|
Две нешта да бидат јасни уште од почеток: мразам доктори и
никогаш во животот не сум учествувал во групна терапија.
Сега имам седумдесет и три години и нема допрва да се
менувам. Институциите за ментално здравје нека се ебат на
врв на голо брдо, на дожд, ама јас не го пипам нивното
змиско масло, ниту ќе ги слушам безидејните дрдорења на оние
што се дупло помлади од мене. Сум убивал Германци на
нормандските полиња, имам дваесет и шест изуми, три жени,
сите ги надживеав, а во моментов сум под присмотра од
Даночно, кое има шанси од мене да извади пари, колку што
имаше шанси Шајлок да извади фунта месо. На бирократијата ú
е тешко да мисли јасно. Јас, пак, сум совршено бистар.
Еве, на пример, како дојдов до "саабот" што си го возам во
околината на Лос Анџелес: ми го позајми внуката од
Скотсдејл. Што мислите, дали таа ќе го види пак? Не ми се
верува. Се разбира, кога го позајмив од неа имав намера да ú
го вратам и за неколку дена или недели можеби пак така ќе
мислам, но засега, да ги заборавиме и неа и мажот ú и децата
што ме гледаа преку кујнската маса како да сум музејски
експонат донесен за да им биде здодевно. Можев со нив да
дрдорам напразно. Растени се на стимуланси, одат во приватни
училишта и со очите кажуваат: дај ми го она што го немам.
Сакав да им читам книга за историјата на светот, за
преселбите, чумите, војните, но полиците на нивниот преголем
стан беа полни со керамика и биографии на ѕвездите. Сето тоа
страшно ме депримираше и среќен сум што си отидов од таму.
Пред една недела го напуштив Балтимор со намера да го видам
син ми Греам. Често мислев на него во последно време, мислев
на деновите што ги минавме заедно во амбарот во старата
куќа, на тоа дека кога ме слушаше, бргу ми текнуваа идеи. Не
знам кога ќе го видам пак. Мислев да навратам патем и кај
другите роднини, планирав да почнам од ќерка ми, Линда, во
Атланта, но кога стигнав дознав дека се преселила. Му се
јавив на Греам и кога му помина шокот од тоа што ми го слуша
гласот, ми рече дека Линда не сака да ме види. Откако мојот
помлад брат Ерни одби да прави што и да е друго со мене,
освен да руча, а јас пред тоа со автобус патував дури до
Хјустон, почнав да мислам дека поединечниве средби може да
ми донесат повеќе мака отколку корист. Скотсдејл со ништо не
ми го промени мислењето. Тие луѓе како да мислат дека ќе
имаат втора шанса, дека пак ќе се појавам. Всушност, го
напишав тестаментот, ги продадов правата на изумите и сега
само пишувам белешки до мојот биограф кому, за неколку
децении, кога ќе биде очигледно вистинското влијание на
мојата дејност, ќе му требаат за да разјасни некои прашања.
• Френклин Колдвел Сингер, роден 1924, во Балтимор,
Мериленд.
• Дете на германски механичар и на ќерка на банкар.
• Отпуштањето од војска поради психички проблеми, откако
"дезертирав" во Париз, ми го намести еден лекарски помошник
кој не можеше да го поднесе моето супериорно познавање на
прирачникот за дијагноза. Инцидентот кога танцував гол во
Лувр, во соба полна со Рубенси, се случи неколку недели
порано и беше во согласност со други прослави од тоа време.
• Дипломирав и докторирав како машински инженер на
универзитетот "Џон Хопкинс".
• 1952 г. Прво и последно лекување со електрошокови за кое
никогаш, никогаш, никогаш нема да им простам на родителите.
• 1954-1965. Истражувач, лаборатории "Истмен Кодак". Како и
во многу институции во државава, од талентот се гнасат. Ме
отпуштија штом почнав да ги посочувам грешките во
раководната структура. По две години поднесов барање за
патентирање на механизам за затворач, па од "Кодак" на
крајот го пробија и го откупија. (А тогашниот потпретседател
за унапредување на производите Арч Ванделини ИМАШЕ афера со
најдобрата другарка на ќерка му, иако нема да ви признае.
Обрнете внимание на тоа дека левото рамо му трепери кога
лаже.)
• Сите следни дијагнози – а, да ви кажам, многу ги имаше –
се резултат на две сили, обете на свој начин погубни: 1) на
обидот на психијатриските кругови во последниов век да ја
дефинираат ексцентричноста како болест и 2) на желбата на
членовите на моето семејство да ме покорат и, ако е можно,
да ме направат неподвижен.
• Нацртот за електричниот нож за сечење леб ми беше украден
на вечера во Чеви Чејс, од еден маж облечен како ирвас, за
кого не можев да знам дека е службеник на Вестингхаус.
