Nazad na prva strana

 

МАРГИНА бр.73

Камил Паља

КАМИЛ ПАЉА


Авторка, критичарка на општеството, заколната феминистка и професорка, Камил Ана Паља е родена во Ендикот, држава Њујорк, во семејството на Пасквале и Лидија Паља, обајцата италијански емигранти во САД. Ги има објавено следните книги: Sexual Personae: Art and Decadence from Nefertiti to Emily Dickinson; Sex, Art and American Culture; Vamps & Tramps – New Essays; The Birds  (студија за Алфред Хичкок) и најновата Break, Blow, Burn – Camille Paglia reads fourty-three of the World Best Poems. Соработува како уредник во списанието Интервју, а статии за уметноста, книжевноста, популарната култура, феминизмот и политиката има пишувано за списанија и магазини ширум светот.
Камил Паља е професорка по хуманистички науки и медиуми на Филозофскиот факултет во Филаделфија. Во моментот работи, меѓу другото, и на нова збирка есеи. Како што тврди во разговорот што следува, поминала пет години надвор од таквата врева, составувајќи ја новата книга во која се наоѓаат и дела на Шекспир, Дан, Шели, Дикинсон, Лоуел и Плат. Се посвети и на поттикнувањето интерес за помалку познати или непознати автори како Чак Вахтел (Chuck Wachtel) и Ванда Колеман (Wanda Coleman), а бидејќи негува голема љубов кон поп-културата не изненадува тоа што кантавторката Џони Мичел ја поздравува како голема современа поетеса, а Вудсток како квалитетна песна. Како што рече Клајв Џејмс: “Книгата е нејзин најнов обид да ја спаси културата од теоријата. Затоа добро се поклопува со уште една нејзина цел – да го спаси феминизмот од неговите неразумни идеолошки приврзаности. Така, во Скрши, сруши, запали на прв поглед станува збор за поезијата, а на втор за Камил Паља”. Џејмс исто така истакнува: “Таа книга поезија е наменета за младите генерации кои, бидејќи не познаваат ништо освен слики, се отсечени од ‘матичниот брод’ на културата”. Камил Паља првпат го спомена матичниот брод на културата во предавањето од 2002 г. – Магијата на сликите. Во истото предавање ја постави теоријата што доведе до таа книга: “Единствен противотров за магијата на сликите е магијата на зборовите”. Во својата книга и во с$ што следува Камил Паља постојано повторува дека верува во таа магија.

Како увод во приказот на најновата книга на Паља, и како можност македонските читатели да ги разберат нејзините суштински ставови за сексуалноста, пренесуваме еден нејзин мошне провокативен текст од 1994. година.

 



