|
Шарам барам да го дофтасам
навреме зборот со кој ќе го исплевам Пирејот, та Вечната
куќа подобро да се искапи во светлината на ѕвездата што
сакав Дениција да ја велам. И така, капка по капка, матни а
не бистри, како што велат, солзи ќе го исполнат
Лакримариумов што Небеска за небесната мака на Велики го
спремаше, врзувајќи ја во јазли нашата душа што ни На небо
ни на земја мир не си најде, та да може Поплаките на срцето
врз Далните и наковалните да ги искалеми, да ги испее, да ги
истажи.
Селаните останаа последни без да го најдат Тунелот низ кој
ќе се наѕре Раѓањето на светот.
А ние без збор останавме откако реши да н$ анатемиса и
обезбори и последниот зборотворец. И што сега да се Касне за
да се порасне и надрасне апсурдот на немоста...
Се зборува дека Диоген од пред некој ден со свеќана ѕура не
човекот, ами зборот да го најде. Му дошепнале дека има шанси
отскора да е изгубен.
Не знам за Диогена, ама знам оти ние Богунемили си
остануваме за довека во пустелијава, недоречена, недопечена,
недомесена, недофтасана од Скакулци осеменета, скаменета.
И ај сега, со кого чоек асално да се искара, испцуе, изблуе,
насмее, подзамисли, подразмисли, засака, отсака откако тебе
те снема. Отука до Таму с$ така ќе си гувееме, ќе си
венееме.
Искра Гешоска
ПЕСНИ
ОД ВЕЧНА КУЌА, 1987, издание:
Наша книга, Скопје
КУКАВИЦА
Не можејќи да го заборави
својот убав брат,
убавата сестра се стори кукавица
Кукам со години,
кукам со векови
и никако не можам
да превтасам со кукање.
Само во кукањето
болката ми се одѕива.
Овде насекаде
ко порачано за кукање:
за живите нема место,
а за гробови и кукање
место колку сакаш.
Кукам за да не мислам
дека морам да кукам.
Кукам за моите,
кукам за твоите,
не знам колку браќа
имам за кукање.
Кукам за сите,
кукавичини јајца,
не смеам да заборавам
кај сум запрела со кукање.
Не прашајте зошто
за сите исто кукам,
не знам кој заслужил
повеќе за кукање.
Родот не си го знам,
породот не го познавам.
Кукам и се греам
на црните солзи,
на црното сонце.
Црна и јас таму
на сувите гранки.
Во водата се гледа
дрвото на кое стојам,
но не и моето кукање.
А нема поширока земја
од оваа за кукање,
одовде најдалеку
се слуша кукањето.
На куковден ќе заврши
моето кукање.
ТЕШКО МЕНЕ
Мене да ме нема. тебе што те немам,
тешко тебе, тешко мене:
веќе ми се расипа лицето од плачење,
земјата не може солзите да ми ги собере.
Сега само ноќта ми е доделена,
да бидам светулка што не гледа
дека светлината & служи за гледање,
да знаат сите што знам и што не знам,
да не можам да скријам ништо од никого
и сите да се плашат од мојата вистина.
Тешко кого вистината го лаже,
тешко кому срамот му откажува,
тешко и на тој што нема како
да си ја намали својата тежина.
Сега и сонцето не ми влегува в соба,
оти знае дека и ти не си во собата.
Тешко на куќата што не се одѕива,
тешко и онему што не знае за тешкото,
тешко мене, тешко тебе:
младоста да си ја изминеш,
а староста никаде да не си ја сретнеш.
Веќе с$ ми е поместено, преместено,
(ти ме чекаш, а јас никого не чекам)
с$ што носам, ќе ме износи,
но тешко тој што има многу тешко
и тешко тој што нема,
тешко кому слободата му ги остава
само нејзините пранги и окови,
тешко мене дури ти ми тежиш,
тешко кога и убавото е страшно.
Што не можам на јаве, можам во сонот
и за мојата тежина и за твојата,
но тешко и онему што има многу за можење.
