Библиотека “Магма“


 


Бруно Шулц
ПРОДАВНИЦИ СО
БОЈА НА ЦИМЕТ
 

 

Птици

Дојдоа жолтите зимски денови, исполнети со здодевност. Поцрвенетата земја ја покриваше издупчен, просеан, прекраток чаршав од снег. Го немаше доволно за повеќето покриви, па стоеја црни или за’рѓани гредите од стреите и ковчезите кои во себе ги криеја зачадените пространства на таваните - црни, јагленосани катедрали, изребрени јарболи, котви и едра - темни бели дробови на зимските ветришта. Секоја мугра откриваше нови оџаци и ќунци, израснати во текот на ноќта, издувани од ноќниот виор, црни пишталки на ѓаволските оргули. Оџачарите не можеа да се одбранат од чавките, кои во облик на црни живи лисја навечер ги запоседнуваа гранките на дрвјата кај црквата, пак се отцепуваа мавтајќи, за конечно да се прилепат, секоја на своето место на својата гранка, а во мугрите полетуваа во големи јата - облаци саѓа, партали чад, брановидни и фантастични, дамкосувајќи ги со мижуркавото кракање матножолтите контури на изгревот. Деновите стврднуваа од ладното и од здодевноста, како лански векни леб. Беа начнувани со тапи ножеви, без апетит, со мрзлива сонливост.

Татко ми веќе не излегуваше од дома. Ги потпалуваше ќумбињата, ја студираше никогаш непроникнатата суштина на огнот, го густираше солениот, метален вкус и чадениот мирис на зимските пламени, студеното галење на саламандрите што ја лижат сјајната саѓа во отворот на оџакот. Овие денови тој со љубов ги вршеше сите поправки во горните предели на собата. Во секое време од денот можеше да го видиш како - потклекнат на врвот од скалата - мајсторисува нешто под таванот, кај корнизите на високите прозорци, кај топките и синџирите на висечките ламби. По сликарска навика се служеше со скалата како со огромни патерици и се чувствуваше добро во таа птичја перспектива, во близина на обоеното небо, арабеските и птиците од таванот. Сè повеќе се оддалечуваше од работите на практичниот живот. Кога мајка ми, загрижена поради неговата состојба, се обидуваше да го вовлече во разговор за бизнисот, за исплаќање на најблиското “ултимо”, ја слушаше со расеаност, полн со немир, со потреперување на отсутното лице. И се случуваше да ја прекине нагло со преколнувачко движење на раката, за да потрча во ќошот на собата, да се залепи со увото на пукнатината на подот и со подигнати показалци на обете раце, што изразуваа крајна важност на истражувањето - да наслушнува. Тогаш уште не ја разбиравме тажната позадина на овие екстравагантности, жалниот комплекс што созреваше во длабочината.

Мајка ми немаше никакво влијание врз него, затоа, пак, тој голема почит и внимание ù оддаваше на Адела. Чистењето на собата за него претставуваше голема и важна церемонија, на која никогаш не пропушташе да биде сведок, следејќи ги сите манипулации на Адела со мешавина од страв и раскошна треска. На сите нејзини активности им припишуваше подлабоко, симболично значење. Кога девојката, со младешки и смели потези ја движеше четката на долгиот стап по подот, тоа беше речиси неиздржливо за него. Од неговите очи тогаш се лееја солзи, лицето му се занесуваше од тивката смеа, а телото го тресеше раскошен грч на оргазам. Неговата скокотливост стигнуваше до точка на лудило. Доволно беше Адела да го впери кон него прстот, со движење што означува скокоткање, а тој веќе во здивен уплав да избега низ сите соби, трескајќи ги вратите зад себе, за конечно во последната да падне на стомак врз креветот и да се витка во конвулзии од смеа под влијание на самата внатрешна слика, на која не можеше да ù се спротивстави. Благодарение на тоа, Адела имаше речиси неограничена власт над татко ми.

Во овој период за прв пат кај татко ми го забележавме страсниот интерес за животни. На почетокот тоа беше страст на ловец и уметник во исто време, можеби беше и подлабока, зоолошка симпатија на суштество кон нему сродните, а толку различни форми на живот, експериментирање во неиспитаните регистри на битот. Дури во подоцнежната фаза оваа работа ја доби онаа неверојатна, заплеткана, многу грешна и неприродна пресвртница, која е подобро да не се изнесува на дневна светлина.

Тоа почна со изведувањето на птичјите јајца.