• Тоа што не се сеќавам на ништо меѓу 1988 и 1990 година и
што до скоро верував дека Ед Мис уште е државен тужител не
се должи на мојата наводна параноидна "црна дупка" во
сеќавањето, туку, напротив, на фактот дека мојата трета жена
самоиницијативно ми ставаше седативи во кафето. Не верувајте
ако слушнете дека сме се развеле пријателски.
Ѕвонам јас на вратата на куќата на Греам во Венис, а ми
отвора Евреин, близу триесет години, со модерно развиени
мускули. Изгледа нервозно и вели: "Ние ве очекувавме дури
утре", го прашувам кои "ние", а тој вели "јас и Греам", па
бргу додава: "Ние сме пријатели, знаете, само пријатели. Не
живеам овде, тука сум само поради тоа што ми треба
компјутерот".
Сè што мислам е дека се надевам оти ова момче не се обидува
да најде работа ко глумец, затоа што веднаш ми е јасно дека
син ми е педер и дека се ебат со овој фраер со скапи очила.
Ги имаше многу во војска, па рано научив дека ги има во сите
облици и величини, а не се само женскасти типови како што
сите очекуваат. Сепак, малку ме шокира идејата дека моето
дваесетиосумгодишно момче никогаш не сметало за потребно да
ми го каже фактот дека е пешко – немам злобна намера – и
веднаш решавам да поразговарам со него кога ќе го видам.
Марлон Брандо ја совладува својата здрвеност и кревајќи ми
го куферот од автомобилот ме води низ задната градина,
покрај расцветаниот лимон, до еднособната колиба со мијалник
и многу светлина, што од прво видување ми се допаѓа.
"Ова одговара", му велам и го прашувам: "Од кога спиеш со
син ми?" Очигледно мисли дека сум некој вид геријатриски
хомофоб кој се подготвува да му попува, па гледајќи го
неговиот поглед како на елен заслепен од фарови, се сожалив
и го разуверив. Сум видел жени прегазени од тенкови. Нема да
се загрижувам поради тоа што ќе имам помалку внуци. Кога
почнувам да објаснувам дека општествените предрасуди од сите
видови им се спротивни на моите просветителски идеали –
идеалите извалкани бидејќи со векови делумно се остваруваат
– ми станува јасно дека Греам му кажал за своето семејство.
Лицето му станува трпеливо, а од насмевката му тече
симпатија за неукиот: сиротиот старец страда од ментални
нарушувања цел живот, еден месец е добро, следниот не е, му
навираат грандиозни мисли и му се провираат како песок низ
прстите, на што секогаш велам, побарај го Френк Сингер во
Американскиот завод за патенти. Во секој случај, овој мисир
веројатно мисли дека просветителството е маркетиншка порака
од "Џенерал Електрик", па го поштедувам од лекцијата што
лесно можев да му ја одржам и велам: "Види, ако вие двајца
делите ист кревет, не се бунам."
"Возењето сигурно ве исцрпело", вели со надеж. "Сакате да
прилегнете?"
Му велам дека можам да закачам синџир на "саабот" на внука
ми и да го влечам дедека трчам маратон. Ова го збунува.
Одиме заедно назад по градината до кујната на бунгаловот. Му
барам пенкало, хартија и дигитрон, па ја скицирам идејата
што ми падна на ум пред малку – веќе го чувствувам
присуството на Греам – идејата е за велосипед кој ќе може во
мала батерија да ја зачува енергијата кога оди надолу, па со
помош на рачна кочница да ја испушта кога оди нагоре – ова е
потенцијален златен рудник кога ќе се земе предвид
популацијата што старее и зголемувањето на слободното време
поради раното одење во пензија. Имам четири страници
спецификации и проценка на трошоците за прототип кога по два
часа стигнува Греам. Во кујната влегува облечен во син ленен
костум, на градите држи актовка и кога ме здогледува крај
масата, се здрвува како штица. Не сум го видел пет години и
прво што забележувам е дека има подочници. Кога ги раширувам
рацете да го прегрнам, тој отстапува еден чекор.
"Што ти е?" го прашувам. Еве ми го чедото претпазливо спрема
мене во чуднава кујна во Калифорнија, пепелот на мајка му
одамна е расфлрен по Потомак, предметите од нашиот заеднички
живот се собрани во кутии или продадени.
"Ти навистина дојде", ми вели.
"Измислив нов велосипед", му велам, но се чини дека тоа
допира до него како вест за свежа смрт. Ерик го прегрнува
Греам пред мене. Го гледам сина си како врз рамото на типов
си ја спушта главата, како уморен патник во воз. "Ќе има
акумулатор со самонапојување", велам повторно седнувајќи
крај масата за да ги прегледам цртежите.
