|
Колку што можам да се сетам, овие
раскази се пишувани помеѓу 1958 и 1960 година. Четирите* ги
напишав додека бев во колеџот, петтиот, Тајната интеграција
(1964), повеќе е труд на созреан автор отколку почетнички обид.
Веројатно ви е познато колку читањето на нешто што сте го
напишале пред дваесет години може да ви го нахрани егото, па
дури и тоа да се поништени чекови. Мојата прва реакција при
повторното читање на овие раскази беше: о Боже, проследена со
физички симптоми во кои сега не можеме да навлегуваме. Втората
помисла ми беше повторно да ги напишам од почеток до крај.
Овие два импулси ù отворија пат на онаа средовечна смиреност
со која сега си вообразувам дека сум достигнал едно ниво на
јасност во однос на себе како млад писател, каков што во тоа
време бев. Мислам, ова момче од мојот живот во овој момент не
го разбирам во целост. Од друга страна пак, да можам денес, со
помош на некоја сè уште неусовршена технологија, да му појдам
во пресрет, со какво задоволство би му позајмувал пари, или
уште повеќе, би излегувал со него на пиво и би муабетел за
старите добри времиња?
Фер би било дури и
најблагонаклонетите читатели да се предупредат дека овде има
некои многу здодевни, почетнички и деликвентни пасуси, а во
исто време најмногу што можам да се надевам е дека, иако
претенциозни, приглупи и необмислени, како што сега изгледаат
(а и тогаш), овие раскази, со сиот свој невоедначен тек, сепак
ќе бидат од корист како илустрација на типичните почетнички
проблеми при пишувањето прозна фикција, и предупредување за
некои пропусти што помладите писатели веројатно би сакале да
ги избегнат.
Ситниот дожд е мојот прв објавен
расказ. Еден мој пријател, кој беше во војска истите две
години додека јас бев во морнарицата, ме снабди со деталите.
Ураганот навистина се случил и сигналниот вод на мојот
пријател навистина ја имал задачата опишана во приказната.
Најголем дел од она што не ми се допаѓа во моето пишување овде
го има во зародиш, но и во поразвиена форма. Како прво,
пропуштам да забележам дека проблемот на главниот лик е реален
и доволно интересен за сам да го генерира дејствието.
Очигледно сум сметал дека мора да ја покријам целата приказна
со дождливи сцени и референции на Пустата земја и Збогум на
оружјето. Се раководев од мотото „Биди буквален!”, еден лош
совет што самиот си го „измислив”, а потоа го применував.
Подеднакво пречи и недостатокот
на слух што го пројавувам во повеќето дијалози, особено кон
крајот. Во тоа време моето чувство за регионални акценти пред
сè беше неразвиено. Имав забележано дека во армијата акцентите
се хомогенизираат околу еден централен американски нагласок.
Момчиња од италијанските улици на Њујорк по некое време
почнуваа да прозвучуваат како јужњаци; морнарите од Џорџија
кога ќе се вратеа од отсуство се жалеа дека никој не ги
разбирал затоа што зборувале како Јенки. Затоа што сум од
север, обичниот, униформен армиски нагласок ми изгледаше „јужњачки”.
Ми се чинеше дека слушам оо наместо оњ во наречјата околу
Тајдвотер, Вирџинија, не знаејќи дека во различни области на
граѓанскиот југ, дури и во различни области на Вирџинија,
луѓето зборуваат на голем број сосема различни наречја. Истата
грешка се забележува и во филмовите од тоа време. Мојот
конкретен проблем со сцената во барот не е само во тоа што
девојката која е од Вирџинија зборува со дифтонзи
карактеристични за Тајдвотер, туку, што е уште полошо,
инсистирам тоа да стане важен елемент од заплетот - за Левин
тоа е важно, и следствено, важно е и за она што се случува во
приказната. Во самата срж на приказната, решавачки и
загрижувачки е начинот на кој мојот наратор, (јас, но не токму
јас) ја третира темата на смртта. Кога зборуваме за „сериозност”
во литературата неизоставно мислиме за односот кон смртта - на
пример, како ликовите би се однесувале во нејзино присуство, а
како во случај кога таа не е актуелна. Позната им е на сите,
но како тема ретко е допрена од помладите писатели, веројатно
затоа што нејзиното третирање на почетничко ниво се смета за
залуден труд. (Претпоставувам дека една од причините поради
која фикцијата и СФ-от им се толку блиски на помладите
читатели е тоа што, во услови на простор и време приспособени
на тој начин на ликовите да им овозможуваат да патуваат
слободно низ тој континуум, и на тој начин да избегнат многу
физички опасности и временски детерминираности, смртноста е
ретка тема.)
