|
На понискиот
кат, забавата на Митбол Малиген, доволна за раскин на
договорот за закуп на станот, влегуваше во четириесеттиот час.
Во кујната, на подот, среде расфрланите празни шишиња од
шампањско, се наоѓаа Шандор Ројаш и трите пријатели, кои играа
некоја карташка игра и остануваа будни благодарение на
“хајдсек” и амфетаминските пилули. Во дневната соба Дјук,
Винсент, Кринклс и Пако згрчени седеа над звучникот со радиус
од четириесеттина сантиметри што беше зашрафен во корпата за
отпадоци и слушаа 27 вати гласна музика од Портата на хероите
во Киев. Сите имаа очила за сонце со рожнати рамки и занесени
изрази на лицата, и пушеа чудни цигари што не содржеа, како
што би помислиле, тутун, туку непрочистен облик на цаннабис
сативе. Тие го сочинуваа квартетот на Дјук ди Ангелис. Снимаа
за локалната компанија Тамба и веќе имаа една лонглпејка со
наслов Песни од надворешната вселена. Повремено некој од нив
ја тресеше пепелта од цигарата во вдлабнувањето на звучникот,
посматрајќи како лебди во воздухот. Митбол спиеше покрај
прозорецот, прегрнувајќи го празното дволитарско шише како да
е плишено мече. Неколку девојки што работеа за владата,
вработени на места како што се Стејт Департманот или НСА*,
како онесвестени лежеа по креветите, столовите и, во еден
случај, лавабото во купатилото.
Беше тоа во
почетокот на февруари педесет и седмата, а тогаш ширум
Вашингтон имаше многу американски бегалци, кои секогаш кога ќе
ве сретнеа зборуваа како еден ден навистина ќе отидат во
Европа, но токму сега работат за владата. Сите во тоа гледаа
фина иронија. На пример, одржуваа полиглотски забави каде што
речиси го игнорираа дојденецот доколку не можеше да води
симултана конверзација на три или четири јазици. Со недели без
прекин трагаа по ерменски деликатеси, а потоа ве повикуваа на
чорба со јагнешко во кујнички чии ѕидови беа прекриени со
плакати што повикуваа на борби со бикови. Имаа авантури со
врели девојки од Андалузија или јужна Франција кои студираа
економија во Џорџтаун. Нивното седиште се наоѓаше во
студентскиот ресторан, во визбата на авенијата Висконсин,
наречена Стар Хајделберг, и мораа да ги прифатат цветовите на
цреша наместо липа тогаш кога пролетта доаѓаше, но нивниот
живот сепак им носеше, на свој летаргичен начин, како што
велеа тие, уживање.
Во овој момент
забавата на Митбол како пак да земаше здив. Надвор паѓаше дожд.
Тој плускаше по хартијата од катран на покривот и се кршеше
врз носовите, веѓите и усните на дрвените украси под стреата,
како плунка слевајќи се низ олуците. Претходниот ден паѓаше
снег, ден пред тоа дуваа олујни ветришта, а во денот пред него
градот блескаше под сонцето како да е април, иако на
календарот стоеше дека е почеток на февруари. Чудно време во
Вашингтон е таа рана пролет. Некаде во неа се наоѓаат
роденденот на Линколн и кинеската Нова година, и депресивноста
по улиците бидејќи до црешовите цветови има уште многу недели
и бидејќи пролетта, како што рекла Сара Вон, и оваа година
малку ќе задоцни. Воопштено речено, толпите, како онаа што во
работните денови попладне се собираше во Стариот Хајделберг за
да пие “вирцбургер” и пее Лили Марлен (да не ја спомнуваме
Драгата од друштвото Сигма Ки) се безнадежно и непоправливо
романтични. А како што знае секој добар романтичар, душата (спиритус,
руах, пнеума) не е ништо друго туку воздух; сосема е природно
нарушувањата во атмосферата да се повторуваат во оние што ја
вдишуваат. Така што освен јавните компоненти - празниците,
туристичките атракции - постојат приватни свиоци, поврзани со
климата како тоа време да е некаков стретто пасаж во фугата на
годината: случајно време, бесцелни љубови, непредвидени
посветувања: месеци што лесно можат да се поминат во фуга,
бидејќи подоцна, што е доволно необично, на ветриштата,
дождовите, февруарските и мартовски страсти никој и не се
сеќава во тој град, како никогаш и да не постоеле.
Последните
тонови на бас во Портата на хероите избувнаа низ подот и го
разбудија Калисто од неспокојниот сон. Првата работа за која
стана свесен беше птичката што нежно ја држеше во дланките,
наспроти себе. Ја сврте главата на перницата за да ù се
насмевне на нејзината сина, свиткана главичка со болните очи
под затворените капаци, и се прашуваше уште колку ноќи ќе мора
да ù ја дава својата топлина пред повторно да ù биде добро.