Близу до Греам, мојата идеја бргу напредува и додека тој се
тушира ги распакувам куферите, го разместувам мебелот во
колибата, а на ѕидот ги закачувам нацртите. Се враќам во
куќата, го прашувам Ерик дали можам да телефонирам, тој вели
дека тоа е во ред, па ми вели: "Греам не спие добро во
последно време, но знам дека навистина сака да ве види."
"Секако, нема лутење, во ред."
"Во последно време има многу товар врз плеќите. Можеби за
некои работи можете да разговарате со него... и мислам дека
би можеле..."
"Секако, секако, нема лутење", па им се јавувам на својот
адвокат, на својот моделар, на три маркетинг агенции чии
броеви ги најдов во именикот, на Американското здружение на
пензионери – тој пазар ќе биде клучен – на еден пријател од
факултетот кој еднаш ми кажа дека се натпреварувал на Тур де
Франс, па претпоставив дека ја познава состојбата на
велосипедската индустрија, на својот банкар за да
поразговараме за финансирањето, на канцеларијата за патенти,
на лабораторијата за физика при калифорнискиот технолошки
институт, на жената што ја водев на вечера една недела пред
да го напуштам Балтимор и на три локални продавници за
алкохол пред да најдам една што ќе ми испорача "Дон
Перињон".
"Тоа е за мене!" му довикувам на Греам додека тој излегува
од спалната соба за да ја отвори вратата на која, ми се
чини, некој ѕвони само неколку минути по мојата нарачка. Се
движи бавно, како животниот сок да му е исцицан.
"Што е тоа?"
"Прославуваме! Нов проект се движи по цевките!"
Греам ѕури во сметката, како да не може да ја прочита. На
крајот, вели: "Ова е дваесет илјади долари. Не го купуваме."
Му велам, Швин тоа ќе го префрли на крофните што ќе ги
делиме на презентацијата на новиот велосипед што ќе го
направам, а Опра Винфри ќе го вози на полувреме на "Супер
Бол".
"Ова е грешка", му вели на оној што го донесе виното.
На крајот, морав да излезам надвор и да платам со кредитната
картичка што човеков наивно ја прими и сам ја внесов гајбата
во куќата.
"Што ќе правам?" слушам дека Греам шепоти.
Свртувам зад аголот, влегувам во куќата, а тие замолкнуваат.
Двајцата се убава двојка, додека стојат на маглестата
светлина што се губи во предвечерието. Кога се родив,
можевте да ги уапсите поради бакнување. Почнува кавга во
која само делумно учествувам, во врска со шампањот и мојот
ентузијазам, таа плоча од мајка му ја има научено,
притиснува "плеј" и неколкуте негови предци што патеа од
конвенционализам зборуваат низ неговата уста, како да е од
оние што зборуваат од стомакот:
твојата-идеја-е-фантазија-смири-се-тоа-ќе-те-уништи-лекарства-лекарства-лекарства.
Паметен е, син ми, а понекогаш има и дрскост да го употреби
својот ум, за да го забоде копјето во медиокритетите, но во
светот кој не го поттикнува тоа, чудното момче станува
анксиозен човек. Мора да страда поради тоа што неговите луѓе
обрнуваат внимание на појавноста. Тажно. Ова го објаснувам
со прецизност на брусач на дијаманти, но се чини дека само
ја отежнувам ситуацијата.
"А да го пробаме шампањот?" се вмешува Ерик. "Можете да го
продолжите разговорот додека вечераме."
Предлог за почит. Земам три чаши од креденецот, го вадам
шишето од кутијата, му ја вадам тапата, ги полнам чашите и
се чукаме во нивно здравје.
На пат до ресторанот "саабот" на внука ми вози со сто и
четириесет километри на час, а не се ни затресува. Со
спуштен покрив, додека смогот ми ја дува косата, речиси не
го слушам Греам кој вика нешто од седиштето до мене.
Веројатно е загрижен поради казната, која, за возбудата од
возењево, јас би ја платил двојно и плус би го честел
полицаецот. Додека пловевме по автопатот, замислував патека
со велосипеди што со просто педалирање тивко ја
пренасочуваат загубената енергија. Ќе треба да ги вклучиме
екологистите, што значи од владата да добиеме пари за
истражување и лобистичка поддршка за да се справиме со
евентуалните законски проблеми. Пробното рекламирање во Лос
Анџелес ќе ја зголеми шансата да добиеме препораки од
славните, а веројатно ќе треба да напишам книга за зачетокот
на идејата и да ја објавам заедно со првиот бран производи.
Мислам дека ова ќе се случи во почетокот на следната година.
Рекламното мото ми дојде додека едревме под надвозникот:
Секое вртење нека биде важно.