Во Ситниот дожд ликовите се
соочуваат со смртта на еден детинест начин. Ескивираат: спијат
до доцна, еуфемистични се. Кога ја спомнуваат смртта се
обидуваат тоа да го сторат низ шега. И што е најлошо, ја
поврзуваат со сексот. Ќе забележите дека при крајот на
приказната доаѓа до едно сексуално преиспитување, иако тоа не
се гледа во самиот текст. Јазикот одеднаш станува премногу
накитен за да може да се чита. Веројатно тоа не е само мојата
сексуална невротичност. Мислам, осврнувајќи се назад, дека во
прашање беше една општа невротичност на целата студентска
субкултура. Тенденција кон самоцензурирање. Тоа беше исто така
и времето на Рев, Лолита, Раковиот повратник и на сите
притисоци од страна на законот што ваквите дела ги
предизвикуваа. Дури и американската „мека” порнографија одеше
до апсурдна симболичност во опишувањето на сексот.
Она што ми се чини интересно кај
овие приказни не е толку нивната необичност и чистина во
изразот колку нивниот класен карактер. Покрај останатите можни
предности од служењето армија во мирновременски услови,
корисна е и одличната можност што таа ја дава за запознавањето
со глобалната структура на општеството. Дури и на еден млад ум
му станува јасно дека често непризнатите поделби во цивилниот
живот наоѓаат јасен израз во војничката дистинкција меѓу „офицер”
и „војник”. Фрапантно е откритието дека возрасни луѓе со
факултетско образование, во униформи со чинови, натежнати од
крупни одговорности, всушност се комплетни идиоти. И дека
припадници на работничката класа, теориски способни само за
идиотизам, покажуваат многу поголемо разбирање, познавања,
хуманост, храброст, мудрост и слични доблести отколку
образованите. Или, кажано со книжевна терминологија,
конфликтот на Лардас Левин произлегува од неговиот проблем на
лојалност. Како аполитичен студент од педесеттите години не
бев свесен за ова - но од денешен аспект гледам дека сум се
обидувал да излезам од дилемата што повеќето од нас писателите
од тоа време ја имавме.
На наједноставно ниво, тоа беше
во врска со јазикот. Бевме охрабрувани од повеќе страни –
Керуак и бит писателите, дикцијата на Сол Белоу во Авантурите
на Оги Марч, појавата на говор сличен на оној на Херберт Голд
и Филип Рот - и видовме, најпосле, како на две многу различни
варијанти на англискиот јазик им беше дозволено да
коегзистираат во книжевноста. Дозволено! Всушност, океј беше
да се пишува токму на тој начин! Кој знаеше? Ефектот беше
возбудлив, ослободувачки, многу позитивен. Тоа не беше случај
на „или/или”, туку проширување на можностите. Не мислам дека
свесно се групиравме околу некоја идеја, иако веројатно бевме
групирани. Успехот на “новата левица” во доцните шеесетти беше
ограничен од неуспехот на „сините околувратници” и младината
политички да се здружат. Една од причините беше присуството на
невидливи, реални класни „полиња на сила” во начинот на
комуникација меѓу двете групи. Конфликтот во тоа време, како
речиси и сè друго, беше премолчен. Во својата литерарна
верзија се вообличи како традиционална бит литература. Иако
многу оддалечен, еден од центрите за кој многу се слушаше беше
Универзитетот во Чикаго. На пример, постоеше „Чикашка школа”
на литературна критика, која ја стекна почитта и вниманието на
многу луѓе. Во исто време се случи и разнишувањето на Цхицаго
Ревиењ што резултираше со појавата на Биг Табле, списание со
нагласена бит ориентација. „Тоа што се случи во Чикаго” стана
синонимна изрека за незамисливо субверзивна закана. Постоеја и
многу други слични препирки. Наспроти неспорната моќ на
традицијата, бевме привлечени од такви центрифугални мамки
какви што беа есејот Белиот црнец од Норман Мајлер, достапните
џез снимки и книгата за која сè уште верувам дека е еден од
најголемите американски романи, На пат од Џек Керуак.
Второстепено влијание, барем за
мене, имаше Патувачките учени од Хелен Водел, препечатена во
раните педесетти и значајна за младите поети од средната
генерација, кои во голем број ги напуштија манастирите и ги
крстареа европските патишта славејќи ги низ песна пошироките
животни видици што ги откриваа надвор од своите академски
ѕидини. Со оглед на околностите на универзитетите во тоа време,
не беше тешко да се направи споредба. Не стануваше збор толку
за некаква тапост на самиот универзитетски живот колку тоа што,
благодарение на сите тие алтернативни информации и сознанија
за животот на социјалното дно кои вешто се инфилтрираа низ
бршленовите огради, почнувавме да стекнуваме осет за
останатиот џагорлив надворешен свет. Некои од нас не можеа да
му одолеат на искушението да излезат и да видат што се случува.
Доволен број од нас се враќаа со вести „од прва рака”, и
другите охрабрувајќи ги да се обидат во истото - увод во
масовното излегување на студентите на улиците во шеесеттите
години.
Површно го познавав бит движењето.