Птицата ја чуваше така веќе три дена: единствено на тој начин
можеше да ù го врати здравјето. Девојката покрај него се
помрдна и процивка, со раката префрлена преку лицето. Измешани
со звуците на дождот допираа првите внимателни, жални утрински
гласови на другите птици, скриени меѓу филодендроните и малите
палми: парченца скарлетна, жолта и сина боја провлечени низ
русоовската фантазија, таа џунгла-стаклена бавча за која му
требаа седум години да ја исткае.
Херметично
затворена, таа беше малечок остров на ред во хаосот на градот,
недостапен за каприците на времето, националните политики и за
каков било граѓански неред. Со обиди и грешки, Калисто ја беше
усовршил нејзината еколошка рамнотежа, а со помош на девојката
нејзината уметничка хармонија, така што нишањето на нејзиниот
растителен живот, движењето на птиците и човечките жители
правеа целина како ритми на некаков совршено направен мобил.
Тој и девојката, се разбира, веќе не можеа да се издвојуваат
од тоа светилиште; станаа неопходни за неговото единство. Она
што им беше потребно им го испорачуваа однадвор. Тие не
излегуваа.
„Дали ù е
добро”, прошепоте таа. Лежеше, со лицето кон него, како темен
прашалник, а очите ненадејно ù станаа големи и мрачни, бавно
трепкајќи. Калисто помина со прстот меѓу пердувите на дното од
вратот на птицата и нежно ја помилува. „Мислам дека ќе ù биде
добро. Гледаш: слуша како ù се будат пријателите.” Девојката
ги слушна дождот и птиците уште пред сосема да се разбуди. Се
викаше Обад: делумно беше Французинка а делумно Анамјанка, и
живееше на својата сопствена необична и осамена планета, на
која облаците и мирисот на цветовите од поинсијан, горчливоста
на виното и случајните прсти врз нејзиниот тил или лесни како
пердуви врз нејзините дојки пристигнуваа до неа неизбежно
сведени на звук: на музика што повремено се јавуваше од
врескавиот мрак на нескладноста. „Обад”, рече тој, „оди
погледни.” Таа послушно стана, отиде до прозорецот, ги рашири
завесите и по еден миг рече: „37. Сè уште 37.” Калисто се
намурти. „Значи од вторникот”, рече тој. „Без промена.” Хенри
Адамс, три генерации пред неговата, запрепастено зјапаше во
Силата. Калисто сега се наоѓаше речиси во иста состојба заради
термодинамиката, внатрешниот живот на таа сила, како и
неговиот претходник сфаќајќи дека Девица и динамо во иста
мерка означуваат љубов и сила; дека обете всушност се
идентични; и дека љубовта не го придвижува само светот туку ги
врти кугларските топки, ја поместува ротационата оска на
маглината. Го вознемируваше овој последниов, ѕвезден елемент.
Космолозите предвидуваа конечна топлотна смрт на вселената (нешто
налик на Лимб: обликот и движењето поништени, топлинската
енергија идентична во секоја точка); метеоролозите ден за ден
ја одбиваа, спротивставувајќи се со разубедувачката низа од
различни температури.
Но веќе три
дена, наспроти променливото време, живата стоеше на триесет и
седмиот степен на Фаренхајтовата скала. Недоверлив кон
апокалиптичните претскажувања, Калисто се сврте под покривката.
Прстите поцврсто ја опфатија птицата, како да им беше потребно
некое пулсирачко или маченичко уверување во брза промена на
температурата.
Последниот
тресок на чинелата. Митбол, трепкајќи, се најде при полна
свест токму во моментот кога престана воедначеното нишање на
главите над корпата за отпадоци. Оној конечен пискав шум за
момент се задржа во собата, а потоа се претопи во шепотење на
дождот. „Уфффф”, изјави Митбол во тишината, загледан во
празното шише. Кринклс се сврте со забавено движење, се
насмевна и му подаде цигара. „Време за чај, момче”*, рече тој.
„Не, не”, рече Митбол. „Момци, колку пати морам да ви кажам?
Не во мојот стан. Барем вие треба да знаете дека Вашингтон е
полн со цајкани од ФБИ.” Кринклс направи натажено лице. „Ти
ебам, Митбол”, рече тој, „не сакаш веќе ништо да направиш.” „Ништо”,
рече Митбол. „Само надеж. Остана ли некакво пиење?” Почна да
ползи кон кујната. „Мислам дека веќе нема шампањско”, рече
Дјук. „Имаш мала гајба со текила зад фрижидерот.” Пуштија
плоча од Ерл Бостик. Митбол застана на вратата од кујната и
тапо се загледа во Шандор Ројаш. „Лимон”, рече откако размисли.
