|
Од најновата
книга на Јасна Котеска, Санитарна енигма, која неодамна
излезе во издание на Темплум, го пренесуваме поглавјето
“Санитарна ера?”. Во Санитарна енигма Котеска на
интердисциплинарен и пред сè теориски суверен начин се
обидува да одговори на некои клучни прашања од типот:
Дали санитарноста е моќ; дали моќта има санитарен извор? Кој
е економот што ја стопанисува територијата на чистото? Како
се вика лекарот што ја лечи раната на нечистата совест во
исто време додека ја загадува?
Каква е врската меѓу сапунот и фашизмот? Зошто секоја
колонијална империја првично се воспоставува како хигиенска
империја? Какво решение за третманот на “чистата” крв им
понуди Дизни на современите телевизиски воени могули? Кога и
зошто е криминализиран сметот? Зошто модерниот град е роден
од спорот со анималните, животворни импулси? Зошто радоста
подразбира блискост и валканост?
Како се меѓусебно врзани сексуалноста и санитарноста? Зошто
не постои желба што е по мерка на културата? Кој сон Фројд
одби да го толкува и зошто? Дали постои празен субјект и што
е содржината на неговата супстанца?
Јасна Котеска
Санитарна ера?
Пиј кафе колку што сакаш, затоа што веќе е декофеинизирано.
Славој Жижек
ШЕФ И РЕВОЛУЦИОНЕР
1.
Хајдегер пишува дека “точно изворната задача на филозофијата
е да усложни, да го оптовари тука-битието (кое тогаш станува
историско)”.1 Ако отежнувањето е услов да се ослободат
генеричките процедури не во рамките на нивната сопствена
мисла, туку во, за нив, припаѓачката историчност, тогаш
санитарноста од оваа книга не ја погаѓа димензијата на
нашата епоха претерувајќи ја како санитарна епоха, или на
нашиот живот во оваа епоха дефинирајќи го како санитарен,
туку овозможува пат за историско ситуирање на едно интимно
чувство, дека по сите историски искуства од 20 век, во
новиот век имаме тенденција да ја исчистиме цивилизацијата
од сите вишоци третирајќи ги како валканици и обратно од
сите валканици третирајќи ги како вишоци.
Крахот на извесни движења (битништвото, хипи-движењето) кои
го обележаа минатиот век и подемот на други (корпорацискиот
стил, глобализацијата) ја посведочуваат моќта на чистото и
покажуваат дека отежнатото третирање на санитарноста може да
нè доведе до извесна вистина за нашата епоха во нашето
историско време.
Ние имаме амбивалентен однос по многу територијални прашања,
врзани за феномените на ред и неред. Многу од нас, може
целосно да се согласат со теориските постулати на
глобализацијата како зајакнување на човештвото, претворање
на сите луѓе во една единствена, рамноправна глобална сила,
која веќе не се разјадува со меѓусебни војни и конфликти,
туку се стреми да стане етичка формација, ѕвездена сила,
која ќе ги истражи просторот и времето и ќе го хуманизира
космосот. Но, зошто тогаш сите визии за глобалниот живот,
“Храбар, нов свет” на Хаксли, “Ние” на Земјатин, “1984” на
Орвел, кога зборуваат за унифициран и нормиран свет, свет на
ултимативен ред, ја опишуваат чистотата како стерилност,
хигиенска несетилност и контрапункт на нашето сопствено
доживување на човештвото? Не станува збор само за
нивелирањето на културните разлики, туку и за исчистувањето
на различностите, на културните валканици и племенската
смрдливост, станува збор за изгонувањето на (културно, а со
тоа и физички) нечистото од нашите животи. И за воведувањето
ултимативна, погубна Орвеловска чистота. Територијата на
чистото, очигледно е лесно манипулирана територија,
територија на секогаш веќе однапред инаугуриран посед.
Чистото секогаш има газда, кој го стопанисува. Чистото
потребува економи кои ќе го работат, и тоа е секогаш веќе
домен на економијата на субјектите.