Како и другите, и јас многу време поминав по џез-клубови,
цевчејќи ја својата редовна доза од минимум две пива. Навечер
носев „мачкести” наочари за сонце. Одев на забави во тавански
соби каде девојките чудно се облекуваа. Ме засмејуваше секој
вид хумор поврзан со марихуаната, иако во тоа време
разговорите за таа корисна супстанција беа во обратна
пропорција со можноста истата да се набави. Во 1956 година во
Нортфолк, Вирџинија, талкајќи низ една книжарница, налетав на
едно издание на Евергрин Ревиењ, во тоа време еден од првите
предвесници на бит сензибилитетот. Тоа ми ги отвори очите. Во
тоа време бев во морнарицата, но веќе познавав луѓе кои можат
во круг да седнат на палубата и совршено во повеќе гласови да
ги пејат сите оние рани рокенрол песни, луѓе кои тропаа на
бонго, кои беа искрено натажени кога умре Берд, а подоцна и
Клифорд Браун. Кога се вратив во колеџот академските луѓе веќе
длабоко беа вознемирени од насловната страна на тогашниот
Евергреен Ревиењ, а да не ја спомнуваме неговата содржина.
Изгледаше дека односот на некои литерарни кругови кон бит
генерацијата беше ист како односот на некои офицери на мојот
брод кон Елвис Присли. Овие имаа обичај да им пријдат на оние
што изгледаа дека му се наклонети, на пример се чешлаа како
него; „која е неговата порака?” нервозно прашуваа, „што сака
тој?”
Бевме на преодната точка, во
чуден пост-бит пасаж на културата на едно време, а нашата
лојалност беше поделена. Она што бапот и рокенролот беа за
повоениот поп, истото тоа беше оваа нова литература за веќе
етаблираната модернистичка традиција, која во тоа време ни
беше пласирана во колеџот. За несреќа, за нас не постоеше друг
избор. Бевме набљудувачи: парадата веќе беше одмината, а ние
сè добивавме од втора рака, бевме конзументи на сè она што
медиумите од тоа време ни го сервираа. Тоа не нè заштити од
попримањето на манирите и држењето карактеристични за
битниците, и потоа, како пост-битници, да стекнеме подлабок
увид во - на крајот на краиштата - здравата и пристојна
потврда на она за кое сите сакаме да веруваме дека е
американскиот систем на вредности. Кога по десет години хипи
движењето повторно оживеа, накусо постоеше одредено чувство на
носталгија и одобрување. Воскреснаа битниците-пророци,
повторно се свиреа алт-саксофонски рифови на електрична гитара,
мудроста на Истокот се врати во мода. Беше истото, само
поинаку.
Како и да е, негативна страна и
на двете движења, а и на сето шаренило подвидови, беше тоа што
премногу ставаа акцент врз младината. Се разбира, мене во тоа
време младоста веќе ми беше одмината, но јас повторно се
навраќам на тој почетнички аспект затоа што заедно со
недоразвиениот однос кон сексот и смртта може да се забележи
како некои од моите адолесцентски сфаќања за вредностите можат
да се провлечат и да уништат еден главно симпатичен лик. Таков
еден неславен случај е и Денис Фленџ во Низоземје. На некој
начин тоа повеќе е скица за лик отколку расказ. Стариот Фленџ
не расте со неговиот тек. Неговата фантазија станува
збунувачки бујна, и тоа е отприлика сè што се случува. Можеби
изострување на фокусот, но не и решение на проблем, па според
тоа и без многу движење или живот.
Денес не е некоја тајна, особено
за жените, дека многу мажи Американци, дури и оние средовечни,
облечени во костуми и со добри вработувања, длабоко во себе,
колку и да звучи неверојатно, се само обични мали деца. Фленџ
е еден таков лик, иако кога го пишував расказот мислев дека е
прилично „кул”. Тој сака деца - зошто да не го разјасниме тоа
- но не по цена на градење реален однос со некоја возрасна
жена. Тој наоѓа решение во Нариса, девојка со детинесто
однесување и раст. Не можам со сигурност да се сетам, но
изгледа дека сум сакал да остане двосмислено дали таа е само
плод на неговата фантазија. Лесно би можело да се каже дека
проблемот на Денис всушност е мој проблем од кој јас се
ослободувам припишувајќи му го нему. Колку и да е тоа точно,
проблемот сепак би можел да е поопшт. Во тоа време сè уште
немав непосредно брачно, ниту пак родителско искуство, и
можеби ги „фаќав” тогашните машки сфаќања кои лебдеа во
воздухот - или поофицијално - на страниците на машките
списанија, особено на Плејбој. Не мислам дека списанието ги
одразуваше само личните сфаќања на неговиот издавач: ако голем
дел од Американците не ги делеа истите сфаќања, Плејбој брзо
ќе пропаднеше и ќе исчезнеше од сцената.