Камил Паља
ВО АРЕНАТА НЕМА ЗАКОН
Паганска теорија за сексуалноста


Бунтовничка љубов: Хомосексуалноста

Хомосексуалноста може да биде клуч за разбирање на човечката сексуалност во целина. Не постои, имено, ниедно прашање кое задира во толку различни насоки, од психологијата, социологијата, историјата и моралот. Во изминатите дваесет и пет години на Западот секако се пораснати раширеноста ама и видливоста на хомосексуалноста. Но расправата за тоа рапидно се исполитизира после бунтот кај Стоунвол1 1969 година, што и го создаде движењето за ослободување на геј лицата. Стојалиштата се поделија: луѓето беа етикетирани како про-геј или анти-геј, со мошне малку простор помеѓу. Но во изминатото десетлетие, ситуацијата едноставно е вон контрола: сигурното проучување е невозможно бидејќи секој рационален дискурс е надгледуван од storm troopers, во случајов од геј активистите кои се држат до фанатичниот апсолутизам при ограниченото заговарање на сопствената верзија на вистината.
Стоунвол беше чин на отпор спрема полицијата од страна на мултирасните drag queens кои ја оплакуваа смртта на Џуди Гарланд, која инаку геј личностите ја обожаваат. Затоа Стоунвол, освен политичката, имаше и друга смисла: беше тоа пагански бунт на препородените Сибилини трансвеститски свештенички. Но геј сцената од седумдесеттите во моментот му го сврте грбот на тој drag дух од којшто самата настана: во машките барови започна да владее клонираниот macho look, а queens-ите беа презрени бидејќи премногу потсетуваа на времето кога да се биде геј подразбираше нешто женскасто. Парадоксално, трансвеститскиот look беше поприфатлив во хетеросексуалната рок музика и во нејзината тогашна декадентна SF фаза, отелотворена во Алис Купер, групата Kiss и Дејвид Боуви, чиишто корени, преку New York Dols, се наоѓаа во харизматичните Super Stars на Енди Ворхол, кои инаку ги обожавам.
Периодот од Стоунвол до првата AIDS тревога траеше само дванаесет години. Во текот на осумдесеттите и во раните деведесетти, фрустрантната тескобност над стравот од AIDS геј активистите ги претвори во збеснати нихилисти и откачени манијаци, кои за болеста неправедно ја обвинуваа владата, газејќи ги притоа правата на геј мнозинството, и чијашто погрешна проценка битно придонесе за растот и зацврстувањето на екстремната десница. AIDS-от не се појави од никаде. Тој беше резултат на сексуалната револуција, којашто мојата генерација ја придвижи со најдобри намери, но чиишто лоши последици најмногу ги трпат геј мажите. Наспроти големата спротивна пропаганда, на Западот ејдсот е болест на геј лицата и таков ќе остане и понатаму.
Од сите оние кои се погодени со болеста - било преку дрога, трансфузија на крв, пренатална или хетеросексуална трансмисија - ниедна друга група толку единствено не ги осети последиците како колективна духовна криза или како трауматичен напад врз сопствениот идентитет. Новите аспекти на болеста, како што се долгото одложување на симптомите по инфекцијата и рапидното пропаѓање (сифилисот може да трае цел живот), беа шокантни. Медицината и науката станаа толку напредни што геј мажите, тврдоглави после Стоунвол, беа фатени во арогантната западњачка самодоверба во својата слободна волја и во решителноста. Без стравот од бременоста која лебди над хетеросексуалните односи, хомосексуалноста нема инхерентно биолошка контрола; на тој начин, користењето на сопственото тело се чини неограничено. Настапи апокалипса: ејдсот е системски колапс на телото кое ја загубило својата одбранбена функција спроти природата. Огрдувањето и предвременото стареење во текот на таа разурнувачка болест беа посебни болни и гротескни во рамките на историската идеализација на младоста и убавината, која им се припишува на геј мажите.
Гаргантуовскиот промискуитет во светот на геј мажите во текот на седумдесеттите беше пагански феномен, незастарен уште од времето на Римското царство. Неговата весела и гибелна прекумерност беше одговор на долгото потиснување на хомосексуалното однесување, за што е последица и осудата на Оскар Вајлд 1895 година. И самиот хеленофил, Вајлд во затворот требаше да падне во христијански морализам, но неговиот бескомпромисен естетизам, низ авангардната сензибилност на еден геј маж, траеше с$ до Стоунвол. Мажевниот култизам на баровите во текот на седумдесеттите денес го фалат поради горчливите феминистички напади врз истото сфаќање на мажевноста, која тогаш беше во пораст. Меѓутоа, старогрчката идеализација на атлетската телесна градба секогаш била заснована врз поширокиот контекст и на естетиката и на религијата. И, треба да се запомни, атинските момчиња-љубовници секогаш се женеле и никогаш не престанувале да им укажуваат почит на женските божества.
