Маргина бр. 32

ЕЛЕМЕНТИ    НА    САМОСВЕСТ

Па, постоеја одредени реакции на текстот на г-динот Контра Банда(ш). За оваа прилика, во нашата постојана рубрика, одбравме да одговориме на некои од прашањата што на некој начин ги отвора текстот на г-динот Банда(ш): 1) зошто презир кон тнр. естаблишмент?; 2) зошто сленг?; 3) зошто псевдоними? Во четвртиот дел на најдебелите досега "Маргински елементи на самосвест", делумно и како вовед во малиот тематски блок за Борхес, го пренесуваме текстот "Борхес и Дерида".


(...) Статусот на интелигенцијата е заснован врз еден систем од распространета измама, организирана по станици и меѓустаници, толку заплеткани и меѓусебно оддалечени што, во случај оваа или онаа станица да падне, целината не се доведува во опасност; но, кога ќе се појави решителен превратник, голем саботер, оној којшто удира врз централата, се дава знак за узбуна и членовите на заедницата од сите чинови јуришаат на бедемите со врело масло. Интелигенцијата има, според еднодушната согласност, општествена задача да ја критикува основаноста на институциите не нанесувајќи им штета, да ја преземе на себе улогата (за да спречи некој тоа да го земе за сериозно) на бранител на јавноста од малверзации; таа е барон шарлатан. А нему во претставата му припаѓа улогата на бунтовник, но, се разбира, лажен бунтовник. Доколку од тоа се изроди некој кој не дува во истиот рог, стварен бунтовник, настапува паника во целиот театар.

(...) Зборував за мистификацијата врз која се засновани литературата, академијата, културниот мит; но тие не се единствените што лежат тука. Во нашата земја на естетократија - не знам што се случува на други места, несомнено истата работа, но, убеден сум, не во истата мера - се што се гордее со тоа дека му припаѓа на владеачкиот сталеж се повикува, пред се, на добриот вкус, на естетската особеност, на убавиот говор, на убавото пишување. Страната на убавите уметности, убавите манири, убавата литература, е страна на посилниот. Сталежот на функции се прогласува себе си за културен заштитник и со тоа го зацврстува својот легитимитет. Тоа е неговиот резервен аргумент, неговата пропусница. Госпоѓата - госпоѓата Фина храна, госпоѓата Висока мода, госпоѓата Висока уваженост - знае дека со менувањето на своите конјуктиви кај водоинсталерот кој ја поправува чешмата ќе предизвика запрепастувачки стравопочит. Дури и кога госпоѓата нема пари да го плати поправањето. Напредувањето не се заснова врз богатство, туку на употребата на конјуктиви. Дали се внимавало на тоа? Дали доволно се внимавало на тоа? Мислам дека не. Митот за убаво пишување е дел од буржуаската одбрана. Ако сакате алчниот сталеж да го погодите во срце удрите го по неговите конјуктиви, по неговиот церемонијал на убав испразен говор, по неговите естетски пренемагања. Оној којшто еднаш ќе ги раздува сите тие моќници со кои сталежот мавта како врачевите со своите фетиши - неговите големи писатели, неговата Џоконда, неговите столови Луј XV, неговата убава граматика, неговиот изумрен стерилен јазик, целото негово купиште конзервирани мртовечки коски коишто ги потстава како уметност и култура - оној кому што ќе му успее да му дојде од газот до главата дека вистинската жива уметност, единствена, и вистинското инвентивно творештво се на негова страна, а не маскарадите под покровителство на министерствата, тој ќе го потисне алчниот сталеж. Но, можете да сметате на тоа дека алчниот сталеж ќе се брани. Тој својот мит го брани во свој стил: сите средства се добри, сите удари се дозволени. Јас, сепак, не верувам дека уште долго ќе го бранат од доказите што ги даде Селин.
(фрагменти од текстот "Селин кормилар" на Жан Дибифе)