Чудно е што јас воопшто немав
намера ова да биде приказна за Денис, тој требаше да биде
помошен лик за Пиг Бодајн. Појдовна основа за овој расипан „морнар”
беше неговиот двојник од реалниот живот. Додека бев во
морнарицата ја чув приказната за свадбеното патување од еден
морнар од моето топовско одделение. Бевме во крајбрежна
патрола покрај Портсмонт во Вирџинија. Наш реон беше еден
напуштен дел од пристаништето - огради од синџири,
железничарски прагови - ноќта беше негостољубиво студена и
немаше непристојни морнари за да ги смируваме. Така на мојот
бродски другар, како на најстар член на патролата, му падна
обврската да раскажува морнарски приказни за да помине времето;
и оваа беше една од нив. Она што нему му се случило на
неговото свадбено патување е истото она што му се случува на
Денис Фленџ во мојот расказ. Приказната ми беше многу забавна,
не толку со својата содржина колку со општото сознание дека
секој би се однесувал на истиот начин во таа ситуација. Како
што се покажа, кафеанскиот другар на мојот колега се појавува
во широк репертоар од морнарски анегдоти. Го прекомандувале на
друга крајбрежна должност уште пред јас да дојдам и веќе беше
легенда. Најпосле, еден ден пред да си одам дома, рано
изутрината пред павиљонот во морнаричката база во Норфолк, и
јас добив прилика да го видам. Една минута пред да дознаам
дека тоа е тој, пред да го чујам како се одзива на своето име,
се колнам дека имав чудно интуитивно, парапсихолошко сознание
дека е тоа токму тој. Да не го драматизирам моментот, но
бидејќи сè уште многу ми се допаѓа Пиг Бодајн, чиј лик уште
еднаш-двапати го внесов во своите подоцнежни раскази, ми
претставува задоволство да се присетам дека нашите патишта
навистина се вкрстија на еден невообичаен начин.
На современиот читател ќе му биде
одбивно нивото на расизам, прото-фашизам и вулгарност кои се
наоѓаат во овој расказ. Би сакал да можам да кажам дека тоа е
само гласот на Пиг Бодајн, но за жал, тоа е мојот сопствен
глас од тоа време. Најдобро што може да се каже сега е тоа
дека барем е доволно автентичен за своето време. Џемс Бонд,
идолот на Џон Кенеди, баш во тоа време правеше кариера бркајќи
ги своите непријатели од третиот свет, продолжувајќи ја
традицијата на детските авантуристички приказни со кои
повеќето пораснавме. Така уште некое време се задржаа некои
предрасуди, неискажани и непреиспитани дистинкции, најдобро
прикажани во телевизискиот лик од седумдесеттите Арчи Банкер.
Можеби наскоро ќе се докаже дека прашањето за класните разлики
не е толку важно како на пример прашањата за парите и моќта,
но корисно беше употребувано (најчесто во интерес на оние што
најмногу го поставуваа) за да нè држи разделени, релативно
сиромашни и немоќни. Како и да е, во раскажувачкиот тон на
овој расказ се препознава тапоглав шутрак кој не знае за нешто
подобро и јас ви се извинувам поради тоа.
Незадоволството од Низоземје не е
ништо во споредба со тоа колку ме стега срцето кога морам да
го погледнам својот расказ Ентропија. Тоа е убав пример за
процедурална грешка на која почетниците се секогаш
предупредувани. Едноставно е погрешно да се започне со тема,
симбол или друг апстрактен мотив, и потоа да се прави напор
ликовите и настаните насилно да му се прилагодат. Спротивно на
тоа, ликовите во Низоземје, иако проблематични на свој начин,
барем се она од што поаѓам во расказот, а теоретскиот дел, со
цел делото да изгледа учено, го внесувам дури подоцна. Во
спротивно тоа би бил само збир непријатни ликови неспособни да
си ги решат своите проблеми, а кого тоа би го интересирало?
Следуваат неколку лекции од напредниот курс по раскажување и
геометрија.
Бидејќи расказот влезе во две-три
антологии луѓето мислат дека јас за темата на ентропијата знам
многу повеќе отколку што навистина знам. Дури и Доналд
Бартелми, кого инаку не е лесно да го измамите, во едно
интервју за едно списание сугерира некакво мое ексклузивно
право на таа тема. Според Оксфордскиот речник на англискиот
јазик зборот го исковал Рудолф Клаузиус во 1865 год. по
примерот на зборот „енергија” за кој сметал дека на грчки
значи „содржина на работата”. Ентропијата или „содржината на
трансформацијата” беше воведена како начин да се опишат
промените низ кои поминува една топлотна машина за време на
еден типичен циклус. Ако Клаузиус се задржеше на својот мајчин
германски јазик и мојата грешка ја наречеше Верњандлунгсинхалт
наместо „ентропија” тоа можеше да има сосем поинакви последици.
И како што се случи, по 60-70 години употреба во своето
потесно значење, ентропијата ја презедоа некои теоретичари на
комуникациите и ù придодадоа некои космички и морални
конотации кои зборот продолжува да ги ужива и во сегашната
употреба. Случајно ја бев прочитал Човечката употреба на
човечките суштества од Норберт Винер (популарна варијанта
наменета за лаиците заинтересирани за неговата технички
постручна Кибернетика) речиси во исто време со Образованието
на Хенри Адамс и „темата” на расказот е дериват на она што тие
двајца имаа да го кажат. Односот, за кој во тоа време сметав
дека е најзастапен, особено кај помладите, беше една слепа
воодушевеност со секоја идеја за масовна деструкција и пропаст.