Отиде до фрижидерот и извади три лимони и неколку коцки мраз,
ја пронајде текилата и се зафати со воспоставување ред во
својот нервен систем. Се исече додека ги сечеше лимоните, па
мораше да ги употреби двете раце за да ги исцеди и ногата за
да извади уште мраз од садот за мраз, но по околу десет минути
се најде, како со некое чудо, над монструозниот коктел од
текила. „Како би било да го направиш истото за мене.” Митбол
го погледна и затрепка. „Китцхи лофасс а схегитхе”, автоматски
одговори и отиде во купатилото. „Слушај”, извика оттаму момент
подоцна, никому конкретно. „Овде некоја девојка или нешто
слично изгледа спие во лавабото.” Ја фати за рамениците и ја
протресе. „А”, рече таа. „Не би рекол дека ти е удобно”, рече
Митбол. „Па да”, се согласи таа. Се довлечка до тушот, пушти
ладна вода и со прекрстени нозе седна под завесата од капки. „Вака
е подобро”, се насмеа.
„Митбол!”,
завреска Шандор Ројаш од кујната. „Некој се обидува да влезе
низ прозорецот. Крадец, би рекол. Од некој друг кат.” „Не
грижи се”, рече Митбол, „ние сме на третиот.” Зачекори назад
во кујната. Некаква кутра изветвена личност стоеше на
пожарникарските скали и со ноктите гребеше по прозорецот.
Митбол го отвори прозорецот. „Сол”, рече тој.
„Надвор како
да е влажно”, рече Сол. Успеа да се качи додека капеше од него.
„Веќе си слушнал, претпоставувам.”
„Мирјам те
напуштила”, рече Митбол, „или нешто слично, тоа е сè што
слушнав.”
Одеднаш се
слушна вистинска бура од чукање по влезните врати. “Влезете”,
викна Шандор Ројаш. Вратата се отвори и се појавија три
студентки од мешовитиот Универзитет Џорџ Вашингтон; сите три
специјализираа филозофија. Секоја држеше по шише “кјанти”.
Шандор скокна и потрча во дневната соба. „Слушнавме дека овде
има забава”, рече едната блондинка. „Млада крв”, викна Шандор.
Тој беше некогашен унгарски борец за слобода кој во целата
област Колумбија страдаше од веројатно најтежок хроничен
случај на она што одредени критичари на средната класа го
нарекуваат донжуанизам. Пурцхе порти ла гоннела, вои сапете
љуел цхе фа. Како Павловиот пес: контраст или чашка “арпежо” и
Шандор почнуваше да лачи плунка. Митбол со матен поглед го
посматраше триото додека влегуваше во кујната; ги наведна
рамениците. „Ставете го виното во фрижидер”, рече, “и добро
утро.”
Вратот на Обад
правеше златен лак додека таа се наведнуваше над долгите
листови хартија и пишуваше во зелениот самрак на собата. „Како
млад човек во Принстон”, диктираше Калисто додека ја прививаше
птицата врз бледите влакна на своите гради, „Калисто научи
мнемоничка техника за помнење на термодинамичкиот закон: да
победиш не можеш, работите ќе станат полоши пред да станат
подобри, кој вели дека ќе станат подобри. Во педесет и
четвртата година, соочен со Гибсовата претстава за вселената,
тој одеднаш сфати дека студентската фраза сепак била пророчка.
