|
|
Август
1
Во јули татко ми заминуваше во бања и ме оставаше со мајка ми
и постариот брат на милост и немилост на зашеметувачките и
побелени од жар летни денови. Замелушени од светлината, риевме
во таа голема книга на распустот, на која страниците ù гореа
од блесокот и на дното имаше опивачки слатка мачканица од
златни крушки.
Адела се враќаше во светнатите утра, како Помона од огнот на
распламтениот ден, истурајќи ја од кошницата шарената убавина
на сонцето - блескави цреши, полни вода под проѕирната кожичка,
мистериозни, црни вишни, чија миризба го надминуваше она што
се остваруваше во вкусот; кајсии, во чиешто златно месо се
состоеше коренот на долгите попладниња; а покрај оваа чиста
поезија од овошја таа истоваруваше парчиња месо со клавијатури
од телешки ребра, кои буеја од сила и храна, водни растенија
од зарзават, како да се утепани главоношци и медузи - сирова
материја за ручек, чијшто вкус сè уште не е оформен и е јалов,
вегетативни и земни состојки на ручекот со див мирис на нива.
Низ темниот стан на првиот кат од куќата на плоштадот
секојдневно од крај до крај преминуваше целото големо лето:
тишината на треперливите воздушни наслаги, квадратите отсјај
кои го сонуваат својот жесток сон на подот; мелодијата на
верглот, што ја дава најдлабоката златна жица на денот;
два-три такта од рефрен, свирен некаде на клавир, постојано од
ново, кои снеможуваат во сонцето на белите тротоари, изгубени
во огнот на длабокиот ден. По чистењето, Адела спушташе сенка
врз собите, навлекувајќи ги платнените завеси. Тогаш боите се
симнуваа за октава пониско, собата се полнеше со сенка, како
да е пропадната во светлината на морската длабочина, уште
поматно огледувајќи се во зелените огледала, а целата
горештина на денот дишеше врз завесите, кои лесно се брануваа
од мечтаењата на пладневниот час.
Во саботните попладниња излегував со мајка ми на прошетка. Од
полутемнината на тремот веднаш се зачекоруваше во сончевата
бања на денот. Минувачите, цапајќи во златото, имаа очи
замижани од жештината, како да им се залепени со мед, а
подигнатата горна усна им ги откриваше непцата и забите. И
сите што цапаа во тој златест ден имаа ваква гримаса на жега,
како сонцето да им ставило на своите следбеници една иста
маска - златната маска на сончевото братство; и сите, што
денеска одеа по улици, се сретнуваа, разминуваа, старци и
млади, деца и жени, на поминување се поздравуваа со оваа маска,
насликана со дебела, златна фарба на лицето, едни на други ги
кривеа лицата, покажувајќи си ја оваа баханатска гримаса -
варварска маска на некој пагански култ.
Плоштадот беше празен и жолт од вжештеност, изметен од прав со
жешките ветришта, како библиска пустина. Трнливите багреми,
израснати од празнините на жолтиот плоштад, вриеја над него со
светлите лисја, со букети од благородно расчленети зелени
филиграни, како дрвјата на старите гоблени. Се чинеше како тие
дрвја да прават вештачка меќава, театрално растреперувајќи ги
своите крошни, за во патетичните извивања да ја покажат
творбата од лиснати лепези со сребрени стомачиња, како крзна
на благородни лисици. Старите куќи, со денови полирани од
ветриштата, се забавуваа со рефлексите на големата атмосфера,
со ехата, сеќавањата на боите, распрскани во длабочината на
шареното време. Се чинеше дека цели генерации летни денови (како
трпеливи молери, што го отстрануваат мувлосаниот малтер од
старите фасади) ја имаат симнувано лажната глазура, од ден на
ден сè појасно откривајќи го вистинскиот лик на куќите,
физиономијата на судбината и животот кој ги формирал одвнатре.
Сега прозорците, заслепени од сјајот на празниот плоштад,
спиеја; балконите му ја исповедаа својата празнина на небото;
отворените тремови мирисаа на ладовина и вино.
Една толпа парталковци, која останала негибната од пламената
метла на горештината во аголот на плоштадот, запоседнуваше
едно делче од ѕидот, испробувајќи го сè одново и одново со
фрлање на копчиња и парички, како од хороскопот на тие метални
крукчиња да може да се прочита вистинската мистерија на ѕидот,
исчкртан со хиероглифи од црти и пукнатини. Впрочем, плоштадот
беше празен. Се очекуваше пред тремот засводен со винарски
буриња да застане во сенката на разнишаните багреми заузданото
магаре на Самариќанецот, а двајца слуги грижливо да го свлечат
болниот маж од вжареното седло, за да го качат претпазливо по
ладните скали на катот што мириса на сабат.