Пред ресторанот има редица и кога сакав да му дадам дваесет
долари на главниот, Греам ме запре.
"Тато", ми вели, "не смееш така."
"Се сеќаваш кога те носев во ‘Риц’ и кога ми кажа дека
пилешкото во твојот сендвич е жилаво и кога зборев со
менаџерот и добивме јадење за џабе? Ти нацрта шема на
куќичката на дрво што ја сакаше и ми даде идеја за кутии за
складирање."
Тој кимнува.
"Ајде, каде ти е насмевката?"
Доаѓам до главниот, но кога му ја давам дваесетката, тој ме
гледа чудно и му велам дека е глупо гомно што се прави дека
е над ваквите нешта. "Сакаш стотка?" го прашувам и тамам да
му пукнам уште поголема увреда, Греам ме свртува и ми вели:
"Те молам, немој".
"Со што се занимаваш?" го прашувам.
"Тато", ми вели, "само смири се". Гласот му е толку тивок,
толку мек.
"Те прашав со што се занимаваш".
"Работам во брокерска агенција."
Брокерска агенција. Што не го научив ова дете? "Што правиш
за нив?"
"Акции. Слушај, тато, треба..."
"Акции!" велам. "Исусе Христе! Мајка ти би се превртела во
гробот, кога би го имала."
"Фала", вели под мустак.
"Што рече?"
"Заборави."
Тогаш забележувам дека сите во фоајето зјапаат во нас. Сите
изгледаат како да се на телевизија пред дваесет години,
мажите носат ролки и блејзери како Роберт Вагнер. Една жена
со светловиолетови шорцеви и ранец колку торзото се чини
дека особено негодува и оти е самозадоволна, па посакав да
ја прашам што сторила за доброто на човештвото. "Ќе го возиш
мојот велосипед за три години", ú велам. Таа се повлекува
како да сум фрлил стаорец на тепихот.
Дури по десет минути откако седнавме ни носат леб и вода на
масата, па чувствувајќи дека услугата ќе биде лоша, почнувам
на салфетка да запишувам кога порачуваме, а кога ни го носат
јадењето. Такуѓере, ми текнува:
л Шуплива хромирана конструкција со акумулатор поставен над
задната гума, со жица поврзан со куќиштето на моторот на
задното тркало, со жица поврзан со рачната сопирачка /
акцелератор што се активира со палец. Предупредување до
велосипедистите што се однесува на осовината за време на
користење на зачуваните вртења. Електрична сопирачка?
л За досието на биографот: Греам ми е муза, оттука
мистеријата; види: кутија за складирање, преса за палачинки,
мотор за трицикл, летечко кадифено мече, иновации во амбарот
за да може тој да си игра, електричен велосипед.
Греам не се согласува со мене кога сакам да им го вратам
второто шише вино, очигледно смета дека мораме да ги
прифатиме расипаните нешта за да не ги повредиме туѓите
чувства. Ми личи на плачко, но попуштам за да ја зачувам
хармонијата. Нешто во него се сменило. На предјадењето му
требаат изненадувачки деветнаесет минути за да стигне.
"Треба да размислиш за тоа да ја напуштиш работата", велам.
"Решив дека овојпат нема да останам на маргините.
Електричниот велосипед ќе биде водечки производ, од оние за
кои треба цело претпријатие. Ќе се збогатиме, Греам, а јас
можам тоа да го сторам со тебе." Еден од Роберт Вагнерите го
дига вратот од соседното сепаре за да ме види.
"Да, се обложувам дека и ти сакаш малку да се омрсиш,
батка", велам, а тоа го тера брзо да ú се врати на својата
салата од ендивија. Греам ме слуша додека го образложувам
бизнис планот: почетен капитал, за кој лесно ќе ги
привлечеме трговците авантуристи, избор на локација за
фабриката – треба да внимаваме на државните закони –
вработување на извршни директори, дизајнери кои ќе ми бидат
подредени, тим за продажба, книговодители, парични
надоместоци, бироа, телефони, работилници, плати, даноци,
компјутери, фотокопири, декор, разладувачи на водата,
чергички за пред врата, места за паркирање, сметки за
струја. Можеби и навлажнувач на воздухот. За многу нешта
треба да се води сметка. Додека зборувам, забележувам дека
другите во ресторанот се вртат за да ме слушаат. Ова го
гледам со крајот на окото, а луѓето добро го камуфлираат,
враќајќи им се на своите разговори со нешто што веројатно го
сметаат за уверлива гестикулација. Ми текнува на ирвасот од
Вестингхаус. Колку генијално го ставиле во ресторанот во кој
јадам секој петок, знаејќи дека го сакам митот за Божик,
решени да ми ја украдат интелектуалната сопственост.