Тој издолжен лавиринт од равенки за него се претвори во визија
на конечна, космичка, топлотна смрт. Сето време, се разбира,
само теориски знаеше дека некоја машина или систем можат да
работат со 100% ефикасност; како што ја знаеше и теоријата на
Клаузиус која тврди дека ентропијата на изолираниот систем
секогаш континуирано расте. Меѓутоа, дури откако Гибс и
Болцман врз овој принцип ги применија методите на
статистичката механика, нему му светна ужасното значење на
сето тоа: дури сега сфаќаше дека изолираниот систем-галаксија,
машина, човечко суштество, култура, што било - мора спонтано
да се развива кон Состојбата на Поголема Веројатност. Затоа
беше принуден во тажно згаснувачката есен на средните години
да изврши радикална проценка на сè што дотогаш беше научил;
сите градови и годишни времиња и случајните страсти на
неговите денови сега требаше да се согледаат во нова и
недофатлива светлина. Не знаеше дали е дораснат за таква
задача. Беше свесен за опасноста од редуктивната заблуда и, се
надеваше, беше доволно силен да не се загуби во грациозната
декадентност на истрошениот фатализам. Тој отсекогаш
поседуваше силен, италијански песимизам: како Макијавели, и
тој допушташе односот меѓу силите на вирту и фортуна да
изнесува околу 50/50; но равенките сега го беа вовеле факторот
на случајност што водеше кон некој неискажлив и неодредлив
однос кој тој самиот се плашеше да го пресмета.” Околу него
лебдеа нејасните форми на стаклената градина; едно малечко
срце трепереше спроти неговото. Девојката, како контрапункт на
неговите зборови, слушна цвркот на птици и исчезнато трубење
на автомобилите расфрлани по влажното утро и алт саксофонот на
Ерл Бостик кој во повремени диви кулминирања се пробиваше низ
подот. На архитектонската чистотија на нејзиниот свет
непрекинато ù се закануваа такви навестувања на анархија:
јазови и израстоци и линии што се пресретнуваат, и
преместување или искривување на рамните површини, на кое
непрекинато мораше да му се прилагодува за да може да спречи
целата структура да потоне во нередот на дискретни и
бесмислени сигнали. Калисто тој процес еднаш го опиша како
некој вид „фидбек”: таа секоја ноќ се вовлекуваше во сништата
со чувство на истоштеност и со очајничка решителност никогаш
да не попушти во таа будност. Дури и во кусите периоди кога
Калисто водеше љубов со неа, над гудањето на затегнатите нерви
во случајни двогласи лебдеше една распеана жица на нејзината
решителност.
„И покрај тоа”,
продолжи Калисто, „тој во ентропијата или во мерката на
неорганизираност на еден затворен систем беше открил соодветна
метафора што можеше да се примени на одредени појави во
неговиот сопствен свет. Гледаше, на пример, како помладата
генерација реагира на авенијата Медисон со истата онаа
намуртеност што неговата некогаш ја чуваше за Вол стрит, а во
американското „конзумерство” откриваше слична тенденција од
најмалку до најмногу веројатно, од различност до истост, од
уредена индивидуалност до некој вид хаос. Кратко речено, се
затекна себеси како Гибсовото претскажување го изразува со
општествени термини и ја замислува топлинската смрт на својата
култура, во која идеите, како топлинската енергија, веќе не би
се пренесувале, бидејќи секоја точка во неа на крајот би имала
исто количество енергија; и интелектуалното движење, јасно, би
застанало.” Одеднаш го подигна погледот. „Провери сега”, рече.
Таа повторно стана и ѕирна да го провери термометарот. „Триесет
и седум”, рече таа. „Дождот престана.” Тој брзо ја свитка
главата и со усните го допре треперливото крило. „Значи дека
набргу ќе се промени”, рече настојувајќи гласот да му биде
цврст.
Додека седеше
на печката, Сол личеше на голема кукла од партали врз која
некое дете го излеало својот неразумен бес. „Што се случи”,
рече Митбол. „Се разбира, ако сакаш да зборуваш за тоа.”
„Се разбира
дека сакам да зборувам”, рече Сол. „Помеѓу останатото, ја
удрив.”
„Дисциплината
е неопходна.”
„Ха, ха. Само
да беше таму. О Митбол, каква тепачка беше тоа! Заврши така
што таа ме мавна со Прирачникот за хемија и физика, само што
ме промаши и книгата излета низ прозорецот, а кога стаклото се
скрши, претпоставувам дека нешто се скрши и во неа. Истрча од
куќата, расплакана, право во дождот. Без мантил, без ништо.”
„Ќе се врати.”
„Не.”
„Добро.”
Набрзо Митбол рече: „Мора тоа да било нешто страшно, нема
сомневање. Нешто како кој е подобар - Сел Минео или Рики
Нелсон.”
„Стануваше
збор за”, рече Сол, „теорија на комуникација. Поради тоа сево
ова е толку смешно.”
„Не знам ништо
за теоријата на комуникација.”
„Не знае ни
мојата жена. Кога стварно ќе помислиш, кој воопшто знае? Во
тоа е целиот виц.”
Кога Митбол
виде каква насмевка Сол има на лицето, рече: „Сакаш текила или
нешто друго?”
„Не. Сакам да
кажам, жал ми е. Тоа е област во која може да се претерува,
тоа е сè. Стигаш таму каде што цело време ја очекуваш тајната
полиција: зад грмушките, зад аголот. ЕТПФП е највисоката тајна.”
“А?”
„Електронскиот
табулатор на повеќедимензионалното факторско поле.”