Пламенот не е само она што се гледа,
па тешко онему што го толкува однатре:
не го запознал горењето, туку тој што гори
и изгорел, се изгорел или слеп се вратил.
Тешко кому жалта му е обврска,
тешко кому не му тежи тешкото,
тешко тебе, тешко мене.
ОД ЛАКРИМАРИЈ, 1999, издание:
Зумрес, Скопје
ПРОШТЕНСКИ ПОКЛАДИ
Денеска секој секому проштава.
Денот & проштава на ноќта,
ноќта - на денот
што & краде од времето.
Земјата му проштава на небото,
небото & проштава на земјата
што се шета низ неговите одаи
и се грее на неговиот оган.
Огнот & проштава на водата,
водата на лошата наречница
што & нарече, што & прорече:
да нема ни лице, ни опачина,
ни своја сенка, ни своја куќа,
да нема кај да запре, да се почине.
Денеска секој секому проштава.
Само јас не можам да им простам
на зборовите што не го кажале
и она што не е за кажување...
...повеќе во Маргина#73
Влада Урошевиќ
ОРНАМЕНТИКАТА НА
РАСКАЖУВАЊЕТО
Мешајќи го расказот со записот, а записот со патописот,
Петре Андреевски н$ повикува во книгата „Неверни години” да
појдеме со него низ топографијата на македонскиот предел
видена од еден личен агол и пренесена во еден интимен
размер. Со оваа книга, која не води сметка за разликата во
жанровите, пред нас се отвораат патиштата и просторите на
една Македонија за која, и покрај тоа што чувствуваме дека
отсекогаш сме ја познавале, истовремено сме сигурни дека
првпат ја гледаме од еден ваков агол.
А тој агол е ту љубопитен поглед на патописец, ту секаде
присутно око на хроничар, ту птичја перспектива на еден лет
од детските соништа во кој самиот автор ни се присторува
како да лебди над распаќата, токму над местото каде што се
двојат патиштата за на пазар, за на панаѓур, за на свадба и
за на закопи, и гледа како се мешаат патиштата и како се
меша народот.
Едно длабинско, вековно искуство за сето она што го
составува тој пејзаж - за билјето и животните, за маглите и
изворите - избива од секој детаљ на оваа проза: Петре
Андреевски ги чита секој знак и секоја појава во пејзажот
како реченица од некаква мудра книга. Тој ја открива
интимната географија на пределите, нивната скриена
митологија. Од пејзажите, што на некој неупатен минувач би
му се сториле можеби сосема обични, тој прави возбудлива
лектира со безброј зачудувачки откриени детали и длабок
поттекст; тој ги чита пределите како големи, старовремски
летописи во кои се мешаат детството и историјата,
практичните, земјоделски совети и фолклорните баења од
полноќниот вилает. С$ што шета над земјата, по земјата и под
земјата ги меша своите траги во оваа проза откривајќи ја,
пред будното око на писателот, причината на своето минување.
Во постапката на овој писател се мешаат, како во посатката
на алхемичарот, процесите на синтезата и анализата. Тој ги
води сите предели, видени некаде и некогаш, кон еден
есенцијален и вонвременски предел, но истовремено ги
разложува, откривајќи ги постојано во нив четирите
Хераклитови елементи: водата, воздухот, огнот и земјата. И
ги истражува, низ безброј детали, нивните најразлични заемни
врски. Воопшто, Петре Андреевски е писател што е опседнат од
страста за откривање на врските помеѓу нештата.
Тој ги следи нивните односи, нивните поврзувања и заемности.
Тој ги следи скриените линии на испарувањата, на мирисите,
растојанијата, звуците, воздушните струења, облаците,
птичјите јата, билните семиња, и во нивните преплетувања и
допири ја открива големата тајна на природата, на животот,
на човековото постоење. Загледан во замрсениот идеограм на
пределот, тој ги отпетлува видливите и невидливите патеки
што низ просторот и времето ги испишуваат луѓето, животните,
билките, ветровите, водите.
...повеќе во Маргина#73 |