Затоа е интересен тој газда, носител на доцниот капитализам
како епоха на краток спој, истовременост на опозити кои ја
блокираат акцијата и доказ дека го живееме времето во кое
победи суштинската неможност од револуција. Во
германско-австрискиот филм “Едукатори” (2004) на Ханс
Веингартнер2 главните протагонисти Петар, Џули и Јан имаат
по дваесетина години. Џули работи како келнерка за да
отплати повеќе од 90.000 евра откако во сообраќајка му ја
уништила колата на еден бизнисмен кој заработува 3.4 милиони
евра годишно. Додека исплатената отштета него нема да го
направи побогат, таа мора осум години да работи само за да
го отплати долгот. Ова е уште една потврда за Петар и Јан да
сметаат дека капитализмот е темелно неправеден. Тие
отпочнуваат политичка акција која се состои од едноставно
сценарио чија порака е предупредувањето. Влегуваат во куќите
на богатите луѓе во нивно отсуство, го разместуваат
намештајот, не земаат ништо со себе, оставаат порака “Вие
имате премногу пари”, се потпишуваат како “Едукатори” и си
заминуваат во надеж дека засекогаш ја разнишале сигурноста
на богатите. Постои ли можност овие индивидуални акции да се
оснажат во идеологија или во движење со кое ќе се постигне
поправедна етика од онаа на доцниот капитализам? Тие го
киднапираат бизнисменот и го носат во изолирана куќа на
Алпите, а ние добиваме одговор дека денес субверзијата е
формално исцрпена од истиот систем што ја произведува, затоа
што системот научил како да ја инкорпорира за да биде
посилен. Додека го држат во изолација на Аплите, дебелата
капиталистичка свиња се разоткрива пред Петар, Џули и Јан
како некогашен предводник на студентската револуција во ’68
година, наместо граѓанскиот брак тој некогаш ги испробал
еротските алтернативи надвор од матрицата на моногамниот
пар, наместо корпорациска хигиена, тој уживал во комуналната
валкана алтернатива, на пр. дувал трева и слично. Проблемот
настанува на точката на која тие не можат веќе суштински да
го мразат. Тој е доволно сличен на нив, или бил, а тие утре
ќе бидат слични на него, или веќе се.
Ако е парализирана можноста да го мразам шефот, а со неа и
можноста од акција, добиваме живот налик на сон. Фројд во
“Толкување на соништата” вели дека за сонот е
карактеристично да го игнорира “не”; во сонот еден термин да
ја искажува едната ствар и истовремено нејзината
спротивност. Дали не е денешната ера ваква варијанта на сон
(кошмар) во живо? Тоа е состојба во која големото и малото
се кажува на ист начин, тоа е јазик во кој разликувањето
нема никаква смисла, а акцијата не може да постои бидејќи не
постои димензијата. Ова е ера во која да го парафразираме,
но во обратна насока, Емил Бенвенист: ако Едиповиот комплекс
е нераздвоен дел од опшетството, тогаш е дозволена
варијантата: Едип слободен да се ожени со својата мајка.3
Корпорацискиот шеф бил револуционер или ќе биде, што е
суштинска парализа на системот или негов внатрешен отпор.
Во еден момент, идеологот на Едукаторите, Јан, му вели на
бизнисменот нешто отприлика вака: “Бројот на ментално
пореметени луѓе е во пораст, тие се множат секојдневно, нема
да можете уште долго да ги држите на антидепресиви.” Иако
филмот не се развива во оваа насока, оваа линија е
потенцијален одговор за идеолошката странпатица на доцниот
капитализам. Ако сите ресурси за идеолошка револуција се
затворени од системот кој нараснал доволно за да ги јаде
своите идеолошки маргини, тогаш револуцијата може да биде на
пр. биолошка. Оние кои се идеолошки криминализирани, а се
само биолошки различни, може да бидат “новата раса” и оттука
за нив нема да важат законите на идеолошката размена. На
пример.
Перверзијата на денешната работна етика, според Славој
Жижек, се состои во замената на некогашниот авторитарен
газда со шеф – пријател. Ако е некој во исто време шеф и
пријател, тогаш во која форма подредениот би го изразил
својот можен отпор? Денешниот хедонизам Жижек го толкува
како комбинација на задоволството со задршката, како “еден
вид псеудо-Хегеловска моментна истовременост на опозити:
акцијата и реакцијата треба да се истовремени, самата работа
која предизвикува штета, треба да биде веќе медицината.”4
2.
Истовременоста на опозити, светот без темелни опозити кој го
живееме, има две важни консеквенци по нашето доба.