„Поради тоа се
каравте.”
„Мирјам во
последно време почна да чита научна фантастика. Плус Саентифик
Америкен. Изгледа дека таа, што би рекле, пизди поради таа
идеја за компјутерите што се однесуваат како луѓе. Згрешив што
реков дека тоа едноставно може да се сврти и да се зборува за
човечкото однесување како за програма со која е нахранета една
ИБМ машина.”
„Зошто да не”,
рече Митбол.
„Навистина,
зошто да не. Всушност, тоа на некој начин е од клучна важност
за комуникацијата, да не ја спомнувам теоријата на информации.
Но кога тоа го реков таа просто откачи. Отиде како балон. А
воопшто не разбирам зошто. Ако некој би требало да знае зошто
тогаш тоа сум јас. Одбивам да поверувам дека владата ги троши
парите на своите даночни обврзници за мене, кога има толку
многу поважни нешта каде што може да ги троши.”
Митбол ги
напрчи усните. „Можеби помислила дека се однесуваш како
некаков студен, дехуманизиран аморален научнички тип.”
„Боже”, Сол
одмавна со раката. „Дехуманизиран. Зарем можам да бидам
почовечен отколку што сум сега? Митбол, јас навистина се
грижам. Има Европејци што деновиве талкаат низ Северна Африка
со искорнати јазици, затоа што тие јазици кажале погрешни
зборови. А Европејците мислеле дека тоа се вистинските зборови.”
„Јазичка
бариера”, предложи Митбол.
Сол скокна од
печката. „Тоа”, рече тој налутено, „тоа е добар кандидат за
најмачниот виц на годината. Не, шизик, тоа не е бариера. Ако
веќе е нешто, тогаш тоа е некој вид прокапување. Речи ù на
некоја девојка „Јас те сакам.” Нема проблеми со две третини од
таа изјава, тоа е затворено коло. Само ти и таа. Но тој грозен
збор од пет букви на крајот, тоа е она на што мораш да
внимаваш. Неодреденост. Изобилие. Дури и безначајност.
Прокапување. Сето тоа е шум. Шумот ти го ебе сигналот, шумот
придонесува за распаѓањето на твоето коло.”
Митбол почна
да струже со нозете. „Знаеш што, Сол”, промрморе, „ти како да,
не знам, како многу да очекуваш од луѓето. Мислам, знаеш веќе.
Поголемиот дел од нештата што ги кажуваме, претпоставувам,
главно се шум.”
„Ха!
Половината од тоа што ти сега го рече, на пример.”
„Па и ти го
правиш тоа.”
„Знам.” Сол
намуртено се насмевна. „Гадно, а?”
„Се обложувам
дека адвокатите за развод имаат работа само благодарение на
тоа. Уф, извини.”
„Не сум толку
чувствителен. Освен тоа”, пак муртејќи се, „имаш право. Гледаш,
јас сметам дека поголемиот број ‘успешни’ бракови - Мирјам и
јас, до сношти - на некој начин се базирани врз компромиси.
Никогаш не се движиш со крајна ефикасност, туку обично имаш
само минимум основа за работа. Верувам дека вистинскиот збор е
Заедништво.”
„Ууффф.”
„Точно. Сметаш
дека тој збор е прилично шумен, зарем не? Но содржината на
шумот е различна за секого од нас, бидејќи ти си неженет, а
јас не сум. Или барем не бев. Сè нека оди по ѓаволите.”
„Па да”, рече
Митбол обидувајќи се да помогне, „сте употребиле различни
зборови. Ти под поимот ‘човечко суштество’ подразбираш нешто
што може да се согледа како да е компјутер. Тоа ти помага
подобро да размислуваш при работата или нешто слично. Но,
Мирјам подразбирала нешто сосема -”
„Сè нека оди
по ѓаволите.”
Митбол замолче.
„Ќе го земам тој пијалак”, рече Сол малку подоцна.
Играта со
картите беше напуштена и пријателите на Шандор полека се
уништуваа со текила. На каучот во дневната соба едната од
студентките и Кринклс потонаа во љубовен разговор. „Не”,
зборуваше Кринклс, „не, не можам да го изневерам Дејв.
Всушност, маче, јас во Дејв прилично верувам. Особено поради
неговата незгода и сето друго.” Насмевката на девојката
избледе. „Страшно”, рече таа, „каква незгода?” „Зарем не си
слушнала?”, рече Кринклс. „Кога Дејв беше во војска, како
обичен војник, го пратија во Оук Риџ на некоја специјална
задача. Нешто во врска со „Проектот Менхетн”.* Еден ден
ракувал со некоја од оние врели мали направи и прекумерно се
озрачил. И така сега цело време мора да носи оловни ракавици.”
