дозвола од градската власт.

Можев да му кажам нешто гадно, но си помислив: “Па што има лошо во тоа што го прави?”, вели полицаецот Ден Хербергер. Сакам да кажам, па тоа е само Мерилин Менсон, по ѓаволите.

Турнејата Бууу! доживеа нов удар кога Менсон сфати дека продажбата на албумот The Marshall Mathers од Еминем е забранета во сите продавници на К-март. А албумот Holy Wood на Менсон сè уште слободно се продава.

Зошто сте сите бесни на Еминем? Тој не е страшен!, рече Менсон. Тој нема бледа кожа како леш ниту става шминка со која си го менува полот. Тој е само едно обично детиште. Јас сум тој кој би требал да ве плаши, не тој! Јас!

Ако ме забраните, продолжи Менсон, ветувам дека ќе пцујам против цензурата и лицемерието. Ве молам! Понизно ве молам!

До понеделникот турнејата го изгуби целиот замав. Извори блиски до Менсон кажуваат дека тој е исцрпен и обесхрабрен, иако не го довршил ни првиот дел од тримесечната турнеја. За време на доаѓањето во Hoffman Estates во Илиноис, веќе имаше преминато на пластични запалени вреќи полни со кучешки измет, што ги оставаше на скалите пред куќите и го насочуваше силното светло под својата брада за да изгледа страшно. Од Hoffman Estates на крајот го избркала тинејџерска банда на велосипеди, со совет да си го прибере својот бел самовилски газ од нивниот кварт.

Во петок треба да се појави во Мериленд каде што, според мислењето на многумина, би можел привремено да ја приврши својата турнеја.

Еј луѓе, зарем заборавивте?, рече Менсон за Вашингтон Пост. Сите мислевте дека јас сум одговорен за касапницата во школото Коломбајн. И сум! Јас бев одговорен! Знам дека тоа  тогаш го порекнував со сета сила, но навистина јас бев тој што им кажа на двете деца да пукаат по цело школо. Не се шегувам. Им пратив и-мејл. И им реков да го почитуваат Сатаната. Деца, слушате ли? Мерилин Менсон ви вика да им пукате на пријателите во глава, со оружје! И дека сите мора да јадат бебиња! И да ги силуваат мртвите дедовци и баби! И да јуришаат на црквата? Е сега, ве молам, ќе се навреди ли некој?

 

 

вест 06 - дома - вест 08