За жанрот на модерниот политички трилер се знаеше дека
профитира на такви визии за масовна и гламурозна смрт. Моето
студентско расположение и смислата на Адамс за прикажување на
моќ оттргната од контрола во спој со Винеровиот спектакл на
сеопштата топлотна катастрофа - изгледаа како полн погодок. Но
нивната оддалеченост и грандиозност ме принудуваат на мали
промени на ликовите во расказот. Мислам дека испаднаа вештачки,
недоволно живи. Опишаната брачна криза повторно, како и кај
Фленџови, е неубедлива и поедноставена. И како што отсекогаш
велеше Дион, лекцијата е тажна но вистинита: стани премногу
концептуален, премногу остроумен и оддалечен и твоите ликови
ќе ти умрат на страниците.
Некое време единствено внимавав
сè да поставам со терминологија поврзана со температурата, а
не со енергијата. Подоцна читајќи повеќе за таа тема открив
дека тоа и не било толку лоша тактика. Но немојте да ја
потценувате плиткоста на моите познавања. На пример избирам 37
степени Фаренхајтови да биде точката на еквилибриум затоа што
37 степени Целзиусови е температурата на човековото тело.
Остроумно, нели?
Подоцна испадна дека сите немаат
толку матни сфаќања за ентропијата. Повторно според
Оксфордскиот речник на англискиот јазик, Кларк Максвел и П. Г.
Тејт ја користат, барем некое време, во смисла спротивна на
онаа на Клаузиус. Не како мерка за енергијата која не е на
располагање, туку како мерка на расположивата енергија. Вилард
Гибс кој во оваа земја уште пред еден век ја развива
ентропијата на теориски план, ја сфаќа, во форма на дијаграм,
се разбира, како помош во популаризирање на термодинамиката,
особено на нејзиниот втор закон.
Она што кај овој расказ денес ми
пречи не е толку неговата термодинамичка мрачност колку
начинот на кој покажува како некои луѓе ги видоа педесеттите
години. Сметам дека е толку близок до бит расказите колку и сè
друго што го пишував во тоа време, иако мислев дека го
софистицирам духот на битот со второстепена наука. Ентропија
ја пишував во ‘58 или ‘59 год. - кога, зборувајќи за ‘57, во
расказот велам „во оние времиња”, речиси сум саркастичен. Тие
години многу личеа една на друга. Еден од најуништувачките
ефекти на педесеттите беше верувањето на луѓето што тогаш
растеа дека тие времиња ќе траат засекогаш. Сè додека Џон
Кенеди, дотогаш забележан во конгресот само по својата чудна
фризура, не почна да привлекува внимание, се чувствуваше
голема доза на бесцелност. Додека беше Ајзенхауер се чинеше
дека нема никаква причина сè да не си продолжи како што си
беше.
Откако го напишав овој расказ
продолжив да се обидувам да ја разберам ентропијата, но колку
повеќе читам толку помалку ја разбирам. Бев во состојба да ги
следам дефинициите на Оксфордскиот речник на англискиот јазик,
и начинот на кој ја објаснуваше Исак Асимов, дури и нешто од
математиката поврзана со неа. Но квалитетите и квантитетите не
успеваа да оформат единствен поим во мојата глава. Беше
олеснување откритието дека и самиот Гибс го антиципирал
проблемот опишувајќи ја пишаната форма на ентропијата како „далекусежна
... опскурна и тешка за разбирање”. Денес кога размислувам за
неа сè повеќе и повеќе ја поврзувам со времето, она човечко,
еднонасочно време за кое сме сите приковани локално и кое,
како што се вели, завршува со смртта. Некои процеси, не само
термодинамичките туку и медицинските, се иреверзибилни. Порано
или подоцна сите го откриваме тоа однатре.
Овие сознанија во голема мера беа
отсутни во времето кога ја пишував Ентропија. Повеќе бев
загрижен за разни злоупотреби на пишувањето, како на пример
преопширноста. Ќе ги поштедам сите од деталната анализа на
сите непотребности што се појавуваат во расказот, освен што ќе
напоменам колку ме жалости бројот на „ластарите” што се
појавуваат. Јас сè уште со сигурност не знам што значи зборот
“ластар”. Мислам дека го презедов од Т.С. Елиот. Лично, немам
ништо против „ластарите” но мојата пречеста употреба на овој
збор покажува што може да се случи кога некој троши премногу
време и енергија само на зборовите. На овој совет често е
укажувано и на други места на многу поинтересен начин, но мој
особен удел во оваа погрешна процедура беше прелистувањето
лексикони и потцртување зборови кои изгледаат “кул”, отмено,
информирано, за кои верував дека ќе предизвикаат ефект, што ќе
направат да изгледам подобар отколку што сум, притоа без да се
обидам да откријам во речник што тие значат. Не ме чуди ако
ова ви звучи глупаво. Го спомнувам заради можноста некој друг
во овој момент да го прави истото, а би можел да има некоја
корист од мојата грешка.
