|
|
Опседнатост
1
Веќе тогаш нашиот град сè повеќе и повеќе запаѓаше во
хроничното сивило на пропаста, обраснуваше по краевите со
лишај од сенка, набабрена мувла и мов со боја на железо.
Штотуку расповиен од темнокафените чадови и магли на утрото -
денот наеднаш се претвораше во ниско килибарно попладне, за
момент стануваше проѕирен и златен како темно пиво, за потоа
да се симне под неколкупати расчленетите, фантастични шарени
сводови и развлечени ноќи.
Живеевме на плоштадот, во една од оние мрачни куќи со празни и
слепи фасади, кои толку тешко се разликуваат едни од други.
Тоа е причина за постојаните грешења. Кога веќе еднаш ќе се
влезе во погрешен влез на погрешни скали, обично се наоѓаш во
вистински лавиринт од туѓи станови, тремови, неочекувани
излези во туѓи дворови и забораваш на почетната цел на
патувањето, за по многу денови, враќајќи се од кривите патишта
на чудните и заплеткани авантури, во некоја сива мугра да ти
текне, сред грижата на совест, на семејниот дом.
Полн со големи ормани, длабоки канабиња, бледи огледала и
неквалитетни вештачки палми нашиот стан сè повеќе запаѓаше во
состојба на запуштеност, како резултат на немарноста на мајка
ми, која преседуваше по цели денови во дуќанот, и на негрижата
на витконогата Адела, која без надзор од никого, поминуваше
денови и денови пред огледалата на долгнавестата тоалетна
масичка, оставајќи насекаде траги во облик на исчешлани влакна,
чешли, расфрлани чевли и корсети.
Станот не поседуваше определен број соби, бидејќи никој не се
сеќаваше колку од нив се изнајмени на непознати станари.
Честопати ќе се отвореше случајно некоја од овие заборавени
одаи и ќе ја најдеа празна; станарот одамна се иселил, а во
фиоките, недопрени со месеци, се правеа неочекувани откритија.
Во долните соби живееја чираците и честопати ноќе нè будеа
нивните стенкања, испуштани под влијание на ноќните кошмари.
Таа зима надвор сè уште беше глува ноќ, кога татко ми се
симнуваше во тие ладни и темни соби, со свеќата пред себе
плашејќи стада сенки, кои слетуваа странично по подот и
ѕидовите; одеше да ги буди громките ‘ркачи од сонот тврд како
камен.
Во светлината на свеќата, што тој ја имаше оставено, тие
мрзливо се извлекуваа од валканата постела, седнувајќи на
креветот ги истегнуваа босите и грди нозе и со чорапот в рака
уште некој момент му се предаваа на раскошот на зевањето -
зевање развлечено до наслада, до болен грч на непцето, како
при силни повраќања.
По ќошевите неподвижно седеа големи лебарки, зголемени од
сопствената сенка со која свеќата што гореше ги натоваруваше
сите нив и која не се одвојуваше од нив дури и тогаш кога
некој од овие плоснати, безглави трупови одеднаш ќе почнеше да
трча со неверојатен, пајаков од.
Тогаш татко ми почна да попушта со здравјето. Уште во првите
недели од таа рана зима се случуваше тој да поминува цели
денови во кревет, опкружен со шишенца, апчиња и
сметководствени книги што му ги носеа од тезгите. Горчливиот
мирис на болеста заседнуваше на дното од собата, чии тапети
стануваа погусти од потемниот сплет на арабеските.
Навечер, кога мајка ми доаѓаше од дуќанот, тој се возбудуваше
и стануваше склон на караници, ù префрлаше за грешките во
водењето на сметките, се осипуваше и се палеше до
неурамнотеженост. Се сеќавам како еднаш, откако се разбудив од
сон доцна во ноќта, го видов како бос и во кошула трча
ваму-таму по кожениот кауч, документирајќи ја на тој начин
својата иритација пред мојата беспомошна мајка.
Други денови беше спокоен и прибран, и целосно се внесуваше во
своите книги, длабоко залутан во лавиринтите на заплетканите
пресметки.
Го гледам во светлината на ламбата што чади, потклекнат на
перниците, под големиот резбан потпирач на креветот, со
огромна сенка од главата на ѕидот, како се ниша во безгласна
медитација.
На моменти ја изнурнуваше главата од овие сметки, како да ќе
земе здив, ја отвораше устата, млацкаше од гадење со јазикот,
кој му беше сув и горчлив и беспомошно се обѕираше како да
бара нешто.
Тогаш се случуваше тивко да се стрча од креветот кон ќошот на
собата, крај ѕидот на којшто висеше доверливиот инструмент.
Тоа беше еден вид песочен часовник под вода или пак голем
стаклен сад, поделен на унци и наполнет со темна течност.
Татко ми се врзуваше за овој инструмент со една долга гумена
врвца, како извиткана, болна папочна врска, и така врзан со
жалната направа - стануваше неподвижен и сконцентриран, а
очите му потемнуваа, додека на пребледнатото лице се
појавуваше израз на мачеништво или пак на некоја грешна раскош.
