Nazad na prva strana

 

МАРГИНА бр.71

Јасна Котеска

Јасна Котеска
Јован Котески: Досие 5622

Јасна Котеска е родена 1970 година во Скопје. Работи на Филолошкиот факултет во Скопје како професор по предметот “Нова словенечка литература”, и предава во Истражувачкиот центар за родови студии во Скопје. Магистрирала литература на Универзитетот во Скопје и родови студии на Централно-европскиот универзитет во Будимпешта. Докторирала на македонското женско писмо на Филолошкиот факултет “Блаже Конески”.


Ако интелектуалната историја се посматра како затворена целина којашто ги следи сопствените законитости, тогаш не е можно да се воочи дека кохерентноста и смисленоста на нејзината приказна всушност е еџ пост фацто конструкција, дека настаните повеќе се израз на историска случајност отколку на историска целисходност. Едновремено, историјата структурно ги дефинира и омеѓува настаните коишто на самите актери им изгледаат како да се производ на нивната слободна волја. Овие две тврдења сепак не се контрадикторни. Историјата ги структурира човечките постапки дури и кога ù недостасува рационалната цел; луѓето слободно избираат дури и кога не можат да го контролираат значењето на своите чинови.

Сузан Бак-Морс

.................................................................................................................................................

1.
БИОГРАФИИ
(извадок)



БИОГРАФИИ-ЖЕЛБИ
 

Зборовите не го донесуваат богатството од врвот, ниту она од утробата
на бреговите. Иако, постои живото сеќавање кое го преместува
богатството како рака што милува - преку сите работи вредни
за сеќавање. Тоа сеќавање не може да се запише
од невешта рака и со груб алат…

Кафка


Биографии. Биографиите се желби, најчесто се желби да се сочува, да се задржи платоновското сеќавање за човекот кој е предмет на биографијата. Дури и во најсувите биографии постои една скриена, а мегаломанска амбиција (препознаена макар во оној единствен тривијален детаљ), амбиција да го фати она нешто од-онаа-страна, каде човекот што е предмет на биографијата пеел, мислел, танцувал, творел, живеел, амбицијата да го сретне во тоа пеење, мислење, танцување, творење, живеење…

А, сепак, сите биографски средби не се исти, има, имено, најмалку два типа желби врзани за желбата да се меморира еден живот… Првиот тип желби се средбите кои тргнале да се поздрават, водени од потребата за еден секогаш веќе невозможен допир со оној што веќе го нема, тоа се средби како поздравување, средби во потрага по заедничкиот измешан мирис. А, вториот тип. Вторите, се желби за тврдо повторување на извесноста, средби како ужасна потреба од ремеморација, од репродукција на прапризорот, на првата слика за човекот што е предмет на биографијата, потреба да се фати и да се замрзне неговата причина, неговото движење; желба да се досегне оној невидлив детаљ преку кој ќе се отвори, ќе се рашири сè од неговиот живот, сè што може да им биде (и баш затоа што може - баш затоа и ќе им биде) послужено на хиените од градот, желба да се фати сè “до талогот” на еден човечки живот, за потоа тој цврсто воспоставен талог да стане услов за изобличување, за казна и за усмртување.

Секако, и двата типа биографски средби се записи, тие се записи составени од зборови, од зборови кои ја пробиваат невината хартија, ја уништуваат нејзината глатка површина, нејзината-секогаш-веќе спремност да го прими записот. Но, токму заради тој пробој, важна е раката што го пишува записот, раката што го движи пробојот на хартијата. Затоа е важна желбата што ја движи потрагата по изгубеното минато, по меморијата за еден живот, по сеќавањето. Биографијата, како што рековме, е составена од зборови. Тие зборови се тука за да потсетуваат. Но, како воопшто зборовите може да потсетуваат?

Биографијата како сцена на историјата, и особено, книжевната биографија како сеќавање за книжевната историја, секогаш веќе мора да биде запис кој е нежен, запис кој милува, запис кој не тргнал кон желбата да цементира, да усмртува и да уништува. Биографијата не може да се воспостави преку репродукција - секое прифаќање (кое заедно со мистеријата, го чини еден човечки живот) е можно само на симболичен начин, само во отсуство, ин абсентиа, само кога самата биографија ќе застане на прагот пред влезот во туѓиот живот, и на прагот ќе реши да (се) самозапре...

 

БИОГРАФИИ-ЛЕКСИКОНИ
 

Рано е за последниот збор, ви велам,
зборувам скоро од крајот – прв,
јас не бев на сцената за што ме обвинувате
јас бев самиот сцена во крв!