Истиов бесплатен совет држи место
и по прашањето на информациите. Секому му е речено да пишува
за она што го знае. Неволјата со многумина од нас е што на
помлада возраст мислиме дека знаеме сè, или поопшто, често не
сме свесни за дострелот и структурата на нашето незнаење.
Незнаењето не е само празен простор на менталната мапа на
поединецот. Има свои контури, своја кохерентност и, како што
ми се чини од она што го знам, има свои правила на
функционирање. На претходниов совет може да му се додаде и
укажувањето за потребата од запознавање со сопственото
незнаење и опасноста тоа да ви уништи добар расказ. Оперски
либрета, филмови и телевизиски драми лесно поминуваат со
различни грешки во деталите. Писател кој премногу гледа
телевизија може да помисли дека и во книжевноста е така. Иако
можеби не е апсолутно погрешно, а тоа јас сè уште го правам,
да го измислам она што не го знам со сигурност, или ме мрзи да
го дознаам, сепак погрешните податоци најчесто се на места
доволно чувствителни и значајни за дејствието, каде го губат
шармот што можеби го имаат вон контекстот на расказот. Еве
еден пример од Ентропија. Во ликот на Калисто инсистирам на
некој вид средноевропски замор од животот вообличувајќи го во
фразата “гриппе еспагноле”, која ја видов во фуснотата на
плочата Приказната на војникот од Игор Стравински. Мора да сум
мислел дека станува збор за некој синдром на малодушност по
Првата светска војна или нешто слично. Но испадна дека значи
тоа што буквално и значи, шпански грип, и навистина се
однесува на епидемијата на грип што се проширила во светот по
војната.
Оваа лекција, позната но
пренебрегнувана и тогаш и сега, кажува дека информациите треба
дополнително да се проверуваат, особено оние добиени од втора
рака или од обвивка на некоја грамофонска плоча. Од неодамна
сме влезени во ера каде секому, барем во принцип, му стојат на
располагање незамисливо големи количества информации само со
притискање на неколку копчиња на тастатурата. Повеќе нема
оправдување за мали глупави грешки, а верувам дека со ова ќе
се отежне крадењето туѓи податоци во надеж дека никој нема да
ги открие.
Книжевниот криминал е фасцинантна
тема. Како и во казнените закони и тука има степени. Варираат
од плагијаторство до наликување, но сите се облици на погрешни
постапки. Ако пак од друга страна верувате дека ништо не е
оригинално и дека сите писатели „позајмуваат” од „извори”,
тогаш останува прашањето на фуснотите и напомените. Не успеав
да најдам вистински начин за сево ова сè до расказот Под
розата од 1959 во кој му одадов признание и му искажав
благодарност на Карл Бедекер за неговиот водич низ Египет од
1899 година, кој ми беше главен „извор” во расказот.
Ја забележав неговата книга во
библиотеката во Корнел. Посетував часови по пишување.
Семинарот го држеше Бахстер Хетвеј. Тој семестар се врати по
одредена пауза. Неговата величина не ми беше позната и тоа ме
плашеше. Курсот веќе некое време траеше, а јас немав предадено
ништо. „Дојди”, ме советуваа, „тој е фин човек. Не грижи се
заради тоа.” Дали се зафркаваат со мене? Ми стануваше главен
проблем. Најпосле, речиси на половина семестар по пошта ми
дојде една од оние цртани картички на која беше нацртан
клозетски ѕид прекриен со графити. „Доволно долго вежбаше”,
пишуваше на неа, а внатре: “Сега пишувај!” Беше потпишана од
Бакстер Хетвеј. Зарем е можно, уште додека на касата ја плаќав
оваа бледо-црвена книга, потсвесно да сум планирал да ја
украдам нејзината содржина за својот расказ?
Дали Вили Сатон би можел да
ограби сеф? Тоа што јас го сторив беше вистинско ограбување на
Бедекер почнувајќи од сите детали за времето и местата на кои
никогаш не сум бил, па сè до имињата на дипломатите. Кој би
можел да измисли име како Кевенхилер-Меч? Во случај другите да
бидат воодушевени од ваквата техника, како што јас бев,
дозволете да напоменам дека тоа е лош пристап кон пишувањето.
Проблемот овде е сличен како и при проблемот во Ентропија:
почнување со нешто апстрактно - термодинамички откритија, или
податоци од прирачник - а дури потоа развивање на ликовите и
содржината. Тоа е, како што се вели во нашата професија „газ-преку-глава”.
Без одредено заземјување во реалноста имате шанса да останете
само со уште еден почетнички обид, на што ова непријатно
наликува.
И јас исто така бев подготвен да
украдам, или да кажеме да „вадам” на посуптилен начин.
Пораснат сум читајќи шпионски романи и романи на интрига,
најмногу оние на Џон Бакен. Единствена негова книга на која
сега некој може да се сети е Триесет и девет скали, но тој
имаше напишано уште шест-седум исто толку добри, ако не и
подобри. Сите можеа да се најдат во библиотеката во мојот
роден град. А ги имаше исто така и И. Филипс Опенхајм, Хелен
Мекинес, Џефри Хаусхолд и многу други. Нивниот краен ефект
беше формирање една маглива и необична претстава во мојот
некритичен ум за историските настани пред двете светски војни.