Потоа повторно доаѓаа денови на тивка сконцентрирана работа,
испреплетена со осамени монолози. Додека вака седеше во
светлината на ламбата, сред перниците од големиот кревет, а
собата стануваше огромна како планина во сенката на темнината,
што го поврзуваше со големата стихија на градската ноќ зад
прозорецот - чувствуваше, без да гледа, дека просторот го
обраснува со пулсирачката густина на тапетите, полна со
шепотења, шуштења и пелтечења. Го слушаше, без да гледа, овој
заговор полн со заводливи намигнувања, кои се развиваа од
цветовите на ушните школки што слушаа и темните усти што се
смешкаа.
Тогаш, навидум, уште повеќе се задлабочуваше во работата,
броеше и пресметуваше, плашејќи се да не го предаде гневот што
се собираше во него, и борејќи се со искушението со ненадеен
крик да не се фрли на слепо зад себе и да не зграпчи полни
грстови од тие кадрави арабески, од тие снопови од очи и уши,
коишто ноќта ги исфрлаше со роеви од себе и кои раснеа и се
размножуваа, исцртувајќи нови и нови фиданки и разграноци од
мајчинскиот папок на темнината. И се смируваше дури тогаш кога
со заминувањето на ноќта тапетите свенуваа, веднеа, ги губеа
лисјата и цветовите и есенски се проретчуваа, пропуштајќи го
далечниот изгрев.
Тогаш, сред цврцорењето на птиците од тапетите, во жолтите
зимски мугри заспиваше на неколку саати со густ, црн сон.
Со денови, со недели, кога се чинеше дека е задлабочен во
заплетканите сметко-потврди - мислата негова потајно се
впушташе во лавиринтите на сопствената внатрешност. Го
задржуваше здивот и наслушнуваше. И кога погледот му се
враќаше побелен и матен од тамошните длабочини, го смируваше
со насмевка. С¢ уште не им веруваше и ги отфрлаше како
апсурдни тие претерани барања, тие предлози што навалуваа на
него.
Во текот на денот тоа беа нешто како расудувања и убедувања,
долги, монотони размислувања што се водеа со полуглас и беа
полни со хумористични интерлудиуми, со зајадливи досетки. Но,
ноќе овие гласови се подигнуваа пострасно. Барањето се враќаше
сè појасно и погласно и слушавме како тој разговараше со Бога,
како да се извинува и да се брани од нешто, што наметливо
бараше и настојуваше.
Сè додека една ноќ овој глас не се подигна заканувачки и
несовладливо, барајќи да му се заколне со уста и со своите
внатрешности. И слушнавме како овој дух влезе во него, како се
подигнува од креветот, долгнавест, и како расте со пророчки
гнев, задушувајќи се со бучните зборови што ги исфрлаше како
митралез. Слушнавме одгласи на борба и стенкањето на татко ми,
како титан со скршен колк кој сè уште се противи.
Никогаш не сум ги видел пророците од Стариот Завет, но
гледајќи го овој маж, кого божјиот гнев го беше соборил,
широко расчекорен на огромниот порцелански нокшир, покриен од
виор на раменици, со облак од очајни прекршувања на телото,
над коишто уште повисоко се подигнуваше неговиот глас, туѓ и
тврд - го разбрав гневот божји на светите мажи.
Тоа беше еден заканувачки дијалог, како разговор на громови.
Кршењето на неговите раце го кинеше небото на парчиња, а во
пукнатините се појавуваше лицето на Јехова, кое беше надуено
од гнев и плукаше клетви. Без да гледам го видов страшниот
Демиург, како лежејќи во темнината како на Синај, потпирајќи
ги снажните дланки на корнизот од завесите, го залепува
огромното лице на горниот џам од прозорецот, на кој
монструозно се сплескуваше неговиот месест нос.
Го слушав неговиот глас во паузите на пророчката тирада на
татко ми, ги слушав тие снажни брмчења на потечените усни, од
кои прозорците ѕвечкаа, кои се мешаа со изблиците на пцости,
лелеци, закани на татко ми.
Од време на време гласовите стивнуваа и тивко се караа како
гугањето на ветрот во оџакот, па повторно избувнуваа со голема
џагорлива врева, со бура на помешани липања и преколнувања.
Одеднаш прозорецот се отвори во темно зинување и чаршав
темнина се вивна низ собата.
Во светлината на молскавицата го видов татко ми во развеана
долна облека, како со ужасна пцост во силен плисок ја истура
низ прозорецот содржината на нокширот во ноќта што шумеше како
школка.
2
Татко ми полека исчезнуваше, очигледно венееше.