Евтушенко
 

Значи, постојат најмалку два типа биографии. И секако, тука се третите, најчестите биографии- оние кои се помалку или повеќе составени од факти. Фактите за Јован Котески собрани од разни лексикони – еве што има во нив:

Јован Котески (1932-2001) е поет кој припаѓа на т.н. трета генерација македонски писатели, што се јавува во 1950-тите години, на која припаѓаат Живко Чинго, Петре М. Андреевски, Радован Павловски, Богомил Ѓузел, Влада Урошевиќ, Петар Т. Бошковски… Роден е во селото Присовјани, Струшко, како четврто од пет деца на Петкана и Васил Котески. Детството го поминува како овчар-измеќар, чувајќи туѓ добиток. Во 1946 се запишува во Охридската гимназија, живее во интернат. Во 1948 година, татко му, кој работи како шеќерџија во Братислава, Словачка, е затворен од страна на словачкото Информбиро и е осуден на долгогодишна робија. Со татко му се среќава само двапати во животот, еднаш на седум, и вторпат на 26 години. За втората средба од 1958 Јован Котески подоцна пишува: При враќање, се јавил кај една моја тетка, а таа го довела во мојот ќумез, кајшто престојував под кирија како студент. Приквечер, кога се вратив од факултет, во собата гледам – гостин. И еве една прегратка на еден опустен, тегобен живот. Во 1954 година се сели во Скопје, запишува студии по литература, кои никогаш не ги завршува. Три децении работи како новинар во радио Скопје. Во 1958 година ги објавува збирките песни: “Земја и страст” и “Насмевка пред зорите”, а следат: “Злодоба” (1963), Тежина” (1965), “Пеплосија” (1966), “Сенки” (1972), “Зелени порти” (1975), “Хераклеја” (1978), “Поморија” (1981), “Бденија и сновиденија” (1982), “Полилеј” (1983), “Плодови” и “Тапија” (1985), “Живожарица” (1990), “Сончева белегија” (1990), “Морници” (1991), “Глувчето со двоглед” (поезија за деца, 1991), “Ралица” (1992), “Злодоба” (1992), “Лелејка” (1994), “Самотија” (1994), “Празник” (библиофилско издание во ракопис, 1995), “Трагач” (поема, 1995), “Решетки” (1996), “Приќе” (1997), “Одрон” (1998), “Разор” (1999), “Картечница” (2000). На 2 септември 1985 година е уапсен и осуден на 5-годишна робија. Обвинението го терети за илегално работење на уривањето на Југословенската федерација и за создавање независна македонска држава, што фактички се случува седум години подоцна. Припаѓа на последната група политички затвореници-интелектуалци во поранешната Југословенска федерација. Најголем имплус за негово ослободување од затвор меѓу македонските писатели (која акција, инаку, никогаш не се случува) во текот на 1986 година покренува американскиот поет, Ален Гинзберг, како тогашен претседател на Комисијата за заштита на правата на писателите и новинарите во Светскиот ПЕН центар, кој таа година престојува на Струшките вечери на поезијата. По интервенцијата на Југословенскиот ПЕН центар (со седиште во Загреб), во јули 1987, по нецели две години робија Котески е пуштен на слобода. За неговото ослободување најмногу е заслужен франкофонскиот писател, тогашниот потпредседател на Светскиот ПЕН центар и претседател на Хрватскиот ПЕН клуб, Предраг Матвеевиќ, кој во текот на 1990-тите години и самиот паѓа во немилост на националистичкиот режим на Фрањо Туѓман. Со писма до Окружниот суд во Скопје и до Сојузниот суд на Југославија во Белград тој успева да издејствува преиспитување на пресудата за Котески и негово експресно ослободување од затвор во јули 1987. До 1989 година, Котески е невработен, а потоа е примен на работа како библиотекар во библиотеката “Другарче”, каде останува да работи сè до пензионирањето. Патува во Хрватска и се среќава со Предраг Матвеевиќ. Во 1995 добива награда на анонимниот конкурс за поема. Последната деценија од животот ја поминува во релативна изолација во својот дом во Скопје, страдајќи од параноја. Во 2000 година излегува тротомен избор од неговата поезија на македонски јазик. Во ноември истата година, седум месеци пред смртта, успева да види селективни делови од своето досие за апсењето. На повеќе од 300 страници е забележано дека бил предмет на иследување во текот на 40 години од животот. Умира на 12 јули 2001 во Скопје, во кругот на најблиското семејство.

 [дома]  [on-line архива]  [печатено издание]