Дваесеттиот век виде два холокаусти - едниот политички и другиот од страна на природата. Масакрот на геј мажите имаше и ќе има разорни последици за светот на уметноста и модата, каде што геј личностите имаат енормно и често невидливо влијание. Но, деструкцијата започна однатре. Верувам дека шокантната епидемија на ејдсот помеѓу геј мажите на Запад делумно е последица на нивната сопствена илузија од седумдесеттие дека светот без жени е можен. Супермашката енергија, неизбалансирана и прождрлива, дословно го скрши телото.
Кога одбива да ја жртвува Афродита, Хиполит е уништен - до смрт го влечеле сопствените коњи (т.е. сексуалните импулси), кои пак биле исплашени од хтонското чудовиште од морето. Ниеден еротизам не може да биде потполн ако ја негира моќта на женското начело коешто е природа по себе и она што во хиндуизмот се нарекува циклус на раѓањето и смртта. Геј културата пред Стоунвол беше потполна. Не само што лезбејките и геј мажите, благодарение на помалиот број геј барови, редовно се дружеа, туку и геј мажите меѓусебно беа повеќе поврзани преку интернационалната естетика која спектакуларно ги гламуризираше жените - водечките холивудски ѕвезди и оперните диви (тоа неодамна го докажа Вејн Коестенбаум). Цутеше имитирањето на жените, како во свесно кичестите забави во ноќните клубови. Со векови веќе геј естетите - брилијантните make-up уметници, фризери и модни дизајнери - го обликуваат и нагласуваат сексуалниот имиџ на жените. Тие прецизно ја согледаа и значајно ја зголемија моќта на жените над мажите - иако во своите приватни животи одбија и самите да & се препуштат на таа моќ.
Десетлетието по Стоунвол, кое ги отфрлаше drag queens и на жените им ги затвораше вратите во развратните машки барови, го создаде рајот на задоволството кој пропадна во пеколот на ејдсот. Дали опсесивната моносексуалност е навистина решение за либидинозните ограничувања на општествено поткрепената хетеросексуалност? Gay-straight (геј-стрејт) опозицијата само го продлабочува лажниот дуализам и го гарантира угнетувањето на геј мажот кој секогаш ќе ја губи таа битка и кој, поради својата ранливост за време на потрагата по геј партнер, неретко и со крв ќе ја плати потрагата. Вистинска револуција секако би било воспоставувањето на флуидниот континуум на човечката сексуалност и признавањето од страна на хетеросексуалците дека дури и во нив постојат потенцијално пријатни хомосексуални импулси.
Геј естаблишментот на мошне глупав и ограничен начин ја водеше својата кампања за граѓански права. Оние со вистински либертински став од шеесеттите, се залагаа за заштита на секое некомформистичко однесување, во коешто хомосексуалната љубов е само поткатегорија. Не постои геј водач кој би можел да му парира на еден Мартин Лутер Кинг, бидејќи црнечкиот активизам настана врз длабоко спиритуалните традиции на црквата, спрема која геј политичката реторика е прилично непријателски расположена. Активисти дури и ги прекинуваа црковните обреди во Њујорк и Филаделфија (фрлајќи ги хостиите на под и мавајќи го со кондоми надбискупот кој водеше миса за починатите од ејдс). На геј активизмот, кој е крескаво саможив и доктринарен, му недостасува филозофска перспектива. Така неговата тага воедно е единствената тага, а неговата болест - единствена болест.
Споредбата која некои геј водачи ја повлекуваат помеѓу црнечката и геј популацијата како подеднакво загрозени, секогаш била мошне дискутабилна и многумина Афроамериканци гневно ја отфрлаат. Со оглед на аргументот дека геј лицата се загрозен вид кому му треба посебна заштита од дискриминација, контроверзата околу Амандманот 2 на државата Колорадо (усвоен 1992) е збунувачка и поедноставена, придружена со автоматските изрази на негодување кои и се очекуваат од сите лојални геј личности. Но, дискриминацијата заради бојата на кожата не е сосема споредлива со компликуваниот отпор на речиси сите општества во историјата спрема отворената хомосексуалност, која зад себе ги повлекува незгодните прашања на моралот и психологијата. Повеќето геј лица можат да “преминат” кога ќе посакаат, додека тоа го можат само мал број црнци.
Хомосексуалноста не е “нормална”. Напротив, таа е предизвик за нормата; и во тоа почива нејзиниот вечен револуционерен карактер. Обрнете внимание дека не реков дека тоа е предизвик за идејата на норма. Queer (квир) теоретичарите - таа смежурана екипа на бесмислени паразити - се обидоа да заземат постструктуралистички став, тврдејќи дека нормата всушност и не постои, бидејќи с$ е релативно и неизвесно. Тоа е оној вид блесав теснец во кој можат да се најдат глувите, слепите и немите за надворешниот свет. Природата постои, им се допаѓало тоа или не на научниците. А во природата, прокреацијата е единственото неумоливо правило. Тоа е нормата. Нашите сексуални тела се создадени за репродукција. Пенисот & одговара на вагината: никакви нереални лингвистички играрии не можат да го изменат тој биолошки факт.
 

