Книги со извадоци:
 
33.   Нина Берберова
КЛВИРСКА ПРИДРУЖБА
   
32.   Нина Берберова
ТРСКА ШТО МИСЛИ
   
31.   Иштван Еркењ ЕДНОМИНУТНИ НОВЕЛИ
   
30.   Хулио Кортасар
ОСТРОВ НА ПЛАДНЕ
   
29.   Адам Хаслет
ТИ НЕ СИ СТРАНЕЦ ТУКА
   
28.   Итало Калвино
АКО ЕДНА ЗИМСКА НОЌ НЕКОЈ ПАТНИК
   
27.   Ден Роудс АНТРОПОЛОГИЈА
   
26.   Арсениевиќ/Зограф ИШМАИЛ
   
25.   Сатирични приказни
THE ONION
   
24.   Владимир Набоков
ЛОЛИТА
   
23.   Анри Мишо
ВО ЗЕМЈАТА НА МАГИЈАТА
   
22.   Бруно Шулц
ПРОДАВНИЦИ СО БОЈА НА ЦИМЕТ
   
21.   Томас Пинчон
ТАЈНАТА ИНТЕГРАЦИЈА
   
20.   Патрик Зискинд
ПАРФЕМ

Библиотека “Магма“
 


 

 


 

1

Во осумнаесеттиот век во Франција живееше еден човек кој се вбројува во најгенијалните и најодвратните личности на оваа епоха која, впрочем, изобилува со генијални и одвратни личности. Овде ќе ја раскажеме приказната за неговиот живот. Се викаше Жан-Батис Гренуј и фактот што неговото име, наспроти оние на генијалните чудовишта како Де Сад, Сен-Жист, Фуше, Бонапарта и други, денес е веќе заборавено, секако не се должи на тоа дека Гренуј заостануваше во однос на овие пославни мрачници кога станува збор за вообразеност, презир кон луѓето, аморалност или, накусо, безбожност, туку на тоа дека неговиот гениј и сосема посебната амбиција беа ограничени на област која во историјата не остава траги: на краткотрајното царство на мирисите.

Во времето за кое станува збор, во градовите царуваше смрдеа која ние денес едвај би можеле да си ја замислиме. Улиците смрдеа на ѓубре, дворовите смрдеа на моч, скалите по куќите смрдеа на гнило дрво и глувчешки измет, кујните на скапана зелка и овчи лој; непроветрените соби смрдеа на мемла и прав, спалните на непрани чаршафи, на влажни душеци и збајатено сладникава реа од нокширите. Од камините смрдеше сулфурот, од кожарите смрдеше остриот раствор на сапун, од кланиците смрдеше истечената крв. Луѓето смрдеа на пот и на непрана облека; од устата им се ширеше реа на расипани заби, а од утробата на кромид, додека од телото, ако не беа млади, реа на старо сирење и скиснато млеко и болести. Смрдеа реките, смрдеа плоштадите, смрдеа црквите, смрдеше под мостовите и во палатите. Селанецот смрдеше како свештеникот, чиракот како жена му на мајсторот, смрдеше сето благородништво, дури и кралот смрдеше, смрдеше како грабливо животно, а кралицата и лете и зиме смрдеше како стара коза. Затоа што, во осумнаесетиот век сù уште немаше граници на разложувачките активности на бактериите и не постоеше никаква човечка дејност, ниту градбена, ниту разурнувачка, никаков израз на животот кој се развива или пропаѓа, кој не беше проследен со смрдеа.

Се разбира, во Париз смрдеата беше најголема, затоа што Париз беше најголемиот град во Франција. А во самиот Париз имаше едно место, помеѓу улицата Фер и Феронери - Симетие Дезиносан - од каде се ширеше пеколна смрдеа. Осум векови овде се погребуваа мртвите од болницата Хотел Дје и околните црковни општини, осум векови, од ден на ден се носеа по цела дузина трупови и се истураа во долгите гробови, осум векови во гробовите и костурниците се пластеа ковче врз ковче. И дури подоцна, во приквечерието на Француската револуција, откако некои од гробовите се разурнаа и претставуваа опасност, а смрдеата од претрупаните гробишта започна да предизвикува не само протести меѓу жителите, туку и вистински востанија, гробиштата конечно ги затворија и беа напуштени, во катакомбите на Монмартр беа нафрлени милиони коски и черепи, а на тоа место изникна пазар.