Таа сожаливо одмавна со главата. „Каков ужасен настан за еден
пијанист.”
Митбол го беше
препуштил Сол на едно шише со текила и штотуку имаше намера да
се фрли на спиење во еден плакар кога влезните врати се
отворија и во станот влетаа пет вистински членови на
персоналот на американската морнарица, сите распоредени во
различни степени на откаченост. „Ова е тоа место”, извика
дебелиот, бубуличав морнар-приправник кој го беше загубил
своето бело капче. „Ова овде е тој бордел за кој подофицерот
ни зборуваше.” Жилавиот помошник на водачот на палубата од
трета класа го турна настрана и внимателно ја прегледа собата.
„Имаш право, Слеб”, рече. „Но сепак не ми делува нешто особено,
дури ни за Америка. Сум видел подобри риби во Неапол, во
Италија.” „Колку чини, еј”, грмна големиот морнар со полип во
носот држејќи во рацете балон полн со домашно виски. “Господе”,
рече Митбол.
Надвор
константно имаше 37 Фаренхајтови степени. Обад замислено ги
милуваше гранките на младите мимози во стаклената градина,
ослушнувајќи го мотивот на подигнување на билниот сок,
сировата и неразрешлива навестувачка тема на тие кревки румени
цветови кои, се зборува, обезбедуваат плодност. Музиката се
јавуваше во испреплетени шари: арабески на редот кој фугално
се натпреваруваше со импровизираните дискорди на забава на
долниот кат, кои понекогаш се пробиваа до врвовите и аркадите
на шумите. Тој прецизен однос сигнал-шум, за чија деликатна
рамнотежа беше потребна целата нејзина сила, се нишаше како
клацкалка во внатрешноста на тенкиот череп додека посматраше
како Калисто ја заштитува птицата. Калисто додека ја топлеше
пердувестата топка со своите дланки настојуваше да ù се
спротивстави на секојаа помисла за топлотна смрт. Ги бараше
сличностите. Де Сад, се разбира. И Темпл Дрејк, насукана и
безнадежна во својот мал парк во Париз на крајот на
Светилиштето. Најпосле рамнотежа. Ноќна шума. И танго. Кое
било танго, но можеби пред сè онаа тажна тешка игра во
Приказната на војникот од Стравински. Се сеќаваше: што таа
музика значеше за нив по војната, кое значење го беше
пропуштил во сите цврсто удвоени автомати во цафес-дансантс,
или во метрономите што отчукуваа зад очите на неговите
партнерки? Дури ни чистите постојани ветрови на Швајцарија не
можеа да го излекуваат гриппе еспагноле: Стравински го беше
преболел, сите тоа го направија. А колку музичари останаа по
Пасшендел, по Марне? Во овој случај седум: виолина, контрабас.
Кларинет, фагот. Рог, тромбон. Тимпани. Како која било група
патувачки акробати да се обидела да ја пренесе истата
информација како и целиот оркестар. Еден комплетен состав во
Европа едвај можеше да се скрпи. Но сепак, со виолината и
тимпаните Стравински успеа во тоа танго да ја изрази истата
онаа истоштеност, истата безвоздушност што човек ја гледаше во
залижаните момчиња кои се обидуваа да го имитираат Вернон
Касел, како и во нивните девојки кои едноставно не беа
заинтересирани. Ма маитреѕѕе. Селест. Кога по втората војна се
врати во Ница откри дека тој ресторан е заменет со парфимерија
во која пазаруваа американски туристи. А никаква нејзина тајна
трага немаше на калдрмата, ниту во старото преноќиште во
соседната зграда; никаков мирис не соодветствуваше на
нејзиниот здив, тежок од благото шпанско вино што секогаш го
пиеше. И така наместо тоа купи еден роман од Хенри Милер и
тргна кон Париз, книгата ја прочита во возот така што кога
пристигна барем малку беше предупреден. И виде дека Селест и
останатите, дури и Темпл Дрејк, воопшто не се промениле. „Обад”,
рече, „ме боли глава.” Звукот на неговиот глас во девојката
предизвикуваше соодветен дел од мелодија. Нејзиното движење
кон кујната, пешкирот, ладната вода, и неговите очи кои ја
следеа, создаваа необичен и сложен канон; додека му ставаше
облога на челото, неговата воздишка на благодарност како да
сигнализираше нова тема, поинаква серија модулации.