...повеќе во Маргина#73

 



Роберт Бирнбаум
Да ја спасиме културата од теорија
разговор со Камил Паља


Обиди се да погодиш – некој друг да почнеше да ја пишува оваа книга, дали твојот издавач ќе ја купеше и потоа ќе чекаше да се доврши?

- Па јас очигледно веќе имам добар успех. Ги напишав двете најпродавани книги за издавачката куќа Винтаге. Тоа е ризична работа. Беше ризично да се направи тоа. Мојот агент сакаше да напишам голема, забележлива книга за политиката. Или книга за образованието...
Чувствував дека постои културна потреба нешто да направам. Веќе ги имав извршено сите оние удари врз постструктурализмот во Арион и врз корпорациите со високоризични обврзници и нивните крадци во раните деведесетти; сега сакам директно да се обратам на пошироката публика и на младите луѓе, а им се обраќам и на предавачите на кои теоретичарите им се умилкуваат, зашто мислат дека она што го работат е важно. И понатаму се борам против деконструктивистичкиот филозоф Жак Дерида. Постојано ми пишуваат нападнати професори, замолчувани на нивните катедри, кои единствено сакаат да се занимаваат со книжевност и уметност. На постдипломските студии се забележува голем одлив на луѓе, зашто сакаат да се посветат на проучување на книжевноста, а ги брка тоа што се принудени да предаваат постструктурализам. Добив многу писма во изминативе години. Но, боже мој, на пат сум само две недели, а луѓето ми доаѓаат на потпишувањата и на разговорите и нагласуваат дека стотици и илјадници луѓе ги напуштиле постдипломските студии – тоа се нашите идни учители. Нашите идни генерации, луѓе кои ги подучуваат нашите млади – сиот тој работен народ кој подучува постмодернизам.


Бескрајно брборење

Е, сега спој го сето тоа со експлозијата на писателски програми...

- Програми за креативно пишување?

Да, кој ги научи тие луѓе што е книжевност?

- Работата е во тоа што постои позитивна и негативна страна на тие појави. Од една страна тоа е своевидно создавање на антисептичко писмо, некакво исполирано професионално пишување, а од друга страна луѓето кои се заинтересирани за пишување во ова наше време, за медиуми, интернет итн., сметаат дека е многу поттикнувачки да се отиде на некое место и да се остварат средби со луѓе кои исто така ги интересира пишувањето. Тоа е добрата страна, а лошата е што само со учење како се пишува не може да се стане добар книжевник. Мораш да живееш, зарем не? Во тоа е проблемот. Најдобрите писатели црпат од сопствените искуства, проживеале нешто. Какви искуства можат воопшто луѓето да имаат?

Купување!

-Да, купување. Затоа мислам дека книжевноста, по Силвија Плат, отплови во компулзивно прераскажување на секоја траума што може да се најде во животот... Земање прозак, или развод, или болест, или што и да е друго.
Бескрајно брборење. Тоа е стилот на прераскажување на потешкотиите, а потенцијалниот досег на литературата го занемарува и делот од мојот поход...

Крстоносниот поход?

- Во поход сум – да им кажам на поетите и уметниците: “Престанете да разговарате со котеријата. Ги презирам круговите од интерес во која било форма. Престанете со зајадливи забелешки кон остатокот од светот кој не гласал како вас на последните избори”. Ова е нешто големо. Зашто повторно сите се раздвоивме. По 11 септември сите беа обединети. Сега повторно сме раздвоени благодарение на она што се случи во политиката. Луѓето во уметничкиот свет се преполни со лицемерно чувство на супериорност во однос на повеќето Американци. Но, тие мораат да & се обратат на Америка, мора да научат да & се обраќаат на Америка. Добро, имајте пријатели, имајте луѓе кои го поддржуваат она што го правите во уметничкиот свет, но морате да го вратите чувството на општата публика! Истото & го зборувам на крајната десница – престанете да ја клукате уметноста со стереотипи...

...повеќе во Маргина#73

 [дома]  [on-line архива]  [печатено издание]