л Во врска со тоа: инцидентот во Чеви Чејс. Проверете дали
лентата што сама се враќа може или не може да биде мој
пронајдок и, такуѓере, дали "Сони" или "Џенерал Електрик"
имаат имот близу до мојата резиденција во Балтимор – бука,
тактика за одвлекување внимание, лажна изградба на улици,
итн., а, исто така, присуство на Швин, Рели, итн., за време
на посетата на Лос Анџелес.
"Може да зборуваме за нешто друго?" ме прашува Греам.
"За сè што сакаш", му велам, па го информирам келнерот дека
"антреата" беа дваесет и шест минути во транзит. Мојата риба
беше жилава како кожа. Келнерот само што се оддалечи, кога
почнав да пукам со прстите за да се врати.
"Престани!" вели Греам. Не можам веќе да ја поднесам
неговата пасивност, па слободно го игнорирам. Тој се
наведнува кон масата за да ме плесне по раката, кога се
враќа типот.
"Има некој проблем?"
"Мојата риба-иверка е сува како дрен."
Момчето со јарешка брадичка ми ја гледа чинијата како да се
сомнева дека сум го заменил оригиналното јадење со некој
дупликат од под масата.
"Сакам нова."
"Не, не сака", веднаш вели Греам.
Келнерот запира, размислува како да постапи, кој од нас е
поважен.
"Имаш некаква врска со велосипеди?" го прашувам.
"Што сакате да кажете?"
"Професионално."
Младиот човек гледа на другиот крај од собата, во главниот,
а овој му дава шифриран знак со главата.
"Доста ми е. Си одиме одовде", велам земајќи неколку
земички.
"Седи", инсистира Греам.
Но, доцна е. Знам дека во ресторанот врие од директори што
се занимаваат со велосипеди за по планини. "Мислиш ли дека
ќе им дозволам на некои индустријалци да ми ја земат идејата
што ќе го промени начинот на кој секој Американец, а наскоро
и секој човек на планетава, го замислува велосипедот? Сфаќаш
ли што им значат велосипедите на луѓето? Тие се како
сладолед или како детски приказни, тие се првични објекти
вткаени во материјалот на нашите најрани сеќавања, да не ја
споменувам најинтимната врска со тркалото како пронајдок што
го обележува почетокот на големиот напредок на човековото
знаење што нè доведе до печатарските преси, верските
трансформации, брзината за која не сме ни сонувале,
Месечината. Кога возиш велосипед учествуваш во непрекинатиот
синџир на човечкиот труд, кој се протега до египетските
селани што пренесувале камења, а јас сум на пат да направам
револуција со тој изум, неговата речиси митска сила да ја
претворам во квантитет што може да биде зачуван. Имаш
можност да ми се придружиш - како стројниот Кортез со
орелски очи/во Пацификот сосредоточени – а сите негови
мажи/се гледаат со диви замисли за тоа што доаѓа – Тивко, на
врв над Дариен. Што нема да видиме!"
Стојам додека зборувам, па повеќето луѓе во ресторанот
мислат дека и ним им се обраќам и иако ми се испуштија пред
нив основните податоци на истражувањето, според
стравопочитта на нивните изрази гледам дека знаат, како и
јас, оти не може секој да се издигне до високите бели врвови
на вистинската инвентивност. Некои, како овие овде, мораат
да престојуваат во долните слоеви, каде што воздухот е
заситен со половични решенија, а сништата умираат од
инерција. Да! Вистина е.
Ова како да го убеди Греам дека треба да си одиме. Тој фрла
малку пари на масата, ме фаќа за раката и ме води надвор од
ресторанот. Бавно чекориме по булеварот. Греам е малку
тромав, со тркалезни рамења и сведната глава.
"Гледај, онаму има јапонски ресторан, можеме да јадеме
маки-кифли и теријаки, можеби и малку надуена риба, ќе ми
кажеш сè за брокерската агенција, би можеле дури и да
размислуваме дали твојата компанија сака да даде јавна
понуда за вложување во бизнисот со велосипедите, има
предност..."
Негира со главата и продолжува да оди по улицата, по која,
меѓу другото, има навистина впечатливо мноштво на извајани
женски, а тоа ме потсетува на задоволството да се биде
самец, без чувство на вина се разменуваат погледи и насмевки
и, кога сме веќе кај тоа, зошто да не се задоволат
потребите? Можеби не му личи на некого што има седумдесет и
три години да зборува за ерекции но, ах, уште како ги имам!
За такви работи размислувам кога минуваме покрај холот на
еден луксузен хотел, вид место како за конференциски центар
и, се разбира, мислам и на презентациите и на тоа колку
однапред треба да резервираш, па влегувам и по кратко
негодување, Греам ме следи. Му велам дека треба да одам во
тоалет.