„Не”, Митбол и
понатаму зборуваше, „не, се плашам дека не е така. Ова не е
никаква куќа на лош глас. Жал ми, навистина ми е жал.” Слеб
беше непопустлив. „Но подофицерот ни рече”, непрекинато
повторуваше. Морнарот нудеше виски во замена за некоја добра
риба. Митбол вџашено се сврте околу себе, како да бара помош.
Среде собата квартетот на Дјук ди Ангелис учествуваше во
историскиот момент. Винсент седеше а останатите стоеја: правеа
движења како група што свири, само без инструменти. „Слушај”,
рече Митбол. Дјук неколку пати мрдна со главата, лесно се
насмевна, запали цигара и конечно го здогледа Митбол. „Тишина,
човече”, прошепоте. Винсент почна да мавта со рацете, со
стегнати тупаници; потоа нагло застана; па повтори сè од
почеток. Тоа траеше неколку минути додека Митбол намуртено го
потпивнуваше својот пијалак. Морнарицата се повлече во кујната.
Најпосле, на некој невидлив знак, групата престана да тропка
со нозете, Дјук се искези и рече: „Барем завршивме заедно.”
Митбол зјапаше
во него. „Слушај”, рече. „Човече, го имам овој нов концепт”,
рече Дјук. „Се сеќаваш на типот со исто презиме. Се сеќаваш на
Гери.”
„Не”, рече
Митбол. „Ќе се сеќавам на април, ако тоа може да биде од
корист.”
„Всушност”,
рече Дјук, „тоа беше ‘Љубов на продажба’. Тоа само покажува
колку знаеш. Работата е во тоа што тоа беше Малиген, Чет
Бејкер и тоа друштво, уште од тогаш, таму далеку. Капираш?”
„Баритон
саксофон”, рече Митбол. „Има некаква врска со баритон
саксофонот.”
„Но нема
клавир, маче. Ниту гитара. Ни хармоника. Знаеш што значи тоа.”
„Не сум баш
сигурен”, рече Митбол.
„Е па, прво да
кажам дека јас не сум никаков Мингус, никаков Џон Луис.
Теоријата никогаш не ми беше силна страна. Сакам да кажам дека
читањето и сличните работи отсекогаш ми биле тешки и дека -”
„Знам”, рече
Митбол суво. „Те исфрлија затоа што го промени клучот во
Среќниот роденден на пикникот што беше приреден во некој
кивани-клуб.”
„Ротаријански
клуб. Но затоа во еден од оние проблесоци на инспирација ми
светна дека ако првиот Малигенов квартет нема клавир, тогаш
тоа може да значи само една работа.”
„Нема акорди”,
рече Пако, басистот со детско лице.
„Сака да каже”,
рече Дјук, „дека нема основни тонови. Немаш што да слушаш
додека дуваш хоризонтална линија. Во таков случај, човек ги
замислува основните тонови.”
Митбол со ужас
почна да сфаќа. „А следното логично продолжение”, рече тој.
„Значи да
замислуваш сè”, објави Дјук, достоинствено. „Основните тонови,
линијата, сè.”
Митбол полн со
стравопочит го погледна Дјук. „Но”, рече. „Да”, рече Дјук
скромно, „има некои финти што сè уште треба да се разработат.”
„Но”, рече
Митбол.
„Само слушај”,
рече Дјук. „Ќе разбереш.” И повторно тргнаа во орбитата,
најверојатно некаде околу појасот со астероиди. По одредено
време Кринклс ги намести усните и почна да ги придвижува
прстите, а Дјук се плесна по челото. „Уф!”, завреска. Го
користиме новиот вовед, знаеш, оној што го напишав ноќеска?” „Се
разбира”, рече Кринклс, „новиот увод. Јас упаѓам на преминот.
Сите тие уводи, па потоа јас упаѓам.” „Точно”, рече Дјук. „Зошто
тогаш -” „Што”, рече Кринклс, „16 тактови, чекам, упаѓам -”
„16?”, рече Дјук. „Не. Не, Кринклс. Осум. Сакаш да ти отпеам?
Цигара со траги од кармин, романтична љубов пред камин.”
Кринклс се почеша по главата.„ „Тие луди нешта”, сакаш да
кажеш.” „Да”, рече Дјук, „да, Кринклс. Браво.” „А не „Ќе се
сеќавам на април”, рече Кринклс. „Мингхе морте”, рече Дјук. „А
јас претпоставував дека свириме делумно успорено”, рече
Кринклс. Митбол се закикоти. „Враќање кон старата плоча за
пишување”, рече. „Не, човече”, рече Дјук, „враќање кон
безвоздушната празнина.” И повторно тргнаа, само што Пако, се
чини, свиреше во Г-дур додека останатите беа во Е-дур.