Така шетавме со мајка ми по двете сончеви страни на плоштадот,
водејќи ги нашите прекршени сенки по сите куќи, како по
клавиши. Коцките од калдрмата полека минуваа под нашите меки и
рамни чекори - едни бледорозови како човечка кожа, други
златни и модри, сите рамни, топли, кадифени на сонцето, како
некои сончеви лица, од стапала испогазени до непрепознатливост,
до блага ништожност.
Додека најпосле, на аголот на улицата Стријска, не влезевме во
сенката на аптеката. Големиот сад со сок од малини во широкиот
аптекарски прозорец ја симболизираше студеноста на балзамите,
со кои можеше да се смири секоја болка. А веќе по неколку куќи
улицата не можеше да го трпи и понатаму декорот на градот,
како селанец, кој враќајќи се во родното село, по пат ù се
чуди на својата градска елеганција, полека претворајќи се,
како што се приближува до селото, во селски парталко.
Куќичките на периферијата тонеа заедно со прозорците, изгубени
во бујното и заплеткано цветање на малите градини. Заборавени
од големиот ден, бујно и тивко се разраснуваа сите билки,
цвеќиња и плевел, задоволни од паузата, што можеа да ја
преспијат зад маргините на времето, на границата на
недовршениот ден. Огромниот сончоглед, издигнат на јако стебло
и болен од елефантијазис, ги чекаше во жолта жалост последните,
тажни денови од животот, веднејќи се под прекумерната
чудовишна корпулентност. Но, наивните ѕвончиња од периферијата
и басмените, примитивни цветчиња стоеја беспомошно во своите
исштиркани, розови и бели кошулчиња, без трошка разбирање за
големата трагедија на сончогледот.
2
Заплеткан густеж од треви, плевел, билки и трње пламти во
огнот на попладнето. Попладневната дремка на бавчата брмчи од
рој муви. Златното стрниште вреска на сонцето, како рој црвени
скакулци; во трепкавиот дожд на огнот се дерат штурци; мешунки
од семиња експлодираат тивко, како вилински коњчиња.
А кожувот од треви се издига кон тарабите со испакнатата
грба-рид, како бавчата да се превртела во сон на другата
страна и нејзините дебели, машки рамења ја дишат тишината на
земјата. На овие рамења на бавчата небрежната, женска
августовска бујност се распослала во глувите ендеци на
огромните лопуви, се распашала со парчиња од влакнести лиснати
плехови, со набуени јазичиња на месесто зеленило. Таму овие
набабрени страшила од лопуви се ококориле како женишта
испоседнати на широко, до половина изедени од сопствените
полудени здолништа. Таму бавчата за џабе продаваше најевтини
зрнца див јоргован, густа каша од печурки што смрди на сапун,
дива ракија од нане и секаков вид неквалитетни августовски
производи. Но, од другата страна на тарабите, зад оваа
пустелија на летото, во која се разраснала глупоста на
идиотскиот плевел, имаше гумно, диво зараснато со трње. Никој
не знаеше дека токму таму тоа лето месецот август ја одржуваше
својата голема паганска оргија. На тоа гумно, потпрено на
тарабите и зараснато со див јоргован, стоеше креветот на
кретенската девојка Тлуја. Така сите ја викавме. На купот
ѓубре и отпадоци, стари тенџериња, влечки, крш и шут стоеше
зелено бојадисаниот кревет, потпрен, наместо на ногарките што
недостасуваа, на две стари тули.
Воздухот над овој крш, здивен од горештината, пресекуван од
молскавиците на блескавите коњски муви, збеснати од сонцето,
ечеше како од некои невидливи ѕвечкалки, раздразнувајќи до
лудило.
Тлуја седи потклекната во жолтата постелнина и парталите.
Нејзината голема глава е целата наежена од снопот црна коса.