"Сакам да зборувам со управникот за специјални настани",
ú
велам на рецепционерката.
"Жал ми е, тој е тука само преку ден, господине", ми
одговара таа со нападна услужна насмевка, како да ми го
кажува токму она што сакам да го слушнам.
"Па, не е ли тоа прекрасно", велам, а таа како да се
согласува дека, да, прекрасно е, прекрасно е тоа што
управникот за специјални настани на "Континентал Ројал" има
определени работни часови, како да е тоа потврда за некој
благотворен природен поредок.
"Мислам дека, како и да е, ќе морам да земам апартман и да
се видам со него наутро. Син ми и јас ќе нарачаме мала
вечера во соба, каде што не кружат ајкулите!"
Блага загриженост го замаглува лицето на девојката додека
таа чука по тастатурата.
"Слободен е Хуверовиот апартман на деветнаесеттиот кат.
Шестотини и осумдесет долари за ноќ. Во ред е?"
"Совршено."
Кога ги зедов клучевите, отидов кај Греам, кој седеше на
каучот.
"Вечерата е сервирана", велам и му се поклонувам.
"За што зборуваш?"
"Зедов апартман за нас", велам и тропам со клучевите.
Греам ги превртува очите и ги стиска тупаниците.
"Тато!" Има нешто очајничко во неговиот глас.
"Што!"
"Престани! Едноставно престани! Не се контролираш. Што
мислиш, зошто Линда и Ерни не сакаат да те видат, тато,
поради што? Те зачудува тоа? Не можат да го поднесат ова! Ни
мама не можеше да го поднесе! Не можеш ли да сфатиш? Себично
е од тебе што не одиш на доктор!" тој вика и со тупаниците
се удира по бедрата. "Себично е тоа што не земаш лекови!
Себично!"
Блесокот на холот му ја избришал бојата од лицето, а околу
неговите очи што не трепкаат ги гледам цртите што еден ден
ќе бидат знаци на староста и тогаш, одеднаш, трупот на мојот
син лежи прострен пред мене, годините откако се немаме
видено излегуваат пред мене како некоја бескрајна далечина и
го слушам шепотот на убиствената осаменост што патува по
својот пат како целосниот збир на секоја минута на неговата
болка во секој слободен миг на секоја година да е вцицан во
единствено вдишување и зачуван во овој миг на издишување.
Очите ми се наполнуваат со солзи. Совладан сум.
Греам станува од каучот, потресен од силината на своите
зборови.
Тропам со клучевите. "Ќе се забавуваме."
"Мораш да ги вратиш клучевите на рецепција."
Го грабнувам за рамењата, тој е мојот најголем пронајдок.
"Можеме толку многу подобро", велам. Го фаќам за зглобот и
го носам кон лифтот, слушајќи го гласот на неговата мајка
зад нас, ме потсетува да го чувам од дождот. "Важи",
мрморам, "важи."
Роберт Вагнер беше во лифтот, со Натали Вуд, ама лошо
остареле и веќе не се привлечни. Таа џвака мастика и изгледа
како да ú е непријатно во тесна облека. Неговите ролки се
износени. Но, си мислам дека ја познаваат ситуацијата, долго
се овде. Затоа му велам: "Се извинувам, да не знаете каде
можам да најдам некоја девојка или две? Всушност, нам ни
требаат девојка и момче, мојот син е хомосексуалец."
"Тато!" се дере Греам. "Жал ми е", им вели, а тие се
потпреле на ѕидот како да сум гангстер во оние нивните
никакви филмови од "бе" продукција. "Многу испи."
"Како не, бе. Имате нешто против што син ми е
хомосексуалец?" Се отвора вратата од лифтот и тие лазат брзо
по тепихот како бубачки.
Хуверовиот апартман точно го именувале според човекот што
гледал како умираат илјадници луѓе и со прст не мрднал. Има
корпи со овошје, полн фрижидер, пијалаци, над креветите има
копии на слики во рококо стил, има полнети фотелји и теписи
желни за боса нога, од чисто задоволство поради допирот.
"Не можеме да останеме овде", вели Греам додека ги фрлам
чевлите на другиот крај на собата.
Гласот му е неутешлив. Како да ја загубил живоста од пред
малку, а тоа во овој миг не можам да си го дозволам:
известувањата за принудно селење од Балтимор, агенциите за
наплаќање на долговите, мирисот на станот. "Тукушто
почнавме", брзо велам.
Греам седи во фотелја, на другиот крај на собата, и додека
ја наведнува главата имам впечаток дека се моли за тоа, кога
повторно ќе ја крене, сè да биде поинаку. Кога беше дете ми
носеше подароци во работната соба, во деновите кога се
подготвував да патувам, и ме молеше да не заминувам.