Луј Фердинанд Селин
АРГО ГОВОРОТ Е РОДЕН ОД ОМРАЗА

Трињол случајно го сретнав, еден единствен пат во животот, помеѓу 1939 и 1940, додека работев како лекар во диспанзерите во Сартрувил и во Безон. Еден ден, тој влезе во канцеларијата на градоначалникот, сигурно по некоја политичка работа, личеше на тип од изборен штаб, по малку вџашен, и изгледаше дека баш и не е среќен што ме гледа. Не претставија, не сакав да помислат дека не го познавам. Повторно слушнав дека зборуваат за него по војната, што станал за време на окупацијата? Не знам... Од него ништо не сум прочитал. Но, Трињол не беше баш вистински арготист. Верувајте ми, јас добро знам што е тоа арго, добога, сите тие купишта арго дрдорење! Вистинското арго е Рововското арго. Она на Вијон, но, и тоа е по малку круто, особено она од Песната за стапот, за којашто, впрочем, ретко кој и слушнал...
... Не, арго не се прави со помош на речник, туку со слики родени од омраза, омразата го создава арго-то. Тој говор е создаден да го изрази чувството на вистинска јадосаност. Читајте L'Humanite, ќе најдете само неразбирливо доктринарно тропање. Арго-то е направено да овозможи работникот да му каже на газдата дека го мрази: ти живееш добро, јас лошо, ме експлоатираш и парадираш во својата лимузина, ќе те скинам... Но, денешното арго веќе не е искрено. Веќе не опстојува во кабинетот на истражниот судија. Се уште го чекам оној скитник кој со своето арго ќе го натера судијата да збрише. Денес во затворите сите некако ги вовлекле роговите: Да, господине! В ред, господине! Сите припитомени, никој не зборува арго, лично се уверив во тоа. Одамна мина времето кога се закануваше опасноста *** секој ден да стапи во штрајк.
Денес постои само кафеанскиот арго за полуфраери, со кој мафтаат одредени риби, и некаков арго со англиски акцент, во употреба од 16-иот век. Впрочем, арго-то не може да живее, затоа што тоа не е конструкција, тоа е како онаа куќа што ја видов во Берлин: во ѕидот дупкиште од десет метри, но вратата не може да се отвори. Нема тука никаква конструкција. Слушајте ги обичните луѓе во пиљара, кога во весник ќе прочитаат дека некој некого убил: ќе тропнат пар глупости и готово, нема натаму.
Филмот и Црниот бран сакаа да ја прикријат таа немоќ на арго-то, но тоа тогаш станува индустрија, како кај Трињол.
(Arts, 1957 г.)

РАБЛЕ НЕ УСПЕА (фрагмент)

(...) Гледајте, кога станува збор за Рабле, секогаш се зборува она што не треба. Се говори, се повторува на сите страни: "Тој е татко на француската литература". Па големо одушевување, благодарници, тоа оди од Виктор Иго до Балзак и Малерб. Татко на француската литература, о ла ла! Не е тоа баш толку просто. Вистинито зборувајќи, Рабле не успеа. Да, не успеа. Потфрли.
Тој сакаше да создаде еден јазик за сите, еден вистински јазик. Сакаше да го демократизира јазикот, беше тоа цела борба. Сорбона, докторите и сето тоа, тој беше против. Се` што беше прифатено и востановено, кралот, црквата, стилот, тој беше против тоа.
Не, тој не ја однесе победата. Победата ја однесе Амио, преведувачот на Плутарх: тој, во вековите што уследија, имаше многу повеќе успех од Рабле. Од него, од неговиот јазик живееме и денес. Рабле сакаше да го пренесе говорниот јазик во пишаниот јазик: пораз. Додека Амио, луѓето и денес с$ уште го сакаат и уште повеќе Амио, сакаат академски стил. Тоа значи да се пишува г.... со четири точки: скаменет јазик. Со него се полни колоните на утринското издание на еден голем дневен весник, кој себе си ласка дека има новинари коишто добро пишуваат. Тоа дава една вербална клоака која глатко тече, со убаво срочени реченици, и ситна, безопасна досетка. Питома, не премногу снажна, да не ја препадне публиката. Во тоа е поразот на Рабле, тоа е баштината на Амио. Вистинско ср... да продолжам. (...)