Во кујната
двете девојки од Универзитетот Џорџ Вашингтон и морнарите
пееја „Ајде сите да го измочаме Форестал”. Двајца, двојазично,
играа мура покрај фрижидерот. Сол наполни неколку хартиени
вреќички со вода и седејќи на пожарникарските скалила ги
фрлаше врз минувачите. Дебелата девојка од владата со
бенингтонски дебела поткошула, која од неодамна беше верена за
еден потпоручник доделен на Форестал, влета во кујната со
наведната глава и го удри Слеб во стомакот. Сфаќајќи го тоа
како добро оправдување за тепачка, другарите на Слеб се фрлија
во купот луѓе. Играчите на мура, нос до нос, на цел глас
врескаа троис, сетте. Девојката од под тушот што Митбол ја
извади од лавабото изјави дека се дави. Очигледно беше седнала
врз одводниот отвор и водата ù се качуваше кон грлото. Вревата
во станот на Митбол го достигнуваше долгото, непријатно
крешчендо.
Митбол стоеше
и гледаше мрзливо чешајќи го мевот. Работите, како што тој ги
гледаше, можеа да се средат само на два начини: а) да се
заклучи во плакарот, и на крајот можеби сите ќе си заминат,
или б) да се обиде сите да ги смири, еден по еден. а) сигурно
претставуваше попривлечен избор. Но тогаш почна да размислува
за плакарот. Беше мрачен и задушлив, а тој би бил сам. Освен
тоа, можеби таа посада од добриот брод Лолипопа или како веќе
се викаше би ја преземала врз себе обврската да ја скрши
вратата, туку-така, поради зафрканција. А кога тоа би се
случило нему, најблаго речено, би му било непријатно. Другиот
начин беше многу помачен, но веројатно затоа, на крајот на
краиштата, беше подобар.
И така реши да
се обиде да спречи неговата забава за раскинот на закупот да
скршне во општ хаос: на морнарите им даде вино и ги раздвои
играчите на мура, ја запозна дебелата девојка од владата со
Шандор Ројаш, кој ќе внимава таа веќе да не упаѓа во неволји;
ù помогна на девојката под тушот да се избрише и да легне во
кревет; уште еднаш поразговара со Сол; викна мајстор за
фрижидерот кој, како што некој беше утврдил, веќе не работеше.
Така го помина времето до доаѓањето на ноќта, кога поголемиот
дел од лумпаџиите беа на работ на колапс и кога забавата веќе
трепереше на прагот на својот трет ден.
На горниот кат,
Калисто, беспомошен во минатото, не почувствува како
слабичкиот ритам во птицата почнува да опаѓа и да се губи.
Обад стоеше покрај прозорецот, талкајќи низ пепелиштата на
својот осамен свет; температурата не се менуваше, а небото се
беше претворило во еднолично затемнето сивило. Тогаш нешто
одозгора - врисок на некоја девојка, превртен стол, чаша
испуштена на под, никогаш нема точно да дознае - ја проби таа
лична временска обвивка и тој стана свесен за паѓањето,
грчењето на мускулите, малецките движења на птичјата глава; и
неговиот пулс почна посилно да удира, како нешто да
надополнува. „Обад”, повика со кршлив глас, „таа умира.”
Девојката, нежна и занесена, помина низ стаклената градина за
да погледне во дланките на Калисто. Останаа така здрвени една
минута, две, додека срцето низ грациозен диминуендо стивнуваше
до тишина. Калисто бавно ја подигна главата. „Ја држев”, се
бунеше, немоќен пред тоа чудо, „за да ù ја предадам топлината
на своето тело. Како да ù пренесував живот, или чувство на
живот. Што се случи? Дали трансферот на топлината престана да
делува? Зарем веќе нема...” Не заврши.
„Пред малку
бев на прозорецот”, рече таа. Тој се наведна, ужаснат. Таа
стоеше уште еден момент, нерешителна; одамна веќе ја беше
почувствувала неговата опседнатост, некако сфаќаше дека тие
непрекинати 37 сега беа пресудни. Тогаш, ненадејно, како да го
согледува единствениот и неизбежен заклучок на сето тоа, таа
брзо пријде до прозорецот, пред Калисто да може да прозбори;
ги тргна завесите и го скрши стаклото со прекрасните дланки
кои прокрварија и блеснаа од срчата; таа се сврте да го
погледне човекот на креветот и со него да го причека оној
момент кога се достигнува рамнотежа, кога Фаренхајтовите 37
степени ќе владеат и однадвор и однатре, и засекогаш, а
лебдечката, чудна доминанта на нивните раздвоени животи ќе се
претопи во тон на мрак и конечно отсуство на какво било
движење. |