Подароците беа книги што ги зел од полиците и ги замотал во
празнична хартија.
Од телефонот на масичката крај креветот ѕвонам до
рецепцијата. "Ова е повик од Хуверовиот апартман. Ми треба
бројот на агенцијата што ќе ни прати младич, некој
интелигентен и привлечен..."
Греам ми ја трга слушалката од раката.
"Што ти стана?" му велам. Мајка му секогаш ме поттикнуваше
да му поставувам прашања. "Како изгледа да бидеш
хомосексуалец, Греам? Зошто никогаш не ми кажа?"
Вчудовидено зјапа во мене.
"Како? Како?" велам.
"Како можеш да ме прашаш по толку време?"
"Сакам да разберам. Вљубен ли си во тој типот, Ерик?"
"Мислев дека си мртов. Дали, барем, почна да сфаќаш? Мислев
дека татко ми е мртов. Не се јавуваше четири години, но
немав сила да дознаам, немав сила да отидам и да те најдам
мртов, тоа беше како пак да сум дете и само се надевав дека
има оправдание. Четири години, тато, и сега се појавуваш и
сакаш да дознаеш како изгледа да бидеш хомосексуалец?"
Трчам кон фрижидерот каде што, меѓу другото, има пристојно
"шардоне" и со отворачот што го најдов крај мијалникот
ставам од виното во две чаши. Греам, се чини, не ја сака
својата чаша, но сепак ја ставам до него.
"Ах, Греам, телефонската компанија во Балтимор е за никаде."
Почнува да плаче. Изгледа толку млад додека плаче, како она
попладне на приодот кон старата куќа, кога го учев да вози
велосипед, а правот од патот се таложеше врз влажниот образ
и натопените трепки, што подоцна ги измивме со топла вода во
бањата, додека самракот се спушташе врз полето и заедно ги
слушавме водата што течеше од кујната каде што беше мајка
му, брмчењето на радиото и смирената селска вечер, колку ми
се чинеше дека тој тоа го разбира исто како јас.
"Знаеш. Греам, секогаш ми наплатуваат повеќе, а кога еднаш
ќе ти ја земат линијата, тоа е како да треба да го раздвоиш
Црвеното море за пак да ти ја воведат, но за неколку недели
кога велосипедот ќе биде патентиран, тоа ќе биде зад нас, па
ти и Линда и Ерни и јас, сите ќе отидеме во Лондон и ќе
отседнеме во Конот и ќе ти го покажам паркот ‘Риџент’ каде
што со мајка ти веславме во чамец на нашиот меден месец
обиколувајќи го островчето, каде што се собираат патките,
тоа, всушност беше малку валкано, кога ќе размислам, иако
патките всушност не ги сметаме за валкани, тие изгледаат
толку грациозно во водата, но всушност..." Одеднаш, ни
самиот не си верувам, го слушам својот глас во собата, го
слушам неговиот сув тон, и сум го изгубил текот на мислата и
не можам да престанам да го замислувам дворот каде што Греам
си играше со своите другарчиња, крај пурпурниот јоргован и
јаболкницата чии чворести гранки ги држеа штиците на
куќичката и бев среќен што може да ужива во неа, бидејќи јас
ја немав. Тој тогаш ме разбираше, дури и при моите најхрабри
мигови кога мајка му, брат му и сестра му беа уплашени од
она што не го сфаќаат. Ќе седнеше на столче во трошната
плевна и ќе ме гледаше како ја испишувам таблата, потпрен на
браникот на расипаниот "студебејкер", цртајки шеми за цел
куп можни предмети, возила на сончева енергија и монтажни
куќи, нашата ера пречистена до неопходните нешта, а навечер,
прострен на подот од собата, со нежните рачиња го копираше
она што го запаметил од моите цртежи.
Истите раце ги гледам сега врз неговите бутови, ноктите
изгрицкани, заноктиците искинати.
Не знам како да се збогувам.
Во селото Сен Север една старица цела ноќ го негуваше мојот
пријател на умирање. Утрината го бакнав неговото студено
чело и го продолжив маршот.
Во дворот на старата куќа јаболкницата сè уште шумоли на
вечерното ветре.
"Греам."
"Сакаш да знаеш како изгледа?" вели. "Ќе ти кажам. Цело
време стравувам да не ме напушти. А сакаш да знаеш зошто?
Нема врска со тоа што сум хомосексуалец. Тоа е бидејќи знам
дека мама те напушти. Ти велам дека е себично што не пиеш
апчиња, затоа што знам. Затоа што јас ги пијам. Сфаќаш тато?