Токму тука, на најсмрдливото место во целото царство, на 17. јули 1738 година, се роди Жан-Батис Гренуј. Беше тоа еден од најжешките денови во годината. Жештината тешка како олово се надвисна врз гробиштата потиснувајќи го во соседните улици испарувањето на гнилежта која рееше на скапани дињи и изгорен рог. Кога настапија болките, мајка му на Гренуј стоеше покрај тезгата во улицата Фер и ги чистеше од крлушки рибите кои претходно ги беше издвоила. Рибите, кои наводно тоа утро беа уловени во Сена, смрдеа толку многу што нивната смрдеа ја надминуваше онаа од труповите. Но мајка му на Гренуј не ја чувствуваше ниту смрдеата од рибите ниту онаа од труповите, затоа што нејзиниот нос беше свикнат на тие мириси, а освен тоа имаше и болки кои ù го умртвуваа чувството за прифаќање на каков и да е надворешен сетилен впечаток. Таа само сакаше болката да престане, сакаше само колку што е можно побрзо да заврши тоа одвратно раѓање. Í беше петто по ред. Сите претходни ù се случија тука, покрај тезгата со риби, и сите рожби беа мртвородени или полумртви, така што крвавото месо кое излегуваше од неа не се разликуваше многу од внатрешните делови на рибите кои веќе беа тука, и не живееше долго, па навечер сù заедно се расчистуваше со лопати и со колички и се носеше на гробиштата или долу крај реката. Така требаше да биде и денес, а мајка му на Гренуј која сù уште беше млада, имаше дваесет и нешто години, убаво изгледаше, ги имаше речиси сите заби во устата и по малку коса на главата, а освен кила и сифилис и лесна вртоглавица, друга сериозна болест немаше и која се надеваше дека ќе живее уште долго, можеби уште пет или десет години, дури и дека некогаш ќе се омажи и дека ќе има вистински деца како почитувана сопруга на некој занаетчија, вдовец или така некако... мајка му на Гренуј сакаше само сето ова да помине. Кога настапија трудовите, таа клекна зад тезгата и таму се породи како и четири пати пред тоа, а потоа со ножот со кој ги чистеше рибите ја исече папочната врвца. Но тогаш, можеби поради горештината или смрдеата, што не ја ни чувствуваше туку ја доживуваше како нешто неподносливо, замелушливо - како да се наоѓа на ливада со лилјани или во тесна соба во која има премногу нарциси - се онесвести, се преврте настрана, падна под тезгата среде улицата и остана таму да лежи со ножот в рака.

Викотница, трчање, толпата стои во круг и зјапа, викаат полиција. Жената уште лежи на улицата со ножот в рака и полека доаѓа на себе.

Што ù се случило?

“Ништо.”

Што прави со ножот?

“Ништо.”

Од каде крв на нејзината облека?

“Од рибите.”

Таа станува, го фрла ножот и оди да се измие.

Тогаш, неочекувано, рожбата под тезгата почнува да плаче. Бараат и под еден рој муви, меѓу внатрешните делови и глави од рибите ја наоѓат и ја извлекуваат. По службена должност ù ја предаваат на една доилка, а мајката ја апсат. Бидејќи таа не порекнува и признава дека секако би го оставила детето да цркне, како што впрочем постапила и со претходните четири, се отвора процес, ја осудуваат за повеќекратно чедоморство и неколку недели подоцна, на плоштадот Де Грев ù ја отсекуваат главата.

Дотогаш детето промени три доилки. Ниедна не сакаше да го задржи повеќе од неколку дена. Велеа дека е премногу лакомо, дека цица како за две, им го скратува млекото на другите деца, а со тоа и ним, на доилките им ги намалува средствата за живот, затоа што им е неисплатливо доењето само на едно дете. На одговорниот полициски офицер, некојси Ла Фос, сето тоа набргу му здодеа и тој сакаше детето да го смести во еден собирен центар за најденчиња и сирачиња во улицата Сент-Антоан од каде секојдневно беа организирани транспорти на деца кои се упатуваа во големото државно сиропиталиште во Руан. Но, бидејќи овие транспорти ги вршеа носачи кои во плетени кошници ставаа по четири доенчиња истовремено; бидејќи токму затоа нивната смртност за време на транспортот беше извонредно голема; бидејќи поради тоа на носачите на кошниците им советуваа да пренесуваат само крстени доенчиња и само такви кои имаат уредна потврда за транспорт на која во Руан мораше да се стави печат; бидејќи детето Гренуј не беше ниту крстено, ниту пак имаше име кое би можело да се наведе во уредна потврда за транспорт; понатаму, бидејќи од страна на полицијата беше недопустливо едно анонимно дете да се остави пред вратата на собирниот центар, што би претставувало единствен начин да се заобиколи исполнувањето на другите формалности… - што значи поради низа тешкотии од бирократски и правен карактер кои произлегуваат во случаи кога се отфрла мало дете и поради тоа што времето го притискаше, полицискиот офицер Ла Фос се откажа од својата првобитна намера и даде упатство, детето да биде предадено во некоја црковна институција со врачување на признаница за да може таму да го крстат и тие да одлучат за неговата понатамошна судбина. Во манастирот Сен-Мери во улицата Сен-Мартен, тој се ослободи од него. Го крстија и му дадоа име Жан-Батис. И бидејќи тој ден игуменот беше добро расположен, а неговите милосрдни фондови сù уште не беа исцрпени, детето не го испратија во Руан, туку го оставија да цица на сметка на манастирот. Во таа смисла, детето ù беше предадено на една доилка по име Жана Биси која живееше на улицата Сен-Дени и која за својот труд добиваше по три франци неделно.

     
 

  2