Со големо вложување на труд и пари татко ми набавуваше оплодени птичји јајца од Хамбург, од Холандија, од африканските зоолошки станици, коишто потоа им ги даваше за лежење на огромните белгиски кокошки. Тоа беше мошне интересна процедура и за мене - тоа изведување на пилињата, вистински чудесии според обликот и бојата. Во тие монструми со огромни, фантастични клунови, кои веднаш по раѓањето широко се раствараа, алчно пискајќи со вилиците на грлото, во тие гуштери со слаби, голи телца на грбавци тешко можеа да се согледаат идните пауни, фазани, тетреби и кондори. Сместено во кошници, во вата, ова змејско легло ги подигнуваше на тенките вратчиња слепите глави, зараснати со пердиња, квакајќи безгласно од немите грла. Татко ми се шеташе покрај полиците во зелена кецела, како градинар покрај леи со кактуси, и ги мамеше од ништожноста овие слепи меури што пулсираат со живот, овие некадарни мевови кои надворешниот свет го примаат единствено во форма на јадење, овие израстоци на животот, кои на слепо се туркаат кон светлината. Неколку недели подоцна, кога овие слепи пупки живот расцутеа во светлината, собите се наполнија со разнобојната врева, треперливото потпевнување на своите нови станари. Тие ги запоседнаа корнизите на завесите, рабовите од орманите, се загнездуваа во густежот од калаисаните гранки и арабески на разгранетите висечки ламби.

Кога татко ми ги студираше големите орнитолошки прирачници и ги листаше шарените таблици, се чинеше како од нив да излетуваат овие перјасти привиденија и ја полнат собата со шарено мавтање, пластови од пурпур, партали сафир, калај и сребро. За време на хранењето тие на подот правеа една шарена, брановидна грутка, жив тепих кој се распаѓаше по нечие невнимателно влегување, се разлетуваше во подвижни цвеќиња, кои замавнуваа во воздухот, за на крајот да се размести во горните предели на собата. Во сеќавањето особено ми остана еден кондор, огромна птица со гол врат, со збрчкано лице отечено од израстоци. Тоа беше еден слаб аскет, будиски лама, полн со ненарушена гордост во целото однесување, кој се води по железниот церемонијал на својот голем род. Кога седеше спроти татко ми, неподвижен во својата монументална поза на вековните египетски божества, со навлечено перде на окото, кое го тргаше настрана врз зениците, за сосема да се затвори во утехата на својата достојна осаменост - со својот камен профил изгледаше како постар брат на татко ми. Истиот материјал на телото, тетивите и збрчканата тврда кожа, истото исушено и ковчесто лице, истите закоравени, длабоки очни дупки. Дури и рацете, силни во зглобовите, долгите, слабички дланки на татко ми, со набабрени нокти, имаа свој аналогон во канџите на кондорот. Гледајќи го така заспан не можев да се ослободам од впечатокот дека пред себе имам мумија - исушена и затоа смалена мумија на татко ми. Мислам дека оваа пречудна сличност ù го привлече вниманието и на мајка ми, иако никогаш не ја покренавме таа тема. Карактеристично е тоа што кондорот употребуваше заеднички ноќен сад со татко ми.

Не застанувајќи само на изведувањето на сè понови примероци, татко ми на таванот приредуваше птичји свадби, испраќаше стројници, ги врзуваше во процепите и дупките на таванот привлечените, зажелени свршеници и впрочем го постигна тоа покривот на нашата куќа, огромниот, кос керамиден покрив, да стане вистинска птичја крчма, Ноев ковчег, во кој се собираа секакви крилести животни од далечни страни. Дури и долго по ликвидирањето на птичјиот имот во птичјиот свет се задржа оваа традиција на нашиот дом, и во периодот на пролетните преселби често на нашиот покрив слетуваа купишта жерави, пеликани, пауни и какви уште не птици.

Сепак, оваа забава набргу доби тажна пресвртница - по краткиот период, за време на кој беше одлична. Набргу се покажа дека е неопходно татко ми да се премести во двете соби на поткровјето, кои служеа како шупи. Веќе во раната зора оттаму се слушаше измешано кракање на птичји гласови. Дрвените кутии од соби на таванот, потпомогнати од ехото на пространството на покривот, одекнуваа од шумење, мавтање, пеење, домамување и кокодакање. Така татко ми ни се тргаше од пред очи на неколку недели. Ретко понекогаш се симнуваше во станот и тогаш можевме да забележиме дека некако се смалил, ослабел и се стуткал. Понекогаш, од заборавеност, се креваше од столицата крај масата и мавтајќи со рацете како со крилја започнуваше развлечено да кукурика, а очите му ги покриваше мрежесто перде. Потоа, засрамен, се смееше заедно со нас, и се обидуваше ваквиот инцидент да го претвори во шега.

Еднаш за време на генералното чистење неочекувано се појави Адела во птичјата држава на татко ми. Стоејќи на вратата, почна да ги крши рацете од реата што се подигнуваше во воздухот и од куповите измет, застоени на подот, масите и мебелот. Набрзина решително го отвори прозорецот, по што со помош на долгата четка ја фати целата птичја маса во еден вртеж. Се дигна еден пеколен облак од перја, крилја и викотници, во кој Адела, како лудата Менада, обвиена со вртежот на својата фурија, го танцуваше танцот на уништувањето. Заедно со птичјата грамада, и татко ми, мавтајќи со рацете, ужаснат, се обидуваше да се подигне во воздух. Полека се проретчуваше крилестиот облак, сè додека на крајот на бојното поле не остана само Адела, исцрпена, задишана, и татко ми со загрижено и засрамено лице, подготвен да прифати каква било капитулација.

Малку подоцна татко ми слегуваше по скалите од својот доминиум - скршен човек, прогонет крал што го изгубил тронот и владеењето.

   
 

 

<home