Изложба

 

Marsel Dzama
Марсел Ѕама е роден во Винипег, Канада, 1975-та година. Сликите и цртежите на Марсел Ѕама последниве години навистина предизвикаа воодушевување и вознемиреност во светот на уметноста. На прв поглед, тие оддаваат впечаток на бесцелни, на уште една авторска егзибиција, но всушност, доколку ги ослободиме нашите сетила ќе сфатиме дека Ѕама е револверашки прецизен и ладно избирлив во својата потрага и во својот избор на ситуации и карактери чијашто необичност интригира и фасцинира.
Тој се обидува да ги илустрира оние аспекти на светот и на неуспехот на човештвото кои ни укажуваат дека во нашето искривено секојдневие и мажите и жените и децата и ѕверовите се едно исто што се крие зад карневалските костими и маски. Ѕама ни претставува низа идиосинкратски суштества кои учествуваат во безброј откачени ситуации. Уметникот создава надреален свет на луѓе, животни, а "кашата" добиена од нив се чини дека коегзистира беспоговорно.
Неговата уметност се опишува како едновремено "мила , допадлива и налудничава". Ѕама го слика светот на отуѓената и осамена култура на возрасните, зачинет со детски сензибилитет - невина ситуација оптоварена со сексуалност и насилство. Како и многумина уметници од неговата генерација, Ѕама и` приоѓа на работата со мрачна смисла за хумор и со вокабулар типичен за современата медиумска култура. Неговите слики ги привикуваат искуствата од фанатично менување канали, карактеристично за ТВ-манијаците. Тоа подразбира брзо менување на сликите поврзани со својата безличност и униформност.
За делата на Ѕама може да се каже дека се фатени помеѓу моќта на едноставното и на заплетканата наративност. Неговите "злобни монструми" на некој начин упатуваат на сензибилитет кој е растргнат помеѓу вредностите на емотивните доблести и чувствувањето на грдоста на светот видена преку превезот на мистичното.
Ѕама обединува и помирува чудни фигури на мутанти со блескава леснотија и невиност, со романтична чистина и со нагласена смисла за хумор, далечна за другите техники и сликарски стратегии кои го придвижуваа творештвото во 80-тите и 90-тите (оние творечки импулси кои беа квалификувани како "нова социјална уметност" и кои ги допираа прашањата на расата, родот, класата и полот). Ѕама дури и ги одбегнува ироничните, егзистенцијалистички платформи на кои се потпираше творештвото на Рејмон Петибон. Тој, на некој начин, успева да ги извлече своите фигури од разни "олеснувачки ситуации", вклучувајќи ги филозофските и политичките претензии и затоа ги остава речиси чисти, без наративни замки. Фигурите се поставени едноставно, во чист контекст во кој неизречените инхибиции стануваат воздушести и го премостуваат сето она што едно општество сака да го скрие.
Во цртежите на Ѕама препознавате сешто: Спајдермен, сцени од филм-ноар, апсурдни надреалистички фигури, Волшебниците од Оз, мутантни арктички чудовишта, ликови од "Плодовите на гневот" или од "Градот на изгубените деца" на Жан Жене, Ити, сцени од научно-фантастичните филмови од 1950-ите и разноразни други извори од "високата" и "ниската" култура.
Но, Ѕама пред сè има извонредна цртачка дарба: емотивната убедливост што произлегува од неговите ликови, нивната фацијалната експресивност изведена со минимум потези, зборуваат за ликовната префинетост на овој млад цртач многу повеќе од целиот заводлив тематски бестиариум на неговиот свет. Лирика и агресија, со еден збор, вечните придружници на уметноста, нејзини потпорни столбови, би рекле.
Затоа се определивме овој млад канадски уметник да биде проникнувачкиот "глас" низ оваа Маргина. Неговата поетика не само што ни е блиска туку мислевме дека соодветно се вклопува во повеќето поместени текстови во бројов.

 

 Галерија на слики

 

                     [дома]  [мак-автори]  [on-line архива]  [печатено издание]  [изложба]