Лицето ù се грчи како мев од хармоника. Едно-две и гримаса на
плач ја собира таа хармоника во илјада попречни набори, а
чудењето повторно ја развлекува, ги израмнува наборите, ги
открива отворите на ситните очи и влажните непца со жолтите
заби под рилковидната, месеста усна. Минуваат часови исполнети
со жештина и здодевност, за време на кои Тлуја полугласно
мрмори, дреме, тивко негодува и ‘рка. Мувите ја опседнуваат
неподвижната во густ рој. Но, одеднаш, целиот куп валкани крпи,
партали и алишта почнува да се мрда, како оживеан од цивкањето
на стаорците накотени во него. Мувите се будат исплашени и се
подигнуваат во голем, бучен рој, исполнет со гневно брмчење,
треперења и светкања. И додека парталите се истураат на
земјата и се разбегуваат по гумното како исплашени стаорци, од
нив се извлекува, полека ја одвиткува сржта, се соголува
коренот на гумното: полу-голата и темна кретенка се движи
полека и станува, слична на пагански бог, на кратките детски
ноџиња, а од вратот напукнат од наплив на злоба, од
поцрвенетото лице што потемнува од гнев, на коешто како
варварски живописи се расцветуваат арабески од набрекнатите
жили, се искорнува животински крик, зарипнат крик, добиен од
сите бронхии и пишталки на тие полуживотински-полубоговски
гради. Трњата, изгорени од сонцето, врескаат, лопувите
отекуваат и се расфрлаат со бесрамно месо, на плевелот му
течат лиги од сјаен отров, а кретенката, засипната од крикот,
во див грч ја мава месестата утроба со гневна избувливост во
трупецот од дивиот јоргован, кој тивко крцка под агресивноста
на распуштената страст, а целиот тој беден хор го преколнува
на изопачена, паганска плодност.
Мајката на Тлуја ја изнајмуваат домаќинките за рибање на
подови. Тоа е една малечка жена, жолта како шафран, и со
шафран ги зачинува и подовите, масите од ела, клупите и
резињата, кои ги мие во одаите на сиромашните луѓе. Еднаш
Адела ме одведе во куќата на оваа стара Маришка. Беше рано
наутро, влеговме во малата одаја варосана сино, со нагмечен
под од глина, врз којшто лежеше раното сонце, дречливо жолто
во таа утринска тишина, одмерувана со страшното штракање на
селскиот часовник на ѕидот. Во ковчегот на сламата лежеше
глупавата Маришка, бледа како брашно и тивка како ракавица, од
која се извлекува дланка. И како да се служи со нејзиниот сон,
зборуваше тишината, жолта, дречлива, злобна тишина, зборуваше
самата со себе, се караше, го изрекуваше гласно и простачки
својот манијачки монолог. Времето на Маришка - времето
затворено во нејзината душа, излезе од неа ужасно стварно и
одеше самоволно низ одајата, бучно, вревејќи, пеколно, од
гласната воденица-часовник прераснувајќи во дречливото молчење
на утрото, како лошо брашно, расеано брашно, глупаво брашно на
лудаци.
3
Во една од тие куќички, опкружена со тараби во кафена боја,
потоната во бујното зеленило на градината, живееше тетка Агата.
Влегувајќи кај неа, во градината ги поминувавме шарените
стаклени топки, закачени на стапчиња, розови, зелени и
виолетови, во кои беа маѓепсани цели осветлени и јасни светови,
како оние идеални и среќни слики затворени во недостижната
совршеност на меурите од сапун.
Во полутемниот трем со стари копии на маслени слики,
испогризени од мувлата и ослепени од староста, го наоѓавме нам
познатиот мирис. Во таа доверлива стара миризба во чудно
едноставна синтеза се сместуваше животот на тие луѓе,
дестилатот на расата, видот на крвта и тајната на нивната
судбина, незабележливо содржан во нивното секојдневно
разминување со сопственото, одделно време. Старата, мудра
врата, чии темни воздишки ги пуштаа внатре и ги испуштаа
надвор овие луѓе, молчалив сведок на влегувањата и
излегувањата на мајките, ќерките и синовите - се отвори
нечујно како рамка од орман и влеговме во нивниот живот. Седеа
како во сенка на својата судбина и не се бранеа - во првите
неспретни потези ни ја издадоа својата тајна. Не бевме ли со
крвта и и со судбината во сродство со нив?
Собата беше темна и кадифена од темносините таписерии со
златни дезени, но ехото на пламениот ден, и овде, сè уште
трепереше со месингот врз рамките од сликите, врз кваките и
златните рачки, иако пропуштено низ густото зеленило на
градината. Покрај ѕидот стана тетка Агата, голема и крупна, со
тркалезно и бело месо, ситно посипано со црвената ‘рѓа на
пегите. Приседнавме до нив, како на работ од нивната судбина,
малку засрамени од таа беспомошност, со која ни се предадоа
безрезервно, и пиевме вода со сок од роза, пречуден пијалак,
во кој како да ја најдов најдлабоката смисла на таа жешка
сабота.
Тетка ми се жалеше. Тоа беше основниот тон на нејзините
разговори, гласот на тоа месо, бело и плодно, кое како веќе да
лебди надвор од границите на личноста, едвај некако слободно
задржана на едно место, во оковите на индивидуалната форма, и
дури и во таа збраност веќе размножена, готова да се распадне,
да се разграни, да се растури во едно семејство. Беше тоа
речиси вродена плодност, женственост ослободена од бариери и
болежникаво надуена.