И во мене е тоа. Не сакам Ерик да ме најде среде ноќ на
паркинг, како во пижами му зборувам на некој странец, како
што мама те најде тебе. Не сакам да ме најде обесен. Неколку
недели од врвовите на моите прсти исфрлав оган и палев сè
што ќе ми се најдеше на патот и тоа беше напредок и беше
неверојатно, неверојатно убаво. А неколку недели не можев да
се исчешлам. Но, сега земам апчиња, сè уште не сум нè довел
до банкрот и, сега за сега, не сакам да се убијам. Ги земам
апчињата и мислам на Ерик. Така изгледа."
"А огнот, Греам? Што е со огнот?"
Во неговите очи има доволно тага за обајцата да нè убие.
"Дали се сеќаваш дека ме гледаше како цртам во плевната?"
Солзи му течат по образите додека кимнува.
"Да ти покажам нешто", велам. На другиот крај од собата, во
фиоката од масата наоѓам фломастер. Сега ми светнува, тој го
гледа она што го гледам, секогаш бил способен за тоа. Можеби
тоа не мора да престане. Откачувам една слика од ѕидот и ја
ставам на подот. На жолтиот тапет цртам скица на врата во
природна големина, два на еден.
"Гледаш, Греам, ќе има четири рачки. Линиите меѓу нив ќе
сочинуваат крст. Секоја рачка ќе биде поврзана со тркала во
вратата и ќе има четири шарки, по една од секоја страна, но
зацврстени само за вратата, не за рамката." Ги сенчам. Греам
плаче. "Луѓето ќе ги користат рачките што ќе им овозможат да
ја отворат вратата во одбраната насока: одлево или оддесно,
кај нозете или кај главите. Кога ќе ја свртиш рачката, таа
ги турка шрафовите од вратата во шарките. Луѓето ќе можат да
отвораат врати близу до прозорците без да ги блокираат
утринската или вечерната светлина, ќе го внесуваат и
изнесуваат мебелот, а вратата ќе им биде над главите,
никогаш нема да ја изгребат бојата од мебелот, а кога ќе
сакаат да го видат небото ќе отворат само дел од врвот на
вратата." На ѕидот на вратата цртав мали скици за различните
положби на вратата, додека не ми се расцепи врвот од
фломастерот. "Оваа врата е подарок за тебе. Жал ми е што не
е вистинска. Сепак, можеш да замислиш како ќе уживаат луѓето
додека решаваат на кој начин ќе поминат низ неа. Ќе се
создадат шеми, секое семејство ќе има своја навика."
"Јас сакав татко."
"Не вели го тоа, Греам." Сè уште плаче и тоа не можам да го
поднесам.
"Вистина е."
Се враќам до масата и, клечејќи, чкртнувам белешка.
Фломастеот е речиси уништен и тешко е да се формираат букви.
Пишувањето одзема време.
• Иако некои можеби ќе ме обвинат за небрежност, јас му бев
доследен на советот што секогаш им го давав на своите деца:
никогаш не го довршувај она што ти е здодевно. За жал, некои
мои деца ми беа здодевни. Греам не беше таков. Ве молам,
пренесете му го ова. Тој е единствениот што ми значеше.
"Греам", велам по неколку минути, минувајќи на другиот крај
од собата за да му го покажам листот, за да му ја покажам
вистината.
Тој лежи на креветот и додека стојам над него гледам дека
спие. Солзите го исцрпеле. Кожата околу затворените очи му е
натечена и црвена, а од аголот на усната му тече лига. Ја
бришам со палецот. Го опфаќам неговото лице со рацете и го
бакнувам во челото.
Од другиот кревет земам ќебе и го покривам, повлекувајќи го
ќебето врз неговите рамења, свиткувајќи го кај брадата. Го
опфаќам неговото лице со рацете и го бакнувам во челото.
Неговиот здив сега е смирен, рамномерен. Крај него оставам
превиткана белешка. Го галам по косата и ја гаснам ламбата.
Време е да си одам.
Кога сум сигурен дека му е удобно и дека цврсто спие, ги
носам чашата и виното во ходникот. Чувствувам дека секој
чекор ми е тежок, моето тело почна да се уморува. Се
потпирам на ѕидот, го чекам лифтот да ме однесе долу.
Вратата се отвора и влегувам.
Оттука, од стаклениот кафез што се спушта, гледам топки со
портокалова светлина што се протегаат по булеварот "Санта
Моника", кон плажата каде што се нишаат палмите во сенка.
Секогаш сметав дека раскошот на светлина во американските
градови е причина за оптимизам, знак на несмалена
лековерност, нешто што ни помага да издржиме. Во далечината,
светкавото пристаниште стрчи во огромната темнина на
океанот, како запален брод пуштен во ноќта.
Превод од англиски: Василка Пемова
|