Потклекнат под големите перници, со диво накострешени
островчиња седа коса, полугласно разговараше самиот со себе,
целиот задлабочен во некои заплеткани внатрешни афери. Можеше
да се претпостави дека неговата личност се распаднала на
повеќе закарани и спротивставени свести, бидејќи гласно се
караше со себеси, преговараше настојчиво и страсно, убедуваше
и молеше, па повторно се чинеше како да го предводи собирот на
многуте интересенти, кои се обидуваше да ги смири со целосна
внесеност во ораторскиот занес и полет. Но, секојпат овие
бучни состаноци, полни со вжештени темпераменти, на крајот на
крајот се распрснуваа во клетви, злогрдија и навреди.
Потоа дојде еден период на некакво стивнување, внатрешен мир,
благо смирување на духот.
Големите купишта хартии повторно беа распослани врз креветот,
врз масата, врз подот, и некаков бенедиктински работен спокој
заседнуваше во светлината на ламбата над белата постелнина на
креветот, над наведнатата седа глава на татко ми.
Но, кога мајка ми доцна навечер се враќаше од дуќанот, татко
ми живнуваше, ја викаше кај себе и со гордост ù ги покажуваше
прекрасните, шарени сликички, со кои грижливо ги имаше
излепено страниците на главната книга.
Тогаш сите забележавме дека татко ми од ден на ден почна да се
намалува како орев, што се суши внатре во лушпата.
Но, ова исчезнување не беше проследено со губење на силата.
Напротив, се чинеше дека неговата здравствена состојба,
расположението, подвижноста се поправаат.
Сега честопати се смееше гласно и црцорливо, просто замалуваше
од смеење, или, пак, чукаше на креветот и самиот си одговараше
“молам” во различни интонации, по цели саати. Од време на
време се симнуваше од креветот, се качуваше на орманот и
потклекнат под таванот средуваше нешто во старите предмети,
полни со ‘рѓа и прав.
Понекогаш си поставуваше две столици спроти себе и потпирајќи
се со рацете за држачите, се нишаше со нозете напред-назад, со
распламтените очи барајќи изрази на восхит и бодрење на нашите
лица. Со Господа, се чини, сосема се имаше смирено. Понекогаш,
ноќе, на прозорецот од спалната се појавуваше лицето на
брадестиот Демиург, облиено со темниот пурпур на бенгалската
светлина, и за момент добродушно го гледаше длабоко заспаниот,
чие певливо ‘рчење се чинеше како да патува далеку по
непознатите предели на световите од соништата.
За време на долгите, полутемни попладниња на таа доцна зима,
одвреме-навреме, татко ми по цели саати се губеше во ќошињата
густо натрупани со стари предмети, упорно барајќи нешто.
И често се случуваше татко ми да недостига за време на ручекот,
кога сите седнувавме на маса. Тогаш мајка ми мораше долго да
вика “Јакубе!” и да чука со лажицата по масата, пред тој да
излезе од некој орман, исполепен со партали од пајажина и прав,
со несвесен поглед, задлабочен во заплетканите, а само нему
познати работи кои го преокупираа.
Понекогаш се пентареше на корнизот и заземаше неподвижна поза,
симетрична на големиот препариран грабливец што беше закачен
на ѕидот од другата страна на прозорецот. Во таа неподвижна,
потклекната поза, со замаглен поглед и со скржаво насмеано
лице, седеше со саати, за одеднаш при нечие влегување да
замавне со рацете како со крилја и да запее како петел.
Престанавме да им обрнуваме внимание на тие чудесии, во кои од
ден на ден се повеќе се заплеткуваше. Како да е потполно
ослободен од телесните потреби, со недели одбивајќи храна, со
секој ден сè повеќе се задлабочуваше во заплетканите и чудни
работи, за кои ние немавме разбирање. Недостижен за нашите
убедувања и молби, одговараше со одломки од својот внатрешен
монолог, чиј тек ништо однадвор не можеше да го помати. Вечно
занесен, болно жив, со лишај на сувите образи не нè
забележуваше и нè превидуваше.
Навикнавме на неговото безопасно присуство, на неговото тивко
мрморење, на тоа детинесто цврцорење загушено во себеси, чии
арии прелетуваа некако на маргините на нашето време. Уште
тогаш, го снемуваше на повеќе денови, лунѕаше некаде во
пропаднатите ќошиња на станот и не можевме да го најдеме.
Со тек на време тие исчезнувања престанаа да ни оставаат
впечаток, навикнавме на нив и кога по многу денови повторно ќе
се појавеше за неколку аршини помал и послаб, тоа долго не го
привлекуваше нашето внимание. Едноставно, престанавме да го
земаме предвид, толку многу се оддалечи од сè што е човечко и
стварно. Јазол по јазол се ослободуваше од нас, точка по точка
ги губеше врските што го врзуваа со човечката заедница.
Тоа што сè уште беше останато од него беа малкуте телесни
останки и тој грст бесмислени чудесии - можеа да исчезнат еден
ден, исто така незабележани како и сивото купче ѓубре, што се
таложи во ќошот, коешто Адела секојдневно го изнесуваше во
ѓубралникот. |
|
 |
|