Се чинеше дека самата арома на машкоста, мирисот на чадот од
тутун, ергенската шега можеше да ù даде импулс за развратно
заплоднување на таа зажарена женственост. И токму сите нејзини
поплаки за мажот, слугите, нејзината грижа за децата, беа само
каприциозност и негодување на нескротената плодност,
продолжение на оваа намуртена, гневна и плачлива кокетерија,
со која напразно го тестираше својот маж. Тетин Марек, малечок,
згрбавен, со лице со изјаловен пол, седеше во своето сиво
банкротство, помирен со судбината, во сенката на безграничниот
презир, во кој се чинеше дека одмора. Во неговите сиви очи
тлееше далечната жега на градината, распната на прозорецот.
Одвреме-навреме со слабо движење се обидуваше да се огради од
сè, да пружи отпор, но бранот на самодоволната женственост го
отфрлаше настрана тој потег без значење, триумфално преоѓаше
покрај него, ги потопуваше со својот широк поток слабите
трепети на машкоста.
Имаше нешто трагично во таа валкана и неумерена плодност,
имаше беда на креатурата што се бореше на границата на
ништожноста и смртта, имаше некаков хероизам на женственоста
што триумфираше со родност дури и над осакатеноста од страна
на природата, и над недоволноста на мажот. Но, потомството ù
даваше за право на оваа мајчинска паника, на ова лудило на
раѓање што се исцрпуваше во неуспешните плодови, во ефемерната
генерација на фантоми без крв и без лица.
Влезе Луција, средна, со глава не баш расцветана и зрела на
детсткото и полничко тело со бело и нежно месо. Ми го подаде
куклестото раче, кое како допрва да распупува, и веднаш
процути со целото лице, како божур што пука од аловост.
Несреќна поради своето црвенило, кое бесрамно зборуваше за
тајните на менструацијата, замижуваше со очите и уште повеќе
пламнуваше под допирот и на најиндиферентното прашање, бидејќи
секое содржеше потајна алузија на нејзиното премногу осетливо
моминство.
Емил, најстариот од братучедите, со светлоруси мустаќи, од чие
лице животот како да избришал каков било израз, шеташе
ваму-таму по собата, со рацете во џебовите на набраните
пантолони.
Неговиот елегантен и драгоцен костум носеше белег на
егзотичните земји, од каде се беше вратил. Неговото лице,
свенато и поматено, се чинеше како од ден на ден да заборава
на себеси, како да станува бел празен ѕид со бледа мрежа
жилички, во кои како линии на излижана мапа се плеткаа спомени
што гаснат од тој бурен и проарчен живот. Беше мајстор за
трикови со карти, пушеше долги, аристократски лулиња и
мирисаше чудно со мирис на далечни земји. Со поглед кој шета
по дамнешните спомени раскажуваше чудни анегдоти, кои во
одредена точка нагло се прекинуваа, се раскинуваа и се
распрснуваа во ништожност.
Го следев со мечтален поглед, посакувајќи да ми обрне внимание
и да ме спаси од маките на здодевноста. И всушност, ми се
причини дека ми намигна со очите, излегувајќи кон другата соба.
Поитав по него. Беше седнат ниско на една табуретка, со колена
кои се вкрстуваа речиси во височина на главата, ќелава како
топче за билјард. Се чинеше дека облеката сама лежи, целата во
набори, замаглена, префрлена преку фотелја. Лицето му беше
како здив од лице - линија што некој непознат минувач ја
оставил во воздухот. Во бледите, емајлирани тиркизни дланки
држеше паричник, во кој нешто разгледуваше.
Од маглата на ликот со мака исплива ококореното белило на
бледото око, мамејќи ме со ѓаволесто намигнување. Чувствував
неодолива симпатија кон него. Ме зеде меѓу колената и вртејќи
ги фотографиите пред моите очи со вештите дланки ми покажуваше
слики од голи жени и момчиња во чудни пози. Стоев потпрен со
колкот врз него и ги гледав овие нежни човечки тела со далечни
очи што не гледаат, кога еден флуид на некакво нејасно
раздвижување, од кое одеднаш се помати воздухот, допре до мене
и ме опседна со трпки на неспокој, со бран на нагло разбирање.
Но тогаш, онаа магличка од насмевка што се исцртуваше под
неговиот мек и убав мустаќ, зародишот на страста што се беше
натегнал на неговите слепоочници преку пулсирачката жила,
напрегнатоста што за момент ги држеше сосредочени неговите
црти - повторно паднаа во ништожност и лицето потона во
отсутност, заборави на себе, се распрсна. |
|
 |
|