Не се базираше толку врз службените документи и донесените
политички одлуки колку, на пример, врз шпионирањата, чекањата
во заседа, лажните идентитети, психолошките игри. Дури подоцна
се најдов под други две силни влијанија: она на Едмунд Вилсон
и неговата Кон финската станица и Владетелот од Макијавели,
кои ми помогнаа да го развијам интересното прашање што се
наоѓа во поттекстот на расказот - дали историјата е лична или
статистичка? Мојата лектира во тоа време вклучуваше многу
викторијанци кои предизвикаа претставата за Втората светска
војна во мојата имагинација да го поприми оној атрактивен,
тормозечки облик на конечна апокалиптичка пресметка, толку
омилена на адолесцентните умови.
Не мислам да се оправдувам со ова.
Тука е и нашиот заеднички кошмар - бомбата. Беше доволно лошо
уште во ‘59, а уште е полошо сега кога опасноста континуирано
расте. Немаше ништо непредвидено и ненамерно во тоа ни тогаш
ни сега. Освен наредбите на криминалците кои ја имаа моќта по
1945, дури и моќта да сторат нешто во врска со тоа, сите ние
останатите кутри овчички бевме парализирани од обичниот
едноставен страв. Мислам дека сите сме се справиле со оваа
постепена ескалација на беспомошност и терор на еден од
неколкуте, за нас достапни начини, од неразмислување за тоа до
целосно збеснување. Некаде на овој дијапазон на немоќта се
наоѓа и пишувањето белетристика за тоа - понекогаш, како овде,
пренесена во пошаренолико време и место.
Освен со својата бледа
добронамерност, Под розата не ми е толку здодевен како
претходните раскази. Мислам дека ликовите се подобри, веќе не
се толку вкочанети, почнуваат да се размрдуваат и да ги
подотвораат очите, но нивните дијалози и понатаму страдаат од
мојот непоправливо лош слух. Благодарение на неуморниот напор
на телевизијата сите денес се одлично запознаени и со
најсуптилните нијанси на англискиот јазик, онака како што го
зборуваат Англичаните. Јас тогаш се потпирав врз филмовите и
радиото, кои во тоа време не беа сто процентно доверливи.
Оттука потекнуваат сите оние „духовити” изрази кои на еден
современ читател му изгледаат стереотипни и неавтентични.
Читателите можеби се чувствуваат незадоволни, покрај
останатото и затоа што маестралниот Џон ле Каре повеќе од кој
било друг го подигна нивото на целиот жанр. Денес во него
очекуваме комплексност на содржината и длабочина на ликовите,
што во овој мој обид изостануваат. За среќа поголем дел од
расказот отпаѓа на сцени со бркотници кои упорно и доследно ги
„цедам” - тоа е единствена форма на незрелост што не можам да
ја напуштам. Мој стил е брзата птица-итрица од цртаните
филмови. Верните љубители на Шекспир ќе забележат дека името
Порпентајн е земено од Хамлет. Тоа е архаична форма на
‘порцупине’* Името Молдверп е стар тевтонски израз за ‘молле’*
- мислам на животното, а не на инфилтриран шпион. Мислев дека
е симпатична идеја луѓе именувани според две мали крзнести
животинчиња да решаваат за судбината на Европа. Уште помалку
свесно овде има призвук на името на Вормолд, безволниот
шпионски лик од Нашиот човек во Хавана од Греам Грин објавен
во тоа време.
Уште едно влијание во Под розата,
премногу ново за да биде присутно во таа мерка како подоцна, е
надреализмот. Одев на еден од оние изборни курсови по модерна
уметност во тоа време и надреализмот ми го привлече вниманието.
Сè уште немајќи никаков увид во своите сништа, ја промашив
поентата на правецот и наместо со неа бев фасциниран со
едноставната можност да се комбинираат елементи кои вообичаено
не се наоѓаат заедно и да се предизвикуваат алогични и
сензационални ефекти. Подоцна морав да научам дека за водењето
таква постапка е потребен одреден степен на внимателност и
умешност: секоја комбинација на детали не може да успее. Спајк
Џоунс Јуниор, синот на Спајк Џоунс чии оркестарски снимки имаа
длабок и неизбришлив ефект врз мене кога бев дете, во едно
интервју рече: „Една работа што луѓето не ја сфаќаат во врска
со музиката на татко ми е тоа што, ако сакаш да замениш ‘цис’
со револверски истрел, тоа мора да биде револверски истрел во
цис-тон, во спротивно ќе звучи гр озно.”