1. Намалување на просторот за акција, или дури неможност од
акција. Таа парализа е ефект од силните контрадикции и
кратки споеви, првпат јасно опишани во прозата на Достоевски
(читање на Евангелието во бордел), а кои доживуваат
кулминација кај вистинскиот идеен опишувач на нашата ера,
Семјуел Бекет. Ако секој се наоѓа и на полето на пријателот
и на полето на непријателот одеднаш, тогаш заедничкиот
производ на овој спој е блокада на секоја акција. Една
абјектна слика преземена од Кристева е сликата на пријател
кој ти се смешка и држи нож зад грбот. Тоа е слично на
класниот парадокс од филмот: дебела капиталистичка свиња
е/била поголем револуционер од револуционерот. Низ призмата
на санитарноста, ова значи дека истовременоста на опозити не
само што не ја намалува тензијата на санитарноста, туку
напротив директно ја шири темата на санитарноста и (како што
тоа го прави Кристева) неа ја воведува во доменот на
моралот.
2. Парадоксално приземјување на истовременоста во просторот
на чистото. Би очекувале дека истовременоста на опозити
(како нијанси, радикализирани до своите опозити) најмалку ќе
ги посведочува полињата и на чисто и на валкано, а дека
нивната истовременост ќе биде (само) еден нов цивилизациски
феномен на чисто-валканост во која се губат границите. Но,
истовременоста на опозити, обратно од очекуваното, на
мета-ниво работи како помошник и градител исклучиво на
чистотата на денешниот корпорациски свет, како што блокадата
на индивидуалните акции, произведува поредок исчистен од
вишоците различност.
Постојат многу варијанти на нарацијата од “Едукатори” со кои
се илустрира оваа културна дијагноза.
Еве една од нив - редицата сцени од брилијантниот роман
“Кралска крв” (1947) на Луис Синклер. Нил и Веста Кингсблад
се стрплива брачна двојка, тие се сакаат, верни им се на
своите пријатели, спортот, децата, активни во организирањето
локални активности. Тие ја разубавуваат собата на нивната
црна помошничка Белфрид; за нејзината спална соба купуваат
радио и модерен кревет, за нејзината бања четка за масирање.
Веста Кингсблад ја брани нивната црна помошничка наспроти
“белите шмизли”, таа е на страна на угнетените и смета дека
не е лесно сиот ден да се поминува во туѓа кујна во смрдеа
од маст и зелка. Тие не сакаат никого да мразат, но нивната
црна помошничка им пречи во куќата, не знаат каде оди во
слободно време, дали се занимава со магија, дали припаѓа на
црнечката левичарска банда која има намера да им ја одземе
куќата; во нејзината соба се чувствуваат како во проколна
дупка, како секој миг да ќе излезе некој од под креветот и
ќе почне да коле. Нил Кингсблад смета дека е добро што нема
дискриминација, дека црнецот е исто толку добар како и ние и
дека има еднакви права да стане претседател на Соединетите
Американски Држави, но еден лекар го убедувал дека е
докажано оти црнците имаат капацитет на мозокот помал од
нашиот и дека рабовите на нивниот череп сраснуваат порано,
така што дури и кога добро ќе почнат на училиште, тие многу
брзо престануваат да растат и така остатокот од животот го
поминуваат во безделничарење, па ако тоа не е инфериорност.
Нејзината соба, толку слатка кога ù ја доделиле на
користење, сега има кревет кој никогаш не е наместен, а по
него има расфрлани чевли, облека со розови врвки и филмски
списанија, перницата ù е поцрнета од маста за коса. Тие не
ги мразат Италијанците ниту Германците, но ја мразат
Белфрид.
Оваа бихевиористичка нарација директно посведочува дека
денешниот систем се брани од вишокот субверзија преку
идеолошко голтање на маргините од кои му се заканува
опасност. Газдата има знаење за идеолошките маргини, тој е
освестен, тој е дури револуционерен, и колку повеќе знае,
тој толку повеќе го контролира можниот отпор од маргината.
Истовременоста на опозити, со други зборови, наместо да нè
води во дозвола од разновидност, парадоксално придонесува за
бришење на различноста.
Светот без темелни опозити стана суштински услов за подемот
на современиот расизам. За да има расизам не треба да има
пар пријател-непријател. Со непријателот отворам борба.
Расизам има каде што има некој сличен и минимум различен од
мене, тоест истовремен и токму истовременоста на двете во
едно го раѓа расизмот. Во основата на овој современ расизам
е санитарната стигма, ритуалната чистота. Таа е суштинска за
дефинирање на епохата на доцната постмодерна како санитарна,
и за нашето живеење во оваа епоха како живеење на тензијата
на санитарноста, но и за санитарниот расизам како централно
име за нашата ера.
...повеќе во Маргина#72 |