Изложба

 

Mark Rayden
Марк Рајден е роден 1963-та година, во Медфорд Орегон. Неговите слики веднаш покренуваат искривено deja vu. Рајден потекнува од многу креативно семејство. Татко му живеел од бојосување и реставрирање коли. Брат му, андерграунд уметник, всушност е оној што го воведе Марк во светот на сликарството. Творештвото на Рајден како да преплетува два паралелни света: оној на Луис Керол и оној на илустрираните детски приказни од 50-тите години. Рајденовите слики претставуваат симбиоза на совршена техника и необични замисли. Така сме сведоци на создавање свет чијашто главна крактеристика е чудната и вознемирувачка убавина. Рајден создава слики кои се суптилен амалгам од разни извори и влијанија и кои може да се рангираат како психоделични или со примеси на техниката и визијата на виенскиот сликар Неон Парк, а едновремено, без заддршка, да бидат и пример за влијанијата од класичните француски формалисти, Енгр и Давид. Делата на Рајден, на прв поглед, сугерираат лесна класификација во редот на поп надреалистичкото сликарство, поинакво од историскиот Надреализам, кој инсистираше на анти-уметнички став. Но, Рајденовите дела ја слават историјата на уметноста и се, всушност, еклектичка фузија на поп-инконографијата и читанките за основно училиште, а сето тоа помешано со либералниот пристап кон класичниот канон и стилистичкиот третман, вообичаено типичен за раните ери, на начин на кој се бришат традиционалните граници помеѓу високата и примитивната уметност. Станува збор за сликарски опус кој нè заплиснува со шармот на дрскоста и на безгрижноста. Клучот на Рајденовата визија е фасцинирачкиот и респектибилен, иако чудно искривен, поглед на детството и неговиот пристап кон темата што претпоставува детално забележување и анализа на детството, и однадвор и однатре. Како што знаеме, децата не прават разлики помеѓу феномените на начин на кој тоа го прават возрасните. Тие даваат животна сила на сè што ќе видат. Во Рајденовата космогонија, навидум дисонантните објекти и идеи имаат еднаква важност и се наоѓаат во контекст каде што сè е обвиткано во магичен амбиент и каде што сите нешта следат некоја своја логика.
Со нелогичните равенства со кои изобилуваат, Рајденовите слики најдобро можат да се анализираат со ставот "сè може да се случи" - став со којшто Алиса го констатира својот прв контакт со Земјата на чудата и кој е основното мото на нејзиното патување. И она што можеме да го очекуваме при патувањето низ Рајденовите слики се безброј енигматски загатки и бескрајни поетични можности кои веројатно некаде во потсвеста сме ги посакале за придужници но не сме си дозволиле да ги допреме и "видиме" од поблиску.

 

 Галерија на слики

 

                     [дома]  [мак-автори]  [on-line архива]  [печатено издание]  [изложба]