Јас бев на пат да станам уште
полош како што е видливо од „отпадот”, односно од произволно
укомпонираните сцени со невоедначен квалитет во Тајната
интеграција. Но бидејќи расказот повеќе ми се допаѓа отколку
што не ми се допаѓа, повеќе би го обвинувал за конфузниот
начин на кој ги акумулира тие содржини во сеќавањето. Како и
Низоземје и овој расказ се случува во мојот роден град, еден
од неколкуте обиди да пишувам непосредно од искуствата и
пејзажите со кои сум пораснат. Во тоа време Лонг Ајленд
погрешно го сфаќав како огромен и безличен песочен насип, без
историја, место од каде можеш да си заминеш без да чувствуваш
приврзаност. Интересно е тоа што и во двата раскази инсистирам
на она што ми се чинеше запоставувано, на еден арсенал од
комплицирани топографии. Веројатно сум мислел дека на тој
начин местото ќе го направам малку поегзотично.
Не само што го искомплицирав Лонг
Ајленд туку и го заокружив целото соседство и го префрлив дури
во Бергшир, каде што сè уште не сум бил. Повторно стар
Бедекеров трик. Овој пат деталите што ми беа потребни ги
најдов во регионалниот водич низ Бергшир објавен во 1930 год.
од Федерал Њритерс Пројецт. Тоа е една од оние одлични едиции
за државите и регионите кои можеби сè уште можат да се најдат
по библиотеките. Корисни се и пријатни за читање. Во таа книга
имаше некои толку добри места, толку богати со детали и
длабоки во чувството што дури и мене ми беше срам да крадам од
неа.
Сега веќе не ми е јасно зошто сум
прифатил таква стратегија на трансфер. Дислоцирањето на моето
лично искуство во друг амбиент е старо барем колку и Ситниот
дожд. Делумно се должи на нетрпението што го чувствував кон
онаа белетристика што ми се чинеше премногу автобиографска. Од
некаде сум го примил сфаќањето дека личниот живот на писателот
не треба да има никаква врска со неговото пишување, а
вистината е, како што знаат сите, речиси целосно спротивна.
Иако решив да ги занемарам, всушност доказите за тоа ме
опкружуваа од сите страни, затоа што и објавените и
необјавените дела кои имаат способност да ме трогнат и
задоволат, и тогаш и сега, беа оние што станале блескави,
непорекливо вистините затоа што се пронајдени и изнесени,
секогаш со некоја цена, од подлабоките, поопшти нивоа на
животот што вистински го живееме. Гадно ми е да помислам дека
не сум го сфатил тоа, макар и нецелосно. Можеби цената била
превисока. Глупост, во секој случај, но предност му давав на
китнестото жонглирање.
Но сепак, можеби уште еден фактор
во сето тоа беше клаустрофобијата. Не бев единствениот од оние
што во тоа време пишуваа, кој имаше потреба да се раскомоти,
да се раздвижи. Можеби поради чувството на академска
затвореност што го чувствувавме, кое на американскиот боемски
живот му даваше таков изглед каков што ни се чинеше дека водат
бит писателите. Учениците во сите области се неуморни да го
совладаат занаетот.
Кога го напишав Тајната
интеграција бев заплеткан во таа фаза од работата. Имав
објавено роман и мислев дека знам по нешто, но веројатно за
прв пат почнав да молчам и да ги слушам американските гласови
околу мене, дури и кога ќе ги оттргнев очите од печатените
извори и ќе фрлев поглед врз американската невербална реалност.
Најпосле тргнав на пат да ги посетам местата за кои Керуак
пишуваше. Овие градови, лаењето на загарите и феријалните
мотели го најдоа местото во овој расказ и јас сум прилично
задоволен од неговиот изглед.
Се разбира дека не е совршен,
барем не на долги патеки. Децата, на пример, на некои места не
изгледаат толку бистри, не ни приближно како децата од
осумдесеттите. Исто така не би ми пречело да ги видам „поткастрени”
поголемиот дел од непотребните надреалистички делови во
расказот. Сепак има некои делови за кои не ми се верува дека
јас сум ги напишал. Веројатно во текот на овие две децении
некоја група гноми се шмугнала внатре и правела ‘ршум вежбајќи.
Како што е јасно од максимумите и минимумите во графиконот на
мојот напредок во учењето, наивно беше да се очекува дека
долго ќе се движам во таа позитивна и професионална насока.
Следниот расказ што го напишав беше Објавувањето на бројот 49,
кој беше пласиран на пазарот како „роман”, и во кој се чини
дека сум го заборавил најголем дел од она што дотогаш мислев
дека го научив.
Најверојатно голем дел од моите
чувства за последниов расказ можат да се сметаат за обична
носталгија по оние времиња кога како млад писател почнав да се
пројавувам со своите лоши навики, глупави теории и повремени
моменти на продуктивен молк во кој по малку можеби сфаќам што
правам. Сепак, за младите е најкарактеристична промената - не
се статична фотографија на завршен лик туку филм, флуиден дух.
Можеби овој мал додаток на моето минато ме вклучува во еден од
оние случаи што Френк Запа ги нарекуваше „банда стари момци
што седат во круг и свират рокенрол”. Но како што сите знаеме,
рокенролот никогаш нема да умре, а и образованието исто така.
Како што вели Хенри Адамс, продолжува да живее засекогаш. |