НЕ САМО ЗОШТО ПСЕВДОНИМИ ТУКУ И ЗОШТО Е ПОДОБРО ДА СЕ ПОТПИШУВА МНОЖИНА ОТКОЛКУ ЕДНИНА

Во неколку наврати нескриено и тенденциозно ни се префрлаше дека не ги потпишуваме своите текстови и дека се криеме зад таму некакви си псевдоними.
Во денешниот момент на (македонското) новинарство кадешто лаже кој стигне, кадешто моралната одговорност во најдобар случај е мисловна именка, и кадешто мошне често ни за највулгарните и најприземни навреди не може да се добие ни минимален отчет, навистина е во ред прашањето зошто, кога веќе се залагаме за промена на состојбата, не потпишуваме одредени свои текстови.
Но ние всушност ги потпишуваме!
И ја воведуваме формата на колективно авторство. Писателот на текстот веќе не е с$знаечкиот автор, оној којшто има директен пристап до вистината, туку место за средба на различни јазици/дискурси, искуства... Колективен автор - тоа не е хиерархиски начин на работа на "инвестигивни тимови" во коишто помладите соработници само го собираат материјалот за постарите редакциски волци стручно да го обработат, туку заедничка, колективна работа. Пишување со четири или шест раце! Два начини на мислење, две искуства, два ракописа, не даваат математички збир, туку нов квалитет - тоа е она што Вилиам Бароуз го нарекува "third mind".
Bastard не е псевдоним, bastard е нужен производ на состојбата во која сме затечени, и неопходна последица од насоката кон која настаните се движеа. Бидејќи, за систематично да се поткрепува културата на контрадикции, за едно отворено свртување кон феноменот на масовната култура, за константно да се испитува привилегираната позиција на интелектуалецот, и за да се поддржат демократските промени, мора да се биде изрод, bastard. Некакво искуство кое би ги поддржало ваквите стремежи во македонската политичка и културна традиција, не постои, што значи дека секој кој ги смета за свои во денешна (Македонија) мора да биде незаконско дете на с$присутната национална традиција, значи bastard.
Од друга страна, електронската комуникација и конечно сајберспејсот го овозможија крајното ослободување - ослободувањето на умот од телото. Во сајбер просторот веќе никој не може да биде препознаен и класифициран според бојата на кожата, полот, националноста, староста. Или, доколку веќе сака да се смести, самиот може да си го избере идентитетот што му одговара - некој постоечки или сосема нов. Веќе никој не е врзан за физичките карактеристики доделени од природата, никој не мора да биде врзан со јажињата на традицијата - оваа комуникација не ги познава границите наметнати со културната и политичка хегемонија.
Ние просто избираме еден поинаков, некому неразбирлив заеднички идентитет, кој ниту индивидуалното ниту националното не ги признава како ултимативност, кој им се спротивставува на патолошките еготрипови на поединци, кој впрочем лежи врз трагата на постмодерните промислувања за отуѓеноста и немоќта на поединецот да влијае на процесите околу него.
Нашиот идентитет е оној на Adilkno, Critical Art Ensambl, Kraftwerk, Laibach/NSK или Luther Blissett!
Ние со тоа не ја губиме сопствената индивидуалност, токму спротивното, ние со претопување - никако втопување - во целината постигнуваме еден повисок степен на расудување, помала можност за грешка, мултиплицирана желба за чекор напред, засилена волја за борба против старото. (...) Меинстримот не н$ интересира. Медиокритетската и цмиздрава желба за сопствена потврда во очите на другите за нас не постои - постојат пределите на мислата, екстатичните полиња на дигиталната комуникација во кои секој се прифаќа и доколку воопшто се вреднува тогаш тоа се прави исклучиво според неговиот интелектуален производ.
И според ништо друго.
интелектуална кооператива BASTARD


[дома]
[on